Showing posts with label Поезија. Show all posts
Showing posts with label Поезија. Show all posts

September 7, 2013

Татковина

Кога пристигна бродот во таа далечна земја
Тој виде непознат народ поседнат на брегот
И јадри ѕвезди на небото.

Што носи кога го прашаа
тој покажа врзана шамија со земја,
а кога му ја истурија заплака.

Татковината е тоа рече тој и саноќ
грутка по грутка, прашинка по прашинка
ја собираше.

Анте Поповски

April 17, 2013

Call me by My Name

There was a wall and the wall has fallen
But, they wasted no time in raising another one
And in the shadow of the wars an identity got stolen!

Me and my brother, freezing in a cold winter morning
No heating, no food, no electricity nor oil!
An embargo because of some history fraud
Breaking all the moral standards and the law!

They renamed a country
FYROM instead of Macedonia
A blackmail was accepted
In order to get our resources back
So what’s the point of that...

Former Yugoslav Republic and a Former Ottoman Province
And a Former Byzantine Province and a Roman one too
A Former Kingdom and a Former Empire
Kneeling for mercy
In front of the world
Trading the name for survival
Dealing the dignity for life

But the time has passed
It’s been enough humiliation
Call me by my name
I don’t ask for more
The world must not ignore
The being of a nation
Say Macedonia!
Let the Sun light the darkness we live in
Once in a while a star falls
But this time a star would be born!

Shepard
12 Nov 2006


This poem is inspired by an ongoing political proccess about recognizing The Republic of Macedonia under its constitutional name. It's not meant to be offensive, and it is as politically correct as possible :) I'm not a nationalist, but I just can not accept being FYROM-ized. It's kind of insulting... So, I thought that it would be good to announce such an important topic [I mean, a country 15 years after gaining its independance is fighting for being recognized under its own legitimate name...]

Shepard

January 27, 2013

Егеј

На Југ, каде птичките пеат
и сонцето златни простира зраци,
низ Егејот буен,
Вардар раширил краци.

Прекрасни се егејските
полиња ширни,
а уште поубави
-долините зелени, мирни.

Морето, како убавец од бајки,
плиска сини води,
таинствена бескрајна радост
низ небесен свод броди.

Гордеј се, Егеју мој златен,
шири ја песната твоја,
ти за секогаш ќе бидеш
копнежна татковина моја!

Ристо ШАНЕВ


Ристо Шанев е роден 1943 година во с. Чеган, Воденско (Егејска Македонија). Во Скопје завршил учителска школа. Уште како учесник почнал да пишува песни со мотиви од родниот крај. Збирката на неговите песни го носи насловот Роден крај.

May 30, 2012

Локвата и Вињари

ПОЕМАТА HA ЛAЗAP ПОП TPAJKOB
ЛOKBATA И ВИЊАРИ

31. мај 1903 година стар стил

Пак доаѓам при вас, о врвови вишни,
по планини жедни, низ безводни спили,
да видам јас скрки и долинки скришни
што крвта ги багри на јунаци мили.

Да останат вечно спомените тешки
за војвода тука што остави снага,
за честа што тука во часови жешки
бој водеше страшен за слобода драга.

Блазе си ви, велам вам присои ладни,
што чувте кај грми на пушките екот,
пет векови гласат премрежиња страдни,
вик јуначки сега прогласува векот!

Сте честити сега, ве разбуди ете
на штикови ледни дрнкањето остро
и громкото ура, и Турчин се смете
млад војвода дека командува просто.

Неодамна тука потерата клета
ја чекавме да ја уништиме ние,
ја обзеде радост дружината сета
што може да бие, а не да се крие.

Нестаната уште од ноќните сништа
јуначката чета, во раните зори,
пред сонце да пекне, — рој куршуми пиштат
и пукот ги стресе високите гори

Се истури грмеж од стражите предни
и купишта Турци попаѓаа тука,
се прснаа сите, исплашени, бедни,
штом ура се зачу, штом четата спука.

И наскоро оган се отвори, вџашен, —
од едната страна комитите смели,
бестрашните чеда во животот страшен,
од другата Турци на булуци цели.

„Удирајте право, да не мине никој
од овие наши насилници клети!"
И целата чета го подзеде викот,
пред тешката сила без уплав да сети.

За одмазда жедна сплотената чета
со куршуми бие, со зборови гласи:
„Тиранството долу! Co слобода света
македонска земјо, прославена да си!

И четири часа во жештина летна
планините ечат и бојните труби,
и екотот страшен со викот се сретна,
во усои горски со одек се губи.

Во турскиот плипот не се гледа лесно
пагањето често на аскери мртви,
на младите луѓе враг напаѓа бесно
што тука ќе паднат предвремени жртви.

Угрозата страшна над глави им стои,
и турската сила во обрач ги стега,
но гордите момци дух светол ги пои,
и никој ни чекор да отстапи сега.

Еј, јуначка луда, крв црвена, рујна,
ти не ли се жалиш што вака се сипеш
по ледини ридски, по тревата бујна?
И што ли до ваков те доведе кипеж?

Од единствен куршум што бездушно лета
по воздушни патје и смрт носи студна,
о крв бујна, в жили што клокотиш сета,
се смрзнуваш веднаш во минута судна.

И надежи, и чудесни сништа,
мечтаење колку и возбуда слатка,
безмилосно тогаш со крвта се ништат,
за никогаш веќе да не најдат вратка!

Пронижана, ете младешката снага
ја урива долу куршумена гроза.
Но дивно! Без трепет, без очај, без тага,
си избира јунак мртовечка поза.

Сред грмежи страшни, сред пукање често,
без смисла е дури командата бојна:
„Отстапујте, момци, на сигурно место,
не напаѓа сила неизмерно бројна".

На местата свои јунаците гинат
по долг и по судба се другари први,
во смртта со усмев на усните минат,
да не жугне врагот, од страв да се здрви.

До еден со доблест станаа жртви
на храбриот Дичо четниците горди;
и ранети тука, па дури и мртви,
насилија трпат од турските орди.

А мнозина што се погодени лесно,
испотени, жедни, и жедни да платат,
со пеење одат, со пцуење бесно,
на Вињари нова пусија да фатат.

А еден пак ранет во трепетна рака,
отстапува бавно по местото рамно,
од куршуми нема тој страв ниту мака,
а гордо се држи и чекори стамно.

И кој е тој јунак што исправен стана,
зар изумил дека смрт околу коси?
Тој не бега негде во сигурна страна,
тој бегалец не е што потта го роси.

Co маузер в рака прав чекори сега,
јаребица итра, тој — Поповски Лаки,
да не речат дека пред аскерот бега,
да речат, што не го плашат маки

Тој не бега, негде збор да не се чуе
што бомбашот страшен исплашено бега,
за надежта млада безразлично му е,
не се плаши мртов да падне тој сега.

Но ... и тој на таа падина се нурна,
и куршуми смртно го каснаа врли,
тој падна, се урна во битката бурна,
и никогаш нема пак бомба да фрли.

Грмежите бучат, усоите ечат,
во долови пусти крви течат рујни,
и пладневни зраци безмилосно печат
над главите голи на момците бујни.

Но здраво се држи младешката чета,
не ја плаши крвта, пред смртта на прагот,
и бунтовна песна ја понесе сета,
да станува народ, да испука врагот.

He допира до нив ни гласот што иде:
„Ој д'мбенци момци, држете се здраво,
навалува денот, а Турчинот виде,
куршумите наши погаѓаат право."

Ранетите момци низ долови суви,
низ сурови места се влечкаат страдни,
за нивниот издив се карпите глуви,
за тоа што гинат и жедни и гладни.

Македонци, ние без среќа сме биле
во ова борба со душманот пален,
но венец на слава пак ние сме свиле
пред светот на подлост, и гнасен и кален,

Од „Црвен крст" за нас призрение нема,
ни грижа за брата, ни утеха блага,
ни лекари млади со нивната спрема,
ни завои нема за ранета снага.

Милосрдна сестра со рачички мали
за раната наша не наоѓа лека.
Co милосни очи, со поглед што гали
не ни носи таа нам преврска мека.

Во болници модни, во кревети чисти
не ќе најде почин дружината млада,
во војните не се правилата исти,
и нема бел бајрак за народ што страда.

И тешко и горко за тој што ќе спека
во овие битки под сурови рани,
не човечка милост, не прочка го чека,
а ужасна мака од душмани збрани.

И затоа ете бунтовникот гине,
без очи да трепне, од својата рака,
тој не чека милост, ни клетва ќе скине
за поштеда, мнима, од смртната мака.

И верен на честа, на должноста верен,
млад Дичо што уште душа крепи страдна,
во челото свое со парабел вперен,
од својата рака тој усмртен падна.

Исплашени сестри, и мајките тажни,
насилие турско да избегнат тие,
и од нас се кријат во јамите влажни,
и бегаат в ридје, та рид да ги скрие.

И штом ќе го чујат на куршумот екот
низ планини диви, ќе истрпнат многу.
Го колнат со издив, со плачење векот,
со зборови горки молитваат богу:

„Искривија боже, тиранската рака —
та куршумот нивен по нивните глави;
ослепи ги, Боже, да пукнат од мака,
а нашите момци да останат здрави".

Војводата дури во ужас го колнат,
и што дека дело тој свештено води.
Зар мајка без сина да остане болна,
и неста без момче, без син да се роди?

Планинскиот живот е пеколен, браќа,
и борба да водиш со тиранот — тешко,
но блазе му којшто без зазор се враќа,
до крајот да води сражение жешко.

Па држи се, чето, со последни сили,
ти одбор си, чето, од народов мачен,
и крвта што тече во твоите жили
за слобода дај ја и за живот зрачен.

Во животот ропски, во страшниот пекол
не, никогаш нема никој да не врати;
а работа чесна го сакаме веков,
имињата славни почит да ги злати.

При безбожни хули, при сурова мака,
при комитска живот што тревожно клука,
оружјето има да остане в рака,
слободата дури не угрее тука.

Па нека се полнат затворите мрачни,
од другари горски тела да се сејат,
над нашите битки јуначки и мачни
владиците грчки жолчно да се смејат.

И потери по нас да идат низ гори,
и пред нас да трпнат душманите клети;
но надежта наша пак чудо ќе стори,
во срцето наше ко сонце ќе свети.

И Грција нека не затвора бесно,
и нека ги граби, и пцуе, и гони
паталците наши во кралството тесно,
што плашливи само го крепат евзони.

И нека! Ќе паднат пак прангите тешки,
засмеано сонце пак поле ќе злати;
над урнати села, над пеплишта жешки
слободата слатка пак ќе ни се врати.

Сонувајте мирно тринаесетмина,
на родната земја загинати чеда,
под зелена трева, под ширина сина,
под ридот што тажен и замислен гледа.

Загинавте вие во битка за робот,
на тврдоста жртви со бунтовни глави,
небележан тука ви остана гробот,
и на него нема кој венци да стави.

Зелениот здравец и горските цвеќа
што дење и ноќе ве следеа верно,
по смртта ви дарат пак чудесна среќа
над вашите гробја наведени смерно.

Загинавте млади, о јунаци бујни,
мажествено, чесно, со пушките в рака,
И пред да се кренат бајраците рујни,
на агата вие му внушивте мака.

А робот, што ако поднесува жртви,
за вашиот подвиг разбирање нема.
И како што многу заборавил мртви,
пак споменот нова заборав го зема.

И додека над вас насилникот гази, —
во својата мака избезумен, робот,
тој светиот спомен зар ваш ќе го пази
што заради него го најдовте гробот?

Но примерот сепак тој ваш ќе го следи,
по крвта што вие ја туривте штедра,
и сила ќе црпи низ животни беди,
дур слобода еднаш не здогледа ведра.

А Локвата денес со бранови крилни,
што стопани свои ве најпосле виде,
та не може никој да ве скорне, силни,
за вашата смелост скап спомен ќе биде!

Во иднина светла, во иднина нова,
татковино наша и родино клета,
штом овдека златни ќе зазвучат слова,
во чудесни ружи ќе расцутиш сета.

По овие страни, по пределот бујат,
во црвени крвје што пребликнал сега,
за храбрите еднаш песни ќе се чујат
и како во синџир оро ќе се стега.

Белолики моми од нашите села
ќе стрчаат в пролет, јаребици мили,
ќе збираат тревки во раката цела.
И свршеник тука ним ќе им се смили.

Од мртвенски сништа тие ќе ве будат вас,
јунаци смели, со песна и смешка,
со гороцвет кревок, со цвеќа ве нудат,
што лежите вие во гробнина тешка.

Bo избрана куќа сте легнати тука
на вишина свежа, и зелена, студна,
и бескраен поглед насекаде пука
и успива душа во возбуда чудна.

Се гледаат долу езерата глатки
в далечина тиха, во синило млечно
и ветерот носи уханија слатки
за тие што овде почиваат вечно.

Берик, 21 јуни 1903 година стар стил

September 27, 2011

Мајка Македонка - Лазо Каровски

МАЈКА МАКЕДОНКА

Мугровита штама налегнува в шир -
Анатема црна врз твојот поет.
Јадосано срце зар копка за мир
Каранфили диви штом развијат цвет?

Афионот цути во насмевка блага,
Маслините шепнат во притаен час,
А погледот скован во цветната далга,
Кукавици в пролет разиграле глас.

Елегии леат славеите в пој,
Дамарите бијат во незадржлив ритам -
Одекнува в мене вековниот вој.

На земјава ширна, та кај и да скитав,
Ко твојата љубов не осетив јас,
А без тебе в срце се распукал мраз...

Лазо Каровски

July 17, 2011

Кога ја љубев Дениција - Андреевски

КОГА ЈА ЉУБЕВ ДЕНИЦИЈА

Кога ја љубев Дениција,
Како да калемев светлина на мракот,
Како да топев снегови фатени во движење,
Како да станував единствен сведок,
За бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
Како да му пронајдував брзина и на каменот,
Како да ја одделував душата од телото,
Како да го палев барутот
На тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
Како да внесував летен воздух во воздухот
зимен,
Како да добивав телефонска врска со сонот
Од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
Како што ги отварав пролетните аптеки,
Свестени во гласот од славејот,
Како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
Како што таа ми ја одземаше тежината,
Додека трчав кон неа,
Како што не можев да видам ништо освен неа,
Како што таа живееше додека јас умирав,
Како што и јас не знаев и како би умрел,
Ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
Како да учествував во создавањето
На првата Македонска Држава.

Петре М. Андреевски

May 9, 2011

Проштално - Никола Вапцаров

ПРОШТАЛНО

На жена ми

Понекога ќе идам в твојот сон
Ко нечекан и далек гост...
Ти не ме оставај на патот, вон,
Од порти истај го лостот!

Ќе влезам тивко, кротко ќе си седам
Крај тебе, в мракот втренчен, да те гледам сам!
И кога наситен ќе запрам да те гледам,
Ќе ми те бакнам и – ќе заминам

Никола Вапцаров

March 19, 2011

Мирка Гинова - И. Чаповски

МИРКА ГИНОВА

Над Мегленијата огнена згура врнеше
кога погајум пo тебе ocojни ѕверови се загнаа.
Бодеж те жегна, а шумата молскавица
што патот ти го свртеа наназад за дa тe заграбат.
Еj младост не се доварди во ножен круг
надежта да не ти зајде!
He беше летото за љубов
со смртен болскот плодот се изглоти.

Взори без твоите другари што од чума поболеа
кон црвени ѕвездари тe поведоа, а не беше
навеста за убав дap ни
сонце за в шума.
На кама се вееше искината, партизанска облека
и росеа ѕвезди од твојата младост
на патот што се нишаше од некоја сила.

На кој пазар
ќе те продадат на смртта?
Воден ли ќe биде таа голема Премрежина?
Co горќовина мина по поле мегленско
Зар не најде коњ за твоите патишта

или тој остана во катојте закован ко денот пуст
Со ѕвезди што се ронат од тебе
ти не беше таксана за љубов!

На кој пазар ножови растат?
Дали е тоа Негуш?

Ти покажаа широк двор
а денот не беше тапан ни зурли.
Во орото моминско
за што думаше Росиловке
додеа ситно чекореше низ својот живот
што како светлина трепереше во воздухот на дворот?

Шамивчето на играта првна ко птица
кога згргори оружјето.
Над Негуш се изли песок од летото.

По повод 30-годишнината од нејзината херојска смрт

Иван Чаповски

За младата партизанка Мирка Гинова народот испеал доста песни, раскажал дузина легенди и нејзината борба и херојска смрт отсекогаш претставувале и ќе претставуваат една голема буква во револуционерната традиција на младиот Maкедонец.
За момата што не била никогаш свршеница, и за нејзината неверојатна смрт се обидов да напишам песна уште во 1954 година, дури живеевме под Калето, во едно чудно живеалиште наречено "егејски бараки". Но тоа беше само обид, зашто песната, всушност, си остана скриена во желбата.
Што се случи во таа 1954 година? Кој беше мотивот што ме натера да се обидам да најдам стих и да го врзам за една млада одважна мома? Таа есен, се сеќавам добро, ги слушав прикаските на нашиот сосед Корташо (опишан во романот "Граница") за животот на личната учителка, кога поштарот донесе писмо за стариот воин, учесник во три војни. Писмото му го праќаа жената и двете ќерки од Воден. И тој заплака како дете од веста што му е живо сe уште семејството. Беше тоа прво писмо дојдено од Месимер.
Тој час се најдов во мојата барака, залепена за кејот на Вардар, и почнав да пишувам за Мирка. На шарена тетратка, со перодршка.
Дека ништо не сторив тој морничав есенски ден, таму под Калето, крај некое дрвено мовче, се уверив од уредникот на "Млад 6орец", кој не ми ја објави песната.
Меѓутоа, иако тоа беше време кога пишував песни за cе и ceшто, сите тие песни се објавени во "Млад борец", "Млада литература", "Студенски збор", "Разгледи" (како весник — во рубриката Никулци) постојано ја носев идејата да напишам нешто за таа лична Роденка, за нејзиното фаќање од страна на монархофашистите, за нејзиното судење и за нејзиното стрелање.... Особено кога се одлучив мотивите на моите песни да ги барам под егејското небо на Македонија.
Настанаа првите песни врзани за крајморската земја (подоцна собрани во стихозбирката "Пепел под маслините", објавена во во 1963 година), но стихот за младата Росиловка, прва жена стрелана во граѓанската војна во Грција, не се роди... Тоа покажува дека песната не се пишува по желба, таа се раѓа неочекувано, во свое време, ненајавено. Ќе дојде како треска. И толку
Песна за храбрата Воденка ја нема ни во "Еванѓелисти", ни во "Убавата Разделина". А зошто? Зарем поезијата што извира од слатките но тажни очи на Разделина не ја означуваат вистинската состојба на една визија чиј епитет чудно гласи: ем убава ем разделина! А всушност во тој час сфатив дека песната "Мирка Гинова" е напишана одамна, се разбира, не на хартија, туку во некоја скриена клетка на потсвеста. И само требаше да се дочека моментот кога визијата за претсмртното оро на младата учителка ќе се претвори во една друга стварност - во песна.
Тоа се случи во 1976 година. Сосема случајно. Еден ден во некој весник прочитав дека наскоро паѓа триесет годишнината од стрелањето на оваа јужна хероина. Еве го мигот, си реков да се одбележи нејзиното дамнешно згаснување.
И песната стаса во тој миг. Може тој миг траеше премногу долго, Песната ја објавив во весникот "Нова Македонија". Под неа напишав: по повод 30-годишнината од нејзината херојска смрт. Истата песна подоцна си најде место во стихозбирката "Лаѓа". Вредно е да се спомне дека сите песни во "Лаѓа" се создадени при една моја (скришна) посета на родното Пожарско во 1976 година. Можеби мигот кога го здогледав тој стар но познат предел, не многу далеку од Росилово, беше една од причините да се јават од темнината стиховите за храбрата Росиловка.

Иван Чаповски

март 1985 г.

March 10, 2011

Епитаф - Кирил Пејчиновиќ

ЕПИТАФ

Стихови на глас трпезечки.
Теарце му негово рождение
Пречиста и Хиландар пострижение
Лешок му е негоо воспитание
Под плочава негоо почивание
От негово свое отшествие
До Христово второ пришествие
молит вас браќа негои лјубимија
Хотјастија прочитати сија
Да речете: Бог да би го простил
Зере у гроб црвите ги гостил
Овде лежи Кирилово тело
У манастир и у Лешок село
Дај Бог за добро дело.

Кирил Пејчиновиќ

March 1, 2011

Илинденска - Никола Вапцаров

ИЛИНДЕНСКА

Вината не беше наша.
Вината беше туѓа
и другому тежи
сто тона одговорност.

Кога ќе дојде ден,
Кога ќе стане нужда,
Се’ ќе и’ раскажеме
на мајката историја. -

Започнаа со гнасните си раце
да пипаат во душите на народот.
Гневот беше толку многу накипел,
Што не ја прозреа волчата порода,
муцуните под овчите им кожи,
престапната и плитка лицемерност.
Но идат дни, кога ние ќе можеме
да фрлиме кал во мутрите им црни.

И буната почна.
Немаше зошто
да дигнеме раце,
да изостанеме,
туку
со крвта
на простиот народ
в Илинден влеавме
наша содржина.

Што ќе кажете на таа вест,
Ќе барате ли тука руски рубли? -
во Крушево беше феудална власт
и ете за скок -
градат сега република!

Тие беа исто како нас младинци.
Исти такви собрани сме ние.
И се биеја,
и мреа во метежи,
токму както што утре
ќе умреме и ние.

Не очајувам јас што бура ги покоси,
Еве никнат други во расчадените пожари.
Погледни тука - ете го Питу Гули,
а ти пак си … Никола Карев.

И ако требаат пароли - добро! -
Ќе издигнеме плакати до месечината! -
Слободна сакаме,
Неќеме,
неќеме протекторати!

Никола Вапцаров

February 26, 2011

Проштавање – Кочо Рацин

ПРОШТАВАЊЕ

На печалбарите

Не ли ти кажав, не ли ти кажав,
нели ти реков на проштавање?
Ич не ме чекај, ич не ме пекај
Белград е ламња, во Белград ја роб
снага по туѓи палати оставам,
снага во усни несити клавам,
и дома – дома не ќе се вратам,
не ќе ги пијам очите твои
не ќе ја гледам снагата твоја –
далеку негде сувата рака
по тебе, Вело, пустата мака
пуста ќе остане...
Знам оти ѓердан веќе не нижеш,
знам оти чеиз и ти не везеш,
знам, Вело, пусто остана сичко –
не ли си и ти аргатка клета?
Тутуни садиш, тутуни нижеш,
тутун таговно у монопол редиш,
ме споменуваш и ем си жалиш
денови – крепи тешки си редиш –
Величко, мори, другачко златна!

Но почуј, Вело, што ќе ти кажам!
Не ми се, Вело, жали и клети!
Подигни очи – очи засвети
нија очи, што душа горат!

Тој што ни, Вело, однесе сичко –
тој ни остави од темно темен
веков за мака – но и за борба.
Има на вој свет како нас многу!
Има ги, има – мачат се, копат,
копачи копат по темнината,
копачи копат и тунел дупат.
И има, има – радост голема
радост длабока во темнината:
да светиш, Вело, жар да се стопиш –
во борба гроб ти душа не зема!

Кочо Рацин

February 22, 2011

Сираче - Константин Миладинов

СИРАЧЕ

Сираче момче сејало
И јадна песна пејало:
Каде се чуло, видело
Седум години во село
Да сеа, жниа и пота
И от мојата работа
До зрнце да се изабит
От чужи да се разграбит!
А ја сираче да шетам
И улиците да метам,
Везден работа нивата,
Без да си крена главата.

Дожд да врнит? но ја не седа,
А работата си гледа!
Вечер ке зајдит с’нцето,
Ја ушче шета полето.
Раното с’нце излегвит,
На нива мене досегвит.
Сите со лебец, со вода,
А ја без корка да ода!
Сите сос рубо шарено
И сос кадифе зелено,
А ја од сите терано,
Носам од сите раздрано.
Ако ме некој погледни
И покрај себе ме седни,
Мој нарачници проклети
Јадвени пушчат клевети.

Детската радост ко цвеке
В пусто ми срце се суши,
И пред очите ми веке
Само ми счастје се вруши.

Сите си имаат роднина,
Со ним се смејет, си пејет
А мој надежди в пустина
Од силни ветри се вејет.

Некаква т’га ја има.
Се прах и пепел се чинит.
Пред мене веков как в зима
Во темни м’гли се чинит.

Константин Миладинов

February 17, 2011

Голапче - Константин Миладинов

ГОЛАПЧЕ

Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто,
Кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна? —
Ушче ја глас ти не слушнаф: ушче те харно не видоф,
Дан ми се, мило, наљути? Дан ми се, добро насрди!
Зашч не ти хубост пофалиф, зашч не ти крилја помазниф?

Ела ми, мило, ела ми, ела ми сега при мене.
Ја ке ти хубос пофалам, ја ке ти крилја помазнам,
Ја ке те тебе назобим се со дробнаго бисера,
Ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува.

Константин Миладинов

February 11, 2011

Глас - Рајко Жинзифов

ГЛАС

Далеч од баштина, далеч од роднини,
Не в чужда за мене земја,
В полјани кичести, зелени долини,
Самичак в планина шетам ја.
Ја сја расхождам, но на душа ми тешко
И једни мисли мене борат,
И мене стават то студено, то жешко,
И чувства то гаснат, то горат.
Ја искам сенка, ја искам прохлада,
Душевна ја искам тишина,
Че клето ми срце доста вече страда,
И сја нагледа всекаква злина:
Коварство сос бедност, сос гордост лукавство,
Сон мртов, глупава простота,
Љубов на слова, и слога без братство,
И хитрост, л`жлива доброта.
„Безумец, безумец душа ти ленива,-
Ја чух невиден и таен глас -
Спрегни плуг за заборавената нива,
Че блиска ет доба, близок ет час.
Стани, земи остен в р`це, работај
Ти ден и ношт, сос пот,
Истреби трње, исчисти троскот, изорај
Бесплодна нива да дадит плод.
Стани, безумец сос молитва горешта
Ти клетва дај, стори си крст,
Стани ти, иди напред, иди на срешта,
Но бој сја, бој сја, Божји прст“.
- Готов сум, сја к`лнам, да изорам нива.
Кажи кој си ти, невиден глас?
„Чуј! - загрме, глас сја одзива -
Ја сум Божји гнев, народен глас!“

Рајко Жинзифов

December 20, 2010

Сами Лимани

***

I.

Понекогаш подбивно ме шараат со лузни.
Како модрици пцости ме боднуваат под седмото ребро.

И чувствувам пришти од погледи студни
лигави меури линам, пукаат од тага и бол.

Торбеш ме викате, но мојот прадедо
не за торба урда, за утроба сита
камбана фрлил во влажниот дол
и со бол ја копал фреската на Христа.

Свирел камшик суров како змија клета
по ребрата голи помодри од небо
крв течела топла и бликала сета,
крв човечка братко, не сок од стебло.

Рикал денот мрачен небото го цепел,
тажно гледал крстот како мртва врана
Библијата древна горела во пепел
коренот пак никнел во главата страдна.

Не го слушам звукот од Бигор што рика
на камбана жолта што ја тресе Река
но и глув сум сосема Оџа кога вика
пред мрак кога сонце на запад се влечка.

Ме викате Торбеш, но мојот прадедо
вера не би менил ни за торба сребро.
Меса му капеле под кундаци силни
животот му течел од жилите сини.

Ме виката Торбеш но горам од љубов
за секоја грутка на мојава земја.
Вардар, Пирин, Егеј ми го пленат умов
на срце ги носам како пролет цветна.

***

Не викајте ме ТОРБЕШ
Зошто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве
и ќе се исцедат како солзи на доенче.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто и сонцето пци ќе ми го исколат
и кобили со врели копита
градиве ќе ми ги здробат.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто ќе ми пресушат потоците во жиливе
а утробата одрана кожа ќе ми се стори.

Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто кринов цвет ни вовирате во мишкиве суви
што ги притајуваме со болка и надеж и вера
во секое наше утре.

Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто млекото ќе им се пресуши
на момиве наши со заруменети образи,
а на ергените красти ќе им ги искинат кожите.

Не викајте ни ТОРБЕШ
и не вовирајте ни нокти во мозокот
нас не ќе не' сотре безименоста.

Сами Лимани

December 10, 2010

Земја - Никола Вапцаров

ЗЕМЈА
Оваа земја,
сега што ја чекорам,
оваа земја,
која пролетен ветер ја буди,
оваа земја,
не е моја земја,
оваа земја
простете е туѓа.
В зори тргам.
По фабричен друм
безбројните
рубашки
минат.
Ние сме слеани со срце,
со ум,
но земјата... за своја не ја имам.
Над мојата земја
напролет
зраци
сеат
сјај
и грмат водопади
од сонце
над роден ми
крај
Чувствуваш длабоко
срцето на земната град
и гледаш цвеќа безбројни
скокум како раснат.
Над мојата земја
в небото
опира
Пирин
Облаците в бура
илинденски прикаски пејат,
охридскиот лазур е
бескрајно син и ширен,
а надолу уште
изгрејсонце Егеј го грее.
Си спомнам ли само –
и ете надојдува крвта
во срцето, кое
се топи од некаква нежност...
Земјо моја! Прекрасна земјо моја!...
Поена со крв,
лулеана
в метежи тешки.

Во Софија 1939.

Никола Вапцаров

December 3, 2010

Песна од Ристо Шишков

Песна од Ристо Шишков

Земи ги... очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два...
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја... устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо Планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го....шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три
ламји со три аждаи
со варварите, татарите и
србоманите
што ми грабнаа убава
девојка,
ја грабнаа и оковаа со три
синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет
години.
Дај ми ја....сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка
робинка
девојка робинка - лична
Македонија.
Земи ги........очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја........устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо
Планина.

Ристо Шишков

November 29, 2010

Елегии за тебе - Кочо Рацин

ЕЛЕГИИ ЗА ТЕБЕ

1.

,,Чернеј горо, чернеј сестро!...“

Вчера cи појдов, наминав
низ таја гора зелена,
под тија буки високи,
по килим сенки широки.

Одев со глава замаен,
наведнат, мртов, зачмаен;
одев со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат - ти плачеш,
солнцето грее - ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
во тија темни дубрави -
зошто ги таиш песните

Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

2.

Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,

таму зора црвенее -
мое срце ми црнее.

Ископајте длабок бунар,
извадете ладна вода,
натопете лути рани
да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далекy -
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори,
над полиња и над реки,
над мојата татковина?

3.

Два брега - двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава -
тече и мие ранава.

Тече од векот вековит
и нова и се по нова,
тече, а тука маките
се стари и се постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!

Течи си водо студена!
Течи си - рони брегови!
Течи - и нам низ срцето
не ли и крвта ни тече?

4.

Скотски е, скотски живот аргатски
у темно заѕидан,
до скот сме сниско попритиснати
на овој свет убав.

Кој ви ги скрши белите крилца,
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри,
извори на души чисти ?

И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид ?
И кој паправи, и кој направи
човек на човека роб!

Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб!

5.

Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум имаш -
работник си - и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.

Луњи ли ќе пусти дојдат,
солнце ли ќе јасно грејне
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.

Како смртта вечна што е,
така борба долго трае.
Но од смртта е посилна
по патиштата борбата!

6.

Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете,
да не каже оти боли.

Очи црни искoпајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете,
срце лудо наранете.

Угаснете и светлини!
Мрак да биде - каракамен.

Има, има - в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата,
има души наранети.

Болка боли - болка гори,
болка пече, душа мори.
А болката кога свети -
тешко, тешко, тешко клети!

Кочо Рацин