Showing posts with label Втора светска војна. Show all posts
Showing posts with label Втора светска војна. Show all posts

June 21, 2019

Македонците не ги сакаат Бугарите...

И покрај пропагандните активности од истокот, кои велат дека за време на Втората светска војна Бугарија ја ослободува Македонија, вистината кажува нешто друго. А нешто друго вели и ова кратко но максимално прецизно сведоштво на Ванчо Салџиевски.

„За време на окупација нормално Македонците не ги сакаат Бугарите шо ни беа окупатори.“

Ванчо Салџиевски,
Во врска со бугарската окупација на Македонија за време на Втората светска војна


Извор: Интервју со Ванчо Салџиевски, "United States Holocaust Memorial Museum Oral History Interview Former Yugoslavia Witnesses Documentation Project Macedonia"

May 14, 2015

Германците го ценеле полтронството на македонските предавници

Една ваква пролет, пред 74 години, во деновите помеѓу 20 и 29 април 1941 година, во Виена се воделе преговори меѓу грофот Ќано, министер за надворешни работи на Kралството Италија, и Фон Рибентроп, министер за надворешни работи на Германија, за поделба на Kралството Југославија. На овие средби била договорена и демаркационата линија помеѓу Kралството Италија и Царството Бугарија во Македонија, но конкретната граница на теренот била утврдена од бугарско-германска гранична комисија. Спогодбата предвидувала поголемиот дел од Вардарска Македонија да биде под окупација на Бугарија, а дел, односно западна Македонија, да биде окупирана од Италија. Веднаш по утврдувањето на граничната линија, а поради потребите германските сили да се подготвуваат за напад врз Советскиот Сојуз, Хитлер побарал Бугарија веднаш да ја окупира Македонија до веќе одредената гранична линија, која се протегала од Пирот преку Врање и Скопје, по долината на Вардар, до грчката граница. Сепак, претходно, значи веднаш кога Германците влегле во Скопје, Спиро Kитинчев, д-р Божидар Христов, д-р Никола Андонов и д-р Димитар Железаров „патриотски“ се препорачале како претставници на „бугарското население“. Германската воена команда сите што се нуделе да помогнат ги назначувала на разни раководни места, па така, пред да им ја отстапат Македонија на Бугарите, именувале дури тројца кметови на Скопје: Панта Јовановиќ, Спиро Kитинчев и Kемал Рустем-бег! Ова тројно раководство на градот траело до крајот на април 1941 година, кога со посебна наредба на бугарскиот обласен директор, Антон Kозаров, била преземена власта во Македонија. И тогаш на услуга на бугарската окупациска власт веднаш ~ се понудиле голем број угледни Македонци, а, истовремено, еден дел од нив, му останале верни на кралот, односно како четници на Дража Михајловиќ продолжиле да се надеваат дека повторно ќе дојдат на власт. Во архивите од тоа време, и на едната и на другата страна, се појавуваат многу угледни македонски семејства, чии потомци подоцна, повеќе или помалку, одлично се вклопиле во новата историја на македонската земја, а некои од нив успеале да направат и завидна културна, интелектуална и политичка кариера во младата македонска држава.

Засилена пропаганда за свечен пречек на „ослободителите“

Во времето додека не била воспоставена бугарската окупациска власт, се појавиле повеќе групи и поединци што работеле на „бугаризација“ на Македонија. Сепак, според проф. д-р Ѓорѓи Малкоски, по својата организираност и по изведените акции предничел таканаречениот Бугарски централен акционен комитет на Македонија на чело со Стефан Стефанов и Васил Хаџи-Kимов. Kомитетот бил формиран на 13 април 1941 година, значи петнаесет дена пред доаѓањето на Бугарите во Македонија, а главен организатор бил Стефан Стефанов, адвокат, Македонец од Kратово, дојден во Македонија со германски воен камион преку Kрива Паланка ноќта меѓу 8 и 9 април 1941 година. По пристигнувањето во Скопје, адвокатот Стефанов, со Васил Хаџи-Kимов и Михо Михов, во договор со Спиро Kитинчев и неговите приврзаници, договориле формирање таканаречен Македонски национален комитет. Патем, Стефанов во Скопје дошол со знаење на германската воена служба, а во Софија добил задача да ги организира јавниот живот и граѓанската власт додека не се определи кому ќе му припадне територијата на Македонија. Kомитетот што го формирал Стефанов извршувал улога на Месен комитет на скопската околија, а бил избран и Централен комитет од 32 члена. Од нив потоа бил избран Извршен комитет, чиј претседател бил Стефан Стефанов, организационен секретар Васил Хаџи-Kимов, потпретседател Спиро Kитинчев, а касиер Kрум Органџиев. Во управата биле избрани и четворица советници: Благој Поп Панков, Иван Пиперков, д-р Александар Георгиев и Илија Атанасов. Еден од членовите на Централниот комитет бил и Тома Дрангов, брат на Борис Дрангов, Македонец, инаку познат бугарски офицер, загинат во Првата светска војна. Меѓу другите активности на Kомитетот било и тоа со засилена пропаганда да се убеди населението дека е бугарско со што би се подготвил терен за свечен пречек на бугарската административно-управна власт, а во исто време пред Германците да го истакнат бугарскиот карактер на населението во Македонија. За таа цел почнале да го издаваат и весникот „Македонија“, во кој се величела улогата на германската војска, прогласувајќи ја Македонија за слободна земја и народ со веќе целосно воспоставена општобугарска национална свест. Задоволни од полтронството што го покажувале постојано, секаде и во секое време, Германците со посебна одлука целата власт во Скопје им ја предале на луѓето на Бугарскиот централен акционен комитет, па Спиро Kитинчев бил избран за кмет на Општината, а негови помошници биле Kирил Жерновски, Благој Поп Панков, Благој Панчев и Kрум Органџиев. Секој од нив, а најчесто Kирил Жерновски, во отсуство на Kитинчев, повремено ја извршувал и функцијата кмет на Скопје. Kако помошен персонал во составот на општината била ангажирани и Kирил Пенушлиски, Kирил Георгиев и други лица.

Македонските фашисти водат „бугарска, а не македонска политика“

Следните неколку недели, понесени од успехот во Скопје, раководните луѓе на Kомитетот решаваат да почнат со организирање такви комитети и во другите градови во Македонија. Во Велес за претседател бил избран Лазар Kрепиев, во Штип - Лазар Хаџиглигоров, во Виница - Тодор Иванов, во Kуманово - Георги Гарев, во Свети Николе - Тома Kленков, а во Тетово дошло до недоразбирање кој да биде претседател, дали Светослав Андрејчин или Трифун Апостолов, па претседател привремено не бил избран. Во Гостивар бил избран Димитар Иванов, во Битола д-р Борис Светиев, а во Прилеп - Милан Небреклиев. На 30 мај бил формиран ваков комитет и во Kавадарци, каде што за претседател бил поставен Благој Атанасов. Тоа бил последниот комитет формиран во Македонија.

Ваквите комитети издавале дозволи за патување, конфискувале куќи, а не ретко земале и мито. Се разбира, оваа мрежа на комитети посветила големо внимание и ангажман за „патриотски“ дочек на претставниците на бугарската официјална власт. Во Скопје, во организација на Стефан Стефанов, Бугарите биле дочекани пред Воениот клуб, а „официјалните“ фотографи го сликале сето тоа како доказ дека „скопјани масовно излегле да ги пречекаат своите ослободители од Софија“. Сепак, тогашниот секретар на ПK на KПЈ за Македонија, Методија Шаторов-Шарло за ваквите комитети сметал дека водат чисто „бугарска, а не македонска политика“, и дека вршат нечесни дела и грабежи на имот, земање потписи, меници и друго, а во исто време се и „база на окупаторите“. Ваквите комитети набрзо биле забранети со посебен акт на „правителството“ во Софија. Меѓутоа, освен комитетите на Стефанов, во Македонија дејствувале и комитетите на ВМРО, иако доаѓањето на истакнатите активисти на Организацијата било претежно конспиративно.

Според д-р Малкоски, нивната активност се одвивала во рамките на наредбите и задачите што им ги поставувал Ванчо Михајлов од Загреб. Во секој случај, веднаш по воспоставувањето на бугарската власт во Македонија повеќето поранешни функционери на ВМРО почнале поинтензивно да доаѓаат во Македонија. Меѓу нив и Kирил Дрангов и Страхил Развигоров, а на 29 мај 1941 година во Скопје дошле и блиските соработници на Ванчо Михајлов - Владо Kуртев, Жоро Настов, проф. Александар Станишев, Михаил Монев, Христо Станишев и други. Сите присуствувале на панихидата за Борис Дрангов во црквата „Света Богородица“ во Скопје. На панихидата присуствувале и локалните активисти на ВМРО, Јордан Чкатров и Димитар Ѓузелов. Три дена подоцна истата група била на панихида за Тодор Александров во Штип, а се поклонила и пред гробот на војводата Мише Развигоров. Се разбира, членовите на ВМРО-михајловистичка, инаку веќе седум години забранета во Бугарија, веднаш почнале со своите активности за поактивно вклучување во политичките процеси во Македонија. Документите потврдуваат дека на 5 јули 1941 година во домот на Иван Пиперков во Скопје била организирана илегална конференција на приврзаниците на ВМРО на која присуствувале Чкатров, Ѓузелов, Цилев, Дрангов, Kуртев и други, при што бил донесен заклучок за формирање на ВМРО во Вардарска Македонија, кое ќе треба да го подготви и организира доаѓањето на Ванчо Михајлов во Скопје.

Сепак, членовите на ВМРО во Македонија не развиле поширока активност меѓу населението, бидејќи не биле прифатени од народот. Самото негирање на македонскиот народ од нивна страна, смета д-р Малкоски, придонело луѓето да се откажуваат од вклучување во редовите на ВМРО. Притоа најголема слабост поради која Организацијата не заживеала меѓу македонското население, според А. Kантарџиев, водачот на бугарската фашистичка организација „Ратник“, било тоа што „ политичката визија на ВМРО била ограничена“, и затоа што „немала социјална програма“. Последниот обид да се наметне како одлучувачки фактор во Македонија бил направен од страна на Германците со тајниот транспорт на Ванчо Михајлов од Загреб во Софија, а потоа и во Скопје, кога со него дошла и неговата сопруга Менча Kарничу-Михајлова. Ова се случило на 7 и 8 септември 1944 година, кога на состанок на ЦK на ВМРО, на кој, покрај Ванчо, присуствувале и Жоро Настев, Владимир Kуртев, Димитар Цилев и Асен Аврамов, се разгледувало барањето на германскиот Вермахт за прогласување независна Македонија. Сепак, по опстојните анализи, бил донесен заклучок дека не постојат реални шанси за такво нешто во организација на ВМРО, иако за спроведување на идејата за формирање независна Македонија, Ванчо Михајлов се обидел да се поврзе и со балистите и со остатоците на „ратничкото“ движење во Македонија. Kако и да е, резултатите биле под очекувањата, па Ванчо на крајот бил принуден самиот да признае дека „е веќе доцна“ , и веднаш потоа, под заштита на Германците, час поскоро засекогаш ја напушта Македонија. Сепак, до 1945 се обидувал да им биде од корист на Германците, обидувајќи се од македонската и бугарската емиграција да формира вооружени формации кои требало да се борат за германските интереси во Македонија.

Македонските четници на Дража Михајловиќ

Според документацијата достапна за истражување, четниците на Дража Михајловиќ во Македонија искрено се бореле за враќање на кралот, кој не ја признавал Македонија, што значи дека, македонските четници, иако не биле Срби, воопшто не ги интересирала Македонија како одделна татковина. Во таа насока, во име на српскиот крал, четничката организација во Македонија формирала свои вооружени формации, градски комитети и друго, што ~ давало белег на организирана воена и политичка сила. Нивниот план во однос на Македонија бил јасен, а бил сосема идентичен со планот на југословенската емигрантска влада, која имала поддршка од Англија. Имено, во септември 1941 година, англиската известувачка служба воспоставила непосредна врска со командата на Дража Михајловиќ, од каде што добивала информации за состојбите во земјата. Владата и кралот Петар II Kараѓорѓевиќ официјално, во почетокот на 1942 година, ги прифатиле четниците за своја војска во Југославија, а на 7 февруари истата година го унапредиле Дража Михајловиќ во чин бригаден, потоа и дивизиски генерал, а четири дена подоцна бил именуван и за министер за војската, морнарицата и авијацијата. Потпирајќи се на четниците на Дража Михајловиќ, избеганата влада ја поддржувала линијата на четничкото движење за обнова на стариот општествено-политички систем на кралството Југославија. Бидејќи Македонија била окупирана од Бугарија и Италија, стратегијата на четниците за почеток била да собираат разузнавачки податоци, а како главен пункт бил определен Скопје на чело со Душан Kарамитровиќ. Во функција на тоа требало да се поврзат сите штабови со цел воено организирање на цела Македонија, а тие штабови, потоа да се поврзат со надлежните четнички штабови на Kозјак и во Порече. Тоа требало да ја олесни работата на четниците во Македонија, кои чекале англо-американските сили да се истоварат во Југославија и да почне широка борба против македонските партизани. Според д-р Малкоски, четниците требало да бидат подготвени во секој миг да ја преземат власта во Македонија. Меѓу првите четници кои почнале да дејствуваат на теренот од Kумановско, преку Скопско, Поречието, Велешко и Прилепско биле Миливоје Трбиќ-Војче, син на Василије Трбиќ, Воислав Сајковиќ, Божидар Видојевиќ и други. Според една депеша на мајорот Ѓукиќ од август 1942 година од Равна Гора, во Kумановско и во Kривопаланечко, со Kосово, биле формирани 12 јуришни и осум резервни четнички баталјони. Сепак, во текот на 1944 година македонските четници биле целосно разбиени и дефинитивно се повлекле од територијата на Македонија. При повлекувањето преку Пчиња некои од четниците се удавиле, а 97-мина биле заробени.

„Браници“, „ратници“ и други предавници

Меѓу другите организации што работеле на бугаризација на Македонија, особено внимание ~ се посветувало на младинската националистичка организација „Браник“, која во Македонија почнала да се организира есента 1941 година. Според д-р Ѓорѓи Малкоски, бугарската окупациска власт сакала од секој член на „Браник“ да направи шовинист, кој ќе го мрази секој што не е Бугарин или Германец. Со цел да помогне во организирањето на браничките дружини во Македонија, во почетокот на октомври 1941 година во Скопје дошол извесниот Стeфан Kлечков, главен раководител на „Браник“, кој во Скопје, како што изјавил за весникот „Целокупна Б’лгарија“, дошол за да ги проучи условите за создавање дружина на себугарската младинска организација „Браник“. Најголемата активност на „Браник“ во Македонија била ориентирана асимилацијата на младината, особено во училиштата, па така, на пример, Зографски, директорот на Машката гимназија во Скопје, во соработка со некои наставници и браничката организација, внимателно ја следел скоевската организација во Гимназијата, и за сите ученици имал податоци за нивната активност, предавајќи ги сомнителните ученици на бугарската власт и полиција.

Паралелно со „Браник“, кој дејствувал меѓу младите, во Македонија дејствувал и таканаречениот Себугарски сојуз „Отец Паисиј“, националистичка организација, која имала цел да ги обедини „Бугарите во границите на Бугарија“. Kон крајот на август 1941 година во Скопје се формирал клон на „Отец Паисиј“,за претседател бил избран архимандритот Стефан, протосингел на Скопско-велешката епархија, а за потпретседател Никола Kоларов, директор на Дирекцијата за национална пропаганда и Георги Kиселинов, директор на Женската гимназија во Скопје. Во 1942 година клон на „Отец Паисиј“ бил формиран и во Струмица. По извесно време архимандритот Стефан бил избран за претседател на Бугарскиот сеопшт сојуз на „Отец Паисиј“ за цела Македонија, настојувајќи со сите сили да докаже дека Македонија е бугарска земја. Во таа насока ги посетувал дури и процесите на кои им се судело на приврзаниците на народноослободителното движење и јавно барал смртна казна. Во меѓувреме, за да ја засили пропагандата и асимилацијата во Македонија, бугарската власт ги инсталира и таканаречените „ратници“ за напредок на бугараштината, а на чело на оваа организација во Македонија го поставуваат д-р Никола Андонов. Сепак најголем придонес за развојот на „ратниците“ во Скопје дал Страхил Георгиев-Цеце, шеф на електрика во Скопската општина. Штабните состаноци ги водел лично д-р Андонов, а акциите во Скопје главно биле испишување на „ратничкиот“ знак и разни пароли, како и растурање пропаганден материјал. Во Велес организацијата работеле под раководство на Панче Делев, а во работата му помагале Лазар Даев и Димитар Војницалиев.

Извор: Дневник

February 23, 2015

АСНОМ

Д-р Евгение Димитров ја периодизира борбата на македонскиот народ за сопствена државност, во времето на Втората светска војна, во неколку фази. Според него, "првата фаза се карактеризира со борбата за обезбедување политички предуслови за создавање сопствена државност. Оваа фаза го опфаќа времето од капитулацијата на кралството Југославија до почетокот на вооруженото востание, иако извесни нејзини аспекти на определен начин се рефлектираат и во следната фаза", која е "фаза на зачеток и почетен развој на државноста." Таа го опфаќа времето од почетокот на вооруженото востание до летото 1943 година. Државноста на македонскиот народ почнува да се гради со самиот почеток на револуционерното вооружено востание. Поради тоа и првите вооружени акции на првите партизански одреди во Македонија од 11 октомври 1941 имаат не само политичко, туку и државотворно значење ... Скелетот на младата државност, во оваа фаза го сочинува сплетот од вооружени одреди, военотериторијални органи, револуционерни органи на власта и органи на антифашистичкото политичко движење што дејствуваат на повремено слободната и полуослободената, како и на окупираната територија.

Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, преку одлуките што ги донесе, претставува реализација на државната идеја за која се бореа и гинеа генерации и генерации македонски патриоти. Со одлуките на АСНОМ, кој "стана и остана единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава" , прв пат по Самоиловото царство, македонскиот народ доби своја држава, се реализира континуинираниот стремеж на Македонецот да живее во сопствена државно-правна единица... Во оваа фаза не постоеја развиени форми на организација на власта, ниту постоеја чисти и издиференцирани органи и институции на власта. Нивна општа карактеристика е што сите тие се јавуваат како органи на единствената националноослободителна борба што има свој воен, политички државно-правен и општествено-економски израз." Третата фаза се карактеризира со зацврстување на државноста, а почнува со Преспанското советување на ЦК на КПМ и завршува со Првото заседание на АСНОМ. Според д-р Димитров, "ова е фаза на стабилизирање на државноста и на нејзиното државно-правно манифестирање" ...

За оценка на развојниот степен на оваа фаза особено се значајни три факти. Прво, Преспанското советување на ЦК на КПМ, на кое се донесени одлуки за формирање поголеми воени единици (бригади и дивизии), за натамошно проширување и зацврстување на системот на власта организиран во народноослободителни одбори и за образување Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Одлуките на Преспанското советување се израз на потребите од консолидирање на веќе потврдената државност и нејзиното државно-правно обезбедување.

Второ, создадена е значајна ослободена територија во сите делови на Македонија, а особено во Западна Македонија, каде што веќе есента 1943 година постои и дејствува заокружен и заемно поврзан систем, што го сочинуваат селските, општинските, градските и околиските народноослободителни одбори, над кои се наоѓа Обласниот народноослободителен одбор за Западна Македонија, на чиј врв се ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На оваа територија изградбата на државноста го достигна највисокиот степен во својот дотогашен развој.

Трет факт од значење за натамошната изградба на државноста е формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, есента 1943 година." Основната задача на овој Иницијативен одбор беше "да ги изврши нужните организационо-политички подготовки за да се избере и конституира највисокото претставничко и извршно тело на народната власт во Македонија." Сепак, "по својата фактичка положба и улога ова тело ги надминува рамките што му беа поставени според првобитната замисла. Според силата на околностите во кои постоеше и дејствуваше, Иницијативниот одбор беше доведен во положба да одлучува за прашања од особено значење за државно-правната положба на македонскиот народ и да презема мерки за натамошната изградба на неговата државност." Последната, четврта фаза, е "фаза на доизградување на државната заедница и на нејзиното конечно уставно-правно зацврстување. Таа го опфаќа периодот од Првото заседание на АСНОМ до донесувањето на Уставот на Народна Република Македонија. Во оваа фаза се изградува систем на органи на власта на целата територија на федералната единица Македонија. Овој систем го сочинуваат месните, општинските, градските, реонските, околиските и обласните народноослободителни органи и АСНОМ, како врховен орган на државната власт и Президиумот на АСНОМ, како негово потесно тело, кое, покрај определени извршни функции, е овластено во времето кога не заседава АСНОМ, да ги врши сите функции што ги има АСНОМ."

Во периодот на подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ, важно место зазема формирањето на Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, кој "се јави во двојна функција: како политичко тело и како орган што има задача да се грижи за натамошниот развој на народноослободителните одбори во Македонија". Од тука произлегува дека одлуките што ги донесуваше Иницијативниот одбор "може да се поделат на две групи: одлуки што ги донесуваше Иницијативниот одбор како политичко- претставничко тело со посебни овластувања што му ги пренесе Главниот штаб и ... одлуки што го легитимираат како вистински носител на функцијата на највисока власт во Македонија." Со Одобрението на Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, се потцрта легитимитетот на актите и решенијата донесени до свикувањето на АСНОМ. Ваквата одлука "говори за тоа дека Иницијативниот одбор е сметан во извесна смисла за супститут на АСНОМ".

Првото заседание на АСНОМ се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. На него присуствуваа 116 делегати, како и делегатот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија Светозар Вукмановиќ - Темпо, делегација од Главниот штаб на Србија, делегати од политичките организации ва Македонија и шефовите на Англиската и Американската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија.

Заседанието избра Президиум на АСНОМ. За претседател беше избран Методија Андонов - Ченто, потпретседатели станаа Панко Брашнаров и Мане Чучков, а секретари Љупчо Арсов и Владо Полежина. Исто така, беа избрани и претставници од Македонија во АВНОЈ, како и неколку помошни тела на АСНОМ.

На Првото заседание на АСНОМ беа донесени следните декларации и одлуки:

- Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија;

- Декларација за основните права на граѓаните на демократска Македонија;

- Решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава;

- Правилник за работа на АСНОМ;

- Решение за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ;

- Решение за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници;

- Одобрение од Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ;

- Решение за оддавање благодарност на Народноосло-бодителната војска на Македонија;

- Решение за прогласување на 2 август за државен празник на македонската држава;

- Манифест на АСНОМ до македонскиот народ;

- Проглас до македонскиот народ за одржаното заседание и донесените одлуки на АСНОМ.

Со овие правни акти, како и со одлуките на Президиумот на АСНОМ, се дефинираше македонската држава, правно се определуваше нејзиниот профил.

Бездруго, во таа насока, најважна одлука на Првото заседание на АСНОМ е Решението за прогласување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Македонија. Во ова решение се дадени и првичните насоки за конституирањето на македонската држава, со што решението прераснува во "уставно-правен документ врз основа на кој треба да се создаде и изградува македонската федерална држава." Со решението се конституира и институцијата "народно правителство", односно Владата на државата, чија функција привремено ја презема Президиумот на АСНОМ. Натаму, во структуирањето на државната извршна власт, ова решение предвидува формирање "нужен број отдели за разните гранки на државното управление" , кои ја вршат функцијата на министерства до формирањето на владата.

Во натамошното државно-правно конституирање на Македонија, АСНОМ ги дефинира и основните граѓански права. Во Декларацијата за правата на граѓаните, стои дека сите граѓани на Македонија "се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание." Декларацијата ги регулира и правата на националните малцинства "на слободен национален живот". За малцинствата станува збор и во Манифестот на АСНОМ, во кој се "прокламира слободата и рамноправноста на сите народности во Македонија."

Натаму, во Решението се гарантира "сигурноста на личноста и имотот", како и "правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот". Македонската држава, преку Декларацијата, ги гарантира слободата на вероисповеста, совеста, говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување. Изборното право, според Декларацијата, "во демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, непосредното и личното право." Правото да избира и да биде биран го има секој граѓанин со наполнети 18 години, освен "малоумните лица, како и лицата кој се обвинети по отношение на интересите на народно-ослободителната војна".

Една од важните одлуки на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Оваа одлука ја "дополнуваше и заокружуваше национално-политичката физиономија и карактер на младата македонска држава." Со ваквата одлука се потврди принципот на самоопределување на македонскиот народ. Со оглед на негирањето на македонскиот јазик, што беше едно од оружјата на туѓите пропаганди во Македонија, очигледна беше потребата законски да се санкционира употребата на македонскиот јазик во новата држава. Како што вели Блаже Конески, на Првото заседание на АСНОМ "од дискусијата за јазикот и правописот се има породено еден обид за давање т.н. времени правила за македонскиот литературен јазик, без некаква задолжителност. Тие послужија како основа на дискусиите за јазикот и правописот, организирани во октомври 1944 година во Горно Врановци, кога беа поднесени три реферати по тоа прашање." Унификацијата на македонскиот литературен јазик "се изврши со усвојувањето на азбуката (3 мај 1945) и правописот (7 јули 1945) по предлог на Комисијата за јазик и правопис. Тој акт го обележи исполнувањето на сите дотогашни настојувања во процесот на создавањето на општиот македонски јазик. Со него се обележи и почетокот на неговиот слободен развиток како на еден веќе формиран јазик."

Решението за прогласување на 2 август за државен празник нема само протоколарно значење, односно, не е само гест со кој се одбележува денот на одржувањето на АСНОМ. Во него се огледа и стремежот за нагласување на континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава. Впрочем, тоа е јасно и од формулацијата на решението, во кое се вели дека 2 август е "симбол на сите негови (се мисли на македонскиот народ - з.н.) борби за неговото конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава." Дека акцентот на АСНОМ е ставен врз континуираниот развиток на македонската идеја за сопствена држава, се гледа и од Рефератот на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, изнесен на Првото заседание на АСНОМ, во кој се вели дека "денешната борба на македонскиот народ е продолжение на славните традиции на полвековната борба. Принципите и начелата за кои се борева првоборците на македонскиот народ: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сандански, легнат во темелите на денешната македонска држава."

Уште еден важен документ е донесен на Првото заседание на АСНОМ - Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него, откако направен пресек на дотогашната историја и на борбата на Македонецот за слобода, се потцртува дека "првото македонско Народно собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање ЗА ОБЕДИНЕНИЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД (големите букви како во оригиналот - з.н.) на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи." Во обраќањето до Македонците во Бугарија и Грција, во Манифестот се вели: "Нека вашето участие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец." Идејата за обединување е присутна и во веќе спомнатиот Реферат на Иницијативниот одбор. Кога станува збор за поделбата на Македонија, во Рефератот се вели: "Македонскиот народ никогаш не се помирил со својата трагична судбина. Он ја продолжи борбата против големобугарските, големосрбските и големогрчките завоеватели, за слобода, равноправност и обединение на сите делови на македонскиот народ."

Извор: Македонско братство

January 31, 2015

Македонија во светските војни

Востание!

Се се случи неочекувано: со масовни демонстрации, на 26 и 27 март 1941 година, организирани, главно, од Комунистичката партија на Југославија, југословенските народи, речиси, плебисцитарно се изјаснија против пристапувањето на Југославија кон Тројниот пакт. Утрото на 27 март, од организирани офицери беше укинато регентството, Петар II стана крал, а владата на Цветковиќ и Мачек беше соборена, што значи и протоколот за пристапување на Југославија кон Оската стана неважечки.

Хитлер, колку што беше запенет од лутина толку беше и изненаден. Постоеше реална опасност сето тоа што се случи во Југославија да му ги збрка плановите околу акциите "Марита" и "Барбароса" - првата, шифра за нападот на Грција, а другата, како што е познато, шифра за нападот на СССР. Истиот ден, на 27 март, во седиштето на Врховниот совет на Третиот рајх падна одлуката да се нападне Југославија и да се казни за неверството. На 27 март, Хитлер го прими бугарскиот амбасадор Драганов во Берлин и во разговорот, што, според историчарите, не траел повеќе од 5 минути, му соопштил дека "македонското прашање ќе се реши, со оглед на новонастанатата ситуација во Југославија, во смисла на бугарските сфаќања и барања". Со тоа, се чини, беше дефинитивно запечатена повторната поделба на Македонија во временски период од неполни 23 години. И повторно беа актуелизирани разговорите на Хитлер со цар Борис III и со претседателот на бугарската влада Богдан Филов, водени неколку месеци пред тоа.

Како, всушност, течеа разговорите за поделбата на Македонија?

Својата посета на Берлин на 14 јули 1939 година Борис III ја искористи за да побара од Хитлер негова интервенција кај југословенската влада за отстапување на некои југословенски области околу Цариброд (денешен Димитровград) на Бугарија. Само осум месеци подоцна тој побара од Хитлер нешто сосема слично: да интервенира кај романската влада оваа да и ја отстапи на Бугарија Јужна Добруџа. Кон средината на 1940 година, преку амбасадорот Драганов, бугарската влада го направи својот "мал чекор": Побара излез на Егејско Море, враќање на Јужна Добруџа и "некои мали коректури на југословенско-бугарската граница". Очигледно, чекор по чекор, но се погласно и погласно, Бугарија ја најавуваше својата цена за симпатиите што јавно ги манифестира кон Оската, како и цената за своето евентуално пристапување кон Пактот. Треба да се одбележи и разговорот на поранешниот бугарски министер за финансии Ријасков со германскиот државен потсекретар, на 22 јули 1940 година. Застапувајќи го мислењето на бугарскиот претседател на Владата и на министерот за надворешни работи, Ријасков бил мошне конкретен: основните територијални барања на Бугарија се враќање на Јужна Добруџа, излез на Егејско Море кај Дедеагач и корекции на југословенско-бугарската граница кај Цариброд, Босилград и Струмица.

Во разговорите на Хитлер и Рибентроп со претседателот Филов и министерот за надворешни работи Попов, воопшто не било покренато "македонското прашање", што не значи дека Хитлер не им дал ветување оти "Германија најживо ќе ги поддржува барањата на својот бугарски соборец во светската војна".

Меѓутоа, како компензација за поразите на западниот фронт, сега Италија се погласно почна да го покренува прашањето за германско-италијанска интервенција на Балканот. Министерот Ќано неколкупати им нагласил на Хитлер и Рибентроп дека Италија е заинтересирана за Јадранското Море. Хитлер се задоволувил само да констатира: "Југословенскиот проблем мора да се реши во италијанска смисла, кога за тоа ќе дојде часот!" Ова ќе биде решавачко за дефинитивната одлука на Хитлер, по веста од 27 март дека југословенските народи го поништиле протоколот за приклучување на Југославија кон Пактот. Дотолку повеќе што неколку месеци пред тоа Бугарија, преку Драганов, на 3 декември 1940 година, сосема јасно му ставила на знаење на Фирерот дека нејзиното приклучување кон Тројниот пакт може да биде сметано за сигурно доколку се реши "малцинското прашање во Македонија". Само еден месец подоцна, на 4 јануари 1941 година, премиерот Филов уште погласно им нагласил на Хитлер и Рибентроп дека италијанско-грчката војна го актуелизира прашањето на Македонија. На ова Хитлер не одговорил ништо, зашто се уште вршеше притисок врз Југославија таа да се реши: со него или против него. Секој непретпазлив збор, уште повеќе: секое ветување би можело да има далекусежни последици. Всушност, Хитлер се обидувал да седи на два стола: на претставниците на југословенската влада им изјавувал дека Југославија ќе ги добие македонските делови под грчка управа, а на барањата од Бугарите потврдно кимал со главата.

На 1 март 1941 година Бугарија се приклучи на Оската и истиот ден попладне, кај Русе, првите германски офицери го минаа Дунав. Нивната задача беше јасна: Бугарија да ја претворат во плацдарм за нападите против Југославија и Грција. Како мираз за оваа женачка со Тројниот пакт Бугарија доби германско оружје и заробени полски авиони.

Раскинувањето на договорот за влегување на Југославија во сојуз со Германија и Италија, Хитлер го сметаше за силна шлаканица добиена пред лицето на светот. Тој реши: само војна може да го измие овој срам, но се уште не беше на јасно што со Југославија и нејзините граници - откажувањето на југословенските народи навистина дојде сосема неочекувано. Дури на 12 април Хитлер во "Привремените насоки за поделба на Југославија" ќе се реши да ги земе предвид и да ги почитува барањата на Италија, Унгарија и Бугарија. Слободно може да се рече дека на овој ден е извршена повторна поделба на Македонија. Она што се случуваше во Виена на 21 и 22 април меѓу Рибентроп и Ќано, каде што се кроеше и се искрои геополитичката карта на веќе капитулирана Југославија, беше само рутински состанок. Па, сепак, на него најмногу време одзеде пазарењето на Бугарите што поголем дел од Вардарска и Егејска Македонија да потпадне под нив, особено Солун и Охрид, "националниот скапоцен камен на бугарската круна".

На 18 април амбасадорот Драганов испрати телеграма во Софија, во која возбудено соопшти дека "Рибентроп, по наредба од Хитлер, ме задолжи да ја соопштам желбата на Фирерот, со три дивизии да влеземе во српска Македонија, како окупаторски војски, и да ја преземеме администрацијата, за да се ослободат германските војски од таа грижа и да бидат употребени за дејство!"

Бугарската Петта армија тоа и го чекаше: делови од нејзината Прва брза коњичка дивизија, заедно со Шестата и Седмата пешадиска дивизија, ја окупираа југословенската територија на линијата: Пирот - Врање - Скопје - долината на Вардар со Охрид и рудникот Радуша. Италијанците ги окупираа деловите на Македонија со Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга и се разместија зад линијата: Лерин - Пинд - Арта - Превеза во Егејска Македонија.

Но, тоа не беше се.

Ниту Италијанците ниту пак Бугарите не беа задоволни од залаците што им ги фрли Хитлер во својата дефинитивна согласност од 23 април 1941 година, демаркационата линија меѓу двете членки на Пактот да се протега од Качаник, преку Штрпце (бугарско), Лешок (бугарски) - Растеш (бугарски) - Србица - Велико Црско (италијанско) - Лиска (бугарска) - брегот на Охридското Езеро, пет километри северно од Охрид и пет километри јужно од него - Ресен (бугарски) -југоисточниот правец од грчката граница јужно од Битола, па се до линијата на старата грчка граница. Во натпреварувањето меѓу бугарските и италијанските војски кој повеќе ќе заграби македонска територија, не само што имаше спорови, туку чести беа и вооружени судирања од локален карактер. Токму затоа одбележувањето на демаркационата линија продолжи повеќе од месец и половина - дури до почетокот на јуни. Особено гласно го манифестираа своето незадоволство од ваквата поделба на Македонија, Бугарите. Нивниот премиер Филов, во септември 1941 година, изјави:

"Ние не сме задоволни од границата во Западна Македонија, ниту пак сме задоволни од ставот на Италија. Таа граница не ни одговара ниту историски, ниту стратегиски, ниту пак економски, и таа е неодржлива".

А малку подоцна генерал Даскалов, бугарски министер на војската, отсече:

- Границата спрема Италија не ја признаваме за конечна, ниту пак ќе ја признаеме!

Заедно со германските колони што влегоа на југословенска територија, на 6 април, од Ќустендил, со германски офицери и во германски леки коли, во Македонија дојдоа проверени ванчомихајловисти, како Д. Цилев, Т. Чундев, Д. Куртов, Симон Андрев, Исак Калајџиев, Никола Коларов, а некој ден подоцна: Стефан Стефанов, Васил Хаџи Кимов и уште некои други. Поточно: Васил Хаџи Кимов и Стефан Стефанов дојдоа во Скопје на 12 април 1941 година со вториот дел на колоната од армијата на фелдмаршалот Фон Лист.

"Уште пред 1941 година, околу министерот за внатрешни работи на Бугарија, Габровски, имаше еден круг луѓе, нешто како советници, собрани во таканаречениот Национален совет," изјави на судењето во февруари 1946 година Васил Хаџи Кимов. "Него го сочинуваа: Асен Аврамов, Никола Коларов, Коста Ципушев, Страхил Развигоров и други. Овој "совет" му служеше на министерот за информации по македонското прашање и македонската емиграција во Бугарија. Цилев и Асен Аврамов, особено вториот, беа најдоследни луѓе на Ванчо Михајлов и тие дејствуваа и зборуваа од негово име, додека другите, исто така, беа михајловисти, но Михајлов немаше доверба во нив.

Меѓу првите луѓе што дојдоа во Македонија во првите денови на април 1941 година беа Цилев, Чавчето (познат терорист на Ванчо Михајлов) и други. Тие дојдоа со Германците и со нивна помош. Јас го видов Цилев кон средината на април во Битола во цивилна облека, но со германска лента на левата рака - доброволец во германската војска. Тој, едноставно, дојде во Македонија како агент".

На 13 април во Скопје, Стефан Стефанов и Васил Хаџи Кимов го формираа Централниот бугарски акционен комитет, кој истовремено беше и бугарски акционен комитет за град Скопје. Неговата основна цел беше и остана, се до неговото расформирање, да ја прикаже окупацијата како ослободителен чин и во таа смисла да го подготви македонскиот народ да ги пречека бугарските војски како ослободители. Само тоа, но доволно за да остави едно од најцрните петна на страниците од македонската историја. Штотуку влегоа бугарските војски во Македонија, во Скопје излезе првиот број на нивното гласило "Македонија", чиј сопственик беше Стефан Стефанов, а уредник Васил Хаџи Кимов. Речиси на целата прва страница ова фашистичко весниче ја донесе Декларацијата на Бугарскиот централен акционен комитет, во која од збор до збор, меѓу другото, стои и ова:

    "Бугари,

    Македонија е слободна! Слободна е Македонија за вечни времиња!

    Дојде крајот на ропството, под кое Македонија стенкаше само до пред неколку дена. Вековното македонско ропство, грчко, турско и српско, духовно и политичко, а во 20 век и економско и социјално, исчезна за секогаш.

    Еден вековен идеал, слободата, за која Македонија водеше вековни борби со беспримерен стоицизам и безбројни саможртви, веќе е стварност.

    Напорите на Цар Борис III да го донесе тоа големо дело до среќно реализирање се овенчаа со краен и блескав успех. Водачот на една голема светска револуција, водачот на моќниот германски народ, нареди на своите славни и победоносни војски, и во заедничката борба со својот сојузник - Италија, ја извојуваа слободата на нашата мила Татковина, на нашата голема маченица, на многустрадална Македонија.

    Македонија е слободна и веќе е општобугарска национална сопственост...".

И потоа имињата на претседателот Стефан Стефанов, на потпретседателот Спиро Китинчиев, на секретарот -организатор Васил Хаџи Кимов, на благајникот Крум Органџиев и уште на 28 советници и членови на проширениот Советодавен состав на Комитетот.

Меѓутоа, за да биде се на свое место, "Македонија" ја донесува и телеграмата што "неколку видни Бугари од Македонија"ја испратиле до "водачот на велика Германија" Адолф Хитлер, и во која, објавена на германски јазик и во превод на бугарски, меѓу другото, стои:

    "Моќен водачу!

    За време на светската војна 1914/18, храбрите војски на Германија и на малечка Бугарија ја извојуваа слободата на Македонија. По завршувањето на војната Македонија беше повторно оставена во ропство, и тоа од версајскиот систем на насилства од страна на капиталистичката и масонска цивилизација на Англија, Франција и Америка. Вековното ропство, духовно и политичко, грчко, турско-српско, засилено во 20 век со неподнослива економска и социјална инквизиција, не можеше да го уништи националниот дух на македонските Бугари, кој низ вековите беше заштитуван со епските борби и зачуван со беспримерен стоицизам и големи саможртви...

    Сите овие Бугари од поробена Македоија, како и оние во емиграцијата и во странство, посакуваат од се срце привидението да Ве благослови за да извојувате брза и целосна победа во името на новиот поредок во светот, и Ве моли да верувате во нивната целосна верност и приврзаност во името на изгрдбата на тоа големо дело, како и да бидете уверени дека сите се готови во тој однос да бидат со Вас до крајот!...".

Вториот број на "Македонија" на Стефанов и Хаџи Кимов кипи од коленичење пред дворот и од воодушевеност дека е дојден "денот на слободата".

Најпрвин, се разбира, телеграма до царот и неговиот одговор.

Во телеграмата стои:

    "Ваше Величество,

    Вашите постојани напори да го извојувате целосното обединување на бугарскиот народ се овенчаа со конечен и блескав успех.

    Македонија, големата бугарска маченица, веќе е слободна, и во општобугарска национална сопственост.

    Еден голем идеал - слободата и присоединувањето на Македонија кон мајката Бугарија, за што бугарскиот народ од Бугарија и Македонија води вековни и епски борби со беспримерен стоицизам и безбројни жртви, веќе е стварност!...". И така натаму.

И, пред да видиме како се организирани и од кого пречеците на бугарските војски во Македонија, да се задржиме на малиот уводник на Стефан Стефанов во неговото гласило. Уводникот има наслов "Нашиот збор" и не е поголем од една страничка:

"За своето обединување во една бугарска држава, бугарскиот народ води вековни и епски борби и даде безбројни и очигледни жртви.

Привидението не го заборави народот, господ ги благослови неговите усилби во неговата света борба и во неговата историска мисија. Затоа денес бугарскиот народ го празнува со полно право најголемиот ден во својот живот, Слободата на поробените бугарски земји, Македонија, Тракија, Добруџа, Моравско, западните покраини и нивното обединување во силна бугарска држава под скиптарот на мудриот и народен Цар - Царот Борис III...".

Така се подготвуваше почетокот на денационализацијата на македонскиот народ. Кон почетокот на јуни 1941 година неколкумина скопски интелектуалци (Димитар Ѓузелов, Димитар Чкатров, д-р Никола Андонов, д-р Борис Андреев, Христо Зографов и Апостол Апостолов) ја покренаа идејата за формирање културен клуб, во кој ќе биде собрана интелигенцијата со задача "национално да го воспитува населението". Оваа идеја му ја пренесоа на Антон Козаров, чие задоволство е посебно: Клубот веднаш да се формира! А има и зошто Козаров да е задоволен: во Статутот на Клубот "Свети Климент Охридски", што го подготви Димитар Ѓузелов, а другите едногласно го одобрија, стои: "Целта на Клубот е да создаде во широките народни маси длабоко сознание за државата, царот и татковината". Под точка четири е забележано: "Да работи за совршеното сознание и самочувство на Бугаринот во Македонија, да ја воспитува младината во едно здраво бугарско национално чувство", и под точка шест: "Да го извршува брзото присоединување и обединување на Македонија со мајката татковина, со љубов и без потреси".

Територијата на Западна Македонија, почнувајќи од мај 1941 година, претставуваше окупационо подрачје на италијанските окупациони војски. Со Декретот на Мусолини од 19 мај истата година, сета власт на окупираната територија ја вршеше цивилниот комесар. Раководењето со административните работи во овој дел на Македонија по 3 декември 1941 година го презеде Министерството за "новоослободените земји на Албанија". На овој начин и формално се остварија великоалбанските стремежи на албанските квислинзи, како што е нагласено во "Историјата на македонскиот народ". Тие, "помагани и фаворизирани од италијанската воена управа", ползувајќи ја националната и економската обесправеност на Албанците во стара Југославија, почнаа да спроведуваат систематска политика за продлабочување на јазот меѓу Албанците и Македонците на оваа територија. Во таа смисла, иако секоја за себе, и бугарската и италијанската влада водеа иста политика - ширење омраза меѓу Македонците, Албанците и Турците, со цел да се предизвикаат меѓусебни судири. Воопшто, во вардарскиот дел на Македонија, италијанските и бугарските окупатори концентрираа армија од четири дивизии, со голем број други оперативни помошни единици, жандармерија и слично, што претставуваше вооружена сила од 120.000 души плус посебен административно-управен апарат со кој беше опфатена целата територија.

Во Загреб, на 15 април 1941 година, ЦК на КПЈ издаде проглас до народите на Југославија при што, обраќајќи се до народите на Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и на Војводина , нагласи дека "вие што се борите и гинете во борбата за својата независност знаете дека таа борба ќе биде овенчана со успех". Во мај истата година беше одржано и Мајското советување на ЦК на КПЈ, на кое беше нагласено дека "задача на македонските комунисти е да ги собираат народните маси во борбата против присилното присоединување и делење на Македонија, а за слободно национално определување на македонскиот народ и за негова национална независност и слобода". На 4 јули Политбирото на ЦК КПЈ донесе одлука да се започне со општо народно востание. Востанието во Македонија беше кренато на 11 октомври 1941 година со пукањето на првите пушки во Прилеп и Куманово, макар што не треба да се исклучи и активноста на Првиот скопски партизански одред, летото таа година, кој направи диверзија на рудникот Радуша за да се снабди со експлозив, потоа судирот со непријателот кај тунелот близу Богомила итн. Современата македонска историографија задоцнувањето на кревањето на востанието на македонскиот народ, главно, го оправдува со недоразбирањата што ги предизвикал тогашниот политички секретар на ПК КПЈ за Македонија Методиј Шаторов Шарло кој, по наредба на Коминтерната, чиј долгогодишен активист беше, ја прифати анексијата на Македонија од страна на Бугарија како свршен и конечен чин и ја приклучи македонската Комунистичка партија кон бугарската, со мотивација "една држава, една партија". По интервенцијата на ЦК КПЈ до Коминтерната во Москва, македонската КП повторно е вратена во рамките на КПЈ, а во септември 1941 година е формиран нов Покраински комитет за Македонија, во кој влегоа Лазар Колишевски (секретар), Мара Нацева, Борка Талевски, Благоја Мучето и Бане Андреев. Во текот на 1941 година во Скопје, Велес, Куманово, Прилеп, Битола, Крушево, Штип, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид и Ресен беа формирани месни воени штабови и повеќе воени комисии по селата. Веќе во 1942 година Покраинскиот штаб на Македонија прерасна во Главен штаб, во кој влегоа Лазар Колишевски, Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, Мирче Ацев и Страшо Пинџур.

Во Пиринска Македонија подготовките за востание почнаа по нападот на Хитлерова Германија на Советскиот Сојуз. Во раководството на КП во пиринскиот дел на Македонија "беше јасно искристализирано гледиштето дека преку масовна вооружена антифашистичка борба ќе може да се дојде до една револуционерна и длабоко демократска промена на политичката ситуација во Бугарија". Во јули 1941, за секретар на Обласниот комитет на БКП дојде Никола Парапунов, кој и пред тоа работеше на организирање партизански групи. За разлика од него, БКП зазеде становиште дека во Бугарија, бидејќи таа не беше окупирана од Германија, нема услови за вооружена партизанска борба, туку дека се доволни само диверзантски и саботажни акции. Наспроти тоа, одредот на Иван Козаров од село Добриништа, Разлошко, само пет дена по германскиот напад на СССР, на 27 јуни 1941 година, влезе во борба со полицијата близу своето родно село. Оваа акција на Козаров е прва организирана вооружена акција на Балканот.

По окупацијата на Грција во 1940 година, Македонците се најдоа под нови поробувачи. Во текот на летото 1941 година, КПГ низ целата територија на егејскиот дел од Македонија создаваше партизански групи. Тоа се први партизански групи во Грција воопшто. Тие во септември презедоа и први акции, при што разоружаа неколку жандармериски станици, нападнаа окупаторски војници и друго. За да се ликвидира активноста на партизанските и диверзантските групи окупаторот изврши масовни злосторства. Така, во Костурско беа убиени повеќе од 300 затвореници, во Мегленско околу 240, во Кукушко 96, во село Крмча, Кајварско, беа убиени сите мажи од 16 до 60 години, во Серско беа ликвидирани 30 души, а голем број села беа опожарени. Еден од најкрупните настани во Егејска Македонија во 1941 година е Драмското востание, кое започна на 29 септември и во кое учествуваа, масовно, Грци и Македонци. Развојот на настаните во трите дела на Македонија покажа дека македонскиот народ, преку вооружената борба што ја започна, практично, го избра единствениот пат за национално и социјално ослободување. Во услови во кои се најде по Првата светска војна, кревањето вооружено востание, навистина, беше единствената алтернатива што водеше кон големата и света идеја за обединување на трите разгромени делови на Македонија.

Востанието во Македонија заврши победоносно, со историските одлуки на АСНОМ. Во Пиринска Македонија востанието стана масовно. Идеите на АСНОМ беа прифатени како победа на Македонците од овој дел на Македонија. Со доаѓањето на власт на Отечествениот фронт во Бугарија, пиринските Македонци беа убедени дека новата демократска власт во Бугарија ќе им овозможи остварување на нивните национални права. Се случи неочекуваното: бугарската отечественофронтовска влада ги направи првите чекори, расформирајќи ја Македонската бригада "Јане Сандански" за попречување на пиринските Македонци да ги реализираат своите вековни стремежи. Што се однесува, пак, до Егејска Македонија, по судирот меѓу англиските и националистичките владини единици, од една страна, и единиците на ЕЛАС, од друга, и по примирјето од 11 јануари 1955 година, беше склучен договор меѓу националистичката влада и КПГ, со што власта беше предадена на грчката десница. Демобилизирањето на единиците на ЕЛАС, со кои македонските востанички единици тесно соработуваа, значеше крај на стремежите на Македонците од Егејска Македонија, преку ова востание и во оваа вооружена борба, да се присоединат кон своите браќа од вардарскиот и пиринскиот дел.

Извор: Македонско братство

January 26, 2015

Влијанието на војните врз развојот на народната носија

ВЛИЈАНИЕТО НА ВОЈНИТЕ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА НАРОДНАТА НОСИЈА ОД БИТОЛСКО-ПРИЛЕПСКИОТ И ДЕМИРХИСАРСКИОТ РЕГИОН

Воените збиднувања кои во овој бурен историски период се одвивале на територијата на Македонија во првите децении на 20 век и кои биле проследени со масовни миграции на населението, довеле до низа промени во традиционалниот начин на живеење на македонскиот народ. Овие промени негативно се одразиле и врз народниот костум, неговите традиционални форми на оформување и орнаментика, како интегрален дел на традиционалната култура на Македонците.


Соочени со низа реперкусии и недостиг од материјални ресурси, населението во овој период постепено започнало да ги редуцира, а потоа и целосно да ги отфрла традиционалните форми на изработка на носиите и нив да ги заменува со облека карактеристична за модерниот, европски костум. Ваквите дијахрониски процеси најпрво се манифестирале во градските средини кои биле во поголема мера подложени на современите текови на индустриjализација и на зголемен транспорт на стоки и луѓе. Значаен фактор во трансформацијата на народната носија имало и печалбарството, како особено развиена форма на економска миграција во овој период. Најконзистентно на овој план останало населението од руралните заедници, кое поради својата релативна затвореност и изолација подоцна ги прифатило современите текови на модерниот живот, а со тоа и промените во традиционалниот начин на облекување. Овие промени, започнати уште во периодот непосредно пред Илинденското востание, активно се одвивале за време на двете Балкански војни, па сè до крајот на Втората светска војна, кога доаѓа до целосно напуштање на традиционалните форми на облекување. Сите тие појави негативно се одразиле врз самобитниот и специфичен карактер на македонските носии, за што сведоштва ни даваат многубројните етнографски и архивски материјали и музејски предмети, а се однесуваат на целокупната територија на етнoграфска Македонија.1


Промените што настанале во овој период се одразиле на целокупната машка и женска носија од регионот на битолско и прилепско, и тоа не само во составот на облеката, туку и во начинот на нивната изработка, орнаментика и колоритот. Овие промени првично се манифестирале во машкиот костум, кои очигледно бил пофлексибилен и поподложен на новите влијанија. Значајни сведоштва на овој план ни даваат записите на М. Цепенков, кој како професионален терзија бил непосредно запознаен со сите модни текови и специфики на облекување на своите сограѓани.2 Во своите материјали од „Еснафите во Прилепско“3, тој дава детален опис на сите видови занаети поврзани со изработката на облеката, како и имињата на алатките неопходни за нејзина изработка. Во тој контекст приложува богат описен и илустративен материјал за моделите на машкиот костум и начините за негова изработка4, од што може да се констатираат различните културни влијанија и заемни процеси што се одвивале во оваа сфера од секојдневниот живот на населението од прилепско. Благодарение на неговите записи, како и врз основа на некои други материјали5, може да констатираме дека непосредно во самиот град опстојувале многу занаетчии, како што се: терзискиот, абаџискиот, ќурчискиот и кожарскиот еснаф, но и френските и азарџиските мајстори, кои паралелно изработувале облека - едните следејќи ги обрасците на ориенталниот костум, а другите француската мода, позната кај народот и како а ла – Турка и а ла – Франка. Паралелно со овие типови костими населението особено од руралните заедници продолжило да ги носи своите традиционални облеки, за што исцрпни сведоштва ни дава еден друг прилепчанец - Ѓорѓи Трајчев, кој во својот труд „Град Прилеп“ детално ги опишал текстилните занаети во градот и начинот на облекување на прилепчаните.6


Покрај овие материјали, значајни докази за начинот на облекување и промените во традиционалната носија на населението од овие региони ни даваат теренските истражувања, најголемиот дел од нив спроведени во 50-тите год. на минатиот век од страна на научните работници на Институтот за фолклор и на Музејот на Македонија. Во прилог ќе го посочиме искажувањето на селаните од Кривогаштани, Прилепско кои велат: „Машките кошули некогаш биле многу повеќе везени од женските. Тие биле „по тавросани“. Се везел корилот, предноците, па и ракавите (два-три прста). Се лозеле, поленеле и везеле шапки со заметушки, со ресулки, крфчиња и друго. Од „турско време“ почнаваме машките кошули слабо или сосема да не се везат.“7 Слична била состојбата и во Битола, како и во останатите делови од Македонија, каде од Илинденското востание, па натаму се забележува значителна редукција на везот и трансформација на носијата.


Промените што настанале како резултат на Илинденското востание и на Балканските војни биле манифестирани и во секојдневната женска носија, нејзината орнаментика и колорит. Особено значајно е што за многу кусо време од составот на невестинската носија целосно изчезнува сокајот, убрусот8, чалмата9, но и некој други украсни и облековни елементи, обележје на овој тип носија. Овие промени можеби најјасно може да ги проследиме во везовите од битолскиот регион каде, сè до 1915 год., женското население носело т.н. алска носија - именувана така според доминацијата на црвената – алова боја во колоритот на везот. По Балканските војни помладите жени од овој регион започнале да везат т.н. калеши кошули, во потемна црвена боја - позната и како винеста или ѓувезија, а своите постари алски кошули ги доносувале или им ги продавале на германски војници10. Во врска со ова една информаторка од с. Брусник, Битолско, вели: Германците купвеја руба за убави пари, па жениве се научија да продаваат алишта.11 Меѓу другите причини се наведува тешката и макотрпна работа за нивната изработка, како и високата цена за потрошениот материјал (арч). Во прилог на ова е искажувањето на една друга информаторка од истото село која вели дека тие повеќе на сакале да седат дома, како во турско, туку да бидат послободни, но и дека по војните нивните мажи, кои биле војници, веќе не ги бендисувале во старата алска носија. Поради сето ова калешите кошули, како и целокупната алска носија во овој регион се задржале сè до Првото бугарско12, односно до 1925 год., кога биле заменети со носија во која наместо црвената доминирала белата, т.е. црната боја.


Во еден кус периодот меѓу Балканските војни и крајот на Првата светска војна, најверојатно како резултат на тешките состојби и на недостигот од материјал и средства неопходни за нивна изработка (за аловните кошули арчот е скап)13, регистрирана е појавата жените од овој регион да носат кошули декорирани со бел вез т.н. бели кошули14, односно аплицирани (опточени) само со бел порабен вез и тегел15. Паралелно со оваа ново настаната состојба, во с. Буково жените започнале да носат кошули изработени со црн вез, по што овие кошули биле именувани како црни кошули. За кусо време оваа мода била прифатена и во другите села од Битолскиот и Прилепскиот регион, по што тие биле именувани како буковки или црно-буки кошули16 - везени по буковска мода17. Според искажувањата на информаторките од овој регион, во почетокот орнаментиката на овие кошули не се разликувала од постарите аловни или алцки кошули (од алцките кошули предземаа црни)18, но подоцна тие започнале да се изработуваат со поедноставен и поредуциран вез. Истите промени може да се проследат и во колоритот на женската марама за на глава гуган, кој од црвен бил заменет со црн, односно со бел вез. Притоа, младите жени носеле гуган изработен целосно со црн вез, а постарите црн гуган (оформен со ситен бел вез) и бели реси т.н. бела киска.19 Како една од причините за појавата на оваа мода е траорот, кој се јавил како последица на многубројните жртви и маки кои што народот ги доживеал во овој бурен историски период. Потврда за ова е појавата на повторно навраќање кон постариот тип алски кошули, веднаш по завршувањето на војните кога жените од овој регион започнале одново да ги изработуваат своите кошули со црвени, но сега веќе индустриски конци.


Слични процеси на промена на колоритот и трансформација на носијата се бележи и кај женското население од Прилепскиот регион, каде се до Првата Светска војна невестите се мажеле со алово руво.20 Позначителни промени во носијата и колоритот започнува од српско (околу 1920),21 со тоа што прилепчанките започнале исто како и женското население во битолско да носат кошули по буковска мода и за  разлика од нив, тие оваа носија ја задржале и во поствоениот период. Во прилог на ова ќе го цитираме искажувањето на една информаторка која вели: „Се што се прави за невеста - кошула, чорапи – целото руво се вика црнето. Дури и сегашната руба (1954), макар да е се со бело наклавана, падури и да е градски облечена невестата велиме: црнет вустан, црнети чевли итн.“22


По Втората Светска војна, изработката на кошули орнаментирани во везови полека започнал да замира во прилог на што е и сведочењето на информаторките од с. Единаковци, кои велат: „од партизаните наваму (1944) веќе не се вези. Но, за венчавање и сега девојките облекуваат „жолта кошула“ – „горноселска“.23 Дека станува збор за долготраен и континуиран процес ни потврдува и една друга соселанка која, бидејки се венчала во екот на Илинденското востание, била приморана нејзната венчална - црнета кошула да ја изработи со помал вез („комитите забраниле везови“), иако останатите 15 кошули од рувото и биле со поголеми везови („ракаи како корупки“).24 Слични се искажувањата на женското население и од с. Цер (Демир-Хисарско) кои во врска со овие забрани посочуваат дека „комитите ги засипваа со боја везените кошули како што играа на оро навестите. На чупите им ги зимаа од раце како што везеја, ќе им ги потуреа со боја и ќе го закоаа везот на црквената врата и ќе напишеа на која чупа е везот – чија черча везела вез.. потем забраната се криеа чупите за да везат- во визба, на чатија се качвеја. Ношва (ноќе б.а.) ги затвараа пенџерите со черги да не се гледа видело, а чупите да везат, зошто комитите шетаа и ношја“.25 Причина за овие забрани како што наведуваат тие била потребата од дополнителни материјални средства, што комити ги собирале од населението за потребите на востанието.


Процесот на трансформација и симплификација на народната носија, кој настанал како резултат на воените дејства и репрекусиите кои македонскиот народ ги преживувал во времето на овој бурен и траурен историски период, сведочи за нивната директна поврзаност и условеност. Промените кои настанале, негативно се одразиле и засекогаш го промениле не само традиционалниот бит на македонскиот народ, туку и начинот на облекување и изработка на носијата. Оттука, може да констатираме дека носијата со сета своја комплексност, како своевиден показател на половата, возрасната, обредната и социјалната компонента на македонскиот народ се јавува и како непосреден - нем сведок на едно изминато, историски бурно и траурно време.


Автор: Д-р Јасминка Ристова Пичичкова


1 К.А. Шапкарев, Русалии, Пловдив, 1884; Македонија во 1913 - La Macedoine en 1913, Музеј на град Скопје- Музеј Алберт Кан, Скопје, Р. Македонија – Булоњ, Франција, 2001; Български
народни шевици, 2 дел, Югозападна България и Македония, подготвил: С.Т. Костовъ – Е. Петева, Народен Етнографски музей, София, 1928; Вакарелски Х. - Д. ИвановÍ, ИсториÔ на
облÍклото, СофиÔ, 1941; Албум на Български македонски шевици, Райна Руменова, СофиÔ, б.г.; Македонски шевици, кн. I, сoбрала и подредила: Дона Ракарова, СофиÔ, 1931; В. С.
Радовановић, Народна ношња у Маријову, Гласник Скопског научног друштва, књ. XIV, Скопље, 1935, 107- 179; В. С. Радовановић, Народна ношња у Маријову, Гласник скопског
научног друштва, књ. XV-XVI, Скопље, 1936, 127-208; С. Раичевић, Народна ношња у Скопској Црној Гори, Гласник скопског научног друштва, књ. VII – VIII, Скопље, 1930, 347- 368;
Ј. Хаџи-Васиљевић, Кумановска област, Јужна стара Србија: Историска, етнографска и политичка истраживања, књ. 1, Београд, 1909, 295-314; Ј. Хаџи-Васиљевић, Скопље и његова
околина: историска, етнографска и културно-политичка излагања, Београд, 1930; Ј. Обремски, Фолклорни и етнографски материјали Порече, Матица Македонска, Скопје, 2001; Ј. Ф.
Трифунови¢, Кумановско-Прешевска Црна Гора, књ.33, САН, Београд, 1951; Ј. Ф. Трифуноски, Охридско-Струшка област, Антропогеографска проучавања, САНУ, Београд, 1929 и др.
2 Види: Марко К. Цепенков, Македонско народно творештво, кн. 10. Скопје 1980, 27-127.
3 Исто, 63-122.
4 Исто, 122-127.
5 Ј. Хаџи-Васиљевић, Прилеп и његова околина, Београд, 1902; Ѓорѓи Трајчев, Град Прилеп, Историја, географски и стопански преглед, Софија, 1925 .
6 Ѓ. Трајчев, Град Прилеп, Историја, географски и стопански преглед, Софија, 1925, 21, 69, 357, 358-359, 361
7 Информатори од с. Кривогаштани, Прилепско, АИФ папка бр.37, рег. Бр. 208. теренски записи од А. Крстева, собрани на 10-13. 5.1953 г.
8 Како што вели една информаторка од с. Цер : Сега (1951 г. б.а.) во селото нема ниту еден убрус. Поминаа Евреи едно време и ги искупија. АИФ папка бр. 4, рег.бр. 84, теренски
истражувања собрани од М. Антонова, на 18.06.1951 г.
9 Информаторките од село цапари , Демир Хисарско, воопшто и не слупшнале за нив. АИФ папка бр.1, рег. Бр. 176. теремнски материјал од М.Антонова, собран на 13.06.1954 г.
10 Информатори: Велика Ангелова Кокалова, род. 1896 г., Томе Димев Станков, род. 1898 г. и неговата жена, род. 1904 г., сите од с. Брусник, Битолско. АИФ папка бр. 2, рег. бр. 175.
11 Информатори: Велика Ангелова Кокалова, род. 1896 г., с. Брусник, Битолско. АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 175
12 Информаторка од с. Брусник, Битолско, АИФ, папка бр. 2, рег. бр 163.
13 Информаторка од с. Могила, Битолско АИФ, папка бр. 2, рег. бр 163.
14 Информаторки од с. Буково, Битолско, АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 188.
15 Информаторки од с. Драгош, Битолско, АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 173.
16 АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 161, Битолско.
17 АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 175, рег. бр. 188.
18 Информаторки од с. Буково, Битолско, АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 188.
19 АИФ, папка бр. 2, рег. бр. 161, Битолско.
20 Ракавите на кошулата долги до под лактите и широки.Информаторка од с. Кривогаштани , Прилепско. АИФ, папка бр.39, рег. бр. 220, теренски материјал собран на 12,13, 14-11, 1954
од М. Антонова.
21 Фатија да носат друга мода, со покуси ракави – над лактите и тесни, како што се носат и сега од постари жени (б.а. 1954г.). Исто.
22 Исто.
23 Оваа кошула е слична на невестинските кошули од Демир Хисарскиот регион. Информатори: Марија Котева (1887 г.) и Милка Ѓореска (род.1914 г.) од с. Единаковци, Прилепско, АИФ папка бр. 37, рег. бр. 365. Теренски материјал собран од М. Антонов, на 21-22.3.1957
24 Информатори: Марија Котева (1883 г.). Исто.
25 Информатори од с. Цапраи, Демир-Хисарско. АИФ папка бр.1, рег. Бр. 176. теренски материјал од М.Антонова, собран на 13.06.1954 г.


Библиографија
К.А. Шапкарев, Русалии, Пловдив, 1884;
Македонија во 1913 - La Macedoine en 1913, Музеј на град Скопје- Музеј Алберт Кан, Скопје, Р. Македонија – Булоњ, Франција, 2001.
Български народни шевици, 2 дел, Югозападна България и Македония, подготвил: С.Т.
Костовъ – Е. Петева, Народен Етнографски музей, София, 1928.
Вакарелски Х. - Д. Ивановъ, История на облъклото, София, 1941.
Албум на Български македонски шевици, събрала и подредила: Райна Руменова, Издание на Македонскиот женски союзъ, София, б.г.
Македонски шевици, кн. I, сoбрала и подредила: Дона Ракарова, София, 1931.
В. С. Радовановић, Народна ношња у Маријову, Гласник скопског научног друштва, књ. XIV, Скопље, 1935, 107- 179.
В. С. Радовановић, Народна ношња у Маријову, Гласник скопског научног друштва, књ. XV-XVI, Скопље, 1936, 127-208.
С. Раичевић, Народна ношња у Скопској Црној Гори, Гласник скопског научног друштва, књ. VII – VIII, Скопље, 1930, 347- 368.
Ј. Хаџи-Васиљевић, Кумановска област, Јужна стара Србија: Историска, етнографска и политичка истраживања, књ. 1, Београд, 1909, 295-314.
Ј. Хаџи-Васиљевић, Прилеп и његова околина, Београд, 1902.
Ј. Хаџи-Васиљевић, Скопље и његова околина: историска, етнографска и културно- политичка излагања, Београд, 1930.
Ј. Обремски, Фолклорни и етнографски материјали Порече, Матица Македонска, Скопје, 2001.
Ј. Ф. Трифуноски, Охридско-Струшка област, Антропогеографска проучавања, САНУ, Београд, 1992, 220-244.
Ј. Ф. Трифунови¢, Кумановско-Прешевска Црна Гора, књ.33, САН, Београд, 1951, 66-75;
Марко К. Цепенков, Македонско народно творештво, кн. 10., Скопје,1980.
Ѓорѓи Трајчев, Град Прилеп, Историја, географски и стопански преглед, Софија, 1925.


Скратеници:
АИФ – Архива на институтот за Фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје

Илустрации:
Сл.1 Селани од Буково - Битолско, фотографирани од страна на француските воени фотографи - “Campangne d` Orient 1914-1918“
Сл. 2. Селани од Буково, Битолско, фотографирани од страна на француските воени фотографи - “Campangne d` Orient 1914-1918“
Сл.3 Мариовки на оро со војници во позадината, снимено на 27. 10 .1018 год. некаде во Мариово
Сл. 4 Деца со војник, фотографирани некаде во Битолско од страна на француските воени фотографи - “Campangne d` Orient 1914-1918“
Сл.5 Селани од Буково – Битолско, облечени по буковска мода со српски жандар, `20-30 год на 20 век
Сл. 6 4 Жени со деца, фотографирани некаде во Битолско- Прилепско Поле, од страна на француските воени фотографи - “Campangne d` Orient 1914-1918“
Сл.7 4 Семејство на селани, фотографирани некаде во Битолско- Прилепско Поле од страна на француските воени фотографи - “Campangne d` Orient 1914-1918“
Сл. 8 Семејство од с. Кривогаштани, Прилепско фотографирано за време на Втората Светска Војна – „за време на бугарско“
Сл.9 Машко оро, Прилеп, фотографирано за време на Втората Светска Војна