February 16, 2015

Младотурската револуција

Во 1876 година новиот султан Абдул Хамид II го суспендира недолго пред тоа донесениот Устав, а неговите приврзаници ги прогони. Меѓутоа, овие политички емигранти на Запад покренаа широка пропагандна активност, во која бараа реформи во Отоманската империја, кои би претставувале трансформација на стариот државен строј, врз основа на демократските принципи што ги барало времето. Приврзаниците на реформите го добија името "младотурци", име под кое во 1908 година била подигната Младотурската револуција.

Во 1891 година во Женева е формиран "Отомански комитет за единство и напредок", кој подоцна, во времето на Младотурската револуција, прерасна во партија "Единство и напредок", а чии цели биле "борба за запазување на целоста на Отоманската империја, а во тесна врска со ова радикално реформирање на Турција" , односно, повторно заживување на уставноста и редуцирање на апсолутистичката власт на султанот.

На 3 јули 1908 година, Нијази-беј, командант на турскиот гарнизон во Ресен, и ја откажал послушноста на Големата порта и со својата единица почнал операции против властите во околијата на Ресен. Нему му се придружиле младотурските комитети, во соработка со албанските лидери. Превратот почнал да се шири и набрзо бунтовниците контролирале една широка територија, која во себе ги вклучувала Преспанско, Охридско, Струшко, Дебарско, како и дел од албанската територија. На 22 јули младотурците ја освоиле Битола, притоа ослободувајќи ги сите политички затвореници. Утредента, во Солун, се одржале големи демонстрации, на кои учествувале околу 30.000 души. И во Солун биле ослободени политичките затвореници.

Покрај ослободувањето на политичките затвореници, младотурците ги легализирале и вооружените чети. На 31 јули 1908 година, во Солун, Јане Сандански упатил Манифест до сите народности на Османската империја, во кој го повикува и христијанското население во борбата против султанскиот апсолутизам. Обраќајќи се до Турците, Сандански во Манифестот вели дека "управниците лажеа досега дека христијаните биле ваши непријатели. Сега вие разбирате кои се ваши браќа, а кои ви се непријатели." Во делот на Манифестот со кој Сандански се обраќа до христијаните, се вели "Да ги закопаме заедно со апсолутизмот и создадените од него национални самоистребувачки борби." При тоа, Сандански предупредува: "Не подавајте им се на престапните агитации кои можеби ќе се поведат од официјалните власти во Бугарија против нашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција што се стреми кон слобода."

Единиците што Абдул Хамид II ги испратил да го задушат востанието откажале да се покоруваат на султановите наредби. Падишахот немал друг излез - на 24 јули 1908 година одново стапил на сила Уставот од 1876 година.

Основните принципи на новиот-стар Устав ги одбележува д-р Манол Пандевски: "Слободите, според овој Устав, биле сосема ограничени, а многу негови одредби биле реакционерни. Султанот и натаму ги задржувал прерогативите на ‘највисок калиф’ и ‘падишах’. Неговата личност била неприкосновена и неодговорна пред законите на земјата. Уставот му давал право да ги назначува и отпушта министрите, да ги поставува сенаторите. Муслиманскиот елемент бил поставен во привилегирана положба. Правата на немуслиманите, и како поединци и како народносни заедници, биле ограничени. Уставот им ги оставил дотогашните привилегии на пропагандните црковно-школски институции во Македонија. Тој не предвидувал да се воведат економско-општествени односи на штета на феудалните сили. Уставот утврдувал дводомен парламентарен систем: покрај Народното собрание, постоел и Сенат, кои заедно го сочинувале Отоманскиот парламент. Сенатот бил составен од претставници од турската висока бирократија и од крупните земјовладетели. Тој имал задача да ја ограничува и без тоа, речиси, никаквата законодавна иницијатива на собранието." Како што се гледа, Уставот не докрај ги донел очекуваните реформи, но, сепак, овозможил создавање на една сосема друга општествено-политичка атмосфера во Македонија.

Извор: Македонско братство

No comments: