February 23, 2015

АСНОМ

Д-р Евгение Димитров ја периодизира борбата на македонскиот народ за сопствена државност, во времето на Втората светска војна, во неколку фази. Според него, "првата фаза се карактеризира со борбата за обезбедување политички предуслови за создавање сопствена државност. Оваа фаза го опфаќа времето од капитулацијата на кралството Југославија до почетокот на вооруженото востание, иако извесни нејзини аспекти на определен начин се рефлектираат и во следната фаза", која е "фаза на зачеток и почетен развој на државноста." Таа го опфаќа времето од почетокот на вооруженото востание до летото 1943 година. Државноста на македонскиот народ почнува да се гради со самиот почеток на револуционерното вооружено востание. Поради тоа и првите вооружени акции на првите партизански одреди во Македонија од 11 октомври 1941 имаат не само политичко, туку и државотворно значење ... Скелетот на младата државност, во оваа фаза го сочинува сплетот од вооружени одреди, военотериторијални органи, револуционерни органи на власта и органи на антифашистичкото политичко движење што дејствуваат на повремено слободната и полуослободената, како и на окупираната територија.

Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, преку одлуките што ги донесе, претставува реализација на државната идеја за која се бореа и гинеа генерации и генерации македонски патриоти. Со одлуките на АСНОМ, кој "стана и остана единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава" , прв пат по Самоиловото царство, македонскиот народ доби своја држава, се реализира континуинираниот стремеж на Македонецот да живее во сопствена државно-правна единица... Во оваа фаза не постоеја развиени форми на организација на власта, ниту постоеја чисти и издиференцирани органи и институции на власта. Нивна општа карактеристика е што сите тие се јавуваат како органи на единствената националноослободителна борба што има свој воен, политички државно-правен и општествено-економски израз." Третата фаза се карактеризира со зацврстување на државноста, а почнува со Преспанското советување на ЦК на КПМ и завршува со Првото заседание на АСНОМ. Според д-р Димитров, "ова е фаза на стабилизирање на државноста и на нејзиното државно-правно манифестирање" ...

За оценка на развојниот степен на оваа фаза особено се значајни три факти. Прво, Преспанското советување на ЦК на КПМ, на кое се донесени одлуки за формирање поголеми воени единици (бригади и дивизии), за натамошно проширување и зацврстување на системот на власта организиран во народноослободителни одбори и за образување Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Одлуките на Преспанското советување се израз на потребите од консолидирање на веќе потврдената државност и нејзиното државно-правно обезбедување.

Второ, создадена е значајна ослободена територија во сите делови на Македонија, а особено во Западна Македонија, каде што веќе есента 1943 година постои и дејствува заокружен и заемно поврзан систем, што го сочинуваат селските, општинските, градските и околиските народноослободителни одбори, над кои се наоѓа Обласниот народноослободителен одбор за Западна Македонија, на чиј врв се ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На оваа територија изградбата на државноста го достигна највисокиот степен во својот дотогашен развој.

Трет факт од значење за натамошната изградба на државноста е формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, есента 1943 година." Основната задача на овој Иницијативен одбор беше "да ги изврши нужните организационо-политички подготовки за да се избере и конституира највисокото претставничко и извршно тело на народната власт во Македонија." Сепак, "по својата фактичка положба и улога ова тело ги надминува рамките што му беа поставени според првобитната замисла. Според силата на околностите во кои постоеше и дејствуваше, Иницијативниот одбор беше доведен во положба да одлучува за прашања од особено значење за државно-правната положба на македонскиот народ и да презема мерки за натамошната изградба на неговата државност." Последната, четврта фаза, е "фаза на доизградување на државната заедница и на нејзиното конечно уставно-правно зацврстување. Таа го опфаќа периодот од Првото заседание на АСНОМ до донесувањето на Уставот на Народна Република Македонија. Во оваа фаза се изградува систем на органи на власта на целата територија на федералната единица Македонија. Овој систем го сочинуваат месните, општинските, градските, реонските, околиските и обласните народноослободителни органи и АСНОМ, како врховен орган на државната власт и Президиумот на АСНОМ, како негово потесно тело, кое, покрај определени извршни функции, е овластено во времето кога не заседава АСНОМ, да ги врши сите функции што ги има АСНОМ."

Во периодот на подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ, важно место зазема формирањето на Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, кој "се јави во двојна функција: како политичко тело и како орган што има задача да се грижи за натамошниот развој на народноослободителните одбори во Македонија". Од тука произлегува дека одлуките што ги донесуваше Иницијативниот одбор "може да се поделат на две групи: одлуки што ги донесуваше Иницијативниот одбор како политичко- претставничко тело со посебни овластувања што му ги пренесе Главниот штаб и ... одлуки што го легитимираат како вистински носител на функцијата на највисока власт во Македонија." Со Одобрението на Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, се потцрта легитимитетот на актите и решенијата донесени до свикувањето на АСНОМ. Ваквата одлука "говори за тоа дека Иницијативниот одбор е сметан во извесна смисла за супститут на АСНОМ".

Првото заседание на АСНОМ се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. На него присуствуваа 116 делегати, како и делегатот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија Светозар Вукмановиќ - Темпо, делегација од Главниот штаб на Србија, делегати од политичките организации ва Македонија и шефовите на Англиската и Американската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија.

Заседанието избра Президиум на АСНОМ. За претседател беше избран Методија Андонов - Ченто, потпретседатели станаа Панко Брашнаров и Мане Чучков, а секретари Љупчо Арсов и Владо Полежина. Исто така, беа избрани и претставници од Македонија во АВНОЈ, како и неколку помошни тела на АСНОМ.

На Првото заседание на АСНОМ беа донесени следните декларации и одлуки:

- Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија;

- Декларација за основните права на граѓаните на демократска Македонија;

- Решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава;

- Правилник за работа на АСНОМ;

- Решение за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ;

- Решение за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници;

- Одобрение од Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ;

- Решение за оддавање благодарност на Народноосло-бодителната војска на Македонија;

- Решение за прогласување на 2 август за државен празник на македонската држава;

- Манифест на АСНОМ до македонскиот народ;

- Проглас до македонскиот народ за одржаното заседание и донесените одлуки на АСНОМ.

Со овие правни акти, како и со одлуките на Президиумот на АСНОМ, се дефинираше македонската држава, правно се определуваше нејзиниот профил.

Бездруго, во таа насока, најважна одлука на Првото заседание на АСНОМ е Решението за прогласување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Македонија. Во ова решение се дадени и првичните насоки за конституирањето на македонската држава, со што решението прераснува во "уставно-правен документ врз основа на кој треба да се создаде и изградува македонската федерална држава." Со решението се конституира и институцијата "народно правителство", односно Владата на државата, чија функција привремено ја презема Президиумот на АСНОМ. Натаму, во структуирањето на државната извршна власт, ова решение предвидува формирање "нужен број отдели за разните гранки на државното управление" , кои ја вршат функцијата на министерства до формирањето на владата.

Во натамошното државно-правно конституирање на Македонија, АСНОМ ги дефинира и основните граѓански права. Во Декларацијата за правата на граѓаните, стои дека сите граѓани на Македонија "се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание." Декларацијата ги регулира и правата на националните малцинства "на слободен национален живот". За малцинствата станува збор и во Манифестот на АСНОМ, во кој се "прокламира слободата и рамноправноста на сите народности во Македонија."

Натаму, во Решението се гарантира "сигурноста на личноста и имотот", како и "правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот". Македонската држава, преку Декларацијата, ги гарантира слободата на вероисповеста, совеста, говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување. Изборното право, според Декларацијата, "во демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, непосредното и личното право." Правото да избира и да биде биран го има секој граѓанин со наполнети 18 години, освен "малоумните лица, како и лицата кој се обвинети по отношение на интересите на народно-ослободителната војна".

Една од важните одлуки на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Оваа одлука ја "дополнуваше и заокружуваше национално-политичката физиономија и карактер на младата македонска држава." Со ваквата одлука се потврди принципот на самоопределување на македонскиот народ. Со оглед на негирањето на македонскиот јазик, што беше едно од оружјата на туѓите пропаганди во Македонија, очигледна беше потребата законски да се санкционира употребата на македонскиот јазик во новата држава. Како што вели Блаже Конески, на Првото заседание на АСНОМ "од дискусијата за јазикот и правописот се има породено еден обид за давање т.н. времени правила за македонскиот литературен јазик, без некаква задолжителност. Тие послужија како основа на дискусиите за јазикот и правописот, организирани во октомври 1944 година во Горно Врановци, кога беа поднесени три реферати по тоа прашање." Унификацијата на македонскиот литературен јазик "се изврши со усвојувањето на азбуката (3 мај 1945) и правописот (7 јули 1945) по предлог на Комисијата за јазик и правопис. Тој акт го обележи исполнувањето на сите дотогашни настојувања во процесот на создавањето на општиот македонски јазик. Со него се обележи и почетокот на неговиот слободен развиток како на еден веќе формиран јазик."

Решението за прогласување на 2 август за државен празник нема само протоколарно значење, односно, не е само гест со кој се одбележува денот на одржувањето на АСНОМ. Во него се огледа и стремежот за нагласување на континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава. Впрочем, тоа е јасно и од формулацијата на решението, во кое се вели дека 2 август е "симбол на сите негови (се мисли на македонскиот народ - з.н.) борби за неговото конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава." Дека акцентот на АСНОМ е ставен врз континуираниот развиток на македонската идеја за сопствена држава, се гледа и од Рефератот на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, изнесен на Првото заседание на АСНОМ, во кој се вели дека "денешната борба на македонскиот народ е продолжение на славните традиции на полвековната борба. Принципите и начелата за кои се борева првоборците на македонскиот народ: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сандански, легнат во темелите на денешната македонска држава."

Уште еден важен документ е донесен на Првото заседание на АСНОМ - Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него, откако направен пресек на дотогашната историја и на борбата на Македонецот за слобода, се потцртува дека "првото македонско Народно собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање ЗА ОБЕДИНЕНИЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД (големите букви како во оригиналот - з.н.) на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи." Во обраќањето до Македонците во Бугарија и Грција, во Манифестот се вели: "Нека вашето участие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец." Идејата за обединување е присутна и во веќе спомнатиот Реферат на Иницијативниот одбор. Кога станува збор за поделбата на Македонија, во Рефератот се вели: "Македонскиот народ никогаш не се помирил со својата трагична судбина. Он ја продолжи борбата против големобугарските, големосрбските и големогрчките завоеватели, за слобода, равноправност и обединение на сите делови на македонскиот народ."

Извор: Македонско братство

February 22, 2015

Богомилизам - "Македонска Ренесанса"

Драган Ташковски ќе нагласи: "Две џиновски фигури стојат на прагот на средновековната македонска историја: Климент Охридски и поп Богомил. Првиот - просветител и книжевник, кој со своето дело претставува гордост не само за Македонија, туку и за целото словенство, и вториот - идеолог и револуционер, чие еретичко учење стана знаме на угнетените во цела Европа во средниот век.

Презвитер Козма во "Беседата против богомилите", меѓу другото, ќе запише: "Така се случи и во бугарската земја, во време на правоверниот цар Петар. Тогаш се појави поп по име Богомил, но поправо е да се рече Богунемил. Тој почна како прв да ја шири ереста во бугарската земја... Откако почнав да ги разобличувам нивните зборови и постапки, мене ми се чини дека и воздухот се опоганува од нивните дела и проповеди..."

По својата форма, богомилството е верски ерес, по својата суштина, пак, тоа е социјално движење, обусловено од економските и политичките прилики во земјата во која настанало. А недвојбено е дека богомилството настанало во Македонија. Поголем дел од Македонија тогаш беше под бугарска власт. Целта на новите покорувачи на македонската земја беше јасна: по пат на вклучување на македонските области во рамките на воено-административните области на Бугарија, што побрзо и што побезболно, да се разбие родовско-племенското уредување на македонските кнежевства. И тоа на бугарските властодршци им успеа: племенската самоуправа на Македонските Словени слабееше, а на нејзино место почнаа да се јавуваат новите феудални односи. Тоа значи дека наместо самоуправните традиции на Македонските Словени, сè поголем простор заземаше феудалната експлоатација. Војните стануваа почести, даноците поголеми, грабежите и насилствата веќе беа појави од кои се немаше каде, природните несреќи доаѓаа како дополнителна казна за народот. Селото беше сè посиромашно: селаните ги изгубија имотите и средствата за производство. Многу од нив попаднаа во ропство. Огромното мнозинство од нив, пак, станаа робови на земјата што ја обработуваа, благодарејќи на економскиот зафат на цар Симеон, кој, наместо племенската сопственост на земјата, почна да создава феудална сопственост, при што прикрепениот селанец исцело стана зависен од феудалецот. "За да ги задоволи своите војници и старешини, Симеон мораше да ги пљачкосува победените. А бидејќи победените и покорените беа Македонските Словени, тој удри врз нивните имоти". Роман Лакапен преку писмо го информира царот Симеон дека 20.000 луѓе од Македонија пребегнале во Византија. Во него буквално стои дека избегале "поради насилствата и самоволијата на бугарските војски". Некои историчари сметаат дека дури и посетата на Климент Охридски на бугарската престолнина и неговата оставка на епископската должност до царот, неколку месеци пред неговата смрт, била од заради насилствата и пустошењата на освојувачите на просторот на Величката епископија.

Свештенството во Бугарското царство беше привилигирано, меѓутоа, не сето. Постоеше и непривилигиран слој - нижото свештенство, кое потекнуваше од народот, а го сочинуваа селските и градските попови. Добар дел од нив не само што не беа добро платени, туку беа обременети со обврски и давачки. Во такви услови на живејачка, кога царот Петар, за да може да ги издржува огромните воено-административни и црковни апарати, ја засили експлоатацијата, револтот и незадоволството, чиј карактер би можел да се третира и како антицрковен, антифеудален, па и ослободителен, беа неминовни. Од тие причини, незадоволниот народ ја прифати "новопојавената ерес", што би рекол Козма. Тој, како што видовме, го споменува попот Богомил како основач на ова движење. Драган Ташковски, пак, оди понатаму: тој тврди дека Богомил бил Климентов ученик, кој страсно ја прифатил глаголицата, како и Климент Охридски, впрочем. Тој учеше "да не се потчинуваат на болјарите и сметаа дека оние што му служат на царот му се одбивни на Бога и му заповедат на секој слуга да не работи за својот господар".

Александар Матковски вели дека нема докази оти попот Богомил, воопшто, постоел. Тој поаѓа од фактот дека Ефимие и Ана Комнен, кои пишувале за богомилите, попот не го ни споменуваат, туку за основачи на сектата ги именуваат Чурило и лекарот Василиј. Матковски го прифаќа тврдењето дека словенскиот збор "богомил", просто, значи она што значи - мил на Бога.

Богомилската космогонија и есхагологија за создавањето и пропаста на светот била општа теорија за овој свет, негова логика во популарен облик, што би рекол Драган Ташковски, што религиозните маси на далечното средновековие можеа да ја разберат, а со тоа да се стават во активно движење за решавање на конфликтните општествени состојби наметнати од новите господари. Богомилите учеле дека постојат два бога: Богот на доброто и Богот на злото. Богот на злото го создал целиот материјален свет, па и човекот, а Богот на доброто душата на човекот. Богомилите ги отфрлале сите молитви, освен "Оче наш", не ги почитувале ни крстот, ни иконите, ни црквите. Се молеле дома и меѓусебно се исповедале. Побунетите на бискупите им ја оспорувале власта над верниците. Го отфрлале Стариот завет и го признавале само Евангелието. Ги поттикнувале верниците на непокорност кон оние што се на власт. Проповедале сиромаштија и остро истапувале против богатите и нивното богатство.

Појавата на учењето за двата бога, т.н. дуалистичка хереза, е израз на револтот против хиерархијата на христијанската црква, која ја користи идејата за Господ за да ги држи во покорност верниците. Таа, исто така, е израз и на револтот против државната власт, која се потпира на христијанската црква, како на идеолошко средство на своето владеење. Добро е речено дека оваа двојна хереза го акуелизира вечното прашање што го поставува човекот: зошто Господ на едни им дава многу добра, а малку зла, а на други многу зла, а малку добра? Идеолошки, богомилското движење во Македонија во целост беше насочено против византиските и бугарските освојувачи, против новоформираните домашни феудални господари и против црквата, која, како што вели и Презвитер Козма, била крајно расипана.

Антифеудалната суштина на богомилството се огледа во неговите општествено-политички ставови и во рамките на мистично-религиозните концепции и затоа потпора имало, главно, кај посиромашните маси. Проповедајќи демократија во сиромаштијата, скромен и едноставен живот, непослушност кон власта, богомилството содржело силна антифеудална нота и го поттикнувало народот на бунт и револт.

Подеталното анализирање на карактерот на богомилството ќе не доведе до битната констатација дека тоа, со самиот факт оти се свртело против царот и болјарите, против владејачката номенклатура, која беше, пред се и над се, составена од Бугари, значи богомилското движење за Македонските Словени имало и ослободителен карактер. Н. П. Благоев со право увидел дека Македонија била центар на опозицијата против цар Петар, не само затоа што тој на незаконски начин дошол до престолот, туку и затоа што богомилството во тоа време било единствено борбено движење во Македонија. Драговичката и Мелничката црква, на пример, биле претставници на екстремната ориентација, за разлика од бугарската богомилска црква, која била за помирен и поумерен став. Клучен податок дека богомилството поседувало и јасни белези на ослободително движење е вистината дека комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самоил, синови на комитот Никола, го прифатија учењето и како негови приврзаници кренаа востание (869 год.), што доведе до ослободување на Македонија од Бугарското царство, создавање на првата словеномакедонска држава и дефинитивно оформување на Македонците како народ. Симпатиите на цар Самоил кон богомилите и нивното бројно учество во неговото востание и во востанието на неговите браќа, просто се објаснува: богомилите биле единствената делумно организирана антивизантиска партија во Македонија со јасна словенска и народна ориентација. Интересно: востанието на Македонските Словени избувнало онаму каде што било најсилно учењето на богомилите. Тоа било на просторот ограден со тријаголникот Вардар - Охрид - Шар Планина.

Противмерките на Византија и Бугарија против ова "зло" биле жестоки. Цариградскиот патријарх Теофилакт ќе го советува царот Петар: "Оние, пак, што остануваат во зло, болни од непокајување, божјата црква ќе ги отсече како изгниени и сосема погубни делови и ќе ги предаде на вечна осуда... Општествените закони на христијанството... предвидуваат смрт за нив, особено кога се гледа дека злото се влече сè повеќе, напредува и мнозина погубува".

Наспроти се, богомилството се проширило, првин во Бугарија и Босна, потоа во Италија и Јужна Франција, и станало движење кое влијаело на текот на историските настани.

Извор: Македонско братство

February 20, 2015

Народна федеративна партија

По Рилскиот конгрес, се повеќе се продлабочувал јазот меѓу двете групи во ВМОРО - македонската (наречена уште и лево крило, левица) и врховистичката (наречена десно крило или десница). Левото крило на ВМОРО, предводено од Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Петар Поп Арсов и Димо Хаџи Димов, ја застапувало тезата "за постоење одделна македонска народносна единица што се бори за извојување на самостоен државно-правен развиток. Внатрешната македонска револуционерна организација требало да работи како за ослободување така и за национално-политичко будење и афирмација на народните маси." Целта на македонското револуционерно-ослободително движење е извојувањето "државна самостојност на Македонија. Македонија би се оформила како посебна држава, при што се допуштала можноста за нејзино вклучување во евентуалната балканска федерација, но само како нејзин одделен и рамноправен федерален член." Како резултат на ваквите делби, Серската, Солунската и Струмичката организација, се одделиле во Македонско-одринската револуционерна организација, препуштајќи го називот ВМОРО на врховистичкото крило раководено од Христо Матов. Подоцна, ова крило ќе го узурпира светлото име на македонската Организација, преку бугарската ВМРО на Ванчо Михајлов.

Народната федеративна партија, практично, е продолжување на Македонско-одринската револуционерна организација. Во развитокот на Партијата се регистрираат четири периоди. Првиот од нив е "фаза на напори за зајакнување и организационо проширување на МОРО под раководство на Јане Сандански, а за водење на националноослободителните борби во новонастанатите услови (јули - декември 1908 година)". Вториот период е "период на организирани подготовки за создавање НФП, кога таа била партија во проект (јануари - август 1909 година)". Третиот период е времето на "постепено опаѓање на НФП (август 1909 -јануари 1910 година", а последната фаза е "периодот на кризи во редовите на НФП (јануари - јули 1910 година)." Ориентацијата и политичката програма и на МОРО и на НФП се идентични, со единствената забелешка дека Народната федеративна партија "се ориентирала кон исклучива употреба на легални парламентарни методи и средства во политичките борби", за разлика од МОРО која "не ги исклучувала и вооружените акции". Освен тоа, како легален експонент на МОРО, Партијата "претставувала континуирано продолжение на Организацијата од времето на Илинденското востание" Токму затоа, државно-правната концепција на МОРО и НФП, како и идејата за федерализмот на Јане Сандански, се материјал кој треба да се проучува како една целина.

Со Народната федеративна партија е поврзана идејата за создавање на Источна федерација. Оснивачкиот конгрес на НФП "смета дека не може да се постигне остварување на самоопределувањето на македонскиот народ преку создавање на самостојна држава во балканската федерација. Младотурската револуција дава основи да се прошири идејата - од Балканска федерација на Блискоисточна федерација." Ќе се задржиме малку поопстојно на државно-правниот концепт на оваа федерација и на статусот на Македонија во неа, тргнувајќи од документите на МОРО, НФП, како и од гледиштата на Јане Сандански, како еден од творците на оваа програма:

Програмата на МОРО предвидува дека Македонија и Одринско се неразделен дел на Отоманската империја. Корекцијата на ставот за автономна Македонија, како засебна држава, во правец на гледиштето за македонска држава во рамките на Источната федерација, е наметнато од два значајни надворешнополитички услова. Во прв ред, на конституирањето на Македонија како самостојна држава, "му се спротивставиле не само владите на балканските држави кои биле заинтересирани за поделба на Македонија, туку и големите сили кои се противеле на секоја посериозна промена на територијалното статус кво." Освен тоа, "опасноста од поделбата на Македонија се повеќе се покажуваше како реалност, та затоа, само по себе се наметнуваше барањето нови патишта во остварувањето на националната слобода."

Во Програмата од 1908 година МОРО "како први барања на својата активност ги поставува: 1. борбата против секакво политичко ропство и против секаква економска експлоатација 2. стекнување неопходни услови за политички напредок на народот." Натаму, во Програмата, МОРО бара демократизирање на Отоманската империја, како и уништување на остатоците од апсолутизмот, што подразбира "воведување уставен и парламентарен систем, народно претставништво преку едно собрание што ќе има апсолутна власт, министерства што ќе бидат одговорни за своите дела."

Кога станува збор за внатрешните односи во Империјата, Програмата предвидува "автономија на провинциите во однос на Империјата, автономија на окрузите во однос на провинциите и автономија на општините во однос на окрузите во регулирањето на нивните внатрешни прашања и на нивните интереси." Во однос на централизацијата, односно, на децентрализацијата на федерацијата, МОРО смета дека "секоја вештачка централизација што ја парализира иницијативата на народот во областа на неговите месни и обласни интереси, може само да го сопира општиот економски и културен развиток и да биде извор на политичко угнетување. Секоја прекумерна децентрализација, со индивидуализирање и изолирање на одделни области, го остава нивниот развиток на нивните сопствени сили, ги оградува од заемна културна дејност и на тој начин го оневозможува ползувањето на колективните сили на Империјата за побрз и поинтензивен развиток на оние нејзини делови, чии месни сили не се доволни за тоа." Според тоа, Организацијата предлага: "Општите интереси и дела на Империјата, како што се надворешната политика, армијата, финансиите, царините, поштите и телеграфите, железниците, да бидат во рацете на централната власт на Отоманската империја, организирана врз уставна основа. Локалните и провинциските влади ќе се занимаваат со сите други функции на државата". Меѓутоа, секој народ го задржува правото "да се организира слободно и одвоено".

Во однос на граѓанските права, според Програмата, се гарантира "слободата на вероисповедта, зборот, печатот, собирите и здруженијата", како и "неповредливоста на личноста, куќата и кореспонденцијата." Особено битен момент за македонскиот народ е барањето за "укинување на сите национални и класни привилегии и полна еднаквост на сите националности и сите верски групи."

Натаму, во Програмата се бара "воведување на општо, задолжително и бесплатно образование", кое ќе се изведува на мајчин јазик.

МОРО бара војската да биде заменета со народна милиција, оградувајќи се дека "сегашните услови на Империјата не изгледаат, се уште, доволно зрели за ваква организација на вооружените сили. Поради тоа, МОРО е во овој момент за постојана војска, задолжителна воена обврска за сите граѓани, без оглед на националност и религија, за намалување на воената обврска на две години и за територијално служење на војската."

Во Декларацијата на МОРО, објавена заедно со Програмата, се дефинира и изборниот систем. Според Декларацијата, треба да се свика Општ парламент на Империјата, "кој ќе се базира на општото, рамноправно, непосредно и тајно право на глас под овие услови: а) на 50.000 жители, без оглед на пол и возраст, треба да биде избран еден пратеник б) сите оние што наполниле 21 година можат да бидат избрани, без никаков цензус...".

Концептот за Источна федерација, според д-р Александар Христов, содржи неколку битни елементи. Во прв ред, "во концепцијата за федерација се наоѓаат општествено-политички и економски основи за решавање на македонското национално прашање. Во таа смисла, од особено значење се барањата да се создадат низа политички услови заради остварување на принципот на широка децентрализација и самоопределување на македонскиот народ, со право да се конституира во своја федеративна држава." Натаму, се одделува стремежот "да се создаде една реална, рационална и прифатлива заедница, во која ќе можат да егзистираат сите националности, со интеграција на заедничките интереси, но и со полна гаранција за национална независност и развиток на секоја национална индивидуалност." Освен тоа, за македонскиот народ е мошне битно и "остварувањето неутрализација на надворешните влијанија, кои им пречеа на остварувањето на националната слобода на угнетените народи, а особено на остварувањето на националната слобода на македонскиот народ." На крајот, "во формирањето на Источната федерацијја, МОРО го истакнува барањето дека федерацијата може да се формира, зацврстува и развива, спогодбено со организираните револуционерни сили на македонскиот народ и легитимните претставници, избрани од него. Според тоа, федерацијата треба да биде акт на сите народи, донесен од нивните легитимни претставници и со нивна слободна волја".

Идејата за Источна федерација е варијанта во развитокот на македонската државна идеја. Таа се појави во време, чии услови наметнуваа нов пристап кон македонското прашање и кон борбата на македонскиот народ за своја слобода и за своја држава. Според тоа, таа ги има сите белези, поточно, сите слабости и доблести на своето време, но, сепак, останува неодминлив факт во развитокот на македонската државно-правна идеја.

Извор: Македонско братство

February 19, 2015

Александар (Алексо) Мартулков

Александар (Алексо) Мартулков (псевд. Бизмарк) (Велес, 23. X. 1878 – Софија, 1965) е македонски револуционер и публицист. Како член на Македонската социјалистичка група, а подоцна и на ВМРО (Об.) тој се залагал за ослободување на Македонија. Алексо бил член  на Президиумот на АСНОМ и во Собранието на Македонија.


Алексо Мартулков е роден на 23 октомври 1878 година во Велес. Се школувал во Велес и во Педагошкото училиште во Скопје, од каде што бил исклучен како бунтовник против османлиската власт. Во 1895 година станал член на првата социјалистичка група во Македонија. По доаѓањето во Софија, станал член на Македонската социјалдемократска група што ги ширела социјалистичките идеи меѓу македонската емиграција и во Македонија.

Работел заедно со Димо Хаџи Димов, Иван Клинчаров и Васил Главинов. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема економска слобода, тие тесно соработуваат со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција во јули 1900 година во близина на Крушево дел од социјалистите се вклучуваат во редовите на МРО.

Алексо учествувал во борбите на Македонската револуционерна организација против туѓите пропаганди во Македонија и бил еден од организаторите на велешкото Културно-просветно друштво „Класно сознание“.

Во 1909 година учествувал во задушувањето на контрареволуцијата во Цариград, а истата година зема учество во Комитетот за јавна безбедност во Велес, кој раководи со воените и граѓански власти во регионот.

По избувнувањето на Првата балканска војна и окупацијата на Македонија, во декември 1912 година, Алексо Мартулков учествува на Општомакедонската конференција во Велес, организирана од Димитар Чуповски. Присутните македонски дејци меѓу кои Димитар Чуповски, Алексо Мартулков, Ангел Коробар, Ризо Ризов, Петар Поп Арсов, Јован Попјорданов и други, решаваат да испратат делегација на Лондонската конференција, како и во Париз за да се борат за зачувување на интегритетот на Македонија.

По Првата Светска Војна, Алексо Мартулков се вратил во Бугарија. Во периодот 1924 – 1927 работи во македонските братства и станал член на ВМРО (Об). Поради прогресивната македонска активност, во 1931 година добил закана дека ќе биде ликвидиран. Од 1932 година Александар (Алексо) Мартулков станува уредник на весникот „Македонско знаме“, а наредната година (24 јануари 1933) бил ранет во ногата. Алексо го преживеал најавениот атентат, но поради дејството од позиција на македонска нација бил осудуван и затворан во концентрациони логори.

Во 1933 година Алексо Мартулков бил обвинет за поттикнување непријателство и омраза спрема одредени класи и власта, но благодарение на добрата одбрана на адвокатот бил ослободен. Но, во летото 1935 година повторно е уапсен од бугарските власти, заедно со други дејци на ВМРО (Об.) и осуден со парична казна и 5 години затвор.

По 9 септември 1944 година, Мартулков во Софија потпишува „Апел до Македонците во Бугарија“ и се залага за создавање на Народна Република Македонија. На 27 септември 1944 година во Бугарија пристига македонска делегација (Михајло Апостолски, Лазар Колишевски и Светозар Вукманович – Темпо) која разговарала за враќање на македонската емиграција во татковината, како и за евентуално присоединување на Пиринска Македонија кон земјата.

Македонската делегација разговарала со Александар (Алексо) Мартулков, Туше Делииванов, Крсте Гермов, Петар Трајков и други интелектуалци од македонската емиграција во Бугарија. Во октомври 1944 година биле повикани македонските интелектуалци за евентуалното учество во идното управување со земјата.

Алексо Мартулков и Крсте Гермов на 1 јануари 1945 година биле избрани за членови на Президиумот на АСНОМ и во Собранието на Македонија. Меѓутоа, набргу како неподобен бил сменет од функцијата и пензиониран. За своите заслуги во македонската револуционерна борба Алексо бил одликуван со Орден за народни заслуги и со Илинденска споменица. Живеел во Скопје каде ги пишува своите мемоари до 1953 година, а подоцна разочаран заминува во Софија каде умира во 1965 година.

Смилевскиот конгрес

Следејќи ги одлуките на Солунскиот конгрес на ТМОРО од јануари 1903 година, за одржување конгреси на револуционерните окрузи на кои би се донела дефинитивната одлука за востание во Македонија, во Смилево, од 2 до 7 мај 1903 година бил одржан Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, кој, според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание.

Од првиот ден на Конгресот присуствувале Даме Груев, кој бил претставник на Централниот комитет од Солун, Анастас Лозанчев, Георги Поп Христов, Георги Пешков, како претставници на Битолскиот окружен комитет, Ѓорѓи Сугаре, Парашкев Цветков, Никола Петров Русински, како делегати од битолскиот реон, Васил Чакаларов и Пандо Кљашев, како делегати од костурскиот реон, Г. Папанчев, Михаил Чеков, од леринскиот реон, Славејко Арсов , Никола Кокарев, Велјан Илиев, Александар Панајотов, како делегати од ресенскиот реон, како и Борис Сарафов и Димитар Дечев, за кои некои учесници и автори тврдат дека "Борис Сарафов учествувал како ревизор на четите, а Димитар Дечев како делегат по воени работи". Во текот на Конгресот во Смилево пристигале и Тале Христов и Јордан Тренков, Петар Ацев, Никола Карев, Ванчо Мицков, Ордан Пиперката, Димитар Матлиев, Христо Узунов, Тасе Христов, Деан Димитров, Аргир Маринов, Тома Николов, Арсо Мицков, Димитар Спространов и Васил Пацков.

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол: "А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време." Оваа интервенција на Груев ги прекинала споровите.

Во записникот од Смилево стои дека на Првото заседание на Конгресот се разговарало за

1. распределбата на војничките и моралните сили;

2. подготвувањето до и за време на востанието;

3. должностите и правата на началничкиот персонал до и за време на востанието;

4. што да се прави со невооружените и неспособни луѓе - старците, жените и децата за време на востанието;

5. кој е стопан на оружјето;

6. рамномерното распоредување на оружјето;

7. определување на времето за востание."

Највисок носител на востаничката власт во округот бил Главниот штаб, во кој биле избрани Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Реонските началства определувале војводи и ги распределувале востаниците. Натаму било решено да се "формираат специјални подготовителни курсеви во неколку пункта, каде што ќе можат за кратко време да се научат на воена вештина идните војводи -учесници во востанието."

Во реоните се предвидувало формирање чети од 30 до 50 души, како и тајно увежбување на востаниците. Што се однесува до обезбедувањето храна, таа требало да се собира "доколку дозволуваат месните услови". Начинот на нејзиното собирање пред почетокот на востанието бил "доброволен, со убедување, а за време на востанието со принуда, со тоа што ќе му се издаде на стопанот за земеното од него расписка, потпечатена со окружниот печат и потпишана најмалку од еден од раководителите началници." Првиот ден било решено "по однос на правата и должностите на началничкиот персонал да се изработи специјален востанички дисциплински устав."

Вториот ден било дискутирано за прашањето околу сопственоста на оружјето, за неговата распределба и набавување. Исто така, бил прифатен и дел од Уставот.

Третиот ден се расправало за составот на реонските раководни тела, како и за "начинот на водењето на востанието и што да се прави со невооружените и неспособни за востание." Што се однесува до раководните тела, тие имале три до пет члена, и биле "конституирани со општа согласност".

Во однос на стратегијата и начинот на водење на Востанието, било решено тоа да биде општо, односно да се кренат сите окрузи, а да се води на партизански начин, "со оглед на тоа дека само еден дел од населението е вооружен". Освен тоа, било решено "на денот на Востанието да се кренат сите вооружени сили по реоните како чети", а четите требале да ги прекинуваат патните, телеграфските и поштенските врски, да го разоружуваат турското население, да ги напаѓаат државните згради, да напаѓаат (според можностите) секоја турска вооружена единица, да ги бранат христијаните, вклучувајќи ги и туѓите поданици од турски напади. Било забрането да се напаѓа мирното население и да се посега по турски жени, деца и старци. Било предвидено четите да дејствуваат поединечно, а во случај на потреба да се здружуваат две до три чети и, по извршената акција, да се растураат. Последниот ден бил прифатен Уставот и било решено Главниот штаб да го определи денот на Востанието.

Покрај тоа, на Конгресот бил критикуван и Анастас Лозанчев, претставник на Битолскиот револуционерен округ на Солунскиот конгрес, "кој самоволно и неосновано го претставувал округот на Конгресот во Солун, земајќи обврски во името на округот без да ги консултира реоните."

Востаничкиот дисциплински устав е еден од оние документи кои се инкорпорирани во континуираниот развиток на идејата за македонска државност. Токму затоа, поопширно ќе се задржиме на него, како документ кој претставува етапа во развојот и структурирањето на македонската државно-правна идеја.

Дисциплинскиот устав го определувал Главниот (Генерален) штаб како врховно раководно тело на Востанието, односно, како врховен заповедник на сите вооружени сили, но и "највисок орган на власта на востаничката територија. Тој е орган што раководи со востанието и сите вооружени единици стојат под негово заповедништво." Меѓународната активност на востаниците, исто така, се одвивала преку Главниот штаб - тој бил единствено овластен да води преговори со надворешни сили, како и со непријателот. Генералниот штаб за својата работа одговарал пред Конгресот, што произлегува од "принципот на одговорност на сите органи на ТМОРО и ја наоѓа својата основа во Уставот на ТМОРО од 1896 година, според кој сите органи подлежат на контрола од страна на највисоките претставнички тела на Организацијата, т. е. од страна на конгресите, кои можат да бидат општи, околиски или окружни."

Уставот го регулира судството, односно, постапката при изречување казни. "Во одделни одредби го наоѓаме принципот на материјалната вистина и на двостепеност при донесувањето на пресудата", при што обвинетиот треба да биде ислушан, да се изведат доказите и "дури по сестраното утврдување на сите околности на случајот и на делото може да се изрече казната."

Востаничкиот дисциплински устав не ги санкционира сите "одредби за идното устројство на македонската држава. Тој тоа не го ни истакнува, оти тој е дело на делегатите од окружен конгрес на ТМОРО, а не на општиот конгрес, кој единствено е овластен да ги разгледува и да решава по прашањата што се од значење за целата територија на Организацијата на која се протега нејзиниот суверенитет. Оттука, Востаничкиот устав ги дава само основите на новата организација на револуционерната власт на еден дел од територијата, т.е. територијата на Битолскиот револуционерен округ."

Извор: Македонско братство

February 18, 2015

Пајонски бронзи од гроб 338, VIII век пне

МК - Пајонски бронзи од гроб 338, VIII век пне

Откриени на археолошкиот локалитет Лисичин Дол во Исар Марвинци, во близината на Валандово.

Наоди од бронзен појас и декоративни бронзени висулци датирани 750 - 700 години пне.

Откриени за време на археолошки истражувања во 2012 година од страна на археолозите Страхил Темов и Златко Видески.
 
EN - Paeonic bronze artefacts from the grave 338, VIII century BC

Discovered in the archaeological site Lisičin Dol, Isar Marvinci in the southeastern part of Macedonia.

Bronze belt and decorative bronze hangers dated from 750 until 700 years BC

Discovered through archaeological excavation in 2012 by the archaeologists Strahil Temov and Zlatko Videski

© Археолошки Музеј на Македонија
© Archaeological Museum of Macedonia

February 17, 2015

Подготовки за Илинденското востание

Историјата на Тајната македонско-одринска револуционерна организација е проследена со постојани внатрешни борби меѓу претставниците на пробугарскиот Врховен комитет и македонската струја на ТМОРО. Хетерогеноста на Организацијата придонесе по редица прашања да се појавуваат несогласувања, а доведе и до диференцирање на две крила - лево и десно. "Левицата со Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански и други, цврсто стоеше на позициите за независност и самостојност на македонското национално ослободително движење, за полна политичка автономија на Македонија. Десницата со Христо Матов и други ... се наоѓаше под влијание на врховизмот, односно на големобугарските официјални фактори, но, се уште, се држеше прикриено." Д-р Манол Пандевски како раководители на десното крило ги означува, покрај Христо Матов и Иван Гарванов , Христо Татарчев, Анастас Лозанчев, Иван Хаџи Николов, одбележувајќи дека "кон нив, по 1901 година, клонел и Даме Груев." Врховистичкото крило во ТМОРО го зголемило своето влијание кога "еден од врховистичките експоненти и агент на бугарската влада, Иван Гарванов, успеал да се вовлече во составот на ЦК и привремено да ја заземе должноста претседател." Гарванов го "узурпирал ЦК на ТМОРО во јануари 1901, кога по една провала, бил затворен од полицијата целиот дотогашен состав на Централниот комитет, што го сочинувале Христо Матов, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и Пере Тошев. Во резултат на паниката што при апсењето го зафатила, Иван Хаџи Николов му го предал ЦК на Гарванов."

Несогласувањата во Организацијата се еден од битните моменти во историјата на ТМОРО, со оглед на тоа дека "познатите судири во нејзините редови, кои во годините по Илинден сосема јасно се искристализирале и кои ќе ја следат се до нејзиното пропаѓање, ги влечат своите корени од непосредниот предилинденски период" Во почетокот на XX-тиот век, едно од главните прашања, околу кои биле спротивставени левото и десното крило на ТМОРО, секако, е прашањето за подигање востание во Македонија, односно, прашањето за терминот на востанието, за кој врховистите инсистирале да биде што побрзо, а Гоце Делчев, ЃорчеПетров, ПереТошев, како и, воопшто, претставниците на левото крило на Организацијата, се залагале востанието да биде подигнато во моментот кога ќе се создадат услови за сенародно востание, услови кои во 1903 година не постоеле.

Иницијативата за кревање востание потекнува од Иван Гарванов, чие "влегување во Организацијата и застанување на чело на нејзиното највисоко раководно тело претставуваше фатален момент во развитокот на Организацијата и, воопшто, во развитокот на македонското националноослободително движење." Фаталноста се огледа, пред се, во неговата целосна предаденост на бугарскиот Двор и во неговите активности и залагања востанието да се дигне што побрзо. Работејќи во таа насока, Гарванов почнал "уште во есента 1902 година да подготвува терен, односно, да консултира одделни работници на Организацијата, а и надвор од неа, за потребите и можностите за востание во Македонија во пролетта или летото 1903 година. Во текот на овие разговори беа консултирани лица за кои Гарванов беше однапред убеден дека ќе се согласат со него." Работата на Гарванов му ја олеснуваше и отсуството на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои во овој период беа задгранични претставници на ТМОРО во Бугарија. Благодарејќи на напорите на Гарванов и десното крило на Организацијата, на 2, 3 и 4 (15, 16 и 17 според новиот календар) јануари 1903 година во Солун беше одржан конгрес на ТМОРО на кој беше донесена одлука за кревање востание. На Конгресот учествувале Иван Гарванов, Спас Мартинов, Димитар Мирчев, Лазар Димитров, Тодор Пејков, Иван Сапунаров, Велко Думев, Никола Петров, Христо Влахов, Никола Хрлев, Димитар Занешев, Анастас Лозанчев, Димитар Ганчев, Иван Ингилизов, Георги Варналиев, Тодор Лазаров и Христо Поп Коцев. Како што се гледа, Гарванов успеал на Конгресот да не присуствуваат Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои, несомнено, со својот авторитет би придонеле Солунскиот конгрес да не ја донесе одлуката за кревање предвремено востание.

Учесниците на Конгресот не ги "претставувале рамномерно сите окрузи на Револуционерната организација. На тој начин, Конгресот не бил комплетен и, според тоа, во ваков состав не можел да донесува крупни решенија, без согласност на сите револуционерни комитети." Што се однесува до застапеноста на сите краишта на Македонија на Солунскиот конгрес, "веднаш паѓа во очи дека во записникот се говори само за претставници на реони и во случаите кога пред себе имаме цели окрузи. Од друга страна, три окрузи имале само по еден делегат (Битола, Одрин, Серес), а од другите три - по неколкумина (Солун - четири и тоа без тројцата членови на ЦК, Скопје - два, Струмица - два). " На тој начин, "излегува дека присутните делегати застапувале одвај една третина од реоните на ТМОРО."

И на Солунскиот конгрес се одразиле несогласувањата околу подигањето на востанието. Противниците на востание што би се дигнало во 1903 година сметале дека "револуционерните окрузи не се доволно подготвени со оружје и со раководни бојни кадри и дека моментот уште не е погоден. За подигање востание најмногу инсистирал Иван Гарванов, кој, меѓу другото, говорел дека во случај на востание можело со сигурност да се смета на помош од Бугарија." Гарванов успеал да ги убеди повеќето делегати, со што одлуката за востание била донесена. Што се однесува до карактерот на востанието, "се прифатил предлогот тоа да биде ‘општостратешко’."

Како што веќе рековме, левото, македонско крило на ТМОРО наполно не се согласувало со одлуката востанието во Македонија да се подигне во 1903 година. Така, на пример, Јане Сандански вели дека по веста за одлуката на Солунскиот конгрес, "мене како ровја да ме удри. Паднав сосема отепан и не можев да одам." Сандански, впрочем како и Делчев и Петров, смета дека "востание може да се прави само ако сите се подготвени и без да се надеваме на надворешни ветувања."

По Солунскиот конгрес, Христо Матов и Христо Татарчев, чија активност била во рамките на проврховистичката ориентација на Гарванов, во Софија свикале советување на кое учествувале главните и најавторитетните идеолози и раководители на ТМОРО. Целта на советувањето била да се убедат овие македонски револуционери во неопходноста да се крене востание, бидејќи Гарванов и неговите соработници биле свесни за значењето на нивната поддршка. Советувањето било одржано во јануари 1903 година и на него учествувале, меѓу другите, и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев и Иван Хаџи Николов. И на ова советување се диференирале две групи - врховистичката и македонската. Во првата спаѓале Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и уште неколкумина, а втората ја предводеле Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Пере Тошев немал диферениран став за востанието, образложувајќи го тоа со неговото неодамнешно враќање од затвор и непознавањето на состојбите.

Христо Матов своето залагање за востание го образложил вака: "Непосредната и главната цел на востаничките дејства (тој го изоставил терминот востание) би била да се посегне што посилно врз интересите на блиски и далечни држави, што би предизвикало ефикасно надворешно мешање, кое би довело до автономија на Македонија". Во редот на блиските држави на кои Х. Матов им признавал интереси во Македонија, требало на прво место да се вброи Бугарија. ‘Целта на нашите дејства не беше пишува тој, ние да станеме господари на ситуацијата, туку турската власт да не биде господар на положбата во земјата.’ Тој го отфрлил масовното во смисла на масовно дејствување со оружје. Според него, борбата требало да се води како герила и само од опитни и калени поединци, што би значело чисто четништво. И за мнозинството учесници на Солунскиот конгрес профилот на востанието изгледал слично. Неговата главна задача била да го привлече вниманието на надворешниот фактор и да доведе до надворешна интервенција.

Став сосема спротивен од врховистичкиот имале Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Тие сметале дека востанието не смее да се дигне во 1903, кога се уште не биле стекнати сите услови. Така, на пример, Ѓорче Петров подвлекувал дека "ако го прогласиме ова востание, ќе ја подбиеме идејата за сенародно востание за долго време, зашто ќе се кренат само неколку околии. Уверував,продолжува тој во своите сеќавања, дека е сега невозможно сенародно востание, зашто уште нема подготовки, ниту нужни материјали. За одоваде вардарскиот дел им претскажував дека ние ќе работиме против сами себеси, зашто ќе ја повториме 1895 година - востание само со чети од Бугарија, што ќе биде против основните задачи на Организацијата...". Ѓорче Петров ни го оставил и ставот на Гоце Делчев околу востанието: "Делчев се обиде да ги урне мислењата, тој немаше дар за зборување, се искажа дека е категоричен противник на востание какво што проектираа, а е за востание какво што бевме планирале јас и тој. Делчев се запали, се испоти, се расфучи." А Гоце Делчев имал и зошто да се расфучи - Петров ни го оставил профилот на материјално- техничката подготвеност на луѓето на Организацијата во Македонија: "За штогоде подготвени можат да се сметаат само седум околии: Костурската, Леринската, Битолската, Демирхисарската, Кичевската, во Солунско само Кукушката, и тоа доста слабо; во Струмичко само Струмичката околија, и тоа со незгодни пушки кримки, и во Скопско само Штипската околија, со кримки и со мартинки..." Наместо вакво, неподготвено востание, Ѓорче Петров предлагал "перманентно востание": "Ние препорачуваме да се измени тактиката на дејствата на четите и на диверзантските елементи по градовите, да се почне активно дејствување кое да се доближи до востание. Јас настојував да им ги разврземе рацете на четите и на градските раководители за поединечни акции во целата земја, кои подоцна би прераснале во вистинско востание." Гоце Делчев бил близок до идејата на Ѓорче Петров. Тој вооружените активности ги гледал како "напади од страна на четите против аскерски единици и атентати од страна на решителни момчиња по железничките линии, а исто така и против државните установи."

Излагањата на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, со својата аргументација, не оставиле многу простор - заклучокот на советувањето бил: против избрзано востание! "Како резултат на сето тоа, апсолутното мнозинство реши да им се соопшти во Солун, од името на сите присутни, дека сме против земеното решение за востание," пишува Горче Петров во своите сеќавања. - "Борис (Сарафов) и Славчо (Ковачев) навидум се согласија (гласаа против). Останаа само Матов, Татарчев, Хаџи Николов и уште еден-двајца, кои гласаа за востание. Бевме натоварени јас и Матов да го пишуваме писмото. Јас побарав тој и јас да го составиме одделно проектот за одговор. На собранието мојата редакција, поотворена и порешителна, се прими и се испрати во Солун како мислење на овдешните претставници на Организацијата. За забележување е дека најмногу беа за востание оние околии, кои подоцна не зедоа учество во востанието."

Противењето да се крене неподготвено востание на видните дејци на Организацијата се обидел да го анулира Гарванов, кој со Думев дошол во Софија кон средината на јануари. Двајцата во Бугарија "одржувале средби и, скришно од Ѓорче Петров, се договарале само со двајца задгранични претставници и со Сарафов. Петров одбил да се состане со емисарите од Солун, зашто тие криеле од него што прават и зошто се дојдени, а Пере Тошев ги оставил без определен одговор. Во тие денови, Гоце Делчев не бил во Софија, тој ја минал границата и на 12 (25) јануари веќе бил во Разлошката Котлина. Мисијата на двајцата емисари успеала. Христо Матов и Христо Татарчев испратиле ново писмо во Солун, во кое известувале дека, наводно, луѓето на Организацијата во Софија, со исклучок на поединци, се согласни со одлуката на јануарскиот конгрес." Во писмото, се разбира, не стоело дека тие "поединци" се главните дејци на ТМОРО - Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Така, "одлуката за востание била дело, во прв ред, на Иван Гарванов, Анастас Лозанчев, Христо Матов и Христо Татарчев, кои ја имале согласноста на Даме Груев. Нејзиното спроведување ќе биде дело на далеку поширок круг раководители и активисти."

Извор: Македонско братство

February 16, 2015

Младотурската револуција

Во 1876 година новиот султан Абдул Хамид II го суспендира недолго пред тоа донесениот Устав, а неговите приврзаници ги прогони. Меѓутоа, овие политички емигранти на Запад покренаа широка пропагандна активност, во која бараа реформи во Отоманската империја, кои би претставувале трансформација на стариот државен строј, врз основа на демократските принципи што ги барало времето. Приврзаниците на реформите го добија името "младотурци", име под кое во 1908 година била подигната Младотурската револуција.

Во 1891 година во Женева е формиран "Отомански комитет за единство и напредок", кој подоцна, во времето на Младотурската револуција, прерасна во партија "Единство и напредок", а чии цели биле "борба за запазување на целоста на Отоманската империја, а во тесна врска со ова радикално реформирање на Турција" , односно, повторно заживување на уставноста и редуцирање на апсолутистичката власт на султанот.

На 3 јули 1908 година, Нијази-беј, командант на турскиот гарнизон во Ресен, и ја откажал послушноста на Големата порта и со својата единица почнал операции против властите во околијата на Ресен. Нему му се придружиле младотурските комитети, во соработка со албанските лидери. Превратот почнал да се шири и набрзо бунтовниците контролирале една широка територија, која во себе ги вклучувала Преспанско, Охридско, Струшко, Дебарско, како и дел од албанската територија. На 22 јули младотурците ја освоиле Битола, притоа ослободувајќи ги сите политички затвореници. Утредента, во Солун, се одржале големи демонстрации, на кои учествувале околу 30.000 души. И во Солун биле ослободени политичките затвореници.

Покрај ослободувањето на политичките затвореници, младотурците ги легализирале и вооружените чети. На 31 јули 1908 година, во Солун, Јане Сандански упатил Манифест до сите народности на Османската империја, во кој го повикува и христијанското население во борбата против султанскиот апсолутизам. Обраќајќи се до Турците, Сандански во Манифестот вели дека "управниците лажеа досега дека христијаните биле ваши непријатели. Сега вие разбирате кои се ваши браќа, а кои ви се непријатели." Во делот на Манифестот со кој Сандански се обраќа до христијаните, се вели "Да ги закопаме заедно со апсолутизмот и создадените од него национални самоистребувачки борби." При тоа, Сандански предупредува: "Не подавајте им се на престапните агитации кои можеби ќе се поведат од официјалните власти во Бугарија против нашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција што се стреми кон слобода."

Единиците што Абдул Хамид II ги испратил да го задушат востанието откажале да се покоруваат на султановите наредби. Падишахот немал друг излез - на 24 јули 1908 година одново стапил на сила Уставот од 1876 година.

Основните принципи на новиот-стар Устав ги одбележува д-р Манол Пандевски: "Слободите, според овој Устав, биле сосема ограничени, а многу негови одредби биле реакционерни. Султанот и натаму ги задржувал прерогативите на ‘највисок калиф’ и ‘падишах’. Неговата личност била неприкосновена и неодговорна пред законите на земјата. Уставот му давал право да ги назначува и отпушта министрите, да ги поставува сенаторите. Муслиманскиот елемент бил поставен во привилегирана положба. Правата на немуслиманите, и како поединци и како народносни заедници, биле ограничени. Уставот им ги оставил дотогашните привилегии на пропагандните црковно-школски институции во Македонија. Тој не предвидувал да се воведат економско-општествени односи на штета на феудалните сили. Уставот утврдувал дводомен парламентарен систем: покрај Народното собрание, постоел и Сенат, кои заедно го сочинувале Отоманскиот парламент. Сенатот бил составен од претставници од турската висока бирократија и од крупните земјовладетели. Тој имал задача да ја ограничува и без тоа, речиси, никаквата законодавна иницијатива на собранието." Како што се гледа, Уставот не докрај ги донел очекуваните реформи, но, сепак, овозможил создавање на една сосема друга општествено-политичка атмосфера во Македонија.

Извор: Македонско братство

February 12, 2015

Лозарите

Во Виена во 1894 година, под псевдонимот Вардарски, Петар Поп Арсов ја издаде брошурата "Станболовштината во Македонија и нејзините претставници". Тоа беше единствена книга во тоа време, која толку јасно и недвосмислено ја отслика и разобличи непријателската улога на Бугарската егзархија и нејзиниот училиштен оддел кон Македонија.

Петар Поп Арсов мошне јасно ја сфатил улогата на Егзархијата и нејзините училишта ширум Македонија како "тројански коњ" за да "создадат во Македонија Бугари", како што тој самиот во брошурата ќе напише. Поп Арсов и припаѓаше на онаа голема група од околу 40 македонски ученици и студенти, кои, истерани од егзархиските училишта во Македонија, преминаа во Белград, па таму, откако не се согласија со великосрпската политика, кон 90-тите години на минатиот век, се преселија во Софија, каде што ја формираа Младата македонска книжевна дружина и каде што почнаа да го издаваат списанието "Лоза". Во таа група беа, покрај другите, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Крсте П. Мисирков, Григор Хаџиташковиќ, Димитар Мирчев, Ѓорѓи Белев, Тома Карајовов, Христо Матов, Андреј Љапчев, Ѓорѓи Балашчев, Климент Караџулов и Христо Поп Коцев.

Крсте П. Мисирков ќе напише во "За македонцките работи": "Мислата за национално обединување на Македонија, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 година. Кон крајот на 1890 година во Бугарија се префрлија 30-40 ученици и студенти Македонци од Белград. Тие ученици се душата на сите собитија во Македонија од тогаш до сега. Тие ги запознаа Србија и Бугарија со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја осознаа опасноста за поделбата на Македонија меѓу тие две држави, доколку Македонците сами не се вооружат, за да ја извојуваат сами, со сопствени сили и средства, слободата и со тоа да ја предупредат поделбата на Македонија... По нивна иницијатива, се формира, кон почетокот на 90-тите години, еднонационално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со подигање на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието ‘Лоза’."

Дружината, полуилегално, беше формирана во втората половина на 1891 година и во неа влегоа највидните претставници на тогашната млада македонска интелигенција. Се претпоставува дека соработници на Движењето биле и Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров. Во јануари 1892 година излезе првиот број на "Лоза". Во него беше објавен и Уставот на Дружината, кој во три точки ја определуваше нејзината цел: да издава свое списание, да ги постави основите на читалиште во Софија и да прави "други благодејанија", како, на пример, поддржување ученици и слично, ако за тоа има средства.

Како што се гледа од Уставот, нема ништо пошироко на национален план. Меѓутоа, воведниот збор, практично, беше платформата зад која стоеше младата Македонска книжевна дружина. Наместо наслов тој ја имаше мислата на Софокле: "Ништожник е оној што има подобар пријател од татковината". Во воведниот текст се нагласува стремежот на "штогоде чувствителниот Македонец, каде и да се наоѓа тој", треба да е ист - засилен отпор на Македонците против "грабливите посегнувања" кон Родината! А за да се засили тој отпор, потребно е да се обединат раздробените, разнишани сили во една општа, моќна сила - народна сила, ако се сака да се зачува иднината на својата татковина, Македонија!

Во истиот тој, прв број на "Лоза", се појави и статијата на охриѓанецот Горѓи Балашчев под псевдонимот "Езерски", озаглавена "Неколку белешки". Балашчев, кој две години пред тоа ја издаде брошурата "Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци", на македонски јазик, во статијата, прави преглед на објавуваните патеписи за Македонија, сакајќи на тој начин "да ги потсети претендентите на историското минато на Македо-нија", како и да го "обележи самостојниот развиток на македонскиот народ".

Наспроти тоа што еден дел од материјалите во "Лоза", како во првиот така и во неколкуте наредни броја, барем оние што се однесуваа на "македонското прашање", беа пишувани деликатно, сепак, реакцијата беше жестока. "Појавата на ‘Лозарите’ беше примена како природно продолжение на движењето што го водеше скопскиот митрополит Теодосиј".

Органот на бугарската влада, весникот "Свобода", пишуваше: "Кога усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ, засега се насочени кон глува, бесшумна борба за бугарското национално единство, кога се арчат и пари и сили и народна енергија и кога, во таа борба со Србите и Грците не се штеди ништо за да победи идејата за тоа дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија е син на една и иста мајка-Бугарија, дека тој има еднакви обичаи, нарави, јазик, политички стремежи и идеали и при сето тоа... во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!".

Она што "Лоза" не го кажуваше јавно, "оние" од другата страна гласно го потенцираа: "Од статијата ‘Неколку белешки’ се гледа дека Дружината припаѓа кон ‘денешниот преовладувачки словенски елемент’, дека името на тој елемент му е ‘Македонци’, дека Македонија е нивната татковина и дека таа е ‘одделно словенско’(!?) господарство, чие минато е покриено со блесок, особено од времето на Филипа и Александар Велики...", пишуваше "Свобода".

Всушност, "Свобода" точно ја прецизира националната програма на "лозарите": нивната татковина е Македонија, таа е населена со одделно словенско племе наречено Македонци, преку нејзиниот простор беснеат пропагандите на Бугарија, Грција и Србија, чија цел се сведува на едно те исто - посегање по македонската територија, и дека е потребно да се оформи македонски литературен јазик, што ќе се потпира на охридското поднаречје.

Фронталниот напад на софискиот печат врз "Лоза" и "македонските сепаратисти" значеше само едно: Софија нема да дозволи раѓање на какво и да е "сепаратистичко" движење против "усилбите на бугарскиот народ за бесшумна борба за бугарското национално единство". "Лоза"се појави уште двапати и тоа бројот 2 и двобројот 3-4 и кон почетокот на летото 1892 година престана да излегува. Во меѓувреме Младата македонска книжевна дружина беше растурена.

Десетина години подоцна, Крсте П. Мисирков напиша: "Тоа духовно движење на Македонците не и се бендиса на бугарската стамболовска влада, која забрани да се издава ‘Лоза’ и фати да ги гони македонските сепаратисти". Коста Шахов, еден од оние духовни двигатели на македонското национално чувство во последните децении на минатиот век и претседател на ММКД, во 1894 година пишуваше како се однесе официјалната власт кон ММКД: "Ако ја земе човек предвид силата на таа гнасна ‘Свобода’ во она време ќе ја разбереме положбата на оние бујни младинци дури и без да кажуваме дека еден нејзин член власта го интернира, ќе ја разбереме положбата на Дружината...".

Разбивањето на Дружината не значеше, ниту пак можеше да значи и разбивање на нејзината основна идеја -веќе идната година во Солун беше, на иницијатива на нејзини членови, формиран "Комитет за добивање политичките права на Македонците дадени од Берлинскиот конгрес", од кого потоа, според сведочењето на Петар Поп Арсов, се разви Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Во "Стамболовштината...", Петар Поп Арсов ќе подвлече дека овој Комитет, всушност, е модифицирано продолжение на "лозарската" идеологија. Фактички, ставовите застапени во "Стамболовштината..." на Поп Арсов претставуваат "доградување на ‘лозарството’ и како Движење". Интересно, бугарската влада формира своја ММКД и се обиде повторно да го издава списанието "Лоза" (излегоа само два броја на бугарски јазик, со нагласена бугарска националистичка идеологија), меѓутоа, без некој поконкретен резултат. Остана вистината дека ММКД и "Лоза" во последната деценија на XIX век, со прашањата што ги актуелизираа и со директната провокација на националното чувство на Македонија, станаа "меѓник во македонската историја", меѓу две драматични и преломни етапи од развојот на македонската национална самосвест.

Извор: Македонско братство

February 11, 2015

Републикански Денар од Ајмилиј Лепид Паул од 62 год. пне

МК - Републикански Денар од Ајмилиј Лепид Паул од 62 год. пне

Римска монета републикански денар кована 62 г. пне на чија реверсна страна е прикажан Ајмилиј Лепид Паул (римски војсководец кој извојувал победа над последниот македонски крал Персеј) и тројца заробеници, Персеј и неговите двајца синови.

Победата на Ајмилиј Лепид Паул над Македонија била прославена во Рим, каде што три дена триумфалните поворки го прикажувале воениот плен кој меѓудругото се состоел од голем број уметнички дела, садови од благородни метали, и пари.

Според Плутарх сребрените пари биле носени во седумстотини и педесет садови од кои секој содржел по три таланти (1 талант = 26 килограми), а златните во седумдесет и седум сада по три таланти.

Богатиот воен плен толку ја збогатил римската државна каса што народот не плаќал даноци се до 43 г. пне.


EN - Republican Denarius of Lucius Aemilius Paul, 62 BC

Roman coin republican denarius from 62 BC. On the reverse we have a representation of Lucius Aemilius Paulus (Roman army leader who waged a victory over the last Macedonian king Perseus), and three prisoners that depict Perseus and his two sons.

The victory of Aemilius Paulus over Macedonia was greatly celebrated in Rome where the triumphant processions showed the spoils of war for three days consisted of huge number of art work, pots from precious metals and money.

According to Plutarch the silver coins were carried in seven hundred and fifty pots each containing three talents (1 talent = 26 kilograms), and the gold coins in seventy seven pots containing three talents each. The abundant spoils of war enriched the roman state so much that the people didn't pay taxes until 43 BC.

© Археолошки Музеј на Македонија
© Archaeological Museum of Macedonia

February 10, 2015

Рилскиот конгрес на ТМОРО

По Илинденското востание, а особено по самораспуштањето на Централниот комитет на ТМОРО во април 1904 година, Организацијата се најде во тешка положба, која уште повеќе се влоши со оглед на се поголемото хетерогенизирање на ТМОРО. Со сета жестина се наметна потребата од консолидирање на редовите на Организацијата. За таа цел, се одржале конгреси во сите окрузи, кои требале да помогнат да се структурира новата платформа на Организацијата, платформа која требаше да биде донесена на еден општ конгрес и која требаше дејствувањето на ТМОРО да го постави на нови основи, основи што ќе координираат со времето и условите и кои ќе придонесат ситуацијата во Внатрешната организација да се консолидира. По одржувањето на окружните конгреси, делегатите на окрузите се собрале, кон крајот на септември 1905 година, во Софија, на советување на кое, меѓу другото, требало да се одреди и местото на одржување на Општиот конгрес на Организацијата. Се прифатил предлогот на Ѓорче Петров Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир.

Така, во манастирот, во почетокот на октомври 1905 година, се собрале 22 делегата од сите окрузи: Даме Груев, Мишо Развигоров, д-р П. Кушев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов, Георги П. Христов, Павел Христов, Борис Манчев, Аргир Манасиев, Добри Даскалов, Христо Чернопеев, Стоју Хаџиев, Иван Илиев, Мануш, Јане Сандански, Лазар Томов, Илија Балтов, Лазар Маџаров, Стамо Икономов, Климент Шапкаров и П. Васков. На Конгресот се зборувало за изминатата активност, била разгледана актуелната состојба и се поставило прашањето за натамошното дејствување. Исто така, станало збор и за организациската поставеност на ТМОРО, прашање кое предизвикало најмногу несогласувања. На крајот, дискусиите резултирале со нов Правилник и Устав на Организацијата, а биле избрани и нови тела. Во Централниот комитет влегле Даме Груев, Пере Тошев и Т. П. Антов, во Задграничното претставништво биле назначени Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петар Поп Арсов, додека за уредник на "Револуционерен лист", официјалното гласило на Организацијата, бил назначен Димо Хаџи Димов. Натаму, Конгресот расправал и за туѓите пропаганди во Македонија, како и за бугарскиот државен национализам и врховистите, за што издал посебни документи.

На Конгресот во Рилскиот манастир станало збор и за Илинденското востание, поточно, за избрзувањето во неговото подигање. Било решено да се води "сенародна борба против турската власт", со востание што би било продолжување на "перманентното востание" што Ѓорче Петров го заговарал уште во 1903 година. Битен е ставот на Конгресот против оружените акции под надворешни влијанија, со што уште еднаш Организацијата се наметнала како единствен легитимен претставник на македонскиот народ, со суверена и самостојна политика.

На Рилскиот конгрес била претресувана активноста на Борис Сарафов и Иван Гарванов, кои биле осудени на смрт. Казната, во 1907 година, ја реализирал војводата Тодор Паница.

Несомнено дека меѓу најважните документи на Рилскиот конгрес спаѓаат Уставот и Правилникот на Организацијата, кои "не се само програма на една политичка и револуционерна организација, туку и декрет за натамошното устројство на идната македонска државност."

Во првиот член на Уставот на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (Конгресот, меѓу другото, го сменил и името на Организацијата) се вели дека целта на ВМОРО е "да ги сплоти во една целина сите назадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за извојување политичка автономија на тие две области." Веднаш по прокламирањето на основната цел на Организацијата, ВМОРО се декларира, во вториот член на Уставот, дека е против "стремежите за делба и завладување на тие области од која и да е држава." Според коментарот на проф. д-р Александар Христов, кој се потпира на материјалите објавени во "Револуционерен лист" од 2 јуни 1905 година, ВМОРО под "политичка автономија" подразбира "создавање одделна македонска држава во рамките на идната балканска федерација." Тргнувајќи од овие основни определби на целите на ВМОРО, Конгресот "го прогласува суверенитетот на Внатрешната организација врз територијата на Македонија. Таа е исклучив и единствен претставник на интересите на македонскиот народ." Во таа насока, во веќе спомнатите документи од Рилскиот конгрес во кои се зборува за странските пропаганди, стои: "Имајќи ја за основа револуционерната подготовка на народните маси за вооружена борба против турскиот режим, Организацијата му ја запазува на секој еден човек во Македонија и Одринско слободата на верата, убедувањето на националното самосознание. Но, таа се спротивставува на секаква легална пропаганда, која го отстранува населението од Организацијата и од нејзината револуционерна дејност." Тргнувајќи од стојалиштето дека суверенитетот на ВМОРО се протега на територијата на Македонија, Организацијата прокламира дека ќе води борба против туѓите пропаганди, потпирајќи се на тоа дека "а) тие се орудија на држави и влади кои го сакаат завладувањето на територијата на Организацијата, б) како такви, тие се и против автономијата на Македонија и Одринско, в) тие го дробат населението и со тоа му ја намалуваат неговата сила во борбата со Турчинот, тие убиваат невини луѓе за кои е должна Организацијата да се грижи и да ги чува и дека тие дејствуваат во согласност со турските власти." Во тој правец е и обраќањето до членовите на пробугарскиот Врховен комитет од Софија. Таму, меѓу другото, се вел дека "Организацијата не може понатаму на никаков начин да трпи на својата територија никакви други групи и корпорации со истата нејзина цел и задача, било тие да го имаат изворот внатре на нејзината територија, било пак надвор од неа. Таа ќе ги гони по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи потпаѓаат под сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното револуционерно дело и злосторниците на татковината, каде и да се наоѓаат тие, биле членови или не на Организацијата." Натаму, Организацијата активноста на Врховниот комитет ја оценува како "сепаратистичка" и ги повикува неговите членови "во интерес на делото, доброволно да ја растурат нивната група."

Организацијата средствата во борбата за остварување на целта што ја поставила пред себе ги гледа во "отстранување на шовинистичките пропаганди и национални расправии, кои го цепат и омаломоштуваат населението во неговата борба", како и во дејствувањето "за внесување револуционерен дух и сознание во населението". Освен тоа, Организацијата "се грижи за вооружувањето и за културното и економското издигање на народот", (чл. 3).

Една од основните придобивки на Рилскиот конгрес на ВМОРО е натамошната демократизација на Организацијата, која својот законодавен израз го добива во чл. 5 на Уставот. Во него се вели дека "член на ВМОРО може да биде секој што живее во Европска Турција, без разлика на пол, вера, народност и убедување."

Во Уставот на ВМОРО донесен на Рилскиот конгрес се дефинира и устројството на Организацијата. Според него, Внатрешната организација "се состои од месни револуционерни организации", кои, од своја страна, се делат на "групи со по еден десетар." Месната организација е раководена од месен комитет, додека хиерархијата на комитетите се движи од селски, преку градски, реонски, општински, окружни, се до еден централен. Надворешното претставување на Организацијата го врши претставничко тело. Со овој Устав се воведува изборност на функциите, како и судски и финансиско-контролни институти.

Што се однесува до вооружените формации, во одлуките на Конгресот се утврдува "тесната надлежност на четите, нивната улога е ограничена на помошни органи на легалните тела на Внатрешната организација, т.е. на месните (селски, градски, околиски и окружни) револуционерни комитети. На тој начин, револуционерните комитети на ВМОРО се поставени како единствени и исклучиви носители на револуционерната власт и дејност во Македонија."

Решенијата на Рилскиот конгрес, иако набрзо блокирани од десното крило на ВМОРО, сепак, претставуваат етапа во развојот на борбата на македонскиот народ за своја национална слобода и државност. Конгресот уште еднаш го потврдил стремежот на Организацијата за сопствена самобитност и суверенитет на Организацијата на целата територија на Македонија, како и демократизирањето на ВМОРО

Извор: Македонско братство

February 9, 2015

Раѓањето на македонската национална свест

Извонредниот познавач на средновековните прилики на Балканот, Стјепан Антолјак, проучувајќи го името на Македонија и Македонците во средниот век, ќе констатира дека "не постои ниту еден изворен податок за тоа дека Македонците самите себе се нарекувале Бугари!". Историски факт е дека "широките македонски маси ни тогаш (во средината на минатиот век - з. н.), а ни порано не се чувствуваа Бугари, ниту бугарското име го употребуваа како свој народен белег", ќе констатира Драган Ташковски. Точно е и тоа дека некои поединци од тогашната малубројна македонска интелигенција, кои беа опфатени од бугарската пропаганда, себеси се декларираа како "Бугари", меѓутоа, тоа име беше далеку од народните маси. И кога во борбата против елинизмот, во Кукуш, на пример, кукушани настојуваа да се воведе бугарскиот јазик во училиштата, за луѓето тоа значеше воведување на црковнословенскиот јазик во училиштата. На социјален план тоа настојување не се разликуваше од она на Крчовски, Пејчинович и Синаитски во првите децении од минатиот век, кои под "бугарски јазик" го разбираа "простиот јазик", јазикот на народот. "Со толку труд и со љубов," - ќе запише Теодосиј Синаитски во предговорот на "Утешение грешним" - "е составена оваа книжица, на прост јазик", кој "отвора серцето на простиот человјек".

Народното движење на македонскиот народ во почетокот сосема се поклопувало со црковното движење во Македонија. И едното и другото биле најцврсто врзани со словенството. Коренот на овој феномен е просто објаснив: националното будење ја затече Македонија без свое обележје, без свои државно-правни традиции. Врзувањето на Македонија за древните Македонци на Филип и Александар беше најбезболниот пат што водеше кон нова афирмација на имињата Македонија и Македонци и кон нагласување на разликите од другите соседни словенски народи. Ѓорѓија Пулевски во песната "Македонцим ув прилог" ќе пее:

Татковина је ово место мило Македонцим,

кралевина било под краљом Филипом,

старо царство јесте от цара Александра,

наш цар, македонски,

познат Александар Велики ув вселени,

он је наше царство во Полуостров Балкански

је го оставил все горским славјаним.

Кон средината на минатиот век македнското име веќе е дефинитивно прифатено како национално име.

Учителот Ѓорѓи Македонски го оставил овој запис во 1846 година: "Да се знае кога селаните од моето село Радибуш, Криворечка Паланка, ме главија за учител во нашето селско училиште... Славјанското писмо го изучив од татко ми Димитрија Маќедонски, кој така се вика зашто сме Маќедонци а не Грци, а неговиот татко се викал Јосиф, свјаштеник, а неговиот дедо Стојман, свјаштеник. И ја прекорот си го зедов Маќедонски, а не по татко ми и дедо ми, за да се знае оти сме Славјани од Маќедонија...".

Во 1848 година, пак, во Кривопаланечко, свештеникот Димитрија, од првенците на Крива Паланка, како што наведува Блаже Ристовски, бил назначен за свештеник, наспроти волјата на грчкиот владика. За ова свое назначување Димитрија оставил запис: "За моето назначување, вели, се заложи најмногу господин Михаљ Македонски, зашто сум роден Македонец и службата ја терам македонски. Од бога било пишано моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не им даваат и денеска мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство. Ние сме си имале наши словенски учители и просветители, Кирил и Методиј, кои што ни го оставија нашето словенско писмо. Тие се родум Македонци од Солун, славната престолнина на Македонија".

На поканата да дојде за учител во Кукуш, Димитар Миладинов во 1857 година им одговорил со писмо, во кое, меѓу другото, вели: "Со задоволство го прочитав вашето пријателско писмо и со голема радост разбрав за вашите големи чувства кон словенството и за образованието на нашиот народ. Јас скокам од радост кога го гледам вашиот стремеж и љубов спрема нашиот мајчин јазик и, особено, поради тоа што мнозина од младинците и свештениците решиле сесрдно да го учат словенскиот јазик, та по неколку месеци да можат да ја служат и божествената служба на стариот наш прадедовски јазик...".

Од овие неколку примери се гледа дека чувството на народност на еден посебен народ, македонскиот, главно, го ширеле учителите и свештенството.Тоде Кусев, во јануари 1867 година во писмото до весникот "Македонија" во Цариград, посебно ќе нагласи дека "колку и да се мачеа да не сопрат (Грците и гркоманите - з.н.) да одиме напред, не можеа сосема да го искоренат чувството Македонците да не бидат Македонци!".

Седум години пред ова, во "Цариградски вестник", во бројот од 27 февруари 1860 година, непознат дописник ќе ја информира јавноста: "Преди малку ви пишав од Кукуш, а сега ви пишувам од Солун не сум одел по други места на Македонија и на Тесалија. Срцето не може да ми се нарадува кога гледам дека насекаде се издига дух на народност и учење". "Српске новине" на 30 април 1860 година ја објавија информацијата од Охрид во која, меѓу другото, стои:

"Пред десет месеци овде се отвори, без да знае владиката, во куќата на Ѓорѓи Мустрев, училиште во кое за првпат, по толку векови, се слушнаа слатките звуци на народниот словенски говор!".

Така Македонецот, полека, наспроти силните отпори, но сигурно, го пополнуваше непостоењето на историската рамка за својата народна посебност, фактот дека во националното будење влезе со празни раце", што би рекол сликовито Д. Ташковски. Тој ќе констатира дека "наместо како сите народи, кои во такви преломни моменти, логички се надоврзуваа на своето историско минато и од него црпеа идеи и материјали за својата романтичарска визија, која е и придружна појава на сите преобразби на народите во нации, Македонските Словени, без своја средновековна традиција, во напонот на својата национална преродба, се најдоа во исклучително непријатни услови". Во таква состојба дојдоа не поради тоа што не постоеја како посебен народ, туку поради "отсуството на националното име и свест и нејзиното тешко породување, кое беше одраз или функција на нивниот ‘неисториски’ развиток или се дополнуваше со притисоци од страна". Просто, не постоеше прадедовска традиција. Повикувајќи се на словенството, Македонците можеа лесно да се разграничат со Грците, Власите, Албанците, Турците, меѓутоа, кога ќе станеше збор за нивното разграничување со Србите и Бугарите, славјански народи, разграничувањето - затајуваше!

Парадоксално звучи, ама точно е дека бугарското чувство кај Македонците во втората половина на 17. век и подоцна, во првите децении на минатиот век, го внушуваа - Србите! Кога во 1758 година српскиот историчар Јован Раиќ го посетил манастирот Хилендар, а таму најмногу имало македонски калуѓери, тој го поттикнувал отец Пајсиј, кој по потекло бил Македонец од Мелник, да се "осознае како Бугарин" и да ја напише "славјанско-бугарската историја". И, нвистина, кога отец Пајсиј почнал да работи на својата "Историја", читајќи ја литературата по хилендарските манастирски библиотеки, нему не му било тешко да открие голем број "податоци" и "факти" за тоа дека Македонските Словени се "Бугари!". А Герасим Зелиќ, тие години ги наговараше светогорските македонски калуѓери да му се обратат на Цариград и да бараат владици "Бугари", за какви што тој ги сметаше Македонските Словени. Беше тоа време кога не постоеше српска држава и кога заинтересираноста на српската буржоазија не беше свртена кон Македонија, туку кон Босна и Херцеговина и Војводина.

Нешто подоцна и Вук Караџиќ, откако констатирал дека меѓу српскиот јазик и јазикот на Македонците постојат осетни разлики, а не знаејќи ништо за бугарскиот јазик, една македонска песна од Разлог ја вклучил како "бугарска" во својот Зборник од народни песни од 1815 година, а во "Додатокот" од 1822 година вклучил уште 27 македонски песни, пак како "бугарски". Така, приказната за тоа дека "штом Македонските Словени не се Срби, тогаш мора да се Бугари", почнала да се шири по светот. Не наоѓајќи место за трето словенско племе меѓу Србија и Бугарија, српските научници и јавните дејци не се труделе да ја преиспитаат тезата дека Македонските Словени се Бугари. Кога тоа ќе се обидат, ќе го направат со задоцнување - големобугарската пропаганда веќе беше наголемо зачекорила на просторот на Македонија. За тоа заслуга имал и српскиот црковен великодостојник Јеротие Рачанин. Овче Поле, само затоа што потпаѓало под јурисдикција на Пеќската патријаршија, е третирано за "српска земја", а Велес, над кој се протегала диецезата на Охридската архиепископија, за него бил "бугарски град". Нешто слично во тие години, таму некаде околу 1770-тите, 3. Бркиќ, сметајќи ја Охридската архиепископија за бугарска, македонските жители околу Серез ги нарекол "Бугари". Димитрие Тиров во "Политическоје земјоописание за употребление серпске младеже" од 1832 година, издадено во Белград, ќе тврди:

"Жителите на Македонија повеќето се Грци, Македоновласи и Бугари". Тоа исто ќе го тврди и Милан Мијатовиќ во 1852 година во својот "Општи земљопис...". Дури и во 1863 година, во "Мали земљопис Србије и Турске", Јован Гавриловиќ ќе "констатира" дека во Македонија има еден милион жители, "најмногу Бугари". Па дури и Илија Гарашанин во своето "Начртание" (1844), во кое ја постави основата на големосрпскиот национализам, Македонските Словени ги именува како Бугари!

Меѓутоа, процесот на националното будење на Македонецот, токму со растењето на антигрчкото и антифанариотското расположение, го стимулира и развива и чувството на неговата припадност на еден друг народ, навистина славјански, ама различен и од Бугарите и од Србите. "Серпски дневник" од 1858 година пишува дека "уште од 1848 година Велес почнал да се буди од длабокиот сон... (и) да се буди она божествено чувство за просвета и наука, што толку векови го немаше во цела Македонија".

Безразлично во каков контекст го употребувале, кон средината на минатиот век повеќемина македонски интелектуалци го актуелизирале "македонското прашање". Така, К. Миладинов во едно писмо во 1859 година му пишуваше на Георги С. Раковски, бугарски поет, за "македонското наречје" и за тоа дека имал многу македонски песни, што сакал да ги издаде. Во писмото му испраќа поздрав од "Македончињата". Во Москва нешто пред тоа, Константин Петковиќ, покрај своето име ја ставал и својата национална припадност - Македонец. А Стефан Верковиќ тврдеше: "Толку е познато дека дијалектот на Македонските Словени се разликува од оние на другите балкански Словени". Кузман Шапкарев во 1869 година во Кукуш ќе забележи: "Кај нас... се разбира, дека никој, од најмалиот до најголемиот, не знае да чита бугарски, та како би можело да се воведе лесно?... А за денешното источно бугарско наречје оти било ‘шопско’, а пак Шоп кај нас значи најпрост дебелоглавец, та велат: ‘Шоп ли ќе се чиниме!’".

Во извештајот на српскиот конзул од Приштина до неговиот колега во Скопје стои: "Бугарски училишта пред 1860 година немаше, ниту пак се до 1870 година некој во Македонија сакаше да се нарече Бугарин. Со името ‘Бугар’ Македонците го нарекувале оној што сакале да го исмеат дека е глупав, што се сметало за голема навреда".

Сите овие и на нив слични појави не можеа да останат незабележани и во бугарскиот печат. Познатиот бугарски поет, уредник на весникот "Македонија", Петко Р. Славејков, во весникот од 18 јануари 1871 година, преку еден опширен текст го постави јавно и за првпат "македонското прашање": "Најпосле" - ќе започне тој, "македонското прашање излезе на јаве и се покажа во печатот. Ние велиме најпосле, зашто тоа прашање не е нова работа. Ние го заслушавме уште пред дваесетина години од некои од Македонија. Отпрвин зборовите на овие млади луѓе ги примивме како шега и како поплака во жарот на нашите не толку сериозни препирки. Така си мислевме ние до пред една-две години, кога нови разговори со некои Македонци ни покажаа дека работата не е само голи зборови, туку мисла што мнозина сакаат да ја спроведат во живот".

Славејков оваа појава ќе ја нарече зло, зашто таа, според него, ја надминува желбата на македонски да се напечатат само книги, туку зад неа, всушност, се криеја други цели, цели "за раскинување на се уште неустроениот наш народ". Па ќе продолжи: "Многупати сме слушале од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци... Тие се цели Македонци, заклучуваат македонистите и се успокојуваат со своето големо откритие... Сме слушале и други причини. Некои македонисти се делат на Бугари по друга причина, дека се тие чисти Словени, а Бугарите се Татари и не знам што... За да му придадат сила на своето произволно основание, македонистите ја посочуваат разликата на наречјето македонско и наречјето горнобугарско, од кои првото било поблиску до словенскиот јазик, а второто било измешано со татаризам...".

Во 1874 година, 13 години по објавувањето на овој текст, Македонците се побунија, барајќи самостојност за македонските епархии, кои во меѓувреме потпаднаа под Бугарската егзархија. Пак Славејков ќе дојде во Македонија, овојпат испратен од егзархот. Во својот прв извештај до него Славејков напишал: "И сега, како и тогаш, пред дванаесетина години, станува збор за македонското прашање. Во разговорот со некои македонски ‘патриоти’ разбрав оти ова движење сега е со јасно прецизирана мисла: Македонците не се Бугари! и тие упорно настојуваат, без оглед на цената, да се здобијат со своја одделна држава." И ќе заклучи, во вториот свој извештај до Егзархијата: "веќе и во комуникациониот јазик на македонските дејци се зборува за ‘македонско движење’ под кое треба да се развие независно национално и црковно ослободување. Треба поцврсто да посочам, Ваше Блаженство, дека тука има еден момент од важен политички карактер: сепаратизмот се шири од црковна врз поширока народна основа".

Разловечкото и Македонското, а потоа и Илинденското востание, што набрзо уследија, покажаа дека Славејков бил сосема во право.

Стефан Верковиќ, иако беше српски агент, има огромна заслуга за внушувањето на идејата дека Македонците се "Бугари". Тој ќе забележи дека тие, Македонците, се "без своја народна свест и самосвест", притоа мислејќи на отсуството на бугарска свест и самосвест кај нив. А и Атанас Шопов, еден од видните агитатори на бугарштината на македонскиот простор, признаваше: "Ако денеска Европа побара македонското население да се определи и да каже под која народност потпаѓа, уверени сме дека поголем дел од Македонија ќе ни одлета од рацете. Ако исклучиме две-три околии од северна Македонија, сите други Македонци се готови да дадат каков сакаш писмен документ дека не се Бугари. Поголем дел од Македонците спијат и немаат поим за народноста (мисли на бугарската! - з.н.) и бугарштината. И понатаму: "Никој Санстефанска Бугарија немаше да ја уништи ако цела Македонија имаше онакво народно сознание со кое се одликуваат Бугарите во Бугарија и Тракија, ако еден силен македонски глас ја убедеше Европа дека таму живеат Бугари. Македонија не можеше да се ослободи зашто не можеше да ја објасни својата желба и да ги истакне своите права, па не можеше убедувачки да ја докаже својата бугарска народност пред Берлинскиот конгрес... Ако денеска (1885 година - з.н.) Македонија беше во онаа положба во која беа бугарските села во северна и јужна Бугарија пред 15 години, ако имаше народна свест и потребна интелигенција, тогаш добро... да најдеме средства и да изнудиме крајно политичко решение на македонското прашање. Меѓутоа, тоа го нема. Поголем дел, дури и цела Македонија, за нас политички е загубена!...".

Во првите децении на минатиот век беа печатени книгите на Крчовски и Пејчинович, први книги низ кои почна народниот јазик да се затврдува во писменоста. Освен тоа, книгите на двајцата калуѓери ја подвлекоа границата меѓу народниот и старословенскиот јазик. На црковнословенскиот јазик отсега па натаму "му остануваше употребата за целите на богослужбата, додека народниот јазик се сфаќаше веќе, според изразот на Теодосиј Синаитски, како оној "кључ од чилик", што ги отвора срцата на простите луѓе, т.е. како единствено пригоден за народна просвета".

Се до шеесеттите години на 19. век прашањето за јазикот се поврзуваше со разбудените слоеви на нашето граѓанство, одразувајќи ги притоа основните струења во нашето народноослободително движење што тогаш се зародуваше.

"Колку за јазикот на господин Јордана (Јордан Хаџи Константинов - Џинот - з.н.), секој може да види зошто е толку различен од нашиот писмен и говорен јазик, така што кој првпат ќе го прочита ќе му се види не толку неразбирлив, туку и сосема разнороден". Така весникот "Цариградски вестник" од 6 октомври 1851 година го коментираше јазикот на Џинот. Стануваше, всушност, збор за јазик што почнуваше да влегува во училиштата, во говорот на интелигенцијата, во литературата. "Во склопот на црковната борба против Цариградската патријаршија што тогаш се поведе, ќе рече Б. Конески, се одвиваше и борбата против употребата на грчкиот јазик во црквите и училиштата. Сосем природно дека заедно со тоа мораше да се поставува како назреано прашањето за еден единствен литературен јазик, со установен облик, кој ќе ги измести одделните народни говори во училишната практика и во писменоста".

"... Да се составит еден општиј писменниј јазик прво е потребно да излезат најаве сите местни наречија на јазикот ми, врху които обштијот јазик имат да се зиздат". На овој начин галичанецот Партениј Зографски, подоцнежен кукушко-полјански владика, ги најави во 1858 година своите размисли за создавање еден "среден" јазик од двете наречја: македонското и бугарското, нешто како бугарскомакедонски литературен јазик, со еднакво учество на бугарските и македонските јазични особености. Ваквото настапување на Зографски имаше оправдување во околностите во кои произлезе: еден дел од македонското граѓанство, како и од младата интелигенција во тие години, преодни за нациналното будење во Македонија, сметаше дека треба да се работи на една заедничка македонско-бугарска кауза, па оттука и јазикот треба да е заеднички. "За да не му е криво никому", што би рекол Партениј Зографски. Второто гледиште се застапуваше за воведување чист македонски јазик, бидејќи Македонците не се Бугари, туку народ одделен од бугарскиот народ. Заедничко на едното и на другото беше спротивставување на тогашниот бугарски книжевен јазик, кој во својот развој, главно, се потпираше на источнобугарското наречје. Отпорот против обидот бугарскиот јазик да се прошири меѓу Македонците го забележува во весникот "Право" од 30 ноември 1870 година еден учител од Ресен, кој пишува: "Ќе се почудите, мнислиме, кога ќе го видите нашето писмо. Еден учител, по име г. Шапкаревиќ (Кузман Шапкарев - з.н.), кого што може го познавате лично, дојде во училиштево да ме посети истиот ден ми стигнаа и книшките што ми ги испративте преку Лазара П. Џ. Стојанов. Но, штом ги виде рече дека не би требало да се продаваат во македонските училишта, бидејќи биле со бугарско наречје ами да земаме од неговите книшки, зашто биле од македонско наречје".

А бугарскиот агитатор Салганџиев, одбележувајќи го доаѓањето на Венијамин Мачуковски, роден во селото Мачуково (Гевгелиско), за учител во Солун во 1869 година и, кој, како што пишува Салганџиев, "се токмел да издава и граматика на македонско наречје", вака го коментира првиот настап на Мачуковски: "Сакам да забележам дека откако дојде за учител господин Мачуковски секој велеше дека, како роден Македонец, новиот учител ќе ги задоволи претензиите на познатиот кружок - да се предава на учениците на македонско наречје...".

Тоа е време кога се појавуваат учебникарите Партенија Зографски, Кузман Шапкарев, Димитар Македонски, Ѓорѓија Пулевски.

Партениј Зографски, ученик на Димитар Миладинов (роден во Галичник во 1818 година, а умрел во 1875), не само што во преписката се служеше со мајчиниот јазик, туку се обиде и да го кодифицира, за да се употребува во Македонија јазикот на неговиот народ. Беше категорично против налагањето на "бугарското наречје" при создавањето на општиот јазик, зашто не само што ќе им нанесело на Македонците, "обида велика, и пак нишчо нема да бидет", туку тој сметаше дека со тоа неправедно ќе биде игнорирано "македонското наречје", кое е "по-п,лнозвучно, поплавно и постројно, и во много отношенија поп'лно и побогато" (од бугарското наречје - з.н.). Зографски во својата статија "Мисли за блгарскиот јазик", објавена во списанието "Блгарски книжици" во 1858 година, нагласува дека слепото поддржување од македонската страна на јазикот на "горните Бугари" е "безумно и несправедливо". Списанието "Блгарска илустрација" во 1880 година вака ја информираше јавноста за приемот на кој наидоа учебниците на Зографски: "Родителите не можеа да се нарадуваат кога ги слушаа своите деца да им читаат од свештената историја на отец Партенија... И ним не им требаше да прашаат што е напишано во книгата, зашто сами го разбираа тоа што се читаше".

Кузман Шапкарев (1834-1908), истакнат собирач на македонски умотворби, од 1868 до 1874 година издаде осум учебници, притоа активно учествувајќи во дискусијата за македонскиот литературен јазик. Со своите три учебници нему му се придружи и Димитар В. Македонски (1847-1897). Заедно со учебниците и прирачниците на Ѓорѓија Пулевски, во Македонија меѓу 1867 и 1875 година се појавиле вкупно 13 книги на македонски јазик, кои "скоро се распрснале по целајужна и средна Македонија и за кратко време се продале, та се јавила потреба од нивно второ издание".

Беше повеќе од очигледно дека македонскиот јазик, наспроти се, почна да го пробива патот заземајќи го во историјата на неговиот народ она место што му припаѓаше.

Во меѓувреме, вистината за македонскиот јазик, следствено и за Македонија и Македонците, почнува да добива се позабележително место во лингвистиката. Благодарејќи на трудовите на Бугаринот од Бесарабија и руски славист, Петар Данилович Драганов, рускиот научник Иван Аксаков, Естонецот Леонард Мазинг, првиот што доктирараше на тема од македонскиот јазик, Австриецот Карл Хорн, Ватрослав Јагиќ, П. А. Лавров, со особени тешкотии, со оглед на историските и научните заблуди, сепак, прашањето за македонскиот јазик беше актуелизирано до степен на научна вистина.

Рускиот словенофил и поет Иван Аксаков, во 1886 година ги посоветува Македонците: "Зошто вие не си го земете за литературен јазик своето македонско наречје, кое е побогато од бугарското и поблиску до нашето? Тоа ќе не приближи и сврзе посилно". Еден од основоположниците на македонистиката, Петар Драганов, во 1888 година во "Рускиот филологически весник", кој излегуваше во Варшава, ќе напише: "Самиот Востаков (истакнат руски филолог - з.н.) по прашањето за потеклото на староцрковно-словенскиот јазик се застапуваше за македонизмот, неговата татковина ја поставуваше во Македонија и затоа тој, велеше Востаков, може да се нарече и македонски. На таа значајна научна поставка во тесното значење на тој збор, како што тврдеа некои негови противници, напротив, што се однесува до бугарското наречје, тоа, според Востаков, можело од старо време да се разликува од првото (македонското) по многу важни признаци и, ќе забележиме од своја страна, како и сега, тоа се разликува од него. Би требало да се очекува дека порано или подоцна убедувањето на Востаков ќе се потврди...".

Карл Хорн, кој во 1890 година во Виена ја издаде книгата "Народноста на Македонските Словени", во нејзиниот предговор ќе подвлече: "Според тоа, може да се потврди дека македонскиот јазик со своите сопствени закони за развиток на гласовите, како и според неговите граматички правила, формира еден сопствен јазик, кој досега нема своја сопствена литература и кој поради тоа се потпира на сродната бугарска литература, која во никој случај не стои во некои поблиски односи отколку само во општо сродство... Во секој случај може да се докаже дека, како според нивната историја, така и според нивниот јазик, Македонците не се Срби, а уште помалку се Бугари, туку се посебен народ, имено, директни потомци на оние словенски прадоселеници, кои го населувале Балканскиот Полуостров. Уште долго време пред српската и бугарската инвазија тие не се измешале со ниту еден од овие два народа".

Не помалку важно е дека во 1890 година Ленард Мазинг, на Универзитетот во денешниот град Тарту, во Естонија, ја одбрани својата докторска дисертација, прва докторска дисертација работена врз материјали од македонскиот јазик. Одбранувајќи ги своите ставови застапени во дисертацијата кои, главно, се сведува на тоа дека македонскиот јазик е самостоен јазик, различен од другите словенски јазици, Мазинг, фактички, ја одбрани и својата теза за посебноста на македонскиот збор!

Извор: Македонско братство