Кога ја љубев Дениција,
Како да калемев светлина на мракот,
Како да топев снегови фатени во движење,
Како да станував единствен сведок,
За бакнежот меѓу металот и громот.
Кога ја љубев Дениција,
Како да му пронајдував брзина и на каменот,
Како да ја одделував душата од телото,
Како да го палев барутот
На тилот од смилот и трендафилот.
Кога ја љубев Дениција,
Како да внесував летен воздух во воздухот
зимен,
Како да добивав телефонска врска со сонот
Од сите успани работници.
Оти ја љубев Дениција,
Како што ги отварав пролетните аптеки,
Свестени во гласот од славејот,
Како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
Како што таа ми ја одземаше тежината,
Додека трчав кон неа,
Како што не можев да видам ништо освен неа,
Како што таа живееше додека јас умирав,
Како што и јас не знаев и како би умрел,
Ако таа не се родеше.
Кога ја љубев Дениција,
Како да учествував во создавањето
На првата Македонска Држава.
Петре М. Андреевски
No comments:
Post a Comment