Showing posts with label Алексо Мартулков. Show all posts
Showing posts with label Алексо Мартулков. Show all posts

December 31, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 11

ОБИДИ ДА СЕ ФОРМИРА НОВА ЧЕТА НА АЛАБАКОТ. — НАШИТЕ ВРСКИ СО ЕРМЕНСКИТЕ НАЦИОНАЛ-РЕВОЛУЦИОНЕРИ. — КОСТАДИН АНДОНОВ „СЕЧЕНКАТА“. — ЧЕТАТА ЗАМИНУВА ЗА МАКЕДОНИЈА. — БОЈ НА ГРАДИШКИОТ ВРВ. — ХРАБРИОТ ПОП - ПАНЗО. — ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА СТЕФАН ДИМИТРОВ. — КОЈ ИЗВРШИ ПРЕДАВСТВО? — НЕЛЕГАЛЕН ПРЕСТОЈ ВО ВЕЛЕС

Ја гледавме јасно грозната перспектива од засилувањето на дејноста на српските и грчките чети, кои беа веќе страшен факт во нашиот живот. Изострената фракционерна борба во редовите на ВМОРО, особено во Велешко, имаше лоши последици за претстојните тешки борби со вооружените пропаганда. Постоеше опасност да се ангажираат сите наши сили за борба против нив и да ја заборавиме борбата против најголемите фактори во македонските работи, а имено европските империјалистички сили и власта на калифите во Турција.


Ова нешто нè тераше да не се помируваме со создадениот факт од конференцијата во с. Крива Круша и да го направиме и последниот обид за рехабилитација на Алабакот, толку потребен за да се предодвратат лошите последици што ги предвидувавме. Со Органџиев решивме да го убедиме Алабакот да замине одново со чета во Велешко, нафаќајќи му се оти ќе одиме и ние двајцата. Овај се согласи. За вооружувањето и опремувањето на четата не можеше да се најдат од друго место средства, освен од Сарафов, со кого можевме полесно да се разбереме и беше подостапен за нас, зашто Татарчев — Матовци не беа достапни за нас, а и да беа достапни, тие не можеа да нè разберат. Сарафов беше голем опортунист, со не за потценување политичка култура, извонредно деловит човек.

Ние никогаш не бевме ангажирани организационо со ВМОРО и со разните струи во неа. Ние во организационен однос постоевме одделно, а соработувавме со ВМОРО како целина. Со нашите идеи и принципи, легнати во основата на нашата програма, водевме една агитациона и просветна работа сред сите членови на ВМОРО без исклучок. Можеше да се соработува со ВМОРО во извесни моменти кога се крстосуваа нашите интереси. Тогаш, гледај си ја нуждата од горепосочените наши цели во дадениот момент, се принудивме на тој компромис, без да се обврзуваме да ги следиме сарафовци во нивните стремежи за господство во ВМОРО и без да запираме да се бориме против врховистичката опасност во внатрешноста. Ако се изоставеше создадената положба во Велешко, тогаш не можеше и збор да има, оти неоврховизмот ќе надвладееше и ќе станеше доминантен фактор во големиот дел од Македонија. Ние не бевме назобани со многу формули, та низ нив да гледаме на животот, ами како првенствено деловити луѓе, кои се наоѓаат во една многу бурна епоха во нашата историја со извонредно компликувана положба во неа поради испрекрстените влијанија на многубројните надворешни и внатрешни фактори, со дела од ефикасен карактер, мислевме да бидеме полезни и да одиме напред. Нека идниот беспристрастен историчар, ако може да има таков, си го каже зборот за нас.

Ние соработувавме и со ерменските национал-револуционери. По неуспешниот нивни обид за атентат против султан Амида, тие се откажаа од намерата да го убијат султанот. Истата година иде Христофор, еден од водачите на нивната национал-револуционерна организација „Дашнак Цутиум“ во Софија. Тоа беше кога јас бев заминал со Алабакот за Македонија и бев во Велес, каде што бев нелегален околу 8 месеци. Христофор со други другари Ерменци заедно со Тодора Органџиев одат во Боровата гора над Књажево да вршат обид со нова пеколна машина и при избувнувањето нејзино бидува убиен Христофор. Со неговата смрт се осуети и готвената акција наедно со нас за атентатот против султанот во Цариград.

Лично јас се познавав и со водачот на „Дашнак Цутиум“ Андроник. По време на Балканската војна среќавањето мое со нето во Штип беше многу интересно. Тој беше доброволец во Македоно-одринското ополчение со други другари Ерменци. Имаше офицерски чин капетан. Тогаш му реков: „Ние Македонците што сме наредени во Македоно-одринското ополчение и се бориме против Турција, може некако да се оправда, ама вас да ве гледам овде како офицер во армијава, чиј главен командант е бугарскиот Цар и се води оваа војна за остварување на бугарските империјалистички интереси, не го разбирам. Вие, Ерменците, имавте најголем разлог да ја заштитите делоста на Турција и врз базата на создадениот фронт во Париз през 1908 година да се борите за нејзиното полно демократизирање, преку кое да се разреши успешно вашето прашање. Никоја нација во Турција немаше позгодна положба одошто вашата. Во трговијата и во банкарството во неа имавте голем дел вие, а и во административната уптрава и други ресори имаше голем процент Ерменци. Никогаш во Турција немало кабинет, без Ерменец во него. Следствено, вие требаше да бидете најголемите приврзаници за зачувувањето на демократскиот фронт во Турција, којшто го имаше за цел, како што спомнав погоре, нејзиното полно демократизирање. А оваа војна ќе донесе лоши последици за нас, но за вас тие ќе бидат уште полоши.“ И вистина, резултатите што уследија по оваа војна го донесоа, може смело да се каже, полното уништување ца Ерменците во Турција и зачувувањето на нејзината целост.

Беше наредена работата — вооружувањето и подготовката на четата на Алабакот одеше успешно. Ова нешто стануваше кон крајот на 1904 година.

По истово време си дојде од Русија Костадин Андонов „Сеченката“, родум од Стара Загора, заедно со жена си. Волчо Андонов, неговото комитско име, беше војвода уште пред востанието през 1899 година во Одринсхо, Ахачелебиско, и тој во свој реон дејствуваше долго време. Тој беше страшилиште за Турците зашто беше многу смел и жесток спрема нив. Уште оттогаш тој се познаваше со Сарафов и беше близок со него. Волчо Андонов и жена му беа социјалисти и со нивното престојување во Русија, каде пгго имале допир со тамошните револуционерни кругови и работеле со нив, беа добиле голем опит за масовно-конспиративна работа. Ќако тој, така и жена му, беа доста начитани. Не лишени од говорнички дар, можеа да бидат одлични социјалистички агитатори.

Ние се зближивме повеќе со нив во клубот на тесните социјалисти, на улица „Цар Симеон“ бр. 113. Таму беше моето теќе, каде што поминував повеќе од времето кога преседував во Софија. Тие уште од Русија беа замислиле да дојдат во Софија и после да појдат во Македонија во некој голем град кај што да почнат да работат. По долги обмислувања каде ќе е најзгодно и полезно за работа, решивме да одат во Скопје. За дојдувањето ваму, освен што беа нужни парични средства, а такви немаше, требаше да се најдат и некои кругови од ВМОРО во Скопје, на кои да се потпрат за да им дадат содејство. Потпрени само на некои другари ваму, уште во прво време ќе беа подозрени и несакани од луѓето на ВМОРО и како туѓинци, не ќе им дадеа возможност да се задржат подолго време во Скопје. За да можеа да дојдат ваму и да се легализираат, ќе заминеа со редовни пасоши, ќе работеа со плетачки машини за чорапи, фанели и други трикотажни работи. Ова плетење беше новововедено кај нас по тоа време. За се што е потребно за одењето и настанувањето нивно во Скопје Волчо ќе се обратеше до Сарафова, во чија поткрепа беше уверен, а и јас ќе му зборував за таа цел нему.

И стана работата. Тој се согласи и Волчо и жена му беа снабдени со плетачки машини и парични средства за обезбедување на прво време, а така исто беа снабдени и со пасоши. Пред да тргнат за Скопје, имавме една широка конференција со нив во домот на Славча Ковачев, каде што присуствуваше и Сарафов со своите луѓе. Му беа дадени упатства на Волчо за неговата дејност во Скопје. Зедовме збогум и тие си заминаа. Сите таму останаа со впечатокот дека другарката на Волчо е многу поинтелигентна и поспособна за работа од него. Волчо беше од Сарафова снабден со писмо до луѓето негови, а јас му дадов писмо до другарот Илија Плавев, преку кого ќе можеше да се поврзе И со другате наши другари во Скопје. Подолу ќе се запрам на работата нивна таму.

Во јануари 1904 година ние отпочнавме веќе усилено да се готвиме за заминувањето. Ние повеќе се грижевме. да однесеме литература и за оваа цел ни беше дадена белешка од Сарафова за Спира Хололчев, кој држеше во Софија голема книжарница. Одбравме доста научни социјалистички книги и преводни руски револуционерни книги. Со нас беше и Тодор Оровчанов, та по негово настојување бевме принудени да земеме и некои бунтовнички книги од минатото на бугарскиот народ. Михаил Герџиков не прати при Каневчева и Славка Чакарова, учителки во минатото во Скопје, видни дејателки од РО, да ни дадат од изданијата на македонската анархистичка група. Така ние се снабдивме со достаточно литература.

Непосредно пред заминувањето Органџиев тешко се поболи, та бевме принудени да заминеме само јас и Тодор Доротеев. Четата се состоеше од 33 души во кои имаше голем број редовни војници, дезертери од армијата, кои сакаа да одат да се бијат во Македонија за нејзиното ослободување. Четава беше вооружена со долги покриени „Малихери“ и мнозина имаа револвери. Бомби „одринки“ сите носевме, а некои од помладите, кадарни да носат поголем товар, носеа по 4 — 5 бомби. Се отправивме за Кустендил ноќта и пешки отидовме до таму. Беше веќе кон крајот на месец јануари. Бевме подолго време задржани во Ќустендил. Четниците беа настанети во пунктовото началство, а нашето оружје во домот на Никола Зографов, велешанец, саатчија во Ќустендил и долгогодишен пунктов началник на ВМОРО, а тогаш пунктов началник беше Марко Секулички. Во ова време беше Скопскиот револуционерен окружен конгрес во село Живине, Кумановско. Како делегати на конгресот од Велешко беа Ризо Ризов и Стефан Димитров. Овие по конгресот беа дошле во Ќустендил заедно со дел од четата на Стефана Димитров. Јас се сретнав со Стефана и Миша Развигоров неколку пати и им зборував да се постигне согласие меѓу Алабакот и Стефана на базата на нивната спогодба во с. Попадија. По таков начин ќе можеше да се спечали потполно Алабакот за Организацијата и ќе можеше да се избегне влијанието од Сарафова над него. Овој беше неопходно потребен за Велешко сега, кога ни претстоеја тешки борби со србоманите. Сега бевме доста засилени, особено по пленувањето на Дамета Бруев. За да можеше да биде сигурен Алабакот, достаточна гаранција бевме ние социјалистите и гемиџиите. Опасно беше во последниов момент да се избегне предлаганава од нас спогодба, зашто тие беа слаби да ни попречат да заминеме. Сигурни бевме, ако се спогодевме, оти ќе беше избегнат фракционерниот расцеп во Велешко, кој уште конечно не беше определен во принципиелен поглед. Мишо беше попомирлив, но Стефан си остана на своето. Така и од овој обид во Ќустендил не излезе ништо.

Стефан појде во Софија со цел да организира веднаш и да вооружи голема чета. Ние се вртевме повеќе дни во Ќустендил. Јасна беше намерата на пунктовото началотво, бавејќи се да ни даде пат за прејдувањето на границата, да спечали време за да можат да се организираат подобро во пограничните реони и при поминувањето наше со четата да бидеме удрени во споменатаве реони, за да не можеме да заминеме за Велешко. Ние, гледајќи ги овие маневри. решивме да заминеме. Нè придружија до Емирица Сотир Атанасов и Бајчев, војводи. Уште со прејдувањето на границата на пунктот „Рамна Нива“, каде што имаше длабок снет до колена, денувавме во с. Костур, кое е близу до граница, — ни грозеше опасност да бидеме отнриени од турците. Другата вечер стадовме во с. Кркле, таму се сретнавме со кривопаланечката чета, водвода на која ѝ беше Петар Ангелов, родум од Хасково, фелтфебел од бугарската армија, кој можеше да го организира Кривопаланечко. До востанието Организацијата не успеа да го организира наполно овој реон.

Во Кривопаланечко почна нова комедија со нас. Штом ќе пристигнеме во едно село и сакаме да се префрлиме во Кратовско, ќе дојде известие оти се движат се паголеми воени единици, не е возможно да го продолжиме патот до таму и бидуваме принудени да го одлагаме заминувањето. Требаше да ги обиколуваме селата во Кривопаланечкиот реон. По таков начин бевме принудени да ги превртиме речиси сите села во Кривопаланечко од обете страни: северната и јужната од џадето. Отидовме дури до српско-бугарско-турската граница и пак обратно накај Кратовско. Најпосле се префрливме во Кратовско во с. Нежилово, откаде што продолживме пооле за с. Кнежево и с. Којково. Во овие села престојувањето траеше по еден ден. Денски во с. Којково дигнаа узбуна, излеговме од колибите в орман. Но целава оваа узбуна излезе многу смешна. Забележале една мала група вооружени заптии суварии, кои ги придружувале двајца офицери од австриските реформатори, што ги обиколувале кратовските села и по кратко задржување во Којково, си го продолжиле патот за Паланечко.

Вечерта ние го продолживме патот не земајќи ги предвид предупредувањата на раководството од Кратово за движењето на „големи воени единици“. Со нас уште од Кнежа се проидружи Бобе Стојчев, скопски војвода, со својата чета. Четава негова броеше 16 души. Ние станавме голема сила од 51 човек. Кој ли смееше да нè нападне отворено? За поставување заседи беше многу мачно, зашто обајцава војводи беа стари опитни волци и тешко би успеале, без да бидат откриени, да нè нападнат. Тие не се решуваа да нè нападнат и го чекаа пристигањето на Стефана Димитров, за да може да оди пред нас во Велешко. Од с Којково ние денувавме во с. Луково и квечерината се отправивме за Стублите.

Но при излегувањето од село, не бевме се оддалечиле уште три километра, со еден курир еве ги идат од с. Луково тројца даскали од Кратово: Михаил Монев, зет на Тодора Александров, Ананиев и Тошев, членови од околиското раководно тело. Овие сметале да организираат таму нешто против нас, но не можеа да нè затечат в село. Јас одев претпоследен во редицата на четата и ме извикаа да излезам напред. Ги затеков кратовциве да спорат со Алабакот кој беше секогаш напред по предната патрола на четата и Алабакот ми рече: „Ја разбери се со учителиве, зашто тие зборуваат многу купечки зборови што не им ги разбирам“. Заврзавме спор. Но тој беше излишен за ова место и Алабакот не дотраја од нетрпение и им рече: „Слушајте, статутите на ВМОРО се напишани на штик од пушкава моја. Напред пред нас и да не сте смеале да се вратите. Ќе одите со нас докај што ќе одиме ние. После ќе видиме што ќе правиме со вас“.

Ги потеравме и вечерта по полноќ стигнавме во Стублите каде што денувавме. Михаил Монев, гледајќи накај оди работава, сериозно исплашен како и другарите негави, почна да ме моли да се застапам пред Алабакот да ги ослободи, но Алабакот ми рече: „Особено овој Монев е кадарен да ни создаде некоја мизерија и да завршиме катастрофално. За сигурност ќе ги носиме од другата страна на Вардар, и ќе видиме кога ќе ги пуштиме. Тие се добар залог за нашата сигурност“.

Но поручек, околу пет саатот пристигаа Ванчо Шатев, тогаш член на скопското окружно раководство во Стублите. Се научил, идејќи на пазар од Злетово за Кратово, оти сме дошле и дошол да се видаме. Со овега се познававме одамна и бевме добри пријатели. Но на сè ова не му верувавме, ами самата вистина беше дигнатата узбуна за учителиве што ги завлековме со нас и тој иде направо од Кратово да се застапи за нив за да ги ослободи. Тој сметаше на пријателството со нас. Особено ми се молеше мене да го уверам Алабакот да ги ослободи давајќи тржествен збор оти тие ќе се грижат за нашата сигурност. Јас му верував на Шатев оти беше искрен, но Монева го познавав каква лисица беше. Но не сакајќи да ги заоструваме односите свои со раководството на нашиот округ, се зафатив да го уверам Алабакот да ги ослободи. Најпосле Алабакот рече: „Штом толку настојуваш, ќе ги ослободам, но думај ми го зборов дека ќе ни направат некоја белја“.

Ги ослободивме и вечерта си заминавме за с. Орел, каде што денувавме и другиден вечер стигнавме во с. Павлешенци, Кумановско. Четите беа распоредени на неколку стана. Ваму беше при крајот на месец февруари, токму за задушницата пред великден, на поклади. Но уште во зората се даде тревога, аскер навлегува в село и жените што беа по гробиштата, почнаа со пискотници да бегаат. Дадовме наредба четниците да се повлечат кон Градишкиот Врв, но нападот на аскеров беше толку стремителен и бојот се отпочна уште в село. Но да се остане во самото село беше многу ризично и нè чекаше сигурна пропаст сите нас. Ете зошто при голема тешкотија, биејќи се, отстапувавме кон Градашкиот Врв.

Најпосле поголемиог дел од четите бевме веќе горе, кога откај с. Градиште аскерот беше зафатил еден дел од врвот. Се заврза ужасен бој. Но еден дел од нашата чета, сè војници од одделението на ефрејторот Кукларов, многу смел борец, се биеше в село. Не можеа да отстапат бидејќи беа опсадени, но отпорот им беше краток и со бој на нож го свршија својот животен пат, паднувајќи избиени до еден. Тие беа десет души. Опсадата на врвот беше од големи воени сили; кон војската беше придружен многуброен башибозук од околните турски села. На многупати налетуваа да ги преземат позициите со пристап, но бидуваа успешно одбивани. На наша страна беше и селската чета која зеде учество во бојот. Особено се истакна тогаш свештеникот од селото поп-Панзо. Многу и ние должиме на неговата сообразителност и храброст за нашето спасување; Бојот продолжи од темни зори до темно вечерта со нестивната сила. Кога се стемни сосем, бојот престана, а уште порано се забележуваше раздвижување на војската што поставуваше заседи по возможните пунктови на нашето отстапување. Ние се прибравме пред да се обидеме за пробив на опсадата, за да не чекаме друг ден на врвот и констатиравме оти сме изгубиле 13 души, убиени од нашата чета, а од четата на Бобета Стојчев беше ранет четникот Стојан, родум од Скопје, кому му беше извадено едното око. Меѓу убиените беше и нашиот другар Тодор Доротеев. Нашата чета од 33 души остана на 20 души. Осетно намали нашата сила.

По пробивањето на опсадата, коешто излезе многу успешно благодарејќи на поп-Панза, кој ја познаваше месноста многу добро и забележи уште отпорано кај беа поставени заседите, и поради врнежливото време: беше темно како во рог — запазувајќи полна тишина, отстапивме без жртви. Штом стигнавме во с. Живине, Кумановско, направивме почивка за да вечераме, зашто не бевме јале цел ден. Опсудивме на кај да продолжиме за да ги изгубиме трагите на возможното гонење утредента. Но јас настојував да останеме во Живине, макар да беше на саат и пол од Градишкиот Врв, зашто овде беше побезопасно одошто во подалечните села, што ќе ги поминеше аскерот за да нè бара, бидејќи не ќе допуштаа дека сме останале да денуваме толку блиску од местото на бојот. За секој случај им рековме на селаните да се снабдат со казми и лопати и ако има опасност од напад на аскерот, да се повлечеме на врвот над село и да се укопаме таму.

Утредента поминавме среќно, а вечерта го продолживме патот. Стигнавме дури до с. Трстеник, од таму другиот ден се префрливме во Велешко и денувавме во с. Новачани. Последното село во источната страна од Вардар каде што денувавме беше Башино Село. Ваму дојдоа кај нас многу граѓани од град да нè посетат. Меѓу нив имаше пријатели и непријатели. Едни меѓу четниците агитираа да го напуштат Алабакот и да се присоединат кон четата на Стефана Димитров и да се вратат назад за Бугарија. Каналот им бил сигурен, а и со нужните средства ќе биле снабдени, но не им фатија место агитацииве. Сите четници останаа нерасколебани и верни на Алабакот.

Префрлањето на западната страна од Вардар решивме да стане низ град и беа земени нужните Мерки. За поголема сигурност јас и Тодор Оровчанов отидовме ден порано во Велес. Јас му пишав на Лазара Плавев кој беше со четата своја во Клепата за да му го даде на Алабакот нужното содејство и да посредничи меѓу него и Стефана да се избегнат поголеми начекувања, но писмово, испратено во с. Скачинци, курирот му го предава на раководителот за да му биде предадено на Лазара Плавев, но овој му го предава на Стефана, кој веќе беше дошол речиси едновремено со нас само по друг пат и беше го поминал Вардар при с. Уланци со брод. Лаза, подозрен од Стефана. како наш пријател, го заставува да се откаже од војводството на четата и овој си дојде во Велес, каде што се собравме обајцата и околу седум месеци истеравме нелегално в град.

Алабакот, една недела по заминувањето од Велес, беше опсаден и нападнат од Стефана во с. Ораовец. При нападот Стефан беше ја собрал и милицијата од Клепата. Но сепак беше слаб, макар и со многубројни сили, да се мери со Алабакот, кој беше алотија во време на бојот и во најтешките случаи излегуваше несломлив. После Алабакот ми кажуваше: „Јас не сакав да стрелам со моите луѓе на живо месо, во противен случај ќе имаше големи жртви, зашто очигледна беше нивната неопитност за напад и бој. Мене ми беше срамно да се даваат жртви од нашиот народ“. Тој лесно ја пробива опсадата и при повлекувањето ги пленува милиционерите од две заседи, ги обезоружува и ги одведува до с. Бусилци, каде што се повлекува. Но по напуштањето на с. Бусилци другата вечер им го дава оружјето на пленетите милиционери и ги ослободува да си одат. Тој се истршува накај Азот, Поречето, Крушевско и Кичевско, во кои реони се движеше долго време. Србите не го напаѓаа, сметајќи дека поради неговите непријателски односи со Стефана ќе го придобијат. Но Глигор Небрежанецот многу добро го познаваше Алабакот уште од времето на востанието, за да си прави илузии оти лесна ќе биде расправијата со него. Овој јасно гледаше оти Алабакот беше принуден да мирува и не сакаше да си создава излишни фронтови, ами гледаше само да ги зачува своите сили. Тој ја гонеше веќе главната задача: во Велешко да го поништи Стефана.

Во ова време во Азот, Поречето, Прилепско и во дел од Кичевско, иницијативата беше во рацете ва србоманите и овие беа речиси во офанзива насекаде. Ете до каде стигнаа работите. Раздвоеноста на силите во Организацијата, плус јавната поткрепа давана од Хилми-паша на вооружените пропаганди дадоа резултати. Опасноста земаше застрашителни размери.

По три месеци од станатото во с. Ораовец, Стефан, при обидувањето, со големи сили да ги нападне Србите, меѓу селата Орешје и Строфија, попаднува на заседа устроена од Глигора и бидува убиен со пет души од четата негова. По неговава смрт продолжува да ја води четата неговиот помошник Дачо Јотов, но при убивањето на Стефана четата се разбегува, оружјето и архивата не можеа да ги приберат и остануваат во плен на Србите. Во врска со овој случај излезе најаве бескрупулозноста на Србите: по долго време, откако успеваат да ја дешифрираат архивата, ја предаваат на турската власт. Поради тоа дојде до голем пробив во ВМОРО и паднаа в затвор многу граѓани од Велешко, Штип и Кратово. Во затворот поради оваа положба, „се обединија“ централисти. и сарафисти. В затвор беа фрлени и водачите на „централистите“ д-р Петар Кушев и Тодор Лазаров. Мислев оти на овие ќе им подојде умот в затвор, но напротив, излегоа од таму и ја продолжија својата дејност како најпрононсирани неоврховисти.

Но не само Србите се служеа со предавство на турската власт, ами со истиов менталитет беа и водачите на „централистите“. И тие не си поплукуваа во рацете кога беше прашање да им напакостат на непријателите свои како што беше случајот со Алабакот. Кога бевме откриени во с. Павлишенци и во бојот таму и на Градишкиот Врв дадовме толку големи жртви, Алабакот ми рече: „Бизмарк, не ли ти реков да не ги пуштаме учителите и да ги водиме со нас од другата страна на Вардар? Сега виде ли, моите предвидувања станаа факт. Ова предавство е извршено од нив за да бидеме откриени. Еве дадовме големи жртви, одвај не пропаднавме сите“. Јас не му проговорив ништо, зашто јасно беше дека бевме откриени, предавството беше направено од Организацијата, која го знаеше нашево движење, но документарно ова предавство тогаш не можеше да се установи. Алабакот си умре со вербата дека бевме предадени од кратовската организација.

Но понатака, по Хуриетскиот преврат, во Велес беше назначен за полициски началник во полициската станица на „Којник“ Лазар Давитков, родум од Скопје, долгогодишен полицаец уште од времето на „полјачките“ реформи во Македонија. Со него ние се спријателивме и тоа многу интимно. Во еден разговор кога раскажував јас за нашиот бој при с. Павлишенци и Градишкиот Врв, тој ми рече: „Во тоа време јас бев полициски началник во Мудурлакот на с. Градиште и уште ноќта дојде кај мене раководителот на с. Кокушиње, кого го познавав лично, оти навистина е раководител. Ми кажа дека во с. Павлишенци има две чети, едната, на Ивана Наумов — Алабакот, а другата на Бобета Стојчев. Јас, многу загрижен од ова предавство, му реков: „Внимавај добро, зашто ти зборуваш полициски, а не си в крчма со шише ракија в рака и му зборуваш на некој пријател“. Овој ми одговори: „Ти ја кажувам вистината, ич не се двоумам за својата постапка“. Веднаш му соопштив телеграфски на кумановскиот кајмакам и оттаму се даде наредба до сите воени единици, кои беа на стан во селата од Кумановска околија, заедно да го нападнат с. Павлишенци. Бојот, како што знаеш, беше ужасен и ретко таков голем бој по тоа време имало во нашите околности. Вие дадовте големи жртви, но аскерот даде многу поголеми од вас. Беше нужно да се расчисти месноста од паднатите жртви. Пренесувањето на ранетите и нивното лекување во Куманово и Скопје траеше многу долго време“.

Тој беше уверен оти предавството беше извршено по заповед од погорното началство, зашто кукушинскиот раководител беше чесен, здрав и предан работник на РО. Мене тогаш ми стана јасно ова предавство. Дотогаш само се сомневав. Јас, како велешанец, бев силно потресен душевно од ова, зашто во нашиот град Велес низ сето време на нашите револуционерни борби не познавав ниедно предавство, макар- расправиите кај нас да беа ститнале до крајност, не исклучувајќи ги овде и крвавите жртви.

Во разгорот на најраспалените борби Дачо Јотов со група четници бидува откриен од Турците во кварталот „Мегдан“ и целиов квартал беше опседнат и стануваа претреси од куќа на куќа да откријат во која куќа е четата за да ја поништат. Но во овој момент луѓето од целиов град, без разлика на политичка припадност меѓу разните струи: сарафисти, централисти, социјалисти, гемиџии, се обединуваат за да го спасат. Оваа општа граѓанска солидарност успева да направи чудо и да ги спаси опсадените од јавна гибел измолкнувајќи ги од клопката. Та тоа е висок револуционерен морал, кој може ретко да се посочи во многу понапреднати земји на светов! Во борбата помеѓу себе: централистите, сарафистите, социјалистите, анархистите и гемиџиите одеа до крајнбсти, но нема пример во нашиот град една од странките да се послужи преку власта или да работи за власта. Кога идеше опасност од власта за некоја од групите, сите се стекнуваа на помош.

Во истово време бидува откриен во Штип Мишо Развигоров со својата чета и беше поништен заедно со неа, бидејќи беше изгорена куќата кај што беше тој. Не можам да кажам со сигурност дека ова стана поради предавство на една од фракциите во Штип. Тоа на времето го подржуваа пријателите на Мишета, оти бил тој предаден од нивните противници во Организацијата и за тоа нешто беа убиени мнозина на чело со Јордана Успрецов, учител.

Во Велешко беше дојден со чета и Пено Шиваров, родум од Бугарија, кој го замени како околиски војвода Стефана Димитров, но му недостануваа квалитетите на борец, за да го има потребниот авторитет сред населението, да ги исползува неговите сили за ефикасна борба против засилувањето на Србите.

Ете зошто беше испратен со голема чета од Задграничното претставителство од Софија како околиски војвода Панче Костадинов, родум од Велес, израстен во Бугарија каде што го завршува Военото училиште и после постапува како активен офицер во бугарската армија. Тој се прочу во време на Илинденското востание со големиот бој на неговата чета со турскиот аскер на врвот „Китка“ — Кочанско. Ееше многу добар и за моментов погоден војвода во Велешко. Јас се сретнав со него уште со неговото идење и во разговор за создадената ситуација кај нас му ја истакнав нуждата да се разбере со Алабакот и да отпочнат општа борба против засилениот противник. Уште му реков: „Како што ти е познато и тебе, Алабакот ги има квалитетите на борбена сила, неопходно потребна за моментов.“ Овој ми одговори дека за борбена сила го имал Дачо Јотов и имајќи го како помошник и со потребна организаторска дејност во Велешка околија, ќе можела да се создаде нужната сила за поништувањето на нашиот противник. Но јас останав со уверението дека овој ги натценува своите сили и се бои од соработката со Алабакот за да не биде засенчен од него. Бргу покажаа фактите дека тој навистина ги натценуваше своите сили, а ги потценуваше силите на противникот.

Канстантин (Волчо) Антонов, „Сеченката“ со неговата другарка, по своето пристигање во Скопје, се сврзуваат со нашиот другар Илија Плавев, после и со другите другари. Се настануваат со нивно содејство во Скопје и почнуваат да работат со плетачките машини. Тие со другарите Илија Плавев, Наум Томалевски, Методи поп-Гошев и др., образуваат социјалистичка група и за првпат во нашиот живот изработуваат специјален писмен устав за социјалистичката организација во Македонија.

Нивната дејност се засилува и започнува да ги тревожи факторите на ВМОРО во Скопје и по неколку- месечен престој на Антонов и неговата другарка, тие преземаат една хајка на гонење и заплашување против нашите другари, особено против Антонов и неговата другарка. Ги заплашуваат дека ќе прибегнат до крајни средства против нив ако не го напуштат градот и да си заминат за Бугарија. Се разбира, ова беше пројава на „револуционерна“ дејност против возможна социјалистичка пројава во Скопје. Оваа тактика на „централистите“ многу одамна беше факт, кога бев јас исклучен од скопското педагошко училиште како социјалист, а после беа исклучени уште многу наши другари, а во Скопје пак беше центарот на раководството на „централистите“ од целиот округ и таму беа од повидните нивни идеолози настанети како учители во Педагошкото училиште. Таму беше крепоста на Христа Матов, непријател на секоја прогресивна појава во наша Македонија. Оваа наша времена пројава во Скопје беше бргу задушена од реакционите елементи на ВМОРО.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

December 17, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 10

НА ПАТ ЗА БУГАРИЈА. — КАЈ ВОЈВОДАТА ЈОРДАН СПАСОВ. — РЕВОЛУЦИОНЕРНО СУДЕЊЕ ЗА ГРАБЕЊЕ МОМА МЕЃУ КАРАКАЧАНИТЕ. — СПОГОДБА МЕЃУ АЛАБАКОТ И СТЕФАН ДИМИТРОВ. — КОНФЕРЕНЦИЈА ВО С. КРИВА КРУША

По овие советувања јас се разделив со другарите и со Цветка Христов заминавме за Велес и од таму за Бугарија. По патот за Бугарија се запревме подолго време во Кратовско. Имавме среќавање со Атанаса Бабата во с. Стубол, а после во с. Калниште со Јордана Спасов.


Овие обајцата имаа посебни чети; околиски војвода беше Бабата. Овој беше родум од Бугарија, исто така тој беше истргнат од средината на лумпенскиот елемент од Софија како и Михаил Апостолов — Попето и под влијанието на Делчева обата станаа примерни и истакнати борци во редовите на ВМОРО. Тие одиграа голема улога при организирањето на вооружената четничка борба и беа едни од најдобрите борци против врховизмот. Јордан Спасов, прост селанец, родум од с. Кнежа, Светиниколско, беше организиран од Делчева кога овој беше главен учител во Штип. Спасов беше долгогодишен нелегален активен борец и ништо друго не го интересуваше, освен да му биде залазено неговото реонче за дејност. И тој светец со здрава селска душа — Македонец, беше убиен од Тодора Александров во првите дни на Младотурскиот преврат во 1908 година заедно со неговиот неразделен другар, исто таков човек како него, Јордан Секулички и тоа по најжесток начин. Врзани голи на забиени вземји колови, им ги намачкуваат телата со мед. На јакото јулско сонце осите налетуваат на нивните голи тела, касајќи ги. Умираат несреќниците во ужасни маки.

Тогаш на Јордана Спасова му беше секретар Богдан Баров, наш другар социјалист. Тој настојуваше да се задржиме неколку дена во Кратовско за да можеме да си исприкажеме сè што ни тежеше на душата. Од с. Калниште отидовме во Лесновскиот манастир каде што останавме неколку дена. Имаше многу дела од судски карактер за разгледување, но главно да направиме голема почивка. Лесновскиот манастир беше најздравата тврдина на Организацијата во Кратовско.

Јордан Спасов ни кажа оти имале голема беља со Каракачаните во планината Паниква. Таму еден од момоците — овчари поради меѓусебната љубов со една ќаинска ќерка се осмелил да ја граби. Но Каракачаните, макар да живеат овчарски живот, се разделени на касти: ќаи и момоци. Ќаите се сопственици на големи стада овци и ергелиња коњи, а некои од момоците, како нивни овчари, имаа помал број овци и коњи. Ќаите се женат и мажат само меѓу себе, така што една ќаинска ќерка не може да се омажи за момок. Но сега по грабењето на девојката се заврзала остра борба меѓу ќаите и момоците и со вооружен напад една вечер ќаите ја земат девојката и ја одвлекуваат од колибата на нејзиниот љубовник. Момоците се вооружуваат, ги нападнуваат ќаите за да ја вратат девојката. Се отворил бој, но за среќа немало жртви. Споров бил доставен до Кочаничката општина и општинскиот суд решава да бидат прашани младите, ако се согласни и се милуваат, да им биде позволено да се венчаат. Но на ваквото разрешување на спорот ќаите не се потчинуваат, бидејќи по таков начин би се нарушиле старите нивни традиции, кое нешто можело да донесе раскапување на нивниот морал.

Положбата беше многу критична, бидејќи можеше да стигне и до крвави жртви. Ова нешто требаше да се избегне по секоја цена, зашто се разрушува една здрава база на организацијата, каква што беше планината Пониква и каракачанските колиби.

Решиваме да заминеме за Пониква, за да го разгледаме ова прашање. За поголема тежест на нашиот суд таму, решивме, јас да бидам судијата, испратен од Централниот комитет нарочно за разгледување на ова дело, а Цветко Христов, кој имаше долга брада и долга коса како од поп, да е поп на комитетот, и тоа да е испратен специјално за делово. Откога преседовме еден ден: во с. Јамиште, отидовме во Пониква. Таму стоевме три дена. Уште првиот ден го започнавме разгледувањето на делото. Дојдоа сите ќаи и поголемиот дел од момоците. Уште при првите распрашувања се забележуваше надменото држање при одговорите на ќаите. Мсмоците, напротив, беа многу скромни. Се разбира, нашите симпатии беа на страната на момоците.

По подробно ислушување на станатото, дојдовме до заклучок да се повикаат на ислушување младите, велејќи им на странките оти пресудата ќе зависи од тоа ислушување и оти тие ќе се потчинат на пресудата. Во противен случај Организацијата ќе биде принудена да прибегне кон најстроги санкции. Беа доведени младите. Момчето беше на 25 години и бешо здраво, кому може да му завидат мнозина, а момата на 22 — 23 години, малку слабодушна, но лична. Момчето, се разбира, одговори со „да“ а момата потем долго внатрешно измачување со еден одвај чуен глас рече „не“. Но очигледно беше дека над неа извршиле голем притисок ќаите. Ние, по кратко советување, им рековме на сите да ја напуштат колибата, освен момата, за да биде ислушана насамо. По очигледното незадоволство. ќаите беа принудени да се потчинат и излегоа од колибата, а момоците излегоа задоволни, гледајќи во судов трудење да можат ќаите да бидат удрени.

Откако остана сама момата, јас како претседател на судот ја уверував, без да се плаши, да ја каже самата вистина. Организацијата е силна секого да го постави на местото, ако сака да ѝ напакости некој. Меѓутоа, момата продолжуваше да молчи. Се зафаќа Цветко Христов како „поп“ да ја советува да не ја крие вистината, што ја чувствува таа во нејзината душа, без да се плаши од мачењето на ќаите и ако ја скрие самата вистина, е „греота пред бога“ и други попски работи. Но не можеше да ја расколеба и на поставеното последно прашање да одговори со „да“ или „не“, таа одговори одвај чујно: „не“. Ѝ реков оти е слободна да си оди дома. Сега не остануваше ништо друго за нас, освен да изречеме една пресуда, која ќе ги задоволи ќаите. Но не сакавме да ги оставиме ненакажани. Решивме тие да бидат накажани да платат 25 турски лири глоба, затоа што ја нападнале со оружје колибата на момчето и ја одвеле момата. Саморасправањето со оружје е забрането од законите на Организацијата, а момоците се накажуваат со 5 турски лири, затоа што со оружје ги нападнале ќаите за да им ја отмат момата. Момчево да си бара друга мома штом го нејќе љубовницава негова.

Ги извикавме странките и ИМ ја прочитав пресудава. Ќаите почнаа да фучат, но Јордан Спасов им рече да мируваат и да се потчинуваат, оти да не им биде удвовна глобата, и ако си позволат другпат слични произволи, тогаш накажувањето ќе биде многу строго и ќе предвидува, освен парична глоба, и други санкции.

Овој случај јасно говори дека класната омраза постои и сред последните планински колиби, а не само во големите градови, меѓу имотните и безимотните. Класната борба е факт во животот насекаде.

На третиот ден дојде во Пониква, четникот - курир Алексо од с. Дурачка Река, Паланечко, и утредента со Цветка — „попот“ си заминавме за границата. Патувањето ни беше прекуден до с. Кркле, кајшто преноќевавме и другиден вечер во с. Костур отпочинавме. По полноќ се отправивме за границата и низ месноста „Рамна Нива“ близу Деве-Баир ја минавме среќно.

Во Софија се ставив уште првиот ден со Органџиев. Со овега ние се разбиравме подобро одошто со другите гемиџии. Овој беше уште како ученик во Софиската гимназија доста начитан и не му недостануваше марксистичка култура поради кое не ѝ го оспоруваше значењето на масовната организација. Соработката беше повеќе возможна со овега, одошто со секој друг. Неговата чесност и отвореност, неговата благородна душа, готовност да се жртвува за своите блиски, ги зближуваше кон него познатите и беше секогаш опколен од пријатели кои го сакаа. Јас бев многу приврзан кон него. Пред моево доаѓање беше дошол во Софија општиот наш пријател и другар Лазар Плавев, испратен од Стефана Димитров со мисија да организира една чета и, вооружена од Татарчев — Матов, да замине со неа за Велешко како негов помошник-војвода.

Ние веќе почнавме со Органџиева да се советуваме со Плавев за да влијае на Стефана Димитров за неговото зближување со Алабакот. Овој како наш сочувственик се согласи да ни биде на помош при оваа работа. Не знам дали сум згрешил тогаш и дали сум ја искривувал линијата како социјалист, но сога сум убеден оти го работев она што за моментот беше нужно и полезно.

Од четата на Плавев беа и тројца младинци од Азот: првиот беше Секула од с. Ораовец, внук на поп-Чурета, еден од првите србомански дејци, кој изигра голема улога во засилувањето на влијанието на Србите во Азот; вториот беше Јонче од с. Мокрени, многу симпатичен младинец, убиен заедно со Стефана Димитров, и третиот Пане Мокренчето, исто од с. Мокрени. Тие беа дошле од Белград при Сарафов за да заминат со некоја чета во Македонија да се борат за нејзиното ослободување. Оваа околност беше згодна, преку нив можеше да се работи поуспешно во Азот. Четава од Плавев се состоеше од 13 души. Тој си појде бргу по моето приститање во Софија. Во Велешко му беше определен реонот на левата страна од Вардар.

По еден месец од моето заминување од Велешко, Алабакот и Стефан Димитров се сретнуваат во с. Попадија и по подолги разговори се постигнува спогодба помеѓу нив. Алабакот како помошник на Стефана да дејствува во северозападниот дел на Велешко: Азот и Ќумурџикол, но на крајот на преговорите иде писмо од Велес во кое му се соопштува на Стефана Димитров дека било стрелано на Ризо Ризов од убиец пратен од сарафистите. „По прочитуваље на писмово, Стефан, ми кажуваше Алабакот, скокна на нозе и рече оти разбирачка и соработка меѓу мене и тебе, Иване, е невозможна. Ние кога преговараме овде за зближување, твоите луѓе стрелаат на најдобриот револуционер во градот, Ризо Ризов. Стефан се заврти кон мене и изјави: „За обајцата нема место во Велешко, или ти или јас треба да останеме сами“. Го напушти станот кај што бевме и јас бев принуден да си заминам со четата од с. Попадија, но верувај ми, Алексо, оти јас немам абер од таа работа и го мразам до смрт мојот братучед, Тодора Оровчанов; тој е главниот виновник за тоа. Не верувам веќе оти ќе се повтори друг случај, како овој во Попадија. Нашава родина е многу несреќна што не може да се оствари едно такво благородно и корисно дело“.

По овој случај Алабакот, инаку веќе многу разочаран, се движи во Велешко без секаква иницијатива до свикувањето на околиската конференција во с. Крива Круша во месец октомври. На неа се избра за околиски војвода Стефан Димитров, а се решава Алабакот да го напушти Велешко. Тој се потчинува на тоа решение и го напушта Велешко. Се прибира во Софија. Но можевме ли ние да се помириме со ваков финал на нашата иницијатива во Велешко?

Пропаѓаа сите надежи за проектираниот наш план за ексот, преку кој можевме да се снабдиме со средства не само ние, (да внесеме голем дел револуционерна литература и да создадеме печат за издигањето на политичката култура на нашиот народ, особено на членоовите од ВМОРО), ами исто така и ВМОРО ќе имаше средства толку нужни во тешките времиња што ги преживувавме.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 9

ВО ЧЕТАТА НА ИВАН АЛАБАКОТ. — УНИШТУВАЊЕТО НА ЧИФЛИКОТ ВО С. ЈАСЕНОВО. — НАШАТА ДЕЈНОСТ ВО АЗОТ. — СРЕДБА СО СРБОМАНСКИ ВОЈВОДИ. — КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО С. ОРАОВЕЦ

На една недела по среќавањето, јас, Тодор Богданов, Алексо Хаџи-Христов и Тодор Доротев, родум од Скопје, отидовме во с. Крајница и таму се присоединивме кон четата. Тројцата бевме социјалисти, а Тодор Богданов, гемиџија. Првата подготовка за нашава цел беше да се постигне спогодба меѓу четите, зашто без нивното помирување беше невозможно претприемањето на ексот. Исто така беше нужно да се укрепиме во Азот. (Таму беше најслабо влијанието на ВМОРО и скоро не постоеше Организацијава. Првиот обид по востанието да се организира Азот беше направен од четата на Ѓорѓи Попов, родум од село Ресава, Тиквешко, и Илија Тетовчето, родум од Тетово, но излезе неуспешен. Четата беше предадена и при заврзаниот бој во с. Капиново беше разбиена. Војводите и некои четници беа убиени, а други беа запленети од Турците). Нашата чета од село Крајшеда замина за с. Крнино, после за с. Владиловци, кај што по настојувањето на селаните од селата околу с. Јасеново, чифлик на Етим Мустафа од Велес, се зеде решение да го нападнеме Јасеново и да го изгориме. Го сторивме тоа. Селаните ја сакаа земјата на село Јасеново, којашто беше многу плодородна, а и гората беше многу богата. По таков начин земјава и горава останаа да бидат работени и експлоатирани од селаните на околните села и чифликчијата не можеше да дојде во селово. Ќесимот за обработуваната земја беше мнзгу низок, речиси ништожен.


По оваа акција отидовме во с. Извор, оттаму заминавме за с. Поменово, па се префрливме за с. Оморани, првото србоманско село, во кое влеговме. Бевме добро примени, особено непристорено љубезен беше учителот Душан. Тој беше многу популарен меѓу населението во Азот и се ползуваше со голем авторитет кај него. Во Оморани преседовме два дена. Се избра раководно тело и за секретар на комитетот беше поставен учителот Душан. Ова стана уште првата вечер. Утрината со писмо го испративме до раководното тело в град Душана и го замоливме да се врати со одговор уште истиот ден. Душан ја сврши својата мисија одлично.

Од Оморани отидовме во с. Ореовдол. Ваму престојавме два дена и се избра раководно тело, во кое имаше претставници и од „Бугари“ и „Срби“. Од Ореовдол отидовме во с. Габрово. Ваму стоевме еден ден. Се избра раководно тело, се разбира, пак еднакво застапено од „Бугари“ и „Срби“, и уште истата вечер заминавме за с. Мокрино. Вака брзо да заминеме од село Габрово за село Мокрино беше причината, што во селово дошол Глигор Соколовиќ — Небрежанецот со други србомански војводи. Кога пристигнавме во Мокрино, бевме пречекани од селаните и не одведоа на конак кај што беа настанети србоманските чети. Кога присгигнавме во дворот на куќата, гледајќи ја многубројноста на србоманските чети, многу повеке од нас, му реков на Алабакот: „Иване, србоманиве се многу повеќе од нас, а и селово е србоманско. Не рескираме ли да бидеме нападнати?“ Овој ми одговори: „Нема опасност. Змејко, брат му на Јована Долгача, е наш и со другарите негови ќе ни укаже помош ако стане нужда“.

Четата се распореди за престојување по просториите на куќата, а ние со Алабакот и Богданов се наместивме во собата над амбарот при војводите. Со Глигора беа: Јосиф Келот, Тренко и Јован Долгач. На последниот дејноста му се состоеше во шверцување на оружје од Дебарско и Гостиварско, за Кичевско и Прилеп, а исто така и за Брод. Со нив беше дошол Цветко Христов од с. Присовјани, Охридско, којшто имаше земено активно учество во востанието таму како војвода од Дримкол. Тој патуваше за Бугарија на одмор.

Србоманските војводи беа многу внимателни спрема нас и се трудеа да бидеме добро расположени. Особено Глигор ми остави впечаток со својот еластичен природен ум. Во разговорите по низа прашања од организационен карактер искажуваше многу трезвени мисли и при неоспоруваната од никого негова храброст, Србите, спечалувајќи го на своја страна, навистина ѝ беа нанесле сериозна загуба на ВМОРО, зашто пред и во време на востанието тој беше добар организационен деец. Кога зборуваше за Организацијата и соработката меѓу нас, Глигор секогаш подржуваше оти тие немале задни цели против ВМОРО и тие ја восприемале нејзината цел — автономијата и ќе се бореле за нејзиното реализирање како членови на ВМОРО и ќе ги почитале нејзините статути под услов да не му се пречело на „српскиот“ елемент во Македонија слободно да ја исповедува својата националност и да не му се пречело на неговото црковно- училишно дело.

На оваа база немавме и ние ништо против и кога ги организиравме селата во Азот, се претпазувавме да им дадеме повод на селаните да подозираат оти сме против нивното национално самоопределување. Ние главно сакавме од нив да се верни членови на ВМОРО и да се борат за нашето ослободување од Турците. Но можеше ли да има искреност пак и од обете страни?!

Особено Србите никогаш не ќе се помиреа со една ваква положба. Тие држеа една помирлива линија дури да се закрепеа здраво во организационен однос во своите места: Азот, Поречето, во селата покрај Бабуна планина во Прилепско и некои села во Кичевско. Овие места беа планински и полупланински и тие можеа да имаат ваму здрави стратегиски позиции. Воопшто слабееја силиге на Организацијата поради нејзините внатрешни противречности. Таа и не можеше да ги задуши уште во зародишот српските и грчките вооружени движења. Ако во Велешко не постоеше таа расцепеност на силите и беше исползуван Алабакот, кој беше навистина голема бојна сила, неопходно потребна во овој критичен момент, во Велешко злото од србоманското засилување ќе се намалеше. Ние успешно почнавме да ги организираме селата во Азот и ако не ни се попречеше, ќе можевме да се закрепиме во него.

Откога се разделивме со Глигора во с. Мокрени, отидовме во с. Теово, кај што имаше добри наши сили, со помошта на кои можевме да го организираме целото село и создадовме едно мешано раководно тело од „Срби“ и „Бугари“, но ваму добивме едно писмо од град, со кое му се наредуваше на Алабакот да замине за с. Ораовец, каде ќе имал средба со дојдените чети од Бугарија, а во истото село ќе бил и Стефан Димитров. Ние ја прекративме обиколката по Азот и се отправивме за село Крива Круша, а Алабакот со еден курир замина за село Ораовец. По три дена се сретнавме во Стари Град со Пандо Клјашев, костурски војвода, кој дојде од с. Ораовец со Алабакот.

Во зафатениот спор со мене, Пандо Клјашев рече: „Пред нуждата од модерно вооружување не само на четите, ами и на нашата милиција, која треба да е на нога секогаш, нивното вооружување не може да биде со пукми: „Гра“, „Мартинки“ или „Кримки“, ами треба „Малихерови“ или „Маузерови“ пушки, зашто нашите непријатели се вооружени најмодерно. Нашиот народ е сосема оголен и материјално истрошен и не може да се земат од него пари за покривање на порастените нужди. Не му е времето сега многу да филозофираме, ами да се бориме. Парите ќе ги земеме откај пгго ќе ни ги дадат. Ние се бориме за автономијата на Македонија, но борбата за нејзиното извојување е тешка и долготрајна. Многу од средствата на борбата ќе треба да се изменат, а не е за чудење, ако  во текот на борбите меѓународните и балканските услови се изменат и се дојде до усложнување, може и самата наша крајна цеп да се измени. Ние не можеме да бидеме максималисти.“ Вака стануваше еволуцијата во убедувањата на нашите видни револуционерни дејци. (За ова наше среќавање со Пандо Клјашев пишувам на друго место од моиве спомени).

Алабакот ми донесе писмо од Тодора Органџиев, со кое овој ме викаше веднаш да појдам во Софија. Се советувавме со Алабакот и со нашите другари. Тие настојуваа да појдам. При разделбата со другарите имавме подолга конференција, особено насамо со Алабакот.

Кога дојдоа тие од село Ораовец, ни расправија за случката што станала таму и за конференцијата. Меѓу другарите што биле дојдени од Бугарија бил и Јово Црногорецот. Го познавав како еден од најнепомирливите противници на неоврховистите и многу близок на Ѓорчета Петров. На конференцијата, кога се разгледуваше прашањето за положбата создадена по востанието, и специјално за Велешка околија, и кога се поставило прашањето за разбирање меѓу двете чети, Јово Црногорецот бил најнепомирлив и настојувал Алабакот да го напушти реонот, а да му биде овој предоставен на Стефан Димитров. Тоа беше невозможно, зашто Димитров не беше во состојба да го натера Алабакот сосила да ја напуштц Велешка околија.

И самиот тој не се согласуваше да му се одземе возможноста да работи и да се бори во Велешко, толку повеќе што планот наш за ексот би ја затемнил славата и на пленувањето на Елена Мис Стон. За да можеше да биде реализиран тој, требаше да биде здраво организиран Азот и таму да доминира нашето влијание, а исто така да биде организиран и „Кумурџикол“ до Вардар, којшто исто така беше слабо организиран. Кога би се извршило обирањето на поштата со запирањето на возот, би предизвикало тоа големи гонења од турската власт, којашто би концентрирала големи воени сили. Ако не би имале здрава база во Азот, кај што можеше да се прикриеме, тоа уште во првите дни би можеле да бидеме откриени и да оди сè по ѓаволите.

Тајнава да ја откриеме на поширок круг ни се гледаше опасно, зашто штом би прешла таа во поширок круг, веќе би престанала да биде тајна. Власта кога ќе научеше, ќе земеше поголеми мерки за заштита на железничката линија и би била осуетена секаква слична акција. Ние овој план не сакавме да го знае друг, освен ние тројца: Алабакот, јас и Тодор Богданов, а на тој екс сметавме ние многу: ќе можевме да набавиме многу литература, особено социјалистичка, а и ќе почневме една широка работа за подготвување на големи акции против интересите на големите империјалистички сили.

Имајќи го предввд горново, го советував Алабакот да биде помирлив во своите односи со. Стефана Димитров и да ја избегнува по секоја цена возможноста да се изострат тие до прекинување и до жестокости и вооружени расправии. Ние бевме согласни да му биде предоставено на Стефана Димитров ОКОЛИСКОТО раководство и да е тој околиски војвода, а Алабакот, како негов помошник, да има задача да го земе северниот дел на околијава, за да можат. да бидат организирани Азот и „Ќумурџикол“.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

January 15, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 8

ЛИЧНОСТА НА ИВАН АЛАБАКОТ. — ОСУЕТУВАЊЕ ПЛАНОВИТЕ НА ОСТАТОЦИТЕ ОД „ГЕМИЏИИТЕ“. — ПЛАН ДА СЕ ОБЕРЕ ПОШТАТА НОСЕНА ПО ЖЕЛЕЗНИЦАТА СКОПЈЕ — СОЛУН

Со Алабакот бевме другари од детство. Живеевме во едно маало, но овој кога поодрасна малку, отиде во Солун на работа како трговски службеник, а после отиде во Драмско, во с. Бук на работа при Панчета Беличов, трговец во спомнатово село.


Алабакот беше прославен како голем херој и беше многу смел и тактичен војвода. Таа негова популарност импонираше на масите и беше сериозен соперник на Стефана Димитров. Андодимовци се облегнаа на Алабакот и му дадоа полна поткрепа. Веќе силите меѓу двете фракции се балансираа и зрееше голема опасност од судрувања, кои би донеле страшни последици за нашата кауза. Јас не можев да се помирам со создаденава положба и здраво се зафатив да се најде излез и да се помират двете чети за општа работа. А терен за таква имаше, особено со идењето на четата на Глигора Небрежанецот*) и други србомански чети, вооружени од Белград. Една расправија од посериозно судрување ќе им дадеше можност на српските чети да се закрепат во Азот, а нивното влијание беше силно ваму.

Јас имав средба со Алабакот и при разгледувањето на положбата во нашиот реон, тој беше склон да се помири и на понеповолни услови за него. На оваа средба тој ми рече: „За мене во ВМОРО, освен Делчева, друг авторитет нема. Тој е мој кумир. Ќе одам по неговите завети и неговите совети, тие се свети за мене, дури сум жив. Сакам да бидам полезен во моето родно место и кога паднам во борбата, би сакал да паднам во мојот роден кат, каде што да има една рака земја врз мојот труп. Со „гемиџиите“ се познавам. Тие се херои за мене и нивната саможртва за нашето дело ме восхитува. Но и нивната борба против интересите на големите империјалистички сили ја споделувам само со некои дополнувања. Главно, таа да се води од ВМОРО. Верувам оти со тебе ќе се разбереме и ќе можеме да работиме заедно“.

Нашата близост од детинство се засили сега уште повеќе. Тој ми кажа оти кај него ишол Тодор Богданов и му предложил да биде убиен Хилми паша. Алабакот се согласил да го поткрепи во исполнувањето на замисленото убиство и му ги дал саканите од Богданова два револвера „нагант“. По тоа време Хилми паша се наоѓаше во Скопје.

Јас му реков: „Иване, уште тие, остатоци од „гемиџиите“ не можат да се отресат од индивидуалистичките настроенија. Може да се одобри и убиството на Хилми паша, но да го оставиме тоа на ВМОРО да го процени. Исполнувањето на тоа дело без знаењето на главното централно раководство е незгодно. Ова убиство во сегашниот момент извршено, кога Русија е ангажирана во војна на Далекиот Исток и нејзините раце се врзани за мешањето на Балканов, не ќе биде ли исползувано од друг нејзин соперник на Балканов и, земајќи повод од тоа убиство, да се исползува за реализирањето на неговите планови по однос на Македонија. Зашто сега убиството на Хилми паша, (главен гувернер на Македонија. назначен како таков по силата на решението на Мирцштегската конференција за глава на реформаторската акција на големите сили), ќе се смета како удар имено против нив, а Австрија го сака тоа“. И му расправив за станатото во Скопје.

Тој веднаш се замисли сериозно и по малку ми рече: „Оди веднаш во Скопје и осуети ги намерите на Богданов и комп.“.

Веднаш по ова среќавање отидов во Скопје. Го најдов Богданов и Алекса Минов (кој се беше нагрбил да го убие Хилми паша) и ги натерав да се вратат во Велес. Тие си отидоа. По кратко престојување во Скопје, и јас се вратив во Велес.

Тодор Богданов и Алексо Минов беа остатоци, незрели елементи од „гемиџиите“. Им недостигнуваше нужната политичка култура за да видат малце подлабоко и пообјективно во животот. Се привлекуваа од субјективни настроенија, просто од љубов кон поголеми и посензационални терористички акции и ако немаше околу нив некој потрезвен човек, беше возможно да извршат некоја глупост.

На второ среќавање со Алабакот, на кое беше и Тодор Богданов, установивме дека помирување меѓу двете чети не постои, а положбата кај нас се влошуваше сè повеќе поради нивната зајаденост. Ете зошто се налагаше да се дејствува, и тоа многу брзо и решително.

Алабакот беше склон на компромис и тоа со големи отстапки од негова страна. Меѓу другото се налагаше и барањето извори за средства, кои беа сега нужни во многу поголеми размери одошто во минатото, зашто фронтовите за борба на ВМОРО се наголемуваа. Материјалните можности на нашиот народ многу ослабеа, а и не требаше да се бараат и примаат од надворешни фактори (особено јас настојував), зашто тие фактори кога ги даваат божем драговолно, без никакви формални обврски, тие фактички те ангажираат морално да им станеш орудие. Ете зошто пак дојдовме на идејата за екс.

Јас одамна замислував оти со едно оберување на поштата, која се носеше со возот од Скопје за Солун, ќе се добијат многу пари. Вторник е пазарен ден на Скопје, а овој град во Македонија беше вториот трговски центар по Солун. По пазарот, трговците кои се снабдуваа со стока од Солун, ги испраќаа своите задолженија или и други суми за набавка на нови стоки до своите комисионери во Солун. Сумите испраќани по пазар во среда бидуваа многу големи, заминуваа 20.000 турски лири. Особено во пазарните дни пред Бајрамот стануваше голем оборот. Возот можеше да биде нападнат и запрен околу сегашната станица Пчиња. Но за оваа акција беше нужна поголема вооружена сила, а оваа сила можевме да ја имаме со четата на Алабакот. Кога го изложив овој план, Алабакот го усвои и се сложи да направиме екс. Тој предложи да се присоединиме ние кон неговата чета и да отпочнеме со подготовки.

*) Глигор Соколов (иќ)

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

January 11, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 7

ЧОРБАЏИСКИОТ ЕЛЕМЕНТ. — ВОЈВОДАТА ИВАН АЛАБАКОТ ПРИСТИГА СО ЧЕТА ВО ВЕЛЕШКО. — МОЈОТ ПРЕСТОЈ ВО СКОПЈЕ. — ПЛАН ДА СЕ УБИЕ ГРОФ САЛИДИС. — ПАК ВО КУМАНОВО

Ова што стануваше во Велес, како што спомнав погоре, стануваше насекаде во Македонија. Накреваа глава врховистички елементи. Имајќи погоден терен за својата разрушувачка дејност, печалеа влијание и не можеше да има сомнение, оти настаните ќе се развијат до својот логичен крај: расцепувањето на ВМОРО и фактичкото создавање на две одделни организации. Но не ми се сакаше да бидам нем нагледувач на овој факт и ги употребував возможните усилби за неговото избегнување, зашто си давав сметка за размерите на злото.


Како што претскажа Ѓорче, дека создаденото „општо“ раководство ќе се раскапе уште со неговиот прв чекор при напуштањето на нашиот реон, — раскапувањето стана. Почнаа одново да функционираат обете раководни тела, кои претендараа за законитост и се сметаа за вистински заштитници на интересите на нашата национал-ослободителна кауза. По востанието, уште во втората половина на пролетта, почнаа да идат вооружени чети од Бугарија, испраќани од Татарчев — Матовци и од Бориса Сарафов, а изворот за вооружувањето на тие чети беше еден ист — бугарските воени складови; парите идеа повеќе од државните каси. Но, постоеше една фракционерна борба меѓу нив, не толку на принципна база, ами за тоа кој да го има првенството во раководството ва ВМОРО.

Прва во Велес дојде четата на Стефана Димитров, вооружена и испратена од Татарчев — Матов. Кога пристигна во велешкиот реон, и двете раководни тела се натпреваруваа да ја спечалат подршката на Стефан Димитров. Но чорбаџиите, располагајќи со повеќе средства и бидејќи повисоката интелигенција беше со нив, можеа со голема демагогија да спечалат голема маса од несвесни граѓани и претставуваа голема сила, та Стефан Димитров фати да се зближува со нив. Но уште не беше ги прекинал своите односи и со Андона Димов. Јавно беше неговото претпочитање на д-р Петар Кушев, кој беше раководител на чорбаџиското раководно тело. Кушев, офицер во бугарската армија, со несокривани големобугарски сфаќања, со необично еластичен карактер и јавувајќи се секогаш со својата помош како лекар на оние што имаат вужда, без да инсистира за награда, беше си, спечалил големи симпатии на голем дел од населението во градот и околијата. Тој стана фактор кој го засенчи Андова Димов, макар овој од минатото да беше си го спечалил името на чесен и смел борец, што го призонава и Ѓорче Петров, во своите спомени за него.

Лишени од поткрепата на Стефана Димитров, Андов Димовци почнаа осетно да заслабуваат, но не задоцни и Борис Сарафов да ги испрати своите чети. Еден ден пристигнаа четите на Ивана Алабакот од с. Ореовец, Велешко, на Атанаса Кршаков и на Кузинчев од Костурско. По нивното престојување од два дена во Велес тргнаа за селото, а понатака костурските чети си го продолжија патот за Костурско, а Алабакот за Велешко. Алабакот се ползуваше со голема популарност меѓу населението уште од времето на Илинденското востание. Тој заедно со неговиот близок другар Андреја Димов, роден од Велес, после горноџумајски војвода, зеде учество при преземањето на Крушево, каде што беше прогласена првата македонска република. Иван Алабакот дојде со задача да се настани во Велешко и да работи тука. Но можеше ли да се сложат двајцата војводи? Ништо друто не ги делеше, достаточен беше стремежот нивни кој да биде околиски војвода. Така кај нас се тури основата на сарафизмот, без да имаме сарафовисти. Чорбаџиите отпочнаа да се викаат „централисти“ а противниците ги маркираа со „сарафисти“. Но уште пред идењето на Алабакот, еден ден ме најде Иван Чонтев, велешанец, учител и виден деец во левицата на ВМОРО и ми рече: „Сега си дојдов од Скопје и таму се сретнав со Михаила Шуманов и Ивана Бардарев, дојдени од Бугарија и ми рекоа да кинисаш веднаш за Скопје, еве ти пари за навло“. Ми ги даде парите и јас уште истиот ден тргнав за Скопје.

Михаил Шуманов беше бивш учител и поради неговата компромитираност сред власта стана нелегален, четник. Тој учествуваше во четата на Сандански при пленувањето на Мис Стон и низ сето време на нејзиното криење беше во Пиринска Македонија. Пред востанието беше во велешко. За Ивана Бардарев пишав понапред.

По моето пристигање во Скопје се сретнав со нив, а таму беше и Тодор Богданов. Тие ми соопштија оти е создаден голем кружок за отпочнување на една поефикасна и опсежна борба против интересите на големите сили за конечното ослободување на Македонија и Одринско. Сега по мислењето на многу меродавни фактори бил најповолен момент за една таква дејност. Јас им реков: „Пред сè треба да се создаде возможност за моево престојување во Скопје, зошто штом ќе ме забележи полицијата, ќе ме интернира за Велес, та после ќе му мислиме што ќе се прави“. — „Тоа е лесно“ ми рече Шуманов, „ние сме многу блиски со австрискиот конзул Пара и одиме често кај неговото конзулство. Кога ќе му се помолиме, тој ќе го стори возможното да не ни пречи полицијата. Тој е во состојба да го направи тоа, бидејќи Скопскава област е под контролата на австриските реформатори“. Тие уште истата вечер отидоа при Пара и кога го помолиле за мене тој им рекол: „Да си најде некаква работа. Пред тој факт полицијата не ќе смее да направи ништо против него“.

На работа се наместив во кафето „Вардар“ на Љубена Попов, подолу од црквата „Св. Богородица“, крај реката Вардар. Во ова кафе се збираше елитата на скопската интелигенција. Мојата работа беше штом ќе видам дека иде полицијата, да се растрчам тогаш како келнер и да разнесувам порачки по масите. Низ другото време седев со пријатели во разговор.

Еден ден се собравме во станот на д-р Николов, родум од Крушево, виден македонски деец. На состанокот беа д-р Николов, Михаил Шуманов, Иван Бардарев, Тодор Богданов, Стефан поп-Иванов, родум од Кочани, учител во Педагошкото училиште, Јордан Николов, родум од Прилеп, кој беше го завршил своето образование во Франција, тогаш учител во Педагошкото училиште, (по време на Хуриетот беше народен пратеник во турскиот парламент), Антим Ингилизов и Пано Илиев, ученици од III педагошки курс. По разгледувањето на прашањето дали е поволна ситуацијата за една засилена борба против интересите на империјалистите, Шуманов и Бардарев изјавија дека австрискиот конзул Пара, еден од најактивните австриски дипломати на Балканот, предложил да се убие гроф Салидис, началник на реформаторската мисија во Скопска област, која, како што истакнав погоре, беше под австриска контрола.

Гроф Салидис беше поковник од австриската армија. За да биде убиен тој, Пара понуди 50.000 круни. „Сета Австрија да се реши на еден таков акт, тоа е продиктувано од нејзините животни интереси. Да се изврши тој акт, моментот е најпогоден изјавил Пара, кога Русија е заангажирана за една голема војна на Крајниот Исток со Јапонија, нејзините раце се врзани и ние сме во состојба да се замешаме на Балканот, а таа е најголемиот наш соперник овде. Сега сме решени да жртвуваме еден наш висок чиновник и со неговото убиство сакаме да имаме повод за навлегување на нашата армија во Македонија за да постави ред, бидејќи анархијата која постои во неа им пречи на нашите интереси. Големи делови од нашата армија се концентрирани кон границата на Босна, божем прават маневри и под предлог за поставување ред во Македонија и за заштита на животните интереси на нашите претставители, ќе навлезе и ќе се спушти дури до Солун, за да ја окупира Македонија. За вас македонците таа окупација е од животен интерес, бидејќи ние ќе ви дадеме автономија под наш протекторат“.

Јас чекав да се искажат сите, за да го земам последен зборот. Речиси сите се искажаа да биде примен предлогов на Пара. Особено беше распален во својот говор со нему својствената красноречивост Стефан поп-Иванов. Јас го зедов зборот и му поставив прашање на Шуманова: „Ако од толку голем интерес е за Австрија да се изврши тоа убиство, ЗОШТО се обраќаат до нас, а не си најдуваат некој професионален убиец, за што имаат полна возможност?“. Стефан поп-Иванов избрза да ми одговори, бидејќи беше и тој еден од посетувачите на австриското конзулство. Тој рече: „Пара рече дека тоа убиство извршено од нас ќе биде сметано како дело на ВМОРО и таа околност ќе му ја даде нужната тежина и дека тоа убиство не е прво, ами ќе последуваат и други, зашто ќе се погледне на тоа дека македонскиот народ ја префрлил границата на трпењето и дека нема да се запре со неговата организација пред никакви средства за да се ослободи од турскиот јарем“.

По овој одговор, јас продолжив: „Другари, нека не бидеме обземени од сентименталности, ами да го опсудиме ова прашање со нужната ладнокрвност и нека во случајов игра кај нас улога разумот место чувствата. На Австрија ѝ е потребно тоа убиство. Таа се раководи од своите интереси, а не од интересите и за доброто на македонскиот народ. Јас мислам дека македонскиот народ е тој, кој го има зборот за своето добро, има вистински своја организација во лицето на ВМОРО и ако таа најде преку нејзиниот ЦК, оти е во интерес на македонскиот народ да стане убиството што го нуди Пара, нека дојде наредба за неговото извршуванње. Но за да може да стане тоа нешто, треба да биде сондиран ЦК. Јас се сомневам оти тој ќе се согласи да биде удрена од зад грб Русија која е ангажираиа во таа голема војна. Мнозина од нашата интелигенција се надахнати со крајно русофобски чувства, но широките маси на нашиот народ напротив се надахнати од крајни русофилски чувства и не се расположени спрема Австрија. Ние ја гледаме спонтаната иницијатива на нашите граѓани во Скопје да збираат доброволни прилози за рускиот Црвен крст и насегдека ќе ги сретнеш пожелувањата за победата на Русија во оваа војна. Кога расудуваме овде за предлогот на Пара, треба да се води сметка за овој факт.

Ние социјалистите, продолжив јас, ја споделуваме идејата за борба против интересите на империјалистичките сили, но таа борба да е примена и да се врши од ВМОРО и ние ја разбираме нашата задача засега да се агитира сред масите на ВМОРО да се восприеме тој курс на борба од нив. Ние никогаш не сме биле приврзаници на тоа, таа борба да биде акт на одделни групи, без да се тие органи на ВМОРО. Лично јас сум против предлогот на Пара просто затоа што е полезен за империјалистичка Австрија и штетен за македонскиот народ. Ние ќе се бориме против интересите на сите империјалистички сили. Македонскот народ има ли интерес од предлаганата „автономија — протекторат“ од Австрија? — Не! Илјада пати не! Ние, социјалистите, сметаме дека треба да се бориме за полната автономија на Македонија и Одринско, која ќе биде во интерес на балканските народи, за закрепување и гарантирање на нивниот слободен независен опстанок, да послужи споменатава автономија за изградување федеративно или конфедеративно уредување на балканските држави. За сега Македонија и Одринско се јаболка на раздорот меѓу нив. Но со создавањето на автономија ќе ја направиме таа да стане соединлива алка.

Излегувајќи од овие уверенија, јас сум противник на една таква акција и ќе се борам со сите сили против оние што сакаат да ја спроведат“.

Оваа моја категорична изјава ја олади разгорештената фантазија на сите и ги натера да се отрезнат малку. Тие немаа друга поавторитетна организирана сила, освен нас социјалистате, а и изрично било напоменато од Пара дека акцијата не треба да изгледа како дело индавидуално или групово, ами како дело на политичко-револуционерна организација. Се разотидовме.

Јас го сметав веќе излишно моето стоење во Скопје и решив да си појдам. Шуманов ми предложи да одам во Куманово, откај што беше тој родум. Се согласив и тргнав по два дена од гореспомнатата конференција. Во Куманово на вториот ден се бевме собрале со една група пријатели, кумановци, во Сечковото кафе, кое беше крај река. Бевме се позабавиле малку повеќе и на одењето наше за дома заедно сите, недалеку од кафето, во една тесна уличка извикаа зад нас неколку полицајци да се запреме. Шуманов веднаш ми го даде револверот негов, велејќи ми: „Ова запирање е за мене“.

И навистина, штом нè пристасаа полицајците, му предложија на Шуманова да ги следи до участокот за една справка. Се разбра накај излегува оваа работа. Утредента Шуманова го отераа за Скопје и по неколку дена со Бардарова го беа екстрадирале за Бугарија.

Ние можевме да научиме после оти ова станало по наредба од Пара. Овој, разочаран дека не може да ја спроведе својата желба (Шуманов беше му го кажал нашето решение, оти сме против извршувањето на нуденото убиство како штетно по интересите на македонскиот народ) го наредил неговото екстрадирање. Но да се послужи со други луѓе за истата цел, веќе не беше згодно за Пара, зашто ќе се разбереше оти е дело на австриската дипломатија и ќе сретне на отпор од другите заинтересирани сили на Балканот и отпорот на малите балкански држави за намерите на Австрија.

Јас преседов една недела во Куманово по опишаниот настан и си тргнав за Велес пешки, избегнувајќи да се враќам со воз, зашто требаше да се помине низ Скопје, каде што сретнувањето со полицијата не ми беше пријатно.

Бргу потоа стана напред опишаното идење на Ивана Алабакот.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

January 7, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 6

ВЛОШЕНА СИТУАЦИЈА ВО ВЕЛЕС. — ЗАСИЛУВАЊЕ НА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА. — ФРАКЦИСКИ БОРБИ ВО РЕДОВИТЕ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА. — ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ИНТЕРВЕНИРА. — МОИТЕ РАЗГОВОРИ СО ЃОРЧЕТА ПЕТРОВ

Јас си појдов во Велес и се ставив во услуга на ВМОРО за да ги лекуваме раните, создадени од востанието. А тие рани беа големи и последиците од нив, многу тешки. Српската пропаганда се активизира многу повеќе. Во нашиов град како учители беа настанети мнозина видни нејзини дејци, како Јован Бабунски, Давид Димитриевиќ, Кирковиќ и други. Јас како учесник во востанието и поради мојот контакт со видните нивни дејци во Србија, особено со потполковникот Жика Рафајловиќ, бев замолен од раководството да бидам во блиски односи со нив, за да може да се воспостави соработка со нив. Згодна прилика беше и моето лично пријателство од минатото со Јована Бабунски. Одев дури и во училиштето и во станот на Давид Димитриевиќ, директорот на српското училиште. На тие среќавања беа разгледувани опширно целите на нашето национал-револуционврно движење и возможноста на базата на автономијата да се установи евентуална соработка.


Меѓутоа, ние сметавме дека Србите можат да соработуваат само како членови и органи на ВМОРО, покорувајќи се наполно на нејзините статути. Во меродавните средини на РО беа искрени и сакаа да се избегне една расправија, гледајќи ги јасно лошите последици од неа. Но треба да признам, за жалост, дека кај Србите ја немаше нужната искреност. Тие само лавираа за да можат да печалат време и да се подготват за една вооружена борба со создавањето на четнички институт слично на ВМОРО. Од таа нивна тактика се наложи идниот развој на настаните, кои беа катастрофални за нас.

Но и други уште полоши последици се јавија од востанието. По востанието во Велес, а и во голем дел од територијата на делувањето на ВМОРО беа расклатени основите на Организацијата. Оние лица и групи, кои во минатото беа респектирани од револуционерната дисциплина, сега почнаа да се пројавуваат. Се отпочна една фракциска борба во редовите на Организацијата, особено во Велес таа беше крајно заострена. Чорбаџиокиот елемент, чие што учество во раководството на Организацијата беше ограничено, зашто раководството беше во рацете на нивните учители, се надигна отпочнувајќи борба за преземањето на раководството на РО во свои раце.

Раководител на РО беше Андон Димов, мој многу добар ШКОЛСКИ другар и сочувственик — социјалист во минатото. Како ученик, порада неговата соработка со нас, беше исклучен од Скопското педагошко училиште. Тој се ползуваше со голем углед меѓу поинтелигентните младинци, членони на Организацијата. Тие беа од средниот сталеж на нашето граѓанство и работници. Чорбаџискиот елемент ги имаше своите истакнати водачи во лицето на д-р Петре Кушев и Андреја Чифчиристов, директор на училиштето во градот. Чорбаџиите сакаа да го земат сосем раководството во свои раце и по тој начин да се отресат од финансискиот товар, кој досега во поголема мерка лежеше на нивните плеќи за нуждите на Организацијата и тој товар да биде префрлен на плеќите на занаетчиите и работниците и да можат да го насочуваат движењето во поконзервативен — неоврховистички правец.

Попрогресивниот елемент го поткрепуваше старото затечено раководство, на чело со Андона Димов. Но јас сфаќав јасно дека оваа фракциска борба за раководството ќе доведе до принципиелни разлики и бездруго ќе се оформат различни струи. Ние социјалистите го симпатизиравме Андона Димов и неговите другари и ги потпомагавме да го зачуваат раководството во свои раце, но чорбаџиите си избраа свое посебно раководство и веќе во Велешка околија имаше две раководни тела, од кое секое претендираше дека е законско и од свое име издаваше наредби за уредување на организационите работи, претендираше секое од нив да е законско раководно тело на ВМОРО. Борбите фатија да се заоструваат и веќе се стигна до осудување на смрт од едната и од другата страна.

Ова стануваше во Велес, најважниот центар во територијата на ВМОРО, од кој зависеше сообраќајот меѓу Западна и Источна Македонија и тоа во таков историски момент, кога беше повеќе од животна нужда потребна сплотеноста на силите во национал-револуционеоната организација. Централниот комитет на ВМОРО, остават по востанието во внатрешноста, гледајќи ја оваа голема опасност. го праќа Ѓорчета Петров во Велес да може да ја искорени оваа фракционерна зајаденост и да го создаде потребното единство и сплотеност во редовите на организацијата во Велешка околија, (зашто таа расцепеност во Велес се пренесе и во селата). Ѓорче исто така сакаше да си замине за Бугарија.

Уште првиот ден од пристигнувањето ва Ѓорчета Петров јас се ставив со него дома кај Андона Димов, каде беше тој на стан. Се познавав со него уште од 1899 година во Софија, кога се видов за првпат и со Гоцета Делчев. Јас не се задржав многу кај него, зошто требаше да си одам. Кај нас тогај ноќно време не можеше да се движи човек без фенер и бидејќи беше се стемнило, јас си отидов, зашто со полицијата не бев во пријателски односи.

Набргу по пристигањето негово, еден ден ми соопштија заедно со Тодора Богданов од „гемиџиите“ да појдам вечерта во куќата од Петрета Манев за да се сретнам со Ѓорчета. Вечерта отидов со Богданов и преноќувавме кај Петрета Манев. По таков начин имавме возможност, да се разговориме и да ги размениме мислите со Ѓорчета понашироко. Тој ми го рече следново, откако се поздравивме:

„Ве повикав при мене како претставители, едниот на социјалистите, другиот на „гемиџиите“, кои ги има достатачно во вашиов град и постојат одделно во организационен однос, но сте сила која не е без значение во нашиот национал-револуционерен живот и ние водиме сметка за вас и секогаш вашето содејство, што сте го давале на драга волја ни било драгоцено, и сега верувам оти и вие ќе ме потпомогнете во мојава мисија да ѝ туриме крај на опасноста од фракционерната расправија, која зема застрашителни размери во нашиот град“.  

Јас прв одговорив: „Ние, Ѓорче, и безрезервно и безусловно ќе ти содејствуваме за да успееш во твојата мисија. Ние исто така ја сфаќаме големата опасност од таа фракционерна борба и голема е нашата желба да може да се обединат силите за претстојните борби, што ќе бидат потешки, зашто и непријателите се намножуваат, а ќе се намножат и фронтовите“.

Тој беше задоволен од мојов одговор и отпочнавме подолг разговор за карактерот на нашите борби во иднина, се разбира, во една пријателска атмосфера. Секогаш во зафатените дебати ги засновував своите становишта на марксистичките принципи и ги истакнував законите на општествениот развиток. Познавајќи ги нив и раководејќи ја својата дејност по силата на тие закони, ќе биде целосообразна а и резултатна борбата за нашето национално ослободување. Ѓорче истакна тогаш една мисла, која и досега не сум ја заборавил: „Тие закони навистина го обусловуваат историскиот развиток, но има едни малечки закончиња кои се создаваат во текот на развитокот на животот, и имено тие закончиња е потребно да се откриваат своевремено и да се согледуваат, зашто имено тие малечки закончиња, пренебрегнати и незабележени од општественикот и револуционерот, можат да ги турнат и големите закони, како што ја турнува колата малечкото камче“. Нашиов разговор продолжи до доцна ноќта.

Ѓорче преседе во нашиов град повеќе од две недели и со општи усилби успеа да скрпи едно општо раководство со претставителите на обете фракции. Кога требаше да си замине, го испратив и на разделувањето го прашав: „Ѓорче, веруваш ли оти ќе продолжи новото раководство долго време, без да се расклоцкаат одново, зашто причините што го предизвикаа расцепувањето, не се поништени?“. Ми одговори: „Додека сум во велешкиов реон, ќе трае „општото“ раководство, но штом ќе го напуштам последното село од вашиов реон, расцепувањето ќе избувне одново со уште поголема сила. Нашата организација воопшто прилага на скапана антерија. Ти ја крпиш на едно, а таа пукнува на пет места“. Се разделивме и си пожеливме долг живот и добро здравје. Но јасна беше неговата загриженост за идниот живот на ВМОРО.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

December 31, 2013

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 5

ОРГАНИЗАЦИОНО ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА КУМАНОВСКИОТ РЕОН. — ЗАДАЧА ОД ПУШКАРОВ: ДА СЕ ИЗВРШИ АТЕНТАТ ВО СКОПЈЕ. — СРЕДБА ВО ВРАЊЕ СО ЖИКА РАФАЈЛОВИЌ. — АПСЕЊЕ ОД ПОГРАНИЧНИТЕ ТУРСКИ ОРГАНИ

По конгресот на 26 и 27 декември 1902 година во Солун, сите окружни и околиски раководства на ВМОРО ја разгледуваа својата револуционерна состојба.


Скопскиот резолуционерен округ имаше најслаб пункт; Тоа беше Кумановскиот реон, којшто во организационен поглед беше многу слаб. Тој пострада во 1897 година од прочуената во нашата историја „Виничка афера“ и не беше способен да одигра дури ни помошна улога за востанието. Затоа Скопскиот окружен комитет решува да ме испрати мене во Кумановско како организатор и агитатор во помош на Илија Левков, околиски раководител на РО и директор на прогимназијата во Куманово. Јас се примив да одам, но под услов да не ми се пречи во мојата социјалистичка агитација, која ќе ја вршам покрај другата работа. Тогаш окружен раководител во скопскиот округ беше Никола Пушкаров, а членови на окружното раководство беа учителите во скопското педагошко училиште Илија Раштанов и Ганчев. Со нив зборував по овој случај. Ним не им беа туѓи социјалистичките идеи и на драго срце се согласија со моите услови. Откако се ставив со нив, заминав за Куманово.

Уште со пристигањето мое таму, во почетокот на месец јануари 1903 година, со Илија Левков се зафативме здраво да ги стегнеме редовите на организацијата. Во финансиски поглед организацијата беше во сосем запустена состојба и немаше пари да бидат задоволени ни најелементарните нужди на организацијата, а камоли да се мисли за вооружување. Се зафативме преку налози до побогати кумановци — граѓани да собереме поголеми суми. За многу кус срок успеавме да собереме 450 турски лири, доста крупна сума за тоа време.

Но требаше да набавиме оружје барем за куририте во градот и селата, за да ги исползуваме при курирската работа, зашто преку Кумановскиот реон претстоеше засилување на четничката дејност, а и преминувањето на чети со материјали од Бугарија за другите реони. За набавувањето на оружје јас и Христо Мангарче влеговме во преговори со тројца Албанци — контрабандисти на оружје и закупивме 50 или 60 пушки „кокинки“ и дваесет пиштоли „бешлии“. За прво време со нив можевме малку од малку да ги задоволиме нуждите.

По двомесечно преседување во Куманово, моето стоење беше невозможно понатака., зашто почна да ме подозира полицијата и бев принуден да си појдам за Велес. Во месец јуни истата година отидов пак во Куманово, но ми се наложи по организациона работа да заминам за Софија.

Нелегално заминав за Бугарија преку Србија. Во Софија не можев да го затечам Пушкарова, тогашниот скопски окружен војвода, кој беше заминал со голема чета за Македонија. Со него беше како војвода на четата и Милан Ангелов, родум од Прилеп. Јас сакав да заминам со четата од Никола Дечев, велешки војвода, но овој ме задржа да останам во Софија, велејќи ми дека ќе заминам за Велес со важна мисија и за моето заминување Задграничното претставителство ќе извади пасош на туѓо име. Задграничното претставителство се бавеше многу со вадењето на пасошот. Во тоа време четите на Никола Дечев, Глигор Манасиев и други, во Кратовско, во село Луково, бидуваат откриени од турски аскер. Тогаш четата на Никола Дечев беше разбиена до нозе, а така исто и на Григора Манасиев. Самите војводи беа убиени, а остатоците на четите се извлекоа и пребегааа во Бугарија.

Никола Џушкаров, откако не успеа да го разруши железничкиот мост на Вардар меѓу Зелениково и Велес, при истргнувањето од таму беше откриен и заврза голем бој при Ѓуришкиот Врв, Светиниколско. По бојот се истеглува преку Србија за Бугарија. Во Врање тој бидува убаво пречекан од потполковникот Жика Рафајловиќ, пунктов началник на српската организација и еден од водачите на „Народната одбрана“. Србите тогаш земаа пријателски курс спрема востанието на Македонците и изјавија оти ја поткрепуваат борбата нивна. Најјаркиот изразител на таа, политика беше Света Симиќ, тогаш началник на пропагандата при Министерството за просвета на Србија.

По своето враќање во Софија, Пушкаров ме натовари да заминам за Скопје, за да приберам експлозивни материјали и пеколни машини, оставени од него во Ветревскиот манастир „Свети Јован“, Велешко, и по секоја цена да направам атентат во Скопје на, некој објект од значење за европските капиталистички интереси и по тој начин да се изврши воздејство врз Мирцштегската конференција, свикана во 1903 година да се занимава со положбата во Македонија, за применување пошироки реформи.

На големите сили укажуваат поголемо воздејство атентатите извршени против нивните интереси. Солунскиот атентат изигра голема улога во тој поглед. Солунските атентати не можеше да не го раздвижат дипломатскиот свет од големите империјалистички држави, зашто атентатите беа управени исклучиво против нивните интереси. Во блиските дни по атентатите, една делегација од индустријалци и финансиски магнати оди при гроф Голуховски, тогаш канцелар на Австро-Унгарија и му вели: „Нашите интереси во Македонија страдаат и настојуваме да се земат нужните мерки за поставувањето на ред во таа земја“.

Пушкаров ми рече тогаш дека солунските атентати направија повеќе одошто сега нашето востание за раздвижување на дипломацијата на големите сили за свикување на Мирцштегската конференција. Ете зошто сега кога заседава таа е нужно да се направи еден атентат против нивните интереси во Скопје.

Снабден со нужните писма за таа цел, заминав за Врање при Жика Рафајловиќ со писмо од Пушкарова, за да ме префрли преку граница и да ми се даде содејство да можам да појдам до Куманово преку Козјак. Каналите на Организацијата беа затнати и непогодни од постојаните борби на четите со аскерот и низ тие канали немаше возможност да се послужиме.

По десетдневното престојување во Врање, јас решително го поставив пред Рафајловиќ прашањето за моето одење, но тој ми рече дека било ризично и невозможно, бидејќи во Бојановско и Прешевско се движеле големи потери војска, плашејќи се од навлегувањето на чети од кај нас. Во сушност се готвеше една голема чета под војводството на капетан Мисаил, родум од Кичевеко, да замине за Македонија, за да го одбележат и Србите своето учество во востанието. Рафајловиќ ми рече: „Ми Срби у организационом смислу остали смо иза Бугара. Бугари су нас претекли, а у Кумановском и Прешевском срезу не постоји никаква наша организација и могуће је да пострадаш“. Јас изјавив оти сум член на Внатрешната револуционерна организација и мисијата што ми е возложена треба да ја исполнам или да умрам.

Уште утредента по разговоров наш јас тргнав кон границата со еден седумнаесетгодишен младонец по име Драгутин од с. Шапранци, Бојановско и уште истата вечер ја префрливме границата и се отправивме за Куманово. Откога го поминавме селото Пелинци и се доближивме до с. Челопек, на патот во една падина бевме изненадени и опсадени од аскер и при заповедта „теслим“ се предадовме, зашто секоја сопротива од наша страна беше невозможна. Ние бевме без оружје, во граѓанско облекло и имавме нуфузи (легитимации). Отпочнува распрашувањето: „Од каде идете и каде патувате ноќно време во овие размирни времиња.

Особено против мене беше големо сомнението и со една нечовечка стрв аскерите се нафрлија да ме бијат со кундаците од пушките. Едниот од аскерите сакаше да ме заколе, но се замешаа други аскерџии и тој не можеше да ја исполни својата намера. Четниот командир на аскерот беше млад и интелигентеи офицер, со свршено воено училиште. Не беше „чантандан чикмаа“ т.е. таков што станал офицер по долгорочно служење во армијата. Командиров оддели петмина аскерџии од Скопје и заповеда да ме чуваат. Тој им рече: „Овој човек не го фативме на местопрестапление, ништо што ќе го компромитира не најдовме кај него, но и да имаше нешто, ние сме должни да го фатаме и да го предадеме во рацете на правосудието, кое има право да накажува“.

Си ја спасив главата! По неколкудневни обиколки низ прешевските села, бевме отерани во Куманово. Во истрагата не можеа да утврдат ништо против мене и по одлежувањето близу три месеци во кумановскиот затвор, бев ослободен. Мојот другар го ослободија уште првите недели. По моето ослободување од затвор, отидов во Скопје и се сретнав таму со Кирила Стојанов, окружен скопски раководител. Го прашав што направија со писмата што ги бев препратил уште со моето влегување в затвор, со кои се наредуваше од Пушкаров да ми биде дадено содејство за да ги приберам експлозивните материјали и пеколните машини, оставени во ветерскиот манастир „Свети Јован“ за да се организира атентат против европските интереси овде во Скопје. Јас ги препратив овие писма со белешка да го преземе друг организувањето и исполнувањето на атентатот, бидејќи не ми беше возможно мене. Кирил Стојанов ми рече дека примил друго писмо од Софија, со кое му се наредувало да не се прави никаков атентат.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

December 25, 2013

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 4

КОНФЛИКТ МЕЃУ УЧИЛИШНИОТ СОВЕТ И УЧИЛИШНОТО НАСТОЈАТЕЛСТВО ВО ВЕЛЕС. — БОРБА ПРОТИВ ВЛАДИКАТА АВКСЕНТИЈЕ. — РОЛЈАТА НА СОЦИЈАЛИСТИТЕ ВО ОВАА АКЦИЈА. — СОЦИЈАЛИСТИТЕ ИЛИЈА ПАВЛОВ И НИКОЛА КАРЕВ СТАНУВААТ РАКОВОДИТЕЛИ ВО В.М.О.Р.О.

Не оди многу, во 1900 година во нашиот град се разгореа големи борби веќе на друг фронт. Повод за нив даде исклучувањето на еден ученик од први клас поради неговото лошо поведение. Училишното настојателство, составено главно од чорбаџии, беше под полното влијание на владиката Авксенти и му се противстави на училишниот совет што исклучил едно чорбаџиско дете, настојувајќи да биде анулирано неговото решение и исклучениот ученик да биде одново примен во училиштето. Учителскиот совет не се сложи со заповедта на училишното настојателство и конфликтот достигна до голема крајност. Настојателството пристапи кон отпуштањето на некои од учителите. Тоа создаде големо незадоволство сред граѓанството. Ние се активизиравме извонредно многу, за да му се нанесе удар на владиката и на училишното настојателство.


Учителите објавија штрајк и училишната настава беше прекината. Ова даде уште поголем тласок, за да се активизира граѓанството и почнаа големи протестни јавни собранија. Се осуди поведението на училишното настојателство, коешто некомпетентно се меша во работата на учителскиот совет, особено кога поведението на учителскиот совет е повеќе од право. Се реши да се избере една делегација од граѓани за да оди при владиката и да му го поднесе барањето на граѓанството да се распушти сегашното настојателство, зашто спрема егзархискиот устав, владиката го потврдуваше отпуштањето и го назначуваше избраното од граѓанството училишно настојателство. Тоа право на владиката повеќе беше формално, фактичката сила за тоа беше народот.

Во делегацијата ние меѓу другите граѓани успеавме да ги протуриме нашите другари Андона Шулев и Јордана Шурков, кои беа и гаранцијата дека делегацијата ќе ја исполни совесно задачата пред владиката и не ќе клекне пред него.

Кога појдуваат при владиката, овој ги прима како што му прилега на еден автократ. Некои од делегацијата, побожните, му бацуваат рака, а мнозинството не го прави тоа. На неговото „преосвештенство“ не му дошло арно, но што да прави кога е владика во Велес — град во кој авторитетите мачно можеа да виреат, особено во тоа време. Кога седнуваат делегатите, без да ја чекаат поканата за тоа од владиката, Шурков седнува спроти него нога на нога на стол. Владиката го опоменува за тоа, но Шурков му одговара дека за него не важи протоколот на митрополијата за држањето во такви случаи, зашто тој е делегат од страна на народот од град Велес, кој е најголемиот фактор и само нему му се потчинети сите.

Другарот Шулев ги предава пораките на народот од името на собранието малку во ултимативна форма: да биде растурено училишното настојателство и да бидат спроведени нови избори за ново настојателство, кое ќе ја има нивната доверба. Владиката се противставува и изјавува дека училишното настојателство не може да биде растурено до крајот на неговиот мандат. Меѓутоа, другарите Шурков и Шулев, со уставот на Егзархијата в рака, му докажуваат дека граѓанството штом сака нешто, должен е владиката да се покори на неговата волја и да ја удоволи неговата желба.

Во овој дух споровите продолжуваат подолго. Меѓутоа, не излезе ништо и кога дојде делегацијата на собранието и го поднесе својот реферат, бурата на негодувањето ја достигна кулминационата точка. Не беа малку извиците: „Долу владиката!“, „Да се чисти од Велес!“ Владиката гледајќи го сè ова и не можејќи да се опре на својот авторитет за да го смири бунтот на граѓанството, прибегнува до предавство пред власта, барајќи од кајмакамот да ги притвори иницијаториге и подбуцнувачите, па по тој начин граѓанството да се смири и да се покори на волјата од владиката. Беа затворени веднаш посочените лица, а другарите Шулев и Шурков во прво време се скрија и не можеа да бидат фатени.

Но по малку време го фаќаат Шуркова и го притворуваат, а Шулева не успеваат да го фатат. Кога го изведуваат Шуркова при кајмакамот на распит, тој му рекол оти оваа борба не е насочена ни најмалку против власта, ами против владиката и училишното настојателство за уредување на училишното дело согласно со желбите на народот, кој е најмеродавниот фактор и неговата волја е закон, кому се должни да се покорат сите наши фактори во оваа област, па и владиката, зашто тоа е повелбата на егзархискиот устав, донесен со царски ферман.

Исто така и другите затвореници при распитот го подржувале Шурковото становиште. Кајмакамот беше високоинтелигентен човек (завршил правни науки во Франција). Очигледно ја увидува невиноста на граѓаните и установува дека во овој случај нивната борба нема елемент на бунт против власта, та поради тоа не може да примени накажувачки санкции. Затоа ги советува да одат да му бацат рака на владиката и да сакаат прошка од него за да се стави капак на оваа расправија. Тие му се противставуваат на еден демонстративен начин на кајмакамот и овој се видува принуден да ги ослободи по неколкудневно задржување во затворот.

Но владиката не отстапи и ги отпушти учителите Заедносо директорот на училиштето Бано Кушов. Отпуштаниве учители беа назначени од Егзархијата во други места. Училиштата беа затворени подолго време, на местото на отпуштените беа назначени други, а за директор беше назначен Велјан Дулјев, еден од влијателните членови на ВМОРО. Бано Кушев, дотогашниот директор, беше од револуционерното братство и мнозина од отпушените учители беа под негово влијание. За ВМОРО ова беше добродошло за да може да ги чушне учителите непријатели на Организацијата.

Но овде имаше елемент од трговски карактер. Иван Х. Николов, еден од големите столбови на ВМОРО имаше своја книжарница во Солун. Таков столб на револуционерното братство беше и Костадин Самарџиев, којшто исто така имаше голема книжарница и печатница во Солун. Двајцава книжари водеа голема конкуренција за пласирање на издаваните од нив, учебници. През таа учебна година во велешките училишта беа воведени учебниците на Самарџиев.

Не можеше да има сомнение дека ВМОРО го употреби своето влијание да се разреши прашањето и по тој начин да се совлада отпорот на граѓанството. Ние социјалистите во овие сметки на одделниве фактори не земавме страна. За нас беше важното што учителскиот совет во овој конфликт беше прав и го поткрепивме. Исто така беше од големо значење борбата против владиката и неговите орудија во општинскиот совет и училишното настојателство, за да ја поткрепиме така решително борбата на граѓанството.

Во 1902 година некои другари од нашата софиска група дојдоа во Македонија со согласност на Делчева и по негова препорака станаа видна функционери во ВМОРО.

Прв од нив во Велес дојде другарот Илија Плавев, велешанец; долги години живеал во Софија како работник и член на Бугарската социјал-демократска партија. Уште со идењето стана раководител на ВМОРО во Велешка околија. Доста издигнат, добар агитатор и со повисока политичка култура од раководните фактори во РО, тој играше за тогаш градивна улога во нејзините редови. Ние бевме, се разбира, сомисленици со него и се разбиравме по сите прашања, освен по кардиналното прашање за нашето сливање во Организацијата; тој настојуваше нашата група да биде растурена. Јас не можев да се согласам со тоа и си останав на моето становиште како порано со битолчани.

По него дојде од Софија друтарот Никола Карев. На пат за Битола, тој преседе неколку дена во Велес. Имавме неколку конференции по нашата тактика и тоа доста продолжителни. Тој исто така го подржуваше становиштето на другарот Плавев, се разбира, усвоено во резултат на нивните разговори со Задграничното претставителство и постигнатата согласност со него. Моето становиште по тоа прашање си остана неизменето.

Поминаа преку Велес од Софија за Втората револуционерна област и други другари.

Во тоа време често одев во Скопје. Полицијата, штом ќе го забележеше моето присуство во Скопје, веднаш ме интернираше назад во Велес. Но сите полицајци не ме познаваа, та имав поголеми преседувања во Скопје.

Многумина ми го задаваат прашањето за раното појавување на крајните идеи кај нас, особено со создавањето на социјалистичката група во Велес, дури во другите градови на Македонија одвај може да се забележи слично нешто. На таа тема сум разговарал со многу наши видни дејци, во тој ред и со Делчев во 1899 година. Тој велеше дека „класовиот антагонизам и класовата диференцијација меѓу граѓанството биле доста чувствителни уште од рано во град Велес. Таму омразата меѓу богати и сиромаси е голема, додека во другите градови, меѓу населението, нема такво раздвојување и е подемократско општувањето меѓу разните сословија.

Тоа се должи на големите трговски врски на град Велес со Виена, Пешта и други градови и на создавањето на поголеми претпријатија и занаетчиски работилници во Велес. Пропаста меѓу начинот на животот меѓу богати и сиромаси беше голема. 

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]