March 19, 2011

Мирка Гинова - И. Чаповски

МИРКА ГИНОВА

Над Мегленијата огнена згура врнеше
кога погајум пo тебе ocojни ѕверови се загнаа.
Бодеж те жегна, а шумата молскавица
што патот ти го свртеа наназад за дa тe заграбат.
Еj младост не се доварди во ножен круг
надежта да не ти зајде!
He беше летото за љубов
со смртен болскот плодот се изглоти.

Взори без твоите другари што од чума поболеа
кон црвени ѕвездари тe поведоа, а не беше
навеста за убав дap ни
сонце за в шума.
На кама се вееше искината, партизанска облека
и росеа ѕвезди од твојата младост
на патот што се нишаше од некоја сила.

На кој пазар
ќе те продадат на смртта?
Воден ли ќe биде таа голема Премрежина?
Co горќовина мина по поле мегленско
Зар не најде коњ за твоите патишта

или тој остана во катојте закован ко денот пуст
Со ѕвезди што се ронат од тебе
ти не беше таксана за љубов!

На кој пазар ножови растат?
Дали е тоа Негуш?

Ти покажаа широк двор
а денот не беше тапан ни зурли.
Во орото моминско
за што думаше Росиловке
додеа ситно чекореше низ својот живот
што како светлина трепереше во воздухот на дворот?

Шамивчето на играта првна ко птица
кога згргори оружјето.
Над Негуш се изли песок од летото.

По повод 30-годишнината од нејзината херојска смрт

Иван Чаповски

За младата партизанка Мирка Гинова народот испеал доста песни, раскажал дузина легенди и нејзината борба и херојска смрт отсекогаш претставувале и ќе претставуваат една голема буква во револуционерната традиција на младиот Maкедонец.
За момата што не била никогаш свршеница, и за нејзината неверојатна смрт се обидов да напишам песна уште во 1954 година, дури живеевме под Калето, во едно чудно живеалиште наречено "егејски бараки". Но тоа беше само обид, зашто песната, всушност, си остана скриена во желбата.
Што се случи во таа 1954 година? Кој беше мотивот што ме натера да се обидам да најдам стих и да го врзам за една млада одважна мома? Таа есен, се сеќавам добро, ги слушав прикаските на нашиот сосед Корташо (опишан во романот "Граница") за животот на личната учителка, кога поштарот донесе писмо за стариот воин, учесник во три војни. Писмото му го праќаа жената и двете ќерки од Воден. И тој заплака како дете од веста што му е живо сe уште семејството. Беше тоа прво писмо дојдено од Месимер.
Тој час се најдов во мојата барака, залепена за кејот на Вардар, и почнав да пишувам за Мирка. На шарена тетратка, со перодршка.
Дека ништо не сторив тој морничав есенски ден, таму под Калето, крај некое дрвено мовче, се уверив од уредникот на "Млад 6орец", кој не ми ја објави песната.
Меѓутоа, иако тоа беше време кога пишував песни за cе и ceшто, сите тие песни се објавени во "Млад борец", "Млада литература", "Студенски збор", "Разгледи" (како весник — во рубриката Никулци) постојано ја носев идејата да напишам нешто за таа лична Роденка, за нејзиното фаќање од страна на монархофашистите, за нејзиното судење и за нејзиното стрелање.... Особено кога се одлучив мотивите на моите песни да ги барам под егејското небо на Македонија.
Настанаа првите песни врзани за крајморската земја (подоцна собрани во стихозбирката "Пепел под маслините", објавена во во 1963 година), но стихот за младата Росиловка, прва жена стрелана во граѓанската војна во Грција, не се роди... Тоа покажува дека песната не се пишува по желба, таа се раѓа неочекувано, во свое време, ненајавено. Ќе дојде како треска. И толку
Песна за храбрата Воденка ја нема ни во "Еванѓелисти", ни во "Убавата Разделина". А зошто? Зарем поезијата што извира од слатките но тажни очи на Разделина не ја означуваат вистинската состојба на една визија чиј епитет чудно гласи: ем убава ем разделина! А всушност во тој час сфатив дека песната "Мирка Гинова" е напишана одамна, се разбира, не на хартија, туку во некоја скриена клетка на потсвеста. И само требаше да се дочека моментот кога визијата за претсмртното оро на младата учителка ќе се претвори во една друга стварност - во песна.
Тоа се случи во 1976 година. Сосема случајно. Еден ден во некој весник прочитав дека наскоро паѓа триесет годишнината од стрелањето на оваа јужна хероина. Еве го мигот, си реков да се одбележи нејзиното дамнешно згаснување.
И песната стаса во тој миг. Може тој миг траеше премногу долго, Песната ја објавив во весникот "Нова Македонија". Под неа напишав: по повод 30-годишнината од нејзината херојска смрт. Истата песна подоцна си најде место во стихозбирката "Лаѓа". Вредно е да се спомне дека сите песни во "Лаѓа" се создадени при една моја (скришна) посета на родното Пожарско во 1976 година. Можеби мигот кога го здогледав тој стар но познат предел, не многу далеку од Росилово, беше една од причините да се јават од темнината стиховите за храбрата Росиловка.

Иван Чаповски

март 1985 г.

No comments: