February 23, 2015

АСНОМ

Д-р Евгение Димитров ја периодизира борбата на македонскиот народ за сопствена државност, во времето на Втората светска војна, во неколку фази. Според него, "првата фаза се карактеризира со борбата за обезбедување политички предуслови за создавање сопствена државност. Оваа фаза го опфаќа времето од капитулацијата на кралството Југославија до почетокот на вооруженото востание, иако извесни нејзини аспекти на определен начин се рефлектираат и во следната фаза", која е "фаза на зачеток и почетен развој на државноста." Таа го опфаќа времето од почетокот на вооруженото востание до летото 1943 година. Државноста на македонскиот народ почнува да се гради со самиот почеток на револуционерното вооружено востание. Поради тоа и првите вооружени акции на првите партизански одреди во Македонија од 11 октомври 1941 имаат не само политичко, туку и државотворно значење ... Скелетот на младата државност, во оваа фаза го сочинува сплетот од вооружени одреди, военотериторијални органи, револуционерни органи на власта и органи на антифашистичкото политичко движење што дејствуваат на повремено слободната и полуослободената, како и на окупираната територија.

Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, преку одлуките што ги донесе, претставува реализација на државната идеја за која се бореа и гинеа генерации и генерации македонски патриоти. Со одлуките на АСНОМ, кој "стана и остана единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава" , прв пат по Самоиловото царство, македонскиот народ доби своја држава, се реализира континуинираниот стремеж на Македонецот да живее во сопствена државно-правна единица... Во оваа фаза не постоеја развиени форми на организација на власта, ниту постоеја чисти и издиференцирани органи и институции на власта. Нивна општа карактеристика е што сите тие се јавуваат како органи на единствената националноослободителна борба што има свој воен, политички државно-правен и општествено-економски израз." Третата фаза се карактеризира со зацврстување на државноста, а почнува со Преспанското советување на ЦК на КПМ и завршува со Првото заседание на АСНОМ. Според д-р Димитров, "ова е фаза на стабилизирање на државноста и на нејзиното државно-правно манифестирање" ...

За оценка на развојниот степен на оваа фаза особено се значајни три факти. Прво, Преспанското советување на ЦК на КПМ, на кое се донесени одлуки за формирање поголеми воени единици (бригади и дивизии), за натамошно проширување и зацврстување на системот на власта организиран во народноослободителни одбори и за образување Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Одлуките на Преспанското советување се израз на потребите од консолидирање на веќе потврдената државност и нејзиното државно-правно обезбедување.

Второ, создадена е значајна ослободена територија во сите делови на Македонија, а особено во Западна Македонија, каде што веќе есента 1943 година постои и дејствува заокружен и заемно поврзан систем, што го сочинуваат селските, општинските, градските и околиските народноослободителни одбори, над кои се наоѓа Обласниот народноослободителен одбор за Западна Македонија, на чиј врв се ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На оваа територија изградбата на државноста го достигна највисокиот степен во својот дотогашен развој.

Трет факт од значење за натамошната изградба на државноста е формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, есента 1943 година." Основната задача на овој Иницијативен одбор беше "да ги изврши нужните организационо-политички подготовки за да се избере и конституира највисокото претставничко и извршно тело на народната власт во Македонија." Сепак, "по својата фактичка положба и улога ова тело ги надминува рамките што му беа поставени според првобитната замисла. Според силата на околностите во кои постоеше и дејствуваше, Иницијативниот одбор беше доведен во положба да одлучува за прашања од особено значење за државно-правната положба на македонскиот народ и да презема мерки за натамошната изградба на неговата државност." Последната, четврта фаза, е "фаза на доизградување на државната заедница и на нејзиното конечно уставно-правно зацврстување. Таа го опфаќа периодот од Првото заседание на АСНОМ до донесувањето на Уставот на Народна Република Македонија. Во оваа фаза се изградува систем на органи на власта на целата територија на федералната единица Македонија. Овој систем го сочинуваат месните, општинските, градските, реонските, околиските и обласните народноослободителни органи и АСНОМ, како врховен орган на државната власт и Президиумот на АСНОМ, како негово потесно тело, кое, покрај определени извршни функции, е овластено во времето кога не заседава АСНОМ, да ги врши сите функции што ги има АСНОМ."

Во периодот на подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ, важно место зазема формирањето на Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, кој "се јави во двојна функција: како политичко тело и како орган што има задача да се грижи за натамошниот развој на народноослободителните одбори во Македонија". Од тука произлегува дека одлуките што ги донесуваше Иницијативниот одбор "може да се поделат на две групи: одлуки што ги донесуваше Иницијативниот одбор како политичко- претставничко тело со посебни овластувања што му ги пренесе Главниот штаб и ... одлуки што го легитимираат како вистински носител на функцијата на највисока власт во Македонија." Со Одобрението на Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, се потцрта легитимитетот на актите и решенијата донесени до свикувањето на АСНОМ. Ваквата одлука "говори за тоа дека Иницијативниот одбор е сметан во извесна смисла за супститут на АСНОМ".

Првото заседание на АСНОМ се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. На него присуствуваа 116 делегати, како и делегатот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија Светозар Вукмановиќ - Темпо, делегација од Главниот штаб на Србија, делегати од политичките организации ва Македонија и шефовите на Англиската и Американската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија.

Заседанието избра Президиум на АСНОМ. За претседател беше избран Методија Андонов - Ченто, потпретседатели станаа Панко Брашнаров и Мане Чучков, а секретари Љупчо Арсов и Владо Полежина. Исто така, беа избрани и претставници од Македонија во АВНОЈ, како и неколку помошни тела на АСНОМ.

На Првото заседание на АСНОМ беа донесени следните декларации и одлуки:

- Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија;

- Декларација за основните права на граѓаните на демократска Македонија;

- Решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава;

- Правилник за работа на АСНОМ;

- Решение за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ;

- Решение за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници;

- Одобрение од Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ;

- Решение за оддавање благодарност на Народноосло-бодителната војска на Македонија;

- Решение за прогласување на 2 август за државен празник на македонската држава;

- Манифест на АСНОМ до македонскиот народ;

- Проглас до македонскиот народ за одржаното заседание и донесените одлуки на АСНОМ.

Со овие правни акти, како и со одлуките на Президиумот на АСНОМ, се дефинираше македонската држава, правно се определуваше нејзиниот профил.

Бездруго, во таа насока, најважна одлука на Првото заседание на АСНОМ е Решението за прогласување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Македонија. Во ова решение се дадени и првичните насоки за конституирањето на македонската држава, со што решението прераснува во "уставно-правен документ врз основа на кој треба да се создаде и изградува македонската федерална држава." Со решението се конституира и институцијата "народно правителство", односно Владата на државата, чија функција привремено ја презема Президиумот на АСНОМ. Натаму, во структуирањето на државната извршна власт, ова решение предвидува формирање "нужен број отдели за разните гранки на државното управление" , кои ја вршат функцијата на министерства до формирањето на владата.

Во натамошното државно-правно конституирање на Македонија, АСНОМ ги дефинира и основните граѓански права. Во Декларацијата за правата на граѓаните, стои дека сите граѓани на Македонија "се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание." Декларацијата ги регулира и правата на националните малцинства "на слободен национален живот". За малцинствата станува збор и во Манифестот на АСНОМ, во кој се "прокламира слободата и рамноправноста на сите народности во Македонија."

Натаму, во Решението се гарантира "сигурноста на личноста и имотот", како и "правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот". Македонската држава, преку Декларацијата, ги гарантира слободата на вероисповеста, совеста, говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување. Изборното право, според Декларацијата, "во демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, непосредното и личното право." Правото да избира и да биде биран го има секој граѓанин со наполнети 18 години, освен "малоумните лица, како и лицата кој се обвинети по отношение на интересите на народно-ослободителната војна".

Една од важните одлуки на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Оваа одлука ја "дополнуваше и заокружуваше национално-политичката физиономија и карактер на младата македонска држава." Со ваквата одлука се потврди принципот на самоопределување на македонскиот народ. Со оглед на негирањето на македонскиот јазик, што беше едно од оружјата на туѓите пропаганди во Македонија, очигледна беше потребата законски да се санкционира употребата на македонскиот јазик во новата држава. Како што вели Блаже Конески, на Првото заседание на АСНОМ "од дискусијата за јазикот и правописот се има породено еден обид за давање т.н. времени правила за македонскиот литературен јазик, без некаква задолжителност. Тие послужија како основа на дискусиите за јазикот и правописот, организирани во октомври 1944 година во Горно Врановци, кога беа поднесени три реферати по тоа прашање." Унификацијата на македонскиот литературен јазик "се изврши со усвојувањето на азбуката (3 мај 1945) и правописот (7 јули 1945) по предлог на Комисијата за јазик и правопис. Тој акт го обележи исполнувањето на сите дотогашни настојувања во процесот на создавањето на општиот македонски јазик. Со него се обележи и почетокот на неговиот слободен развиток како на еден веќе формиран јазик."

Решението за прогласување на 2 август за државен празник нема само протоколарно значење, односно, не е само гест со кој се одбележува денот на одржувањето на АСНОМ. Во него се огледа и стремежот за нагласување на континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава. Впрочем, тоа е јасно и од формулацијата на решението, во кое се вели дека 2 август е "симбол на сите негови (се мисли на македонскиот народ - з.н.) борби за неговото конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава." Дека акцентот на АСНОМ е ставен врз континуираниот развиток на македонската идеја за сопствена држава, се гледа и од Рефератот на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, изнесен на Првото заседание на АСНОМ, во кој се вели дека "денешната борба на македонскиот народ е продолжение на славните традиции на полвековната борба. Принципите и начелата за кои се борева првоборците на македонскиот народ: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сандански, легнат во темелите на денешната македонска држава."

Уште еден важен документ е донесен на Првото заседание на АСНОМ - Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него, откако направен пресек на дотогашната историја и на борбата на Македонецот за слобода, се потцртува дека "првото македонско Народно собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање ЗА ОБЕДИНЕНИЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД (големите букви како во оригиналот - з.н.) на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи." Во обраќањето до Македонците во Бугарија и Грција, во Манифестот се вели: "Нека вашето участие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец." Идејата за обединување е присутна и во веќе спомнатиот Реферат на Иницијативниот одбор. Кога станува збор за поделбата на Македонија, во Рефератот се вели: "Македонскиот народ никогаш не се помирил со својата трагична судбина. Он ја продолжи борбата против големобугарските, големосрбските и големогрчките завоеватели, за слобода, равноправност и обединение на сите делови на македонскиот народ."

Извор: Македонско братство

No comments: