Сираче момче сејало
И јадна песна пејало:
Каде се чуло, видело
Седум години во село
Да сеа, жниа и пота
И от мојата работа
До зрнце да се изабит
От чужи да се разграбит!
А ја сираче да шетам
И улиците да метам,
Везден работа нивата,
Без да си крена главата.
Дожд да врнит? но ја не седа,
А работата си гледа!
Вечер ке зајдит с’нцето,
Ја ушче шета полето.
Раното с’нце излегвит,
На нива мене досегвит.
Сите со лебец, со вода,
А ја без корка да ода!
Сите сос рубо шарено
И сос кадифе зелено,
А ја од сите терано,
Носам од сите раздрано.
Ако ме некој погледни
И покрај себе ме седни,
Мој нарачници проклети
Јадвени пушчат клевети.
Детската радост ко цвеке
В пусто ми срце се суши,
И пред очите ми веке
Само ми счастје се вруши.
Сите си имаат роднина,
Со ним се смејет, си пејет
А мој надежди в пустина
Од силни ветри се вејет.
Некаква т’га ја има.
Се прах и пепел се чинит.
Пред мене веков как в зима
Во темни м’гли се чинит.
Константин Миладинов
No comments:
Post a Comment