Showing posts with label Препород. Show all posts
Showing posts with label Препород. Show all posts

September 14, 2012

Македонски Препород - 18

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Руската императорка Екатерина во XVIII век формира македонски полк

Како и денеска, во прашање беше елементарната претпоставка - името. Во Турција никој никого никогаш не прашуваше за етничкото потекло. Со векови беше важна верата и социјално-економскиот статус, всушност правоверниот и "безверниот", т.е. муслиманот и ѓаурот и господарот и рајата. Македонците знаеја дека се христијани и тоа православни и дека притоа се каурска раја. Подоцна во милетскиот систем се побара нуфусот. Бидејќи беше укината осумвековната Охридска архиепископија, во црквите служеа главно патријаршиски попови - на грчки јазик и нејзините припадници станаа рум-милет. Само во некои од манастирските цркви живуркаше црковнословенскиот јазик, иако народот целото време го култивираше сопствениот говор и ги создаваше и во секојдневјето ги доживуваше своите умотворби, ја градеше и ја развиваше својата материјална и духовна култура. Така цели пет века македонскиот народ остануваше во срцето, а речиси наполно покрај Европа. По земјата, луѓето знаеја дека се од Македонија и самите надвор се викаа Македонци. Впрочем, така стоеше и во Библијата. А тоа им го сугерираше и живата традиција со митот за Филип и Александар.

Речиси никој во Европа не беше заинтересиран да се запраша што и каков точно милет живее во централниот дел на Европска Турција. За Европејците, меѓутоа, особено по XVI век, станаа битни печатените географски и други карти, а во нив на истакнато место овој простор беше претставен според античката традиција како Македонија. Тоа им го сугерираше и "илирската" хералдика што се разви токму во истото време. И тука на почесно место стоеше македонскиот земски грб, паралелно, на пр., со српскиот и бугарскиот. Затоа и бегалците по Карпошовото востание (XVII век) во Австрија се декларираа и беа прифаќани како Македонци, а така им се обраќаше и австрискиот император Леополд.


НЕ ПОСТОИ ГРЧКИ НАРОД
Кога тие преминаа во Русија (во денешна Украина) администрацијата на императорката Екатерина II во половината на XVIII век ги регистрира дека се "од македонската нација" и им формира посебен "македонски хусарски полк", третирајќи ги како различни од другите балкански христијани - Србите, Бугарите, Грците и Власите.

Но тоа беа признанија во услови надвор од Турција. А кога на Виенскиот конгрес во 1814 год. угледните кнезови Грци на руска служба, грофот Јоан Каподистрија и Александар Ипсиланти, претставиле молба за ослободување на грчкиот народ од турското владение, претседавачот Клеменс Метерних јасно и реско им отсекол дека "не постои грчки народ" и дека "во турската држава не се признаваат други народности освен турската".

Затоа и во август 1829 год., непосредно пред потпишувањето на Одринскиот мир во Руско-турската војна, филипополскиот Македонец Трифон Неделјович Давидски до Командата на настапувачката руска армија испраќа три значајни документи: акростихувана порака на македонско-руски јазик "Песна македонска"; прокламација до македонскиот народ за оружено востание како ефективна помош на руските војски под наслов "За верата Христова и за верноста на нашата татковина", и посебен апел од името на македонскиот народ, формулиран како "Молба и желба", упатен до Главниот командант на ИИ руска армија. Во сите три документа се бара руските војски да поминат и низ Македонија, а не само низ Бугарија (меѓу Дунав и Стара Планина) за да се вклучат и подготвените веќе Македонци во ослободителната воена акција.
Се во тоа исто време (1829) во Москва беше објавен првиот том од обемното дело на украинскиот Русин Јуриј Венелин "Древние и нанишние болгаре в политическом, народописном, историческом и религиозном их отношении к Россинам" што имаше значајна улога во претставувањето на Бугарија и Бугарите пред светот, иако авторот никогаш немаше отидено во Бугарија, освен што со руските војски замина само по брегот од Варна до Силистра. А во 1837 год. медицинарот Венелин објави и книшка "О зародаши ново-болгарско - литература", во која зборува за три бугарски области и за ваква распространетост на бугарското население: во Бугарија - 750.000 Бугари, во Тракија - 600.000, во други краишта уште 195.000, а во Македонија декларира цел еден милион Бугари, иако за него и градовите Карловци, Призрен, Копривштица или Калофер се во границите на таа негова замислена Македонија! Притоа тој тврди и дека словенската писменост не ја создале Кирил и Методија, туку готскиот епископ Вулфила, зашто сметаше дека и Готите биле Словени. За тогашниот крајно неинформиран свет сето тоа минуваше како научна вистина...

ПОТЕКЛОТО НА КИРИЛО-МЕТОДИЕВСКИОТ ЈАЗИК
Европската славистика се уште беше во самиот зародиш. Затоа Вук Караџиќ уште во 1815 година, објавувајќи македонска народна песна во својата српска песнарка, ја обележа како бугарска, а со знаење и менторство на словенечкиот учен во Австрија Јернеј Копитар, во 1822 год. во познатиот "Додатак" напиша филолошки трактат за "бугарскиот" јазик и објави "бугарски" народни песни, а многу подоцна се констатира дека истражуваниот материјал и информаторите биле всушност од Македонија. И полскиот поет и париски професор Адам Мицкјевич дури и во 1841 год. им тврдеше на студентите дека Кирил и Методија не биле испратени во Моравија од Цариград, туку од римскиот папа и дека нивните гробови се во Рим. А видниот славист Павел Јозеф Шафарик во својата "Geschichte der slavischen Sprache und Literatur nach allen Mundarten" во 1926 год. дознал дека Бугари има само 60.000 и дека тие живеат на просторот меѓу Дунав и планината Балкан. Но така мислеле не само Давидски и Шафарик, туку и американскиот протестантски мисионер во Смирна Елиас Ригс во своите "Notes on the Grammar of the Bulgarian Language" (1844). Па не беше случајно што и со Берлинскиот договор (1878) Бугарското Кнежество беше создадено само во тие географски рамки, а не во санстефанските граници - според епархиите на Бугарската егзархија. Толку стигнуваа информациите од ареата на босфорското царство. Меѓутоа, и писмени автори од самата Македонија, како Крчовски и Пејчиновиќ, уште во насловите на своите тогаш печатени дела македонскиот го претставија како "болгарски".

Во таква етнокултурно неиздиференцирана, а историски и геополитички недодефинирана внатрешна и меѓународна состојба се најде Македонија во почетните децении на XIX век. Со процесот на постепеното изделување на периферните христијански области на Европска Турција, таа се повеќе стануваше објект на разни интереси и поттик за акција на постепено артикулираните претензии на соседите. И крајно неинформираната, а мошне заинтересирана млада славистичка наука се изразуваше во пазувите на таквиот развиток на сознанијата за овој дел на Европа. Бидејќи и славистиката како наука се зароди и се разви главно во словенските европски земји, таа не беше глува на големодржавните и панславистички обоени стремежи на Русија, но и на национално-политичката чувствителност на потчинетите, а веќе разбудени словенски народи.

Првите импулси на славистичкиот интерес кон словенскиот православен Балкан беше во унисон со империјалните руски воени походи кон Босфор во 20-тите години на XIX век.
Тоа се совпадна со пројавениот потенциран интерес за делото на светите Кирил и Методија, за старословенскиот јазик и неговото потекло. Се бараше нивната татковина и одговорот на прашањето: каде, чиј и каков бил основоположничкиот јазик. Од веќе расположивите извори не беше толку тешко да се посочи Солун во Македонија како татковина на браќата. Но проблем станува етничкото потекло и нивниот јазик. Од видни слависти, како Јернеј Копитар, Франц Миклошич и П. Ј. Шафарик, научно се образлагаше Панонската теорија за потеклото на кирило-методиевскиот јазик. Исходот од битката во славистиката помеѓу панонската и македонската теза, сепак, беше во прилог на македонската.

Така Македонија и македонскиот јазик станаа централен предмет за проучување во словенската филологија. Осамостоената Грција, политички поддржана од заинтересираната Европа, скоро ја почна битката за завојување и на античкото македонско наследство, па следствено и на името. Меѓутоа, скоро сите европски карти територијата и натаму ја маркираа како Македонија, како одделен политички, а постапно и како етнокултурен субјект од Грција. Во тоа барање име на современиот јазик на народот во Македонија беа искажани куриозни називи. Таткото на славистиката Чехот Јозеф Добровски, на пр., во 1822 и 1825 год. рече дека јазикот е наречје на српскиот, дека старословенското писмо може да се нарече "руско, бугарско и српско", а во писмото до рускиот славист П. И. Кепен (1924) кирило-методиевскиот јазик го именува "српско-бугарско-македонски". Рускиот славист А. Х. Востоков се искажува во прилог на бугарскиот, додека А. С. Шишков се застапува за тезата дека рускиот е директен и единствен наследник на старословенскиот јазик.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

КРАЈ
ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

August 21, 2012

Македонски Препород - 17

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Карта на Македонија од Македонци во Русија!

Правдата бара да се каже дека борбата за словенски јазик во црквите и народен во училиштата во прво време се води во еден мошне толерантен дух. Дури и патријаршиските владици пројавуваат еден беневолентен однос кон словенскиот јазик, стануваат и спонзори на некои автори и изданија. Познато е, на пр., дека во Предговорот кон своето дело "Утешение грешним" игуменот на Лешочкиот манастир, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, во 1831 год. кажува дека "повелением ниже именитиј митрополит и прочим монастиреј и свјаштеником, аџиам, чорбаџиам, ќелари и еште неколцина христиани - ми рекоа "дади гу тају книжицу да се штампоса и мие ќе ти поможемо и харџот кога ќе ни пратиш по една книга, и ми ќе земемо от тиа книги за раздавање по книжовници, нека се кажуват слово божио по христиани. Митрополит скопскиј господин наш кир Гавриил, он рече: Ја ќе поможем со благослов и ќе дадем 50 гроша...". И во прегледот на помагачите на ова издание Пејчиновиќ на прво место го наведува "архиепископа нашего Гавриила" и наброените негови потчинети, како и голем број свештеници и монаси од разни други места во Македонија.

Такви примери може да се наведат повеќе и не само во Македонија. Познато е дека и трновскиот архиепископ и егзарх на Бугарија Иларион уште во 20-тите години бара преведувачи на Библијата на бугарски и се јавува како прегледувач на преводот, а специјално го ангажира Неофита Рилски да го преведе Новиот завет, коешто овој и го направил и го објавил "на македонското наречје" во протестантската печатница во Смирна (1840).


ПРВИОТ УЧЕБНИК НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Инаку, се до Кримската војна со дозвола на Патријаршијата, па и во Патријаршиската печатница, се печатеа низа изданија за црквата на словенски јазик. Антигрчкото движење се засили дури по интензивирањето на организираното дејствување на Русија сред православните Словени во Турција. Тогаш настана и поширокиот настап на руските словенофили во Македонија, со систематско и богато супсидирано налагање на бугарското име и бугарската свест кај нашето население. Тогаш наместо кон Атина нашите млади интелектуалци се свртеа кон Москва и Петербург и се создаде во Македонија интелектуална елита со руско образование и бугарско воспитание што одигра значајна улога во натамошниот развиток.

Меѓутоа, руското влијание не беше сосем отсутно и во првата половина на XIX век. Охридската архиепископија имаше постојани и традиционални врски со Руската православна црква. Тие контакти продолжија и по укинувањето на Архиепископијата. Не беше случајно присуството на архимандритот Анатолија Зографски на рускиот двор како исповедник и кум на рускиот цар Николај И и служител во руската црква при дипломатското претставништво на Русија во штотуку осамостоената грчка држава. Исто така не е случајно што имено тој го помага отворањето на солунската печатница на архимандритот Теодосија Синаитски, во која го објавува и првиот учебник на македонски јазик "Началное учение" (1838). Анатолија му помага и на својот земјак Партенија да ги заврши највисоките духовни школи во Атина и во Русија и да се најде исто така во рускиот царски двор и да стане исповедник на руското царско семејство. И тој потоа се враќа на Балканот и станува идеолог на движењето за заеднички литературен јазик на Македонците и Бугарите со основата во западномакедонските говори и прв направи научно заснована филолошка компарација на спецификите на македонскиот и бугарскиот јазик. Токму тој како архимандрит во Цариград ги објави и основните учебници на македонското наречје "Кратка свештена историја на ветхо и новозаветната црков" (1857) и "Началное учение за децата" (1858), како и "Кратка славенска грамматика" (1859) што беа особено радосно прифатени во Македонија.
Тоа беше моментот кога избувна Кукушката унија како израз на желбата за сопствена духовна хиерархија и за употреба на народниот јазик со православниот обред, кога, по барање на кукушаните, Партенија стана и првиот Македонец митрополит на Дојранско-кукушката епархија (1859). Се во тоа време тој го објави и преводот на Климентовото житие од охридскиот архиепископ Теофилакт, публикува значајни документи за историјата на Охридската архиепископија со краток преглед на црковната хиерархија, а собра и цел зборник со македонски народни песни, некои од кои беа и напечатени во цариградскиот периодичен печат. Тоа беше веќе нова фаза во словенско-православниот преродбенски процес во Македонија.


ПРАШАЊЕТО ЗА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА
Епохата на Миладиновци, Жинзифов и Прличев беше и време на учебникарите. По Анатолија и Партенија Зографски, првите учебници "на македонското наречие" беа "Буквар за употребение в македонските училишта" (1867) од Димитар В. Македонски и Димитар Хр. Узунов, "Кратка свјаштенна историа за училиштата по Македонија" (1867) и "Скратен православен катехизис" (1868) од Д. В. Македонски. Потоа дојдоа бројните слични учебници на најплодниот учебникар Кузман Шапкарев (1868-1874), којшто и даде белег на целата таа епоха. Но кога Венијамин Мачуковски го огласи печатењето на неговата веќе употребувана во македонските училишта "Блгарска грамматика по македонско наречие" се крена голем шум во бугарскиот печат, учебникот остана необјавен, но се легитимира една национална тенденција што само ја потврди тогаш покренатиот унијатски бран во цела Македонија за изделување на македонските епархии од диецезата на новооснованата Бугарска егзархија и за обновување и осамостојување на Охридската архиепископија како унијатска црква.

Тоа се совпадна со револуционерното раздвижување во Македонија и со појавата на војводата Ѓорѓија М. Пулевски како учебникар, поет, историчар, граматичар, лексикограф и фолклорист, како Македонец со изјаснета словеномакедонска идеологија, кога веќе се постави не само прашањето за македонската одделна нација, јазик, црква и историја, туку и за македонска држава. А тоа беше веќе периодот на развиените национални пропаганди на соседите во Македонија, кога се појавија "лозарите" во Софија, "вардарците" во Белград и се подготви почвата не само за разловечкиот, кресненскиот и илинденскиот револуционерно-ослободителен подвиг, туку и за дефинирање на македонската национална програма, првин преку Македонскиот клуб преку "Балкански гласник" во Белград (1902) и особено преку Македонското научно-литературно другарство во С. Петербург (1902), од чии пазуви излегоа Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Стефан Дедов, Дијамандија Мишајков, Наце Димов, д-р Гаврил Константинович и др. што ја вклопија македонската националноослободителна идеологија под плаштот на словенството и православјето. Никако не е случајно што Светите Кирил и Методија, како и Свети Климента Охридски, ги земаат како патрони на своите асоцијации, а во тешките историски околности по 1910 год. прават и конкретни постапки за обновување на Житошкиот манастир и за отворање во него занаетчиско училиште (со пансион) на македонски јазик.

Така преродбенскиот процес стигна и до Балканските војни на соседните монархии за завојување и поделба на Македонија, кога токму МНЛД преку разновидни форми ја постигна дотогаш највисоката точка на организираната манифестација на македонската национална програма, пред се преку своите бројни меморандуми, со изработувањето на македонското знаме и објавувањето на картата на Македонија на македонски јазик, посебно пак преку списанието "Македонскиј голос (Македонски глас)" (1913-1914) и другата печатена и организациона дејност.
Поделбата на Македонија по Втората завојувачка војна со Букурешкиот договор го заврши процесот на преродбенската епоха во Европска Турција. Оттука натаму, особено по завршувањето на Првата светска војна со версајските граници, веќе настанаа нови историски околности, кога овој процес знатно се усложни со паралелниот тек во четири меѓусебно различни геополитички територии, поради што и конечното решение дури во Втората светска војна заврши со полна афирмација на македонскиот народ, но само во едниот дел од некогашната целина, којшто до 1941 година се наоѓаше во рамките на Србија/Југославија.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Руската императорка Екатерина во XVIII век формира македонски полк

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

August 17, 2012

Македонски Препород - 16

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

"Историа на велики Александра македонца", во 1844 година во Белград!

Се во преломната 1844 година во Белград излезе уште едно фундаментално издание: "Историа на велики Александра македонца, коато описува неговото рождение, живот, јуначество и смрт" во превод на бугарски од карловчанецот Христо П. Василиев Протопопович. Оваа мошне популарна историографска книга имаше и уште две други изданија (Цариград, 1851 и Букурешт, 1867). Така и во печатена форма нашиот човек доби толкување на традиционалните претстави за славата на Александра и за македонската историја воопшто. Затоа и В. И. Григорович во својот објавен извештај за сопствените истражувања во Македонија сведочи: "Во всех видених странах ја не слихал других имен, кроме Александра В. и Марка-кралјевича. Тот и другои живут в памјати у народа в весма обштих образах. Памјат об Александре В., кажетсја, внушена более народу, ибо часто те, которие произносили его имја, не могли иначе објаснит лице его, как ссилајас на даскалов (учителеи), имејуштих о том книги".


АЛЕКСАНДРА В. И МАРКА-КРАЛЈЕВИЧА
Не е случајно ни поврзувањето на Александра со Марко во народните преданија и легенди. Григорович наведува: "В Пеле, на пример, самаја високаја могила, сказивали мне простие, скривает гроб Марка-кралиевича...".

И во поглед на јазикот и историската свест Григорович укажал значајно влијание во поглед на затврдувањето на бугарското маркирање. Но, од друга страна, тој меѓу првите слависти јасно го издвојува македонското од бугарското наречје и ги повлекува основните изоглоси. Григорович пишува: "...ја разделил би всјо област јазика болгарскаго на две половини, в которих различное его употребление можно назват диалектическим. Первојо назову западнујо, ибо она обнимает всјо Македонијо до доспатских гор, вклјочает част подунајској Болгарии до самаго Видина; вторујо - восточнујо, т.е. Страну на восток от Доспата и на север и јог Балкана". Потоа се наведени "самие резкие признаки наречија етих двух областеј". Во согласност со повлечените гранични линии Григорович ги набројува и градовите во Македонија: Неврокоп, Велес, Штип, Ќустендил, Разлог, Дупница, Џумаја, Рила, Солун, Воден, Битола, Охрид, Струга, Серес, Филипопол. Овие граници се нешто поскромни од оние што ги фиксира Венелин, но сепак заоѓаат малку зад етничката географија на Македонија. А така се формираше и свеста за географската карта на татковината што ја помагаат и многубројните европски карти што по XVI век често се печатеа, при што сигурно посебно место зазема картата на Македонија на Ами Буе. Таа доволно романтизирана македонска еуфорија особено ја заплиснува се уште кревката и лита интелектуална средина.

Античката македонска историја ги воодушеви младите учители и свештеници. Македонското име стана белег и на историската свест. Интересот за историјата и културата нагло се зголемува. Античкото наследство се надоврзува на словенската христијанска културна историја. Се возбудува гордост од изворите на словенската писменост и блеснува култот кон Седмочислениците што и без тоа имаше долга традиција по цела Македонија и особено во Охридско.

Се поблиску се оцртуваа географските граници на татковината Македонија. Пиететот кон македонството наоѓа израз и во наглата честа употреба на патронимот Македонски. Затоа и учителот Ѓорѓија Македонски од кривопаланечкото село Радибуш во 1846 год. запишал: "...Славјанското писмо го изучив од татко ми Димитрија Маќедонски, кој така се вика зашто сме Маќедонци, а не Грци, а неговиот татко се викал Јосиф, свјаштеник, а неговиот дедо Стоиман, свјаштеник. И ја прекарот си го зедов Маќедонски, а не по татко ми и дедо ми, за да се знае оти сме Славјани од Маќедонија". Веќе се разгоруваат пропагандните активности од соседството и се заострува борбата против Патријаршијата, но и за обновување на својата Охридска архиепископија. Кон православјето веќе се истакнува словенството и сето тоа под ореолот на македонството. Илустративен е записот од 1867 год. на свештеникот Димитрија, кој меѓу другото сведочи: "...јас, јереј Димитрија, роден сум во с. Огут, Кривопаланечко, и 12 години пастирував во родното село, кога на 1848 лето Господово првенците на градот Крива Паланка ме главија за свештеник, против волјата на Неговото Високопреосвештенство грчкиот кир Гавриил. За моето назначување се заложи најмногу г-н Михаил Македонски, зашто сум родум Маќедонец и службата ја терам по славјански. Од Бога било пишано, моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не ни даваат и денес мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство. Ние сме си имале наши словенски учители Кирил и Методија, кои ни го оставија нашето словенско писмо. Тие се родум Македонци од Солун, славната престолнина на Македонија. Тоа не ни го признава владиката Грк, па затоа ние не го сакаме да пастирува, туку да си имаме наш архипастир Словен, во веки веков".


ТАТКОЈНАТА ЈЕ ХИЛЈАДИ МАЈКИ
А кога се појави весникот на П. Р. Славејков во Цариград под името "Македонија", младиот прилепски првенец Тоде Ив. Кусев му пишува на редакторот:
"Вашиот весник со самото име го зачуди секого во Македонија до таа мера, што секој трча да види што весник е што го носи името на нашата земја... Весникот кај Грците и гркоманите е дочекан со тага и бес, зашто тие секојпат воделе борба за погрчување на Македонците, уништувајќи ја и Охридската архиепископија - "Искрата на нашата иднина". Но колку да се мачеа да не сопрат да одиме напред, не можеа сосема да го искоренат чувството Македонците да не бидат Македонци. Охрид само пред сто години беше столнина на Патријаршијата основана од Јустинијана, а едно време и светилник за просветување на словенскиот век, но пак не остана назад, зашто не го изгубил семето на своите славни предедовци... Денеска во Охрид - продолжува Кусев - заѕуни народниот глас во деновите на пресветлиот цар Султан нашиот татко А. Азис. Самите досегашни грчки учители, а особено г-н Прличев, кој беше крунисан во Атина, проповедаше во грчки училишта за досегашните наши заблуди. Секоја недела по црквите се пренесуваат трогателни говори за заблудите и досегашната болест од грцизмот и потребата таа сосема да се искорени за да се види бел ден... Не само во Охрид, денеска се разбудуваат и ги бараат своите права и од цела Македонија. Сите гледаат да си отворат училишта, да се воведе служба во црквите на старословенскиот јазик, да не ги оставаат училиштата и народните работи во рацете на еден-двајца што дошле од друго место, кои на секој начин гледаат да спречат се што е народно. Насекаде почнуваат да се воведуваат трговски книги не на грчки, туку на мајчин јазик. Мало и големо се весели под големата сенка на нашиот просветител царот С. А. Азис и се насладуваат на тоа дека си ја осознале својата народност". Такви слова држат по Македонија и други македонски дејци. На пр., Димитрија Миладинов, независно од функцијата грчки учител и близок пријател на послешниот грчки владика и негов најголем непријател Мелетиј, уште во 1830 год. држел разни слова на родниот јазик, па дури оставил и записи во негов македонски превод. Слични слова се зачувани и од други македонски учители и културни дејци (Кузман Шапкарев, Ѓошо Маленко, Јанаки Стрезов и др.). А токму во тоа време Григор Прличев навистина пред своите охриѓани секоја недела држеше будителски беседи на родниот говор. Така, во едно слово од 1866 год. меѓу другото вели: "...Кога госпот ти викат чувајсе, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа херколку да бидит чоек шоп и нечесен, пак таткојната му је најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната је многу таткој. Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки. Братја имаме пет ели десет, а таткојната је неброани браќа. Еден чоек шчо не си а милвит таткојната појке от татка и мајка и појке от себеси, тој неможит да бидит чесен-чоек...".
Така постепено се градеше свеста за татковината, за своето наспрема другото и туѓото, за долгот кон татковината, при што се профилираа и поимите народ и слобода.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Карта на Македонија од Македонци во Русија!

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

August 11, 2012

Македонски Препород - 15

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Димитрија Миладинов ги побарал моштите од свети Климент Охридски!

Во таа 1844 год. Христаки Павлович "из Дупница Македонска" ("славено-елинскиот учител" "Христаќа Македонца", како што самиот се декларира, па и други го претставуваат "из Дупница Македонска") во Будим првпат го објавува ракописот на другиот монах од Банско Паисиј Хилендарски под наслов "Царственик или Историа болгарска, коато учи от где са болгаре произишли, како са кралевствовали, како же царствовали и како царство свое погубили и под иго подпаднали". Тука ученикот на Јован Раиќ зборува и за Македонија како бугарска и за Македонците како Бугари, но притоа дава своевидна интерпретација што го заслужува посебното внимание и на македонската историографија.

Во истата година, инструиран од книгите на Јуриј Венелин и со претставите на тогашната руска славистика, стигнува во Македонија и казанскиот доцент Виктор Григорович, кој по враќањето исто така му соопшти на славистичкиот свет дека во Македонија живеат Бугари и дека македонскиот јазик е - бугарски, а во самата Македонија создаде вредни приврзаници на своите идеи. Меѓу нив посебно внимание заслужува неговото познанство со Димитрија Миладинов во Струга и Охрид. Токму Григорович, како што му пишува самиот Димитрија во писмото од 25. II 1846 год., му дал "порака" да направи "ненадминати" "старанија за нашиот бугарски јазик и бугарските песни". Миладинов додава: "Не престанувам да продолжувам да ги исполнувам моите ветувања кон Вашата милост, зашто Бугарите спонтано се стремат кон вистината. Но нека ми биде простено досегашното одлагање, зашто имав тешкотии при изборот на најдобрите песни, а исто така и при мојата работа врз граматиката. Се надевам дека при вториот удобен случај, откако ќе соберам повеќе песни и ќе ја завршам граматиката, според Вашата огнена желба, ќе Ви ги испратам...".


Д. МИЛАДИНОВ - ДОВЕРЛИВА ЛИЧНОСТ ЗА РУСИЈА
Но покрај сугестијата да собира народни песни и да напише граматика на родниот јазик, Григорович му оставил и други истражувачки порачки на тогашниот "грчки учител во Охрид" Димитрија Миладин. Посебно се значајни неговите интереси за Климента Охридски и за народното училиште. "Ние - му пишува Миладин - сме длабоко уверени, според тврдењето на селаните од Главеница, дека ќе се најдат и бараните камени натписи што ќе ги истражувам напролет. Прекрасно и пожелно ќе биде ако преку твоето содејство се побараат од владата светите мошти на свети Климент Охридски, посведочени од Великата Христова црква, како што ти се увери со сопствените очи и по своја иницијатива ги побара. А постапките пред овдешните власти за спомнатите свети мошти придонесуваат и Вам да Ви се оддаде благодарност, и новоотвореното училиште да види полза".

Несомнено овие врски со руската наука и политика се прошируваат и постепено Д. Миладинов станува доверлива личност за Русија. Во писмото до Александар Егзарх од 20. VIII 1852 год. тој се потсетува за угледниот гостин од Русија:
"Еден руски патешественик по име Виктор Григорович, професор во Казан, многу се изненади кога виде словенски книги во Охрид, во моето родно место Струга, во Преспа и др., како овдешниве Бугари да не им биле познати на европските народи, ами биле сметани од нив како некаков друг народ. Кога го предавав Тукидид во Охрид, Григорович восторжено извикна: "О, наши браќа ли сте?" и како да сонуваше и не веруваше дека словенскиот јазик ни е мајчин и прадедовски јазик. Кога стигнавме двајцата во моето родно место Струга, вечерта посака мојата стара мајка да му испее (богарска песма), којашто тој си ја запиша. И потоа ме замоли да напишам граматика на денешниот говорен бугарски јазик, којашто ја очекуваше во Виена, каде што некои Грчулии и Албанци од околните места на нашата татковина, поттикнати од некои, му припишуваа неправедно обвиненија дека дигнал книги, а всушност нашите сотатковинци на драго срце му дадоа некои книги".


ГРЦИТЕ И ФРАНЦУЗИТЕ ЗА НИШТО НЕ НЕ СМЕТААТ
Од тоа разбирам дека "Грците и Французите за ништо не не сметаат". Влезен во кругот на пријателите на Русија, Миладинов добива усрдна финансиска поддршка и од руската императорка за отворање "бугарски" училишта по Македонија, пред се во Охрид, Солун и Кукуш. Словенството, значи, неосетно поминува во бугарство и антиелинство. Самиот Димитрија се стави во Цариград што веројатно беше и главната причина што со брата му го завршија животот во цариградските зандани.

Но браќата Димитрија и Константин во еден суптилен период од нашата историја одиграа многу клучна улога. Нивниот зборник со народни умотворби, дури и со насловот "Блгарски народни песни" (1861), стана основна легитимација на македонскиот фолклор и јазик во целиот послешен развоен период, независно од оние 76 навистина бугарски народни песни што биле додадени од В. Чолаков непосредно пред печатењето.

Освен тоа, московскиот студент Константин со своите уникални песни на народниот јазик стана основоположник на современата македонска поезија, а неговиот превод од руски на македонски на антиунијатската книга на Флеров (1858), со краткиот предговор на преведувачот, стана првиот прозен превод од руски на македонски јазик, додека во зборникот "Братски труд" (1860) тој објави и едно непознато писмо на охридскиот архиепископ Паисиј (1566) како прилог кон историјата на оваа црква.

Во македонскиот преродбенски процес посебно место има и изразитиот претставник на концепцијата на Партенија Зографски за заеднички јазик со Бугарите, московскиот студент и руски наставник Рајко Жинзифов. Тој наполно ја акцептира Венелиновата идеологија пренесена преку Бугарското настојателство во Одеса и Московскиот словенски комитет за историјата и народноста на Македонците и со својата поезија и со преводите од руски, украински и чешки и особено со својата богата публицистичка дејност остави име во историјата на три словенски литературно-културни истории - македонската, бугарската и руската.

Во тој круг спаѓа и охридскиот "Втор Хомер" Григор Прличев, прославен ловороносец во Атина, македонско-грчко-бугарски поет, прозаист и преведувач, словобеседник и народен будител и трибун во втората половина на XIX век. Елинизмот, словено-бугаризмот и македонизмот се трите фази и од неговиот творечки опус што на своевиден начин ја одразуваат историската ситуација во Македонија.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: "Историа на велики Александра македонца", во 1844 година во Белград!

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

August 4, 2012

Македонски Препород - 14

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

И за Русите и за Американците, Македонија не била бугарска

Иако епохата на Паисија и Жефарович (од половината на XVIII век) може да се аргументира и како почеток на определено културно-национално будење, сепак сметаме дека појасни назнаки на овој процес се забележуваат дури од почетокот на XIX век што формално се совпаѓа со појавата и на првиот печатен текст на современиот македонски јазик во Четиријазичникот на москополскиот "Мизиодакиец" Даниил (1802) - како претходник на првите книжевни пројави во новата македонска литературна историја Ј. Крчовски (1814) и К. Пејчиновиќ (1816). Треба да се има предвид дека и Мисирков во илинденската 1903 година актуелниот процес го определува како македонско "возродуајне". Конечната афирмација на овој преродбенски процес, сепак, фактички завршува дури со формирањето на националната држава (1944).

Со оглед на шеријатскиот систем на турската држава, основната движечка мисла при народното будење ја овоплотуваше желбата за обновување на Охридската архиепископија како сопствена автокефална црква. Затоа и не е случајно што, на пр., Коста Веселинов уште во 1939 год. нејзиното укинување (1767) го зема и како почеток на преродбата во Македонија.


ПЕРИОДОТ НА МАКЕДОНСТВО
Исто така паѓа в очи дека поголемиот дел од овие дејци произлегуваат токму од пазувите на црковно-манастирските средини и од реткиот строј на учителите. Дури и најистакнатите македонски културно-национални дејци Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски имаат учителско-богословско образование. Затоа и отпорот за зачувување на православната христијанска традиција и стремежот за еманципација на македонскиот субјект преку посебната црковна организација со народниот јазик се носечките столбови на првиот период од овој процес.
Особено по формирањето на современата грчка држава (1830) и со покренувањето на прашањето за етничките граници на овие балкански простори, заедно со нагласениот продор на руското влијание, засилено особено по Кримската војна, се потенцира словенството како етнокултурна категорија, а пак по основањето на Бугарската егзархија (1870), како црква на православните Словени во исламската држава, настанува периодот на програмски осмисленото македонство како еманципаторска национална идеологија во спектарот на веќе конституираните туѓински национални пропаганди.

При сето тоа треба да се има предвид дека барем до 30-тите години на XIX век и Вселенската патријаршија се уште официјално не беше против употребата на словенскиот јазик во црквата и во училиштето. Таа и го помагаше печатењето на словенски богослужбени книги, дури и во својата печатница и со свој благослов. Иако целта, на пр., на патријаршискиот свештеник-учител Даниил била да им помогне на Власите, "Бугарите" и Албанците да го научат грчкиот јазик и да ги изостават своите "варварски" јазици, сепак тој без предрасуди и коректно го пренесува како рамноправен паралелниот текст на охридскиот поп Стефан на централномакедонскиот (прилепско-битолско-охридски) говор, дури и со благословот и поддршката на пелагонискиот митрополит и "егзарх на целата Бугарска Македонија" г.г. Нектариј. Самиот Четиријазичник започнува со парафраза на верзијата за создавањето на светот според почетокот на Стариот завет. Истиот текст беше пренесен и со црковнословенски букви во 1841 год. во Книга за научение трих езиков во солунската печатница на духовникот хаџи папа Теодосија архимандритот синаитски.

И првите македонски книги напечатени со црковнословенски букви на јеромонасите даскалот Јоаким Крчовски (1814-1819) и игуменот Кирил Пејчиновиќ (1816 и 1840) произлегуваа од средината на манастирските и училишните келии во Македонија, па и нивните помагачи и претплатници, "иждивением же православних христијан" и "вдохновением же Духа Свјатаго подаша христољубци", се пак од истите редови. Дури и темите и мотивите на нивните дела беа земени од христијанската православна ризница, а изданијата беа наменети "ползованија ради простејших человеков и некнижних" од пошироката територија на Македонија. Интересот за оваа книга на свој јазик беше штедро помагана од поимушните и повидни граѓани, а тоа создаваше општа клима што ја градеше свеста за единствените и заеднички потреби и интереси.

Не случајно и книгата "Повист ради страшнага и вторагањ пришествј Хрјстова" от хаџи Јоакима даскала во 1814 година е напечатена со помошта на "господара кир хаџи Пеца от Штип и кир хаџи Станко от Кратово и кир Димитриј Филипович от Егри Дере Паланка за душевное их спасение. Настојател бист Димитриј Јоаннович Зузура от Сечишта". Тоа духовно обединување на видните граѓани носеше и здружување на економските интереси и заеднички настап на панаѓурите во Турција, но и во трговијата со надворешниот свет. Тоа беше будење на свеста за заедништвото и нужноста за негова одбрана. Вистина, во тоа време, независно од зародишот на српската држава на Караѓорѓе и вазалното кнежевство на Милоша, се до Руско-турската војна (1828-1829) и формирањето на грчката држава (1830) не беа повлечени етничките граници ни помеѓу словенските, ниту пак помеѓу христијанските православни народи во Европска Турција.


ЗАЕДНИЧКИ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК НА МАКЕДОНЦИТЕ И БУГАРИТЕ
Во такви неповолни околности, со разновидно историско именско и државно-правно наследство, наоѓајќи се во централен дел на султановата империја, без можности за создавање свои колонии на границата во соседни слободни држави и без практични изгледи за физичко изделување од Турција, се најде почетниот стадиум од развитокот на македонската историска и национална свест и задоцнетиот преродбенски процес.

Затоа се бараа сојузништва и во Србија и во Грција, а кога Насловната страница на книгата Митарства од Ј. Крчовски (1817). останаа како единствени етнокултурни целости во Европска Турција, Бугарите и Македонците поведоа заедничка борба - првин за духовно и културно, а потоа и за политичко еманципирање.

Бидејќи единственото употребливо средство за културно-национална афирмација беше верата и просветата, главни стожери на овој процес станаа црквата и јазикот. Бидејќи Охридската архиепископија беше укината уште во 1767 год., се зароди мислата за нејзино обновување. Истовремено се најави и желбата за обнова и на Трновската патријаршија, па се создаде видлива поларизација.

И во однос на јазикот и учебниците во училиштето се појави отворено ривалство помеѓу источнобугарското и македонското наречје. Во периодот од 1835-1840 год., благодарејќи пред се на монахот од Банско Неофит Рилски и на помошта од американските протестантски мисионери во Смирна, како заеднички литературен јазик на Македонците и Бугарите се афирмира источномакедонското наречје, но набрзо надвладеа источнобугарското како литературна норма и предизвика реакција во Македонија.

Малку потоа, по хрватско-српската виенска спогодба за заеднички книжевен јазик (1848), и Партенија Зографски (1857-1859) се обиде да го воведе западномакедонскиот говор како основа за заеднички бугарско-македонски јазик, но и тој обид беше жестоко нападнат од бугарските дејци и постепено му се отвораше патот на самостојниот лик на македонскиот писмен стандард што како тенденција конечно и победи.

Во сето ова време во Македонија всушност вегетираа две традиционални континуирани тенденции. Од една страна беше традицијата на античката македонска држава со фасцинантниот лик на Александар Македонски и со континуираната етнонимска употреба на македонското име низ вековите, а паралелно со тоа, особено по црквите и манастирите и во поновите писмени споменици, се појавуваше бугарското обележје што се најде и на кориците на изданијата на македонски јазик.

Претставата за територијата на Македонија беше знатно проширена и кај Македонците и кај странците. Самите Македонци ги растегнуваа своите меѓи од Стара Планина до Егејот и од Марица па се до Шар Планина, но во такви планови се визираше идната држава Македонија и кај големите империи. За Македонците и за Русите Бугарија беше согледана само на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина. Тоа го поддржуваше и Американската протестантска мисија на Балканот се до 1844 год. Истовремено, дури и во претставата на првиот претседател на новата грчка држава грчките територијални претензии не преминуваа северно од Олимп.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Димитрија Миладинов ги побарал моштите од свети Климент Охридски!

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

July 23, 2012

Македонски Препород - 13

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Руска кнегиња земена од Самуиловиот царски двор

Не е безначајно учеството на Самуиловиот Охрид во процесот на покрстувањето на Киевска Русија и улогата на Охридската архиепископија во ширењето на словенската писменост и христијанска култура - се до 1037 година кога руските епархии беа исклучени од Македонската и приклучени под јуриздикција на Цариградската црква.

Впрочем, за тие врски и односи сведочи и четвртата сопруга на кнезот Владимир земена од Самуиловиот царски двор, чии два сина Борис и Глеб станаа првите национални светци во Руската православна црква, а десната апсида со 25 "македонски светители" во Кириловската црква во Киев и денеска се вика "Македонскии зал". Сето тоа покажува дека старомакедонската словенска писменост и култура имала историски импулс за писменоста, литературата и христијанската култура на источните Словени што континуирано се рефлектира се до XII век, при што посебно место и улога имаат атонските манастири, додека веќе од XIII век имено од Исток се враќа процесот на словенскиот Југ, кога започнува и источнословенското подолготрајно и повеќестрано културно влијание и на македонските простори.

НАРОДНИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Иако старомакедонскиот црковнословенизиран литературен јазик (главно со рускословенската азбука) ја зачувува својата функција во писменоста (особено по црквите и манастирите) во Македонија се до XIX век, паралелно (уште по појавата на македонската рецензија) се развива усната литературна продукција, па и писмената традиција на народниот јазик. Тоа беше еден византиско-словенски литературно-естетски комплексен систем што во знатна мера се разликуваше од западнословенскиот и западноевропскиот римокатолички литературно-естетски систем. Народниот македонски јазик одново влегува во пишаната литературна реч главно од XVI век, по преводот од грчки на зборникот "Сокровиште" од Дамаскин Студит, по што и целата богата литературна продукција на јазик близок до народскиот беше наречена дамаскинарска литература. Беа создадени и книжевно-препишувачки центри и "школи" (Лесновската, Слепченската и др.) што ја култивираа црковно-словенската писменост. Цели осум века, се до 1767 година, токму автокефалната Охридска архиеископија (иако често со архиепископи етнички Грци) го зачува народното единство и континуитетот на словенската писменост и култура. И во целиот тој период македонската литература претставуваше интегрален дел и на словенско-православната култура, заедно со бугарската, српската, црногорската, руската, украинската и белоруската.

Но историските околности во Македонија, со петвековното шеријатско турско владеење и задоцнетото национално будење и именско маркирање, создадоа специфичен развиток и на борбата за афирмација на македонскиот јазик и македонската литература. Додека Србија и Грција со посредство на востанијата и странската помош си извојуваа автономија или самостојност, а Албанија преку исламизацијата главно го следеше султановиот напор за задржување на Европска Турција, Македонија остана единствената словенска православна земја да ја води ослободителната борба заедно со Бугарија. А бидејќи Бугарија беше периферна земја во Турската империја и не еднаш беше завојувана од руските армии во XVIII и XIX век, имаше можности поскоро да го започне преродбенскиот процес и со тоа во голема мера да ја субординира сопатничката Македонија.

Така, по половината на XIX век, покрај грчката и одвај разбудената српска национална пропаганда, во Македонија се појави и бугарската. Особено по создавањето на Бугарската егзархија, бугарската пропаганда ги легализира своите дејности преку егзархиските цркви и училишта, па преку образовно-воспитниот процес, црковната хиерархија и општинската управа се етаблира најсилната туѓа национална пропаганда во овој дел на турскиот Балкан. Таа дејствуваше во самата султанова држава и како православна и словенска беше поприфатлива од грчката, а српската, како надворешна, не можеше да и конкурира. Така, покрај присуството на католичката (главно унијатска) и протестантската мисија во Македонија, македонскиот народ конфесионално беше поделен на три главни различни и меѓусебно спротиставени православни цркви, со три образовни системи и цели и се изведуваше на три различни литературни јазици и писма.

По Руско-турската војна (1877-1878) и по Берлинскиот договор, Македонија остана сама и последна како целина словенска православна земја во границите на Турција, врз која со уште поголем интензитет натежнаа државно организираните и добро плаќани национални пропаганди на соседите. Сите тие, заедно со уфрлената (главно меѓу влашкиот етнички елемент) романска пропаганда, во голема мера го разбија единственото тело на овој народ и го успорија процесот на националната интеграција и афирмација, па македонскиот јазик (што во првата половина на XIX век и можеше слободно да се употребува во ретките словенски училишта) беше исклучен не само од образовниот процес, туку и од јавната употреба воопшто. Затоа, македонската интелигенција, школувана во пропагандните училишта и во соседните држави, не само што стануваше носител на туѓите национални аспирации, туку и ги користеше туѓите јазици и писма. Најголем дел и од литературните дејци од Македонија прифатија да пишуваат на тие јазици и да печатат во публикациите на соседните држави. Така се создаде и една прилично богата литература од Македонците и за животот на Македонците, но на јазиците што беа официјално воведени како литературни, а по 1913 година и законски наложени во деловите на веќе поделена Македонија.


САМОВИЛА МАКЕДОНСКА
Сепак, во XIX и во првата половина на ХХ век беше создаден пристоен фонд македонска пишана литература на мајчиниот јазик (К. Миладинов, К. Петкович, Р. Жинзифов, Г. Прличев, Ѓ. Пулевски), беа објавени поголем број учебници за училиштата (А. Зографски, П. Зографски, Д. Македонски, К. Шапкарев, В. Мачуковски, Ѓ. Пулевски и др., а под форма на народни песни беа објавувани авторски стихови (Т. Китанчев, Е. Спространов, М. Цепенков), додека под форма на литература на дијалект беа напишани и изведувани драмски текстови на сцената (Ј. Хаџиконстантинов-Џинот, В. Чернодрински, М. Цепенков, Д. Хаџидинев).

Кон крајот на минатиот век почна и организираниот литературен живот, па по задушувањето на Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓија Пулевски во Софија (1888), беше формирана Младата македонска книжовна дружина (1891-1892)218, а по нејзината забрана никна Ученичкото друштво "Вардар" во Белград, додека во Атина, а потоа во Букурешт, Париз и Лондон дејствуваше Националниот комитет за автономија на Македонија и Албанија. Тоа е времето кога во Солун беше формирана Македонската револуционерна организација, а во Софија Македонската социјалистичка група. По Разловечкото (1876) и Кресненското македонско востание (1878-1879) беше основана Македонската лига и изработен нејзиниот Устав за државното уредување на Македонија (1880), додека истовремено беше формирано и Македонското народно собрание и Привремената влада на Македонија (1880-1881) што сето заедно ја подигна македонската националноослободителна свест и се почувствува и потребата за македонска литература и историска мисла. Тогаш беше објавена првата револуционерна поема со таков дух "Самовила Македонска" (1878), и првите одделни стихозбирки со национално маркирање "Македонска песнарка" (1879) од Ѓ. Пулевски, кој ја напиша и првата историја на родниот јазик "Славјанскомаќедонска општа историја" (1892).

ВЕЧЕР
пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: И за Русите и за Американците, Македонија не била бугарска

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

July 11, 2012

Македонски Препород - 12

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Македонскиот јазик првпат официјално службено употребен во 1903 година!

Во Уставот на Другарството од 16 декември 1903 год., се рефлектирани целите и задачите (што веќе беа афирмирани во претходните македонски асоцијации):
а) да ја развива националната свест меѓу Македонската колонија во С. Петербург;
б) да ги проучува јазикот, песните, обичаите и историјата на Македонија во етнографски и географски поглед;
в) да ги помирува и да ги обединува сите Македонци, без разлика на нивното образование и убедување, во името на нивното исто потекло и единството на нивната татковина, и
г) да го популаризира сето што е кажано горе меѓу Македонците во Македонија и надвор од нејзините граници (во странство).
Овие цели и задачи, според чл. 2 од Уставот, ќе се реализираат со:
а) организирање собранија и предавања;
б) читања, реферати, раскази, стихотворби и др.;
в) собирање народни творби (умотворби) и историски споменици за Македонија;
г) духовна поткрепа на своите сотатковинци, особено при нивното прво доаѓање во Русија, и
д) помагање и развивање заемни односи со другите словенски друштва и кружоци, како и со одделни словенски дејци.

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ
Посебно е значајно што со чл. 12 од Уставот првпат официјално се воведува македонскиот јазик во службена употреба:
"Разговорот во Другарството ќе се води на македонски јазик (на словенскомакедонскиот); рефератите и протоколите ќе се пишуваат исто така на овој јазик".

Врз основа на ваквата концепција Другарството ја развива и целокупната своја дејност во наредниот период. Практичната реализација на одредбите од Уставот и од Програмата наоѓа израз и во првата книга објавена на современиот македонски литературен јазик и правопис "За македонцките работи" од К. П. Мисирков во 1903 година и во првото научно-литературно списание на овој јазик и правопис "Вардар" што го отпечати Мисирков во Одеса во 1905 год. Со тоа беше извршена основната кодификација на македонскиот стандард. Исто така, беа направени подготовки за отворање училишта со учебници и настава на македонски јазик во Македонија и организирани посебни јадра во земјата и во странство.

Сето тоа го покажува степенот на развитокот на македонската национална свест што во натамошниот период само се доразвива и организационо се разгранува, па низ историските преломи и континуирани борби доведува до полната афирмација на македонската нација и култура што завршува со формирањето на првата македонска национална држава во 1944 година (макар и само на еден дел од етничката територија) и нејзиното полно осамостојување во 1991. Тоа е историскиот развиток на еден народ што со автохтони процеси стигнува до својата полна национална и меѓународна афирмација како рамноправен субјект на драматичниот по својата историја Балкан.

МАКЕДОНСКАТА ПИСМЕНОСТ
Уште во 1951 година англискиот славист Риџиналд де Бреј својот монографски преглед за македонскиот литературен јазик го започна со мислата дека, по иронија на историјата, јазикот чиј говор стана прв писмен јазик на сите Словени во одреден период, кој најде израз во т.н. Охридска книжевна школа и одраз во т.н. македонска рецензија и на којшто беше создадена една богата за времето богомилска литература, не успеа да се издигне и да остане на нивото на писмен јазик до XIX век, а литературен - се до 1944 година. Сепак, македонската, како "литература со традиција", не е останата и "без континуитет", макар и со нерамномерен и "задоцнет" развиток, ниту без литературни пројави и вредности во сите овие векови - се разбира, погледната "низ призмата на историскиот и поетичко-естетскиот систем на кој му припаѓа, од кој произлегува и во кој се вклопува". Во овој поглед македонскиот литературен процес многу наликува на белорускиот литературно-историски развиток и еден сериозен компаративен истражувачки пристап би покажал вонредно интересни и научно значајни сознанија за општиот процес на создавањето, развитокот и афирмацијата на словенските, па и на европските литератури и литературни јазици. Секоја национална литература си има специфичен развиток, но македонската литературна и културно-национална историја бездруго си има еден посебно своевиден и атипичен развоен пат - и во словенски и во европски релации. Зародена во кирило-методиевскиот период и утврдена со Климентовата и Наумовата литературна дејност уште во втората половина на ИЏ и почетокот на Х век, македонската литературна реч го поминува патот низ почетниот период на сите словенско-православни литератури, но самата дојде до конечната афирмација низ тешки премрежија, со крвави борби и масовни народни востанија дури по Националноослободителната борба во текот на Втората светска војна (и тоа само во едниот од четирите дела на распарчената земја). Иако Македонија изгради моќна своја држава уште кон крајот на Х и почетокот на XI век, иако се направија повеќе обиди за нејзино обновување уште во XI и XII, а се постигнаа определени државни формации и во XIII и особено во XIV век, Македонците првата своеименска државност ја засноваа дури со Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, а првата наполно самостојна суверена држава, сегашната меѓународно призната Република Македонија, ја извојуваа дури со референдумот од 8 септември 1991 година. Тоа се глобалните историски рамки и на македонскиот литературен процес до неговата полна афирмација. Независно од државниот дисконтинуитет и бројните дегенеративни и дезинтегративни процеси во историјата на македонскиот народ, ако се проследи линијата на литературно-уметничката и јазично-уметничката традиција низ вековите, треба да се констатира еден несомнен литературно-историски континуитет од старомакедонскиот период со пишаната оригинална и преводна продукција (IX-XVIII в.), но и со перманентниот развиток на усната народна литература како паралелен и наполно континуиран процес, па се до литературниот фонд од новомакедонскиот (1802-1944) и од современиот период (1944-1991) - укажува на континуитетот на еден специфичен етно-културен и јазично-литературен интегритет.
Дм. С. Лихачов веројатно има право (а тоа го потврдува и К. Ќулафкова) кога констатира дека (особено кога се работи за источните и јужните Словени во средновековјето од В до ЏВИИИ век) "може да се зборува за отсуство на јасни национални граници", па дури и дека "можеме да зборуваме за заеднички развиток на книжевностите на источните и на јужните Словени", дека имало "една единствена писменост и единствен литературен (црковнословенски) јазик" и дека диференцијацијата и европеизацијата на словенските литератури започнува дури од почетокот на XVIII век. Но треба притоа подебело да се подвлече дека во тој период, особено во неговиот почетен стадиум, токму јужнословенската и посебно македонската писменост и јазична култура го имаше првичното влијание врз појавата и развитокот на источнословенската писменост и христијанска култура.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Руска кнегиња од Самуиловиот царски двор

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

July 4, 2012

Македонски Препород - 11

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Трите вилаети на Македонија: Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот

По разгромот на Младата македонска книжовна дружина во Софија, уште во следната 1893 год. во Белград македонските ученици и студенти ја формираа Ученичката дружина "Вардар" што, според Правилата, имала програмска цел "да работи врз испитувањето и запознавањето на својата татковина во земјописен, народностен и историски поглед". Меѓутоа, надлежните српски власти скоро ја согледале националната македонска тенденција на Друштвото и уште во следната година го задушија. "Но со растурајнето на другарството - пишува членот-основач на "Вардар" К. П. Мисирков - не се изменија чувствата и стремежите на Македонците во Србија. Они зафатија да следат револуционата организација, создадена од Македонци со бугарцко-србцко образуајне, као и односот на Србите кон неја. Они сет и главните негои последуачи. Мегу ним имат луге со висок патриотизм и со здрао разбирајне на националните македонцки интереси".
Но македонската национална мисла континуирано се развива сред младата македонска интелигенција. Во 1901 год. почнуваат подготовките за формирање Македонски клуб со читалиште во Белград, кој во следната година почнува да го издава и својот орган "Балкански Гласник".

МАКЕДОНИЈА СО ПОСЕБЕН ДИЈАЛЕКТ
Уште во уводникот на првиот број се вели: "Ако има народ што се наоѓа во најнесреќна положба на земјината топка, тоа е македонскиот народ. Историјата не памети за друг таков пример, кога еден и ист народ по традицијата, јазикот и верата се разделува на разни спротивни правци, еден од друг потуѓи, а кога ќе се додаде кон ова личната и имотната несигурност, гнилата турска управа, која од своја страна ги помага делбата и порокот на народот, можете да си замислите каква мрачна слика претставува онаа Македонија, чиишто разни претенденти ја гледаат во неа својата моќ и величина".

Весникот бара "да и се даде на Македонија автономија и да и се признае нејзиниот словенски македонски дијалект", зашто Македонија "си има свој посебен дијалект" што "може да се служи со фонетскиот правопис". Одговарајќи на нападите од белградскиот и софискиот печат, весникот подвлекува дека "словенскиот елемент во Македонија, за да претставува една целина и да има надмоќност над другите народности, треба да си го усвои за литературен јазик својот местен дијалект". "Балкански Гласник" тргнува од фактот дека во Македонија, во рамките на предвидуваната словенска балканска "неутрална федеративна држава", основната маса од народот е словенска што по обичаите, традициите и минатото претставува една етнографска целина, но која, за жал, денеска е распарчена на неколку делови".

Во српската јавност се крена голема врева, со остри закани. Кога весникот најави дека е подготвен меморандум до големите сили потписнички на Берлинскиот договор и дека ќе биде испратена "и една делегација што лично ќе им ја изложи неподносливата состојба на своите сонародници", а во меморандумот се тврдело дека "Македонија е засебна земја што ни етнографски ни географски не и припаѓа на Србија и дека Македонците не се ни од српската, ни од бугарската народност, па според тоа и Македонците што живеат во Србија, во согласност со оние што живеат во Бугарија, бараат автономија на Македонија", - српските власти не само што не го регистрираа Македонскиот клуб, туку го забранија и "Балкански Гласник" и ги изгонија редакторите од Србија. "Тије Македонци - пишува во следната година К. П. Мисирков - и дадоа израз на својите убедејна за македонцкото прашајне со издаајнето во Белград во 1902 година ноината "Балкански Гласник". Издајнето на таја ноина не можеше да се аресит на србцките шовинисти, за тоа србцките ноини подигнаа шум против издаајнето на "Балкански Гласник", обвинуајки негоијот редактор во сочувство на македонцките комитети, во резултат на које тој беше претеран от Србија".

Прогонетите редактори Стефан Јакимов Дедов и Дијамандија Трпков Мишајков, со посредство на рускиот амбасадор во Белград, отидоа во Русија. На Петербуршкиот универзитет уште на 12. XI 1900 год. беше основан еден Таен македонско-одрински кружок. Претседател на оваа конспирација во тоа време беше оставениот на постдипломски студии Крсте Мисирков. Многу брзо македонската младина во руската престолнина се собра околу дојдените изгнаници од Белград и на 28. Х 1902 год. со потписите на 19 членови, врз основа на платформата што веќе беше афирмирана од Македонскиот клуб во Белград, е основано Македонското научно-литературно другарство.

На 12. XI 1902 год. Дедов и Мишајков, од името на Другарството, го предаваат подготвениот Меморандум до руската влада и до Советот на С.-Петербуршкото словенско благотворно друштво. Тоа е првата комплетна и комплексна македонска национална програма, во која меѓу другото се констатира:
1. дека во Македонија поголемиот дел од целото население се Словени;
2. дека ова население би можело да игра највидна улога во оваа земја во таков случај ако кај него постои единство на националната свест;
3. дека тоа единство е нарушено од соседните балкански држави што сакаат на сметка на наследството од "болниот човек да си создадат свои "големи" Бугарија, Србија и Грција;
4. дека единство на националната свест не е возможно да се постигне само од Македонците, без помош отстрана;
5. дека оваа помош не може да ја укаже ни една од балканските држави, самата, без согласност на соседните заинтересирани држави".


ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ СЛОВЕНИ
Затоа Другарството инсистира "да се помага ослободувањето на Македонија во политички, национален и црковен однос". Имајќи ги предвид катастрофалните резултати од националните и религиозните пропаганди на соседите во Македонија, во Меморандумот се нагласува: "Под национална слобода ние подразбираме отстранување на националните пропаганди од Македонија и наместо тоа воведување на едно од македонските наречја на степен на општ македонски литературен јазик", зашто "сите македонски наречја претставуваат една целост". Затоа потписниците образлагаат: "Ние сметаме дека македонските наречја, кои Бугарите исцело ги признаваат за бугарски, Србите за српски, всушност ја претставуваат средината помеѓу говорите на денешните Бугарија и Србија, но не и на другите српски области, и како такви, во случај еден од нив да се издигне на степен на литературен јазик, можат да послужат како обединителна алка помеѓу сега непријателските Бугарија и Србија". При крајот на Меморандумот потписниците заклучуваат:
"Единствените засега подобрувања што може да се направат и за кои треба да се согласат и балканските држави се сведуваат, според нашето мислење, кон следново:
1. признавање на Македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик што рамноправно со турскиот станува официјален јазик во трите вилаети на Македонија: Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот, и признавање на самостојна црква;
2. назначување на еден генерал-губернатор и еден негов помошник од овие три погоре спомнати вилаети. Генерал губернаторот може да биде турски поданик од мнозинската народност во овие три вилаети земени заедно, а неговиот помошник од помалку застапените народности;
3. месно изборно народно собрание и дарување на Македонија органски статут од Неговото Императорско Величество Султанот;
4. спроведувањето во живот на правата на Македонија подарени од Н. И. В. Султанот се гарантира од европските големи држави итн. итн.".
На крајот во Меморандумот се предвидува Македонија да биде "Пиемонт за обединување на балканското словенство и православје" за создавање на една федерација на соседните држави како единствено можно решение на македонското национално прашање во тие околности.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Македонскиот јазик првпат официјално службено употребен во 1903 година!

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

June 24, 2012

Македонски Препород - 10

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Велика Македонија

Бидејќи списанието ("Лоза" н.з.) се печатеше со една реформирана "македонска" ортографија и со графија што се разликуваше од официјалната бугарска азбука, па се лансираа и некои "македонизми" во фонетиката, во морфологијата и во лексиката што му даваа специфичен белег на "лозарскиот" јазик, во бугарската јавност се крена дотогаш најголема бура што најде највпечатлив израз во бугарскиот официоз "Свобода", кој со редакциска статија меѓу другото напиша: "Луѓето овде имаат други цели - да создадат нов литературен македонски јазик... Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам што природно го влече по себе и политичкиот". Поставувајќи го движењето во еден историски контекст, Редакцијата на "Свобода" потсетува: "Впрочем, не се јавуваат за првпат меѓу Македонците ваков род политички и литературни флугери. Ако не не изневерило помнењето, г. К. Шапкарев едно време, уште на самиот почеток на преродбата на националната идеја на Македонците, беше почнал да пишува книшки на македонското наречје. Неговиот план да создаде посебна македонска писменост пропадна... Кај старите дејци што не учеле во бугарски училишта, ами во грчки, каде што црпеле само омраза против бугарското име, - кај таквите луѓе појавата на идејата за сепаратизам во нивните глави е појава снисходлива, строго не можеш да ја осудиш. А овие господа Шаховци што се групирале околу Лоза, - за нив што да мисли човек? Неодамна, пред 6-7 години, друг еден познат по политичките серсамлаци Македонец, прочуениот Гулапчев, и тој беше почнал да го проповеда сепаратизмот меѓу Македонците, и тој излезе со едно книжуле напишано на македонското наречје". Весникот се лути: "Усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ засега се насочени кон глува, бесшумна борба за бугарско национално единство; се арчат и пари, и сили и народна енергија во таа борба со Србите и Грците; не се штеди ништо за да победи идејата дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија е син на една и иста мајка Бугарија, дека тој има еднакви обичаи, нарави, јазик, политички стремежи и идеали, - и при сето тоа во предвечерјето на оваа засега неравствена борба во отворена војна, во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што настојуваат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!"


СЛОВЕНСКО ПЛЕМЕ НАРЕЧЕНО "МАКЕДОНЦИ"
Во друг, потпишан напис, против "лозарите" се прави и паралела со слични појави во словенскиот и несловенскиот свет во Европа: "Русите - вели авторот - пишуваат на московското наречје, исто така недостапно за другите Руси и уште повеќе за Белорусите и Малорусите. Истата појава се забележува во Германија, Франција и во сите европски држави и особено во Белгија, каде што Фламанците не го разбираат францускиот, или Шкотите и Ирците - англискиот и Баварците - прускиот јазик". Авторот согледува дека членовите на Младата македонска книжовна дружина "сметаат дека нивната татковина е Македонија; дека последнава е населена со посебно словенско племе наречено "Македонци"; дека таму се собрале "севозможни надворешни елементи" и дека "лека-по-лека ќе ја подготвуваат бугарската јавност за одделување на Македонија од Бугарија и лека-полека ќе воведуваат зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Велика Македонија, на чие чело на ќе дојде некој од редакторите на "Лоза" во својство на Филипа или Александра!?!...".

Со жестоки погроми, апсења и земање во бугарската војска Дружината беше разбиена во Софија. Остана духот на "лозарите" и фонетскиот правопис со чувствително македонизи-
раниот бугарски јазик. Уредникот на "Лоза" П. Попарсов во дијалозите во својот расказ "На Мокров" ги употребува посебните графеми за македонските палатални согласки к', г' и н' што ги користеше уште во 70-тите години велешанецот Ѓ. Бојаџиов и кои по една деценија ги кодифицира К. П. Мисирков и конечно беа озаконети во 1945 год.

Манифестациите на националната свест сред емиграцијата најдоа одзив и во самата Македонија. Тоа дојде особено до израз при новото унијатско движење што го поведе скопскиот егзархиски митрополит Теодосија Гологанов во 1891 год. со отфрлање на Бугарската егзархија и истакнување на македонската национална програма со обнова на Охридската архиепископија како унијатска автокефална црква, со македонската нација и македонскиот јазик. Но Бугарската егзархија, пак со помошта и на руската дипломатија и со големи поткупи на турската администрација, успеа да го доведе Теодосија во Цариград и потоа да го конфинира во еден манастир во Бугарија. Во 1892 год. и во Црковно-училишната егзархиска општина во Костур се појавило едно "интелектуалистичко движење меѓу месните учители, кое настојува да бидат отстранети грчката и бугарската пропаганда, а во училиштата да се воведе македонскиот јазик како јазик на наставата". Општината решила во учебната 1892/93 година да биде воведен македонскиот наместо бугарскиот јазик, заради што требало да се подготви програма за предавањата и да се состави граматика со речник на македонскиот јазик. Меѓутоа, и овојпат Егзархијата успеала привремено да го задуши движењето. Уште во 1903 год. К. П. Мисирков, кој и самиот беше близок до "лозарите", оценува дека тие ја поставиле основата на "новото движење" во Македонија, а избеганите македонски интелектуалци во Македонија, како што сведочи и Ѓ. Петров, во 1893 год. станале основачи на Македонската револуционрена организација што по една деценија го организира Илинденското востание и "направи епоха во нашата историа". "По нивна инициатива - пишува Мисирков - се образува во зафатоко на деветдесетите години едно национално сепаратистично движејне со цел да се одделат интересите на македонците од бугарцките со возведуајне на једно од македонцките наречија на степен на литературен jазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистско движејне на Македонците во Бугарија беше журналот Лоза. Но тоа дуовно движејне на Македонците не се ареса на бугарцкото стамболовцко праителство, које забрани да се издаат Лоза и зафати да гонит Македонците сепаратистии.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: ДА СЕ ЗДРУЖИМЕ
Самиот идеолог на илинденската револуција Ѓ. Петров беше соработник во петтиот број на продолжението на сп. "Лоза" што го обнови во мај 1894 год. Младата македонска дружина во Софија. Под наслов "Да се здружиме" и со потписот Николаев, Ѓ. Петров меѓу другото пишува:
"Положбата за нас Македонците во текот на овие последни години уште повеќе е влошена. Од една страна најинтелигентното и најзаможното население од Македонија се губи чувствително под несносниот ред и се голта од соседните слободни земји; од друга страна, секоја година со десетици илјади работни раце - неслободни за да си ги обработуваат своите земјишта, си ги напуштаат домовите, оставаат пусто се и заминуваат во странство, од каде што најмалку половината веќе не се враќаат дома; од трета страна, многубројни убиства речиси секој ден се извршуваат таму од незаузданите разбојници. ... Сето ова е една доста јасна слика што ни ја покажува безизлезната положба на нашата мила татковина - Македонија...".

Затоа: "Нашата должност кон својата татковина не се запира само до сувото апелирање. Ние треба да зафатиме една систематска борба и да објавиме војна против нашите тирани... ние сме должни да започнеме една систематска дејност што ќе ја изнесе пред надворешниот свет нашата лоша положба и ќе го постави повторно македонското прашање и прашањето за Одринскиот вилает на зелената маса. Но за една таква дејност е потребно здружување на сите Македонци; ние сите треба да се обединеме и здружено да дејствуваме" (Гане Тодоровски, Македонската книжевност во XIX век, Наша книга, Скопје, 1990, 321-323).

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Трите вилаети на Македонија: Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

June 18, 2012

Македонски Препород - 9

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Македонците не се ни Срби, а уште помалку Бугари

Драганов со особено задоволство ја прифатил темата што специјално за него ја распишал Ламански на конкурсот на Петербуршкото словенско благотворно друштво: "Проучувањето на Македонија во етнографски, дијалектолошки, историски и археолошки однос", а во тие рамки и посебно: "Карактеристика на говорите на словенското насление во современата Македонска провинција". Оваа тема Драганов веднаш почнува да ја обработува и осознава дека сите претенденти на Македонија "истовремено и исклучувајќи се еден со друг ја сметаат Македонија за своја земја, и присоединувањето нејзино кон својата сопствена митрополија го сметаат како обврска на некакво историско право". Тој имал полна претстава за состојбите во Македонија, зашто, вели: "Долго пред Српско-бугарската битка јас решив на самото место да го проверам степенот на основаноста на српските и бугарските претензии за јазикот и народноста на тамошното македонскословенско население". Во врска со оживената полемика помеѓу српските и бугарските претенденти на Македонија, Драганов уверено му пишува на Ламански дека, "независно од извесни погранични влијанија, сестраното проучување на предметот, покрај убедувањата од разните Милоевиќи, Среќковиќи, Алексовиќи, Баџовиќи, Веселиновиќи, Новаковиќи, од една страна, Петковичи, Верковиќи, Богоровци, Поповичи и Дриновци, од друга, и меѓу нив мноштвото весникарски бесрамници, адапти на големите политички идеи - српската и бугарската, кои, се разбира, не може да имаат ништо заедничко со идејата на науката за словенската филологија, сето тоа постепено ме убедуваше во самостојноста и на позицијата на јазикот на словенското население на современа Македонија, којшто Бугарите толку се навикнале да си го викаат наречје (???) на својот единствен и неразделен бугарски јазик...".


МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ВО 19 ВЕК
Како професор во Бугарската гимназија во Солун, Драганов го подготви својот огромен зборник "Материјали за етнографијата, статистиката и дијалектологијата на современата Македонска провинција" што самиот го наречува "Македонска енциклопедија".
Како најзначаен претходник и учител на Мисирков, П. Д. Драганов не можеше да не се искаже јавно и за "прашањето за населението на современа Македонија", па во врска со јазикот пишува:
"Обете војувачки страни, без обзир на јавните уверувања пред целиот свет, и пред Русите посебно, за својата племенска љубов кон Македонија, на самото место, т.е. во самата Македонија се однесуваат со најголема омраза спрема месното наречје и спрема основните потреби на месното население. Тоа пак особено се однесува за бугарскиот и српскиот учителски персонал во Македонија. Нивната омраза спрема потлаченото, угнетувано и прогонувано месно македонскословенско "наречје" не знае граници. Последново со необична усрдност се прогонува од македонскословенските училишта, како од Бугарите така и од Србите, кои сега во Македонија исцело ги имаат в раце судбините на месната словенска просвета. Меѓутоа, ова наречје, повеќе од кое и да е друго од дузината постојни словенски наречја-јазици, може, со поголема или со помала претензија, да ги слее благородните потомци на некогаш знаменитиот кирило-методиевски јазик. Ние би можеле да наведеме долга редица сведоштва од високоавторитетни научници и пред се од родени Македонци од доброто старо време, како документарни докази дека македонскословенското наречје е повеќе или помалку самостојно и автономно во однос на бугарскиот и српскиот "јазик". Овие сведоштва се однесуваат кон две категории:
1) Таканареченото македонско наречје си има свои сопствени особености и во акцентот,
и во гласовите и во формите..., и во синтаксата и особено во речникот.

2) Месните македонскословенски учители од доброто старо време, уште на наша памет, се до крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години, т.е. уште спроти големата Ослободителна војна од 1877-1878 година, си печатеа свои училишни учебници громко изјавувајќи дека македонскословенското население, откако си ја извојува црковнословенската литургија од грчкото управувачко свештенство, нема ни најмала желба да се откаже од интересите на својата народност, т.е. да се побугарува и да се посрбува, наречувајќи ги притоа Бугарите со омаловажувачкото име "Шопје"."

Бесарапскиот Бугарин Петар Драганов како личен сведок пишува: "Речиси сите учители во средните, неретко дури и во вишите школи во Македонија, барем до 1887 година, се
назначуваа во функцијата на агитатори задолжително отаде границата, имено од Кнежевството Бугарија или од Кралството Србија, како лица понадежни и попогодни за овие цели. А пак месниот македонскословенски учителски елемент е допуштен во тамошните училишта само како агенти на пропагандите...".


СТАРИНСКОТО ИМЕ МАКЕДОНЦИ
Нагласувајќи дека во Македонија го дигнало гласот староседелското население што "се наречува со старинското име Македонци", Драганов профетски укажува:
"Според нашето лично мислење, би било просто праведност да се поддржи барем морално ова многубројно племе што зборува на посебно словенско наречје и си има своја стара историја (од VI до XV век), не помалку интересна од историјата на Бугарите и на Србите. Македонците се исто такви христијани, притоа православни, како што се и Србите и Бугарите... Поддршката од страна на Русија и, би рекол, од целата христијанска Европа... на Македонците (ги имаме предвид познатите параграфи од решенијата на Берлинскиот конгрес што и гарантираат автономија на Македонија и на целото нејзино население), би било не само акт на политичка праведност, туку и мудрост: Македонија на опашката на Бугарија и на Србија (како составен дел на последниве) секогаш ќе биде елемент за општ пожар на Балканскиот Полуостров, ако не и во цела Европа... За Русија и за Русите треба да бидат важни мислењата за Македонија не на оние Македонци што, откинувајќи се од својата сопствена народност, одамна наживо им се продале на Србите или на Бугарите..., туку само на оние Словеномакедонци што ги поставуваат интересите на својата навистина прогонувана народност највисоко од се, зашто таа се прогонува не само од Турците и од Австро-Унгарија, туку пред се од браќата Бугари и Срби...".

Дека овие согледувања не биле само на П. Драганов во тоа време покажуваат и статиите на Карл Хрон во "Deutschen Volksblattes" што во следната 1890 год. излегоа и како книга
под наслов "Народноста на Македонските Словени", каде што за Македонците тој заклучува: "...во секој случај може да се докаже, како според нивната историја, така и според нивниот јазик, дека Македонците не се ни Срби, а уште помалку Бугари, туку се посебен народ, имено директни потомци на оние словенски прадоселеници што го населувале Балканскиот Полуостров уште долго пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале ни со еден од овие два народа".

Во славистиката веќе им се определи посебно место и на "Македонските Словени" како ентитет што најде одраз и во второто издание на "Карта славјанских народности" што ја
објави С.-Петербуршкото словенско благотворно друштво кон "Руско-Славјански Календар на 1890 год.". Во руската престолнина полскиот лингвист И. А. Бодуен де Куртене во своите предавања почна да го изделува македонскиот јазик во семејството на словенските јазици, а беше одбранета и првата докторска дисертација за македонскиот јазик од естонскиот лингвист Л. Мазинг што беше и напечатена во две книшки. Сето тоа ја разбранува младата македонска интелигенција, па се појавија бурни бунтови во егзархиските училишта во Македонија што доведоа до масовни бегства на учениците во Белград. Незадоволни од националниот третман и во Србија, овие ученици го напуштија и Белград и преминаа во Софија. Но бидејќи и тука не наидоа на приветлив прием, поголемиот дел се вратија во татковината или одново беа подмамени во Белград. Останатите во Бугарија уште кон крајот на 1890 год. се организираа во една "тајна дружба" што ја даде основата на Младата македонска книжовна дружина во Софија, која
од почетокот на 1892 год. почна да го издава и својот орган "Лоза".

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Велика Македонија

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

June 14, 2012

Македонски Препород - 8

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Жесток терор и прогонство на македонската емиграција во Бугарија

Во "Манифестот на Привремената влада на Македонија" што на 11/23. IV 1881 година му е испратен и на рускиот амбасадор во Цариград Н. П. Игнатиев, во кој се повикуваат
"вистинските Македонци, верни деца на татковината" да ги скршат синџирите на ропството и на знамето да напишат: "Единствена и обединета Македонија!". Македонците се повикуваат: "собрани околу знамето на Македонија, како ваш единствен национален белег", дигнете го високо и подгответе го тоа славно знаме за потоа да напишете едногласно: Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!"

Истовремено, веднаш по Кресненското востание, во Русе и Софија е формирана и Македонската лига што уште на 2 мај 1879 год. од Малеш Планина објавува проглас за ново востание во Македонија. Главниот штаб на Лигата ја вршел и улогата на Привремена управа на Македонија. Во тоа време доаѓа до контакти и договор за заеднички настап со Привремената влада на Македонија и се подготвува "Уставот за идното државно уредување на Македонија", како и опширните текстови на "Воената инструкција за устројството на Македонската војска во Автономната Држава Македонија" и "Привремената воена инструкција за дејствување на Македонската војска". Континуираното оружено ослободително движење во Македонија веќе доби пошироки размери, ја опфати целата Македонија и ја заокружи својата национална програма. Во јуни 1881 год. настанаа големи апсења во врска со "Охридската завера", а во следната година се очекуваше зголемување на востаничките чети. Поради директното мешање на соседните монархии, Македонската лига и Привремената влада на Македонија не можеа да ја продолжат својата активност, но продолжи оружената борба, а националната македонска мисла се влеа како свест на народот за неизбежноста на борбата за слобода и држава. Паралелно почнуваат да се формираат разни комитети, друштва и други организирани асоцијации на Македонците во земјата и особено во емиграцијата. Во 1882 год. е образувано едно Бугарско-македонско благотворно друштво во Софија што во следната година се модифицира како Македонско друштво, а истовремено е конституирано и Друштво за помагање на бедните Македонци. Кон крајот на 1884 год. во Русе е формирано едно Бугарско-македонско благотворно друштво "Александар Македонски", но истовремено се појавува и отцепничкиот Бугарско-македонски револуционерен комитет "Искра". Во почетокот на 1885 год. во Пловдив е формирано Македонско друштво за собирање помошти за страдните Македонци, но веднаш бил создаден и бугарскиот пандан - Централен комитет за борба за ослободување на Македонија од турското ропство. Во Софија, меѓутоа, уште веднаш по "македонските митинзи", кон крајот на 1884 год. е формирано Друштвото "Македонски глас" што од следната година почнува да го печати и својот истоимен орган "Македонски Глас".

По соединувањето на Источна Румелија со Бугарија и Српско-бугарската војна (1885) и по детронизацијата и абдикацијата на бугарскиот кнез Ал. Батенберг (1886) на чело на бугарската влада застанува македонофобот Ст. Стамболов. Се прави жесток терор и прогонство на секоја помисла за самостоен македонски настап на македонската емиграција во Бугарија. Во 1888 год. Ѓорѓија М. Пулевски ја формира Славјанскомакедонската книжевна дружина што "имаше цел да ја прероди народната македонска литература", но "бугарската влада ја растури и мнозина нејзини членови ги истера од територијата на Кнежевството". Истовремено во Русе се појавува и весникот на Коста Шахов "Македониа" што во следната година е префрлен во Софија и станува најзначајниот орган на македонските интереси во XIX век. Во таа 1889 год. Се формира и Македонско читалиште, а веднаш потоа и Заемо-спестовна каса на Македонците во Софија, додека во Пловдив е организирано Македонското еснафско друштво "за помагање на бедни и опаднати Македонци, од каков и сталеж да се тие".

Паралелно со овие активности сред емиграцијата "дваесетина млади луѓе од Македонија" во Софија во 1885 год. формирале и еден Таен револуционерен македонски комитет што во следната година се поврзува и со Белград и се застапува за признавање на посебната македонска нација, за издигнување на македонскиот јазик како литературен и за обновување на Охридската архиепископија како македонска црква. Во следната година Коста Групче и Наум Евро поднесуваат Програма до Високата порта во Цариград за издавање весник "Македонски Глас" што "би се занимавал со историско-филолошка работа, а помалку со политика". Во писмото до претставниците на големите сили тие подвлекуваат дека Македонците се "посебен народ, со посебна историја, карактер и обичаи и дека немаат ништо заедничко со околните државици, па според тоа никој нема право да претендира на Македонија. И таа им останува на Македонците".
Во рамките на овој општ подем на еманципацијата на македонската национална мисла и ослободителна акција, во таа 1887 год. е формирана и Албанско-македонската револуционерна лига што подготвува Устав и Програма за "самоуправа во нашите две области", т.е. "во Албанија нека наредуваат Албанците, во Македонија Македонците". Исто така, и во Атина Стефан Дамчев Македон (од Битолско) основал едно "Македонско братство" што во 1893 год. преминува во Романија и во Букурешт го издава двојазичниот весник "Албано-Македониа". По екстернирањето од романските власти престојува во Белград и Париз за да се стационира конечно во Лондон, каде што го основува "Националниот комитет за автономија на Македонија и на Албанија" што во 1902 год. го издава својот орган "Л Аутономие" и пројавува разновидна активност до 1905 год. Во тоа време (1887) охриѓанецот Темко Попов го напишува својот национално-политички текст на македонски јазик "Кој је крив?", а на својот пријател во Белград му пишува од Солун дека "националниот дух у Македониа до такво дередже денеска је стигнал, штото ни сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца, оти тој је Блгарин или Србин".
Таа македонска свест ја натера српската пропаганда да испрати најкомпетентни мисионери и на самото место во Македонија да го почувствуваат пулсот на народот и да ја усогласат својата дејност. Токму тогаш Ст. Новаковиќ и предложи на српската влада да тргне по стапките на бугарската пропаганда (од пред дваесет години) и преку употреба на бараниот македонски јазик во училиштето и во пишаната реч да влезе во Македонија. Така беа создадени некои почетни учебници на еден внимателно србизиран јазик, на кој беа печатени и календарите "Вардар" и "Голуб". Новаковиќ и предложи на својата влада да се објави на македонски и Новиот завет, но беше оценето дека тоа може да одигра пресудна улога за афирмација на македонскиот јазик и на македонската национална посебност и предлогот не беше прифатен.

Скоро, меѓутоа, и самата српска пропаганда увиде дека со македонскиот јазик во училиштата и во печатот само уште повеќе ги распалува македонските национални чувства и ја зајакнува националната свест, поради што го отфрли тој пат и продолжи со чистиот српски јазик и со јасната српска национална програма да гради србомански оази во Европска Турција.

Таквата македонска свест најде рефлекс и надвор од Балканот. Во 1886 год. рускиот конзул во Турција И. С. Јастребов во руската престолнина го објави својот зборник, во кој Македонците ги претстави како Срби. Тоа предизвика бурна "етнографска расправија" во балканскиот и во рускиот печат. Истовремено, тогаш вратениот егзархиски преподавател во Солун бесарапскиот Бугарин и руски славист Петар Драганов, како личен сведок, започна да ги објавува резултатите од своите двегодишни научни истражувања на Македонија и Македонците од историски, етнографски, јазичен, литературен и фолклористички аспект, поставувајќи ја основата на македонистиката во Русија. Уште во писмото од 29. VIII 1886 год. од Солун до својот професор и ментор В. И. Ламански тој меѓу другото вели:

"Благодарејќи на тоа што живеам во класичната земја на словенската филологија, јас уште во првиот момент по своето пристигнување во татковината на Светите Кирил и Методија со големо задоволство се зафатив да ги студирам особеностите на акцентот, гласовите, формите и речникот на македонските говори во споредба со бугарските или тракиско-мизиските, од една страна, и со српските, хрватските и словенечките, од друга; со прилог на дијалектографска карта на Балканскиот Полуостров".

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Македонците не се ни Срби, а уште помалку Бугари

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

June 11, 2012

Македонски Препород - 7

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Тешко на Македонија

Незадоволни од берлинските решенија, Македонците брзо реагираа со едно широко поставено Кресненско македонско востание (1878-1879). На чело на движењето пак застана Д. Попгеоргиев Беровски, бидејќи неговите востанички сили уште од 1876 година беа мобилни и учествуваа во создавањето слободна територија во Источна Македонија во Руско-турската војна. Нему му се приклучија и скоро сите војводи од војната со своите чети, а им пристапија и голем број доброволци од Македонија и од емиграцијата во Романија, Србија, Грција и Бугарија. Платформата на востанието е видлива уште од преамбулата на Правилата на Македонскиот востанички комитет од 1878 год., каде што се "озаконува":
"Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земја Македонија поради причини на егоистични цели од страна на големите сили е оставена пак во Турција по Берлинскиот конгрес. Како резултат на тоа дојде во одделните области на нашата татковина до многу крвави сцени познати на секого.

Со желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку што може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите Македонски ние служиме како Македонска војска на Александра Македонски за слободата, со нашата девиза: "Слобода или смрт!".
"За Целта на востанието во Македонија" Правилата јасно сведочат:
"1. Востанието во Македонија, кое сега е локално, треба да се прошири низ цела Македонија.
2. Во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија, кои се чувствуваат Македонци и ја сакаат слободата на својата татковина.
3. Во востанието можат да учествуваат и сите македонски жители, без разлика на верата и народноста, доста е да ја сакаат слободата.
...
9. Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна, таа е ослободувањето на Македонија, таа земја на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методија, која со векови страда под турското ропство. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка, за него нема место во востанието."

Во Правилата точно е деклариран и односот кон Бугарското Кнежевство. Во членовите 186 и 187 се вели: "Македонскиот востанички комитет ќе ја извести и владата на Кнежевството Бугарија дека Македонците не ќе имаат друго мешање со Кнежевството освен братска помош од тие словенски наши браќа. Македонскиот востанички комитет ќе се претставува од наши делегати, а Кнежевството при Комитетот може да испрати свои делегати."

Исто така, со чл. 200 и 201 е прецизно кодификуван и односот кон Бугарската егзархија: "Светата Бугарска егзархија на чело со Неговото Блаженство води политика повеќе од чудна, бидејќи под претекст дека се грижи за Македонците, кои остануваат под непосредната власт на Турците, одржува тесни врски со турската влада во Цариград и има големо пријателство со неа, така што преку таа влада, си мисли, откако ќе им угоди на Турците, ќе спечали да има влијание пред нив, за да испраќа духовни началници (владици) во Македонија што ќе го заштитуваат македонското население од потисниците. Тешко на Македонија. Македонскиот востанички комитет не ја одобрува таквата калпава политика, којашто ги разбива сосредоточените народни сили - и ги врзува рацете на Македонија за ослободувањето. Македонскиот востанички комитет ги поканува свештениците во Македонија да не ги исполнуваат егзархиските наредби во земјата и да се присоединуваат кон востанатиот македонски народ до ослободувањето, а подоцна ќе се реши и црковното прашање во Македонија".

Бидејќи раководството на востанието ги почувствувало разбивачките активности на Бугарскиот комитет, и со чл. 205 и 206 озаконува за понатаму Софискиот централен комитет да нема веќе никакви обврски спрема Македонското востаниее, па затоа: "Сите наредби на Софискиот централен комитет се отповикуваат, а востанието ќе се раководи од Македонскиот востанички комитет што се наоѓа во Македонија".

Со Правилата се бара "сите Македонци да ги исполнуваат наредбите на овие Правила-устав без поговор до ослободувањето на Македонија и до донесувањето на мирновременскиот устав на автономна Македонија".

Со ваков дух и национална концепција војводата на чета и член на Главниот штаб на ова востание Ѓорѓија М. Пулевски уште во пламенот на борбите ја испеал и сепаратно ја објавил во Софија првата револуционерна поема во македонската литературна историја "Самовила Македонска", а веднаш по враќањето од востаничкиот фронт (мај 1879) ги објавува и двата дела на првата стихозбирка на македонски јазик "Македонска песнарка".

Бидејќи прашањето за кодификацијата на македонскиот литературен јазик пак стана клучно во македонската ослободителна борба, Пулевски во Софија го објави и првиот дел од својот учебник "Слогница речовска" што претставува и прва печатена граматика на македонскиот јазик, а работеше и врз ракописот "Славјанско-маќедонска општа историја" што беше конечно завршен во 1892 година и претставува прва историја на Македонија на македонски јазик. Меѓутоа, веднаш по задушувањето на Кресненското востание, со продолжената востаничка дејност во цела Македонија, во моментот кога во Цариград амбасадорите на големите сили работат врз подготовката на текстот за предвидениот Органски устав на Македонија во согласност со решенијата на Берлинскиот конгрес, а турската влада го испраќа за разгледување својот Закон за вилаетите во Европска Турција, - во мај 1880 год. во месноста Гремен-Теќе во Островскиот округ е свикано Народно собрание на Македонија што избира и Привремена влада на Македонија. Во Решението од 21 мај на Привременото народно собрание (што и е испратено и на руската влада) меѓу другото се вели дека Собранието на привремените претставници од разните епархии, привремено избрани од населението на Македонијаа, ја разгледало политичката положба и средствата за постигнување на желбите на македонските народностии и со општа согласност на членовите на Македонското народно собраниее била донесена програмска резолуција.

(Во Резолуцијата се вели:
а) Да и се соопштат справедливите барања од македонското народно население на Високата порта со посредство на генерал-губернаторот во Македонија за Портата да побрза со исполнувањето на чл. 23 од Берлинскиот договор и да свика законски претставници на Македонија за разгледување и приспособување на Органскиот устав.
б) Да им се предаде ова решение на претставниците на европските држави потписнички на Берлинскиот договор со молба да им го препратат на своите респективни влади и да ги замолат да интервенираат кај Портата за незабавно воведување и исполнување на решенијата од гореспомнатиот договор што се однесуваат за Македонија.
в) да се испратат специјални лица да го направат тоа и во Цариград.
г) За исполнувањето на денеска донесените решенија назначуваме Привремена македонска влада од следниве лица: Васил Симу, Анастас Димитриевич и Али Ефенди (Албанец).
д) Привремената македонска влада е задолжена да настојува да се направи следново:
а. За обезбедување на сосем таен начин помош од Европските сили за незабавно исполнување на одредбите на Берлинскиот договор што се однесуваат за Македонија.
б. За назначување воени началници за исполнување на желбите на македонското население, во случај на неуспех, со вооружена рака.
в. Ако Привремената влада увиди дека Високата порта води политика за одлагање на решението, тогаш со решителна прокламација да ја повика вооружената помош од македонското народонаселение, да го повика на оружје за самото тоа да ја прифати борбата за своето постоење.
г. Со таква прокламација Привремената влада ќе се обрати за помош од владите заинтересирани за преродбата на старата Македонија, а исто така за помош од сите слободољубиви.
д. Привремената влада се задолжува да ја организира привремената организација на воените и граѓанските власти, да изнајде средства за исполнување на наведените решенија и за симболот на македонското знаме, печатите и воопшто се што се однесува за изградувањето на привремената управа.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Жесток терор и прогонство на македонската емиграција во Бугарија

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.