ОБИДИ ДА СЕ ФОРМИРА НОВА ЧЕТА НА АЛАБАКОТ. — НАШИТЕ ВРСКИ СО ЕРМЕНСКИТЕ НАЦИОНАЛ-РЕВОЛУЦИОНЕРИ. — КОСТАДИН АНДОНОВ „СЕЧЕНКАТА“. — ЧЕТАТА ЗАМИНУВА ЗА МАКЕДОНИЈА. — БОЈ НА ГРАДИШКИОТ ВРВ. — ХРАБРИОТ ПОП - ПАНЗО. — ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА СТЕФАН ДИМИТРОВ. — КОЈ ИЗВРШИ ПРЕДАВСТВО? — НЕЛЕГАЛЕН ПРЕСТОЈ ВО ВЕЛЕС
Ја гледавме јасно грозната перспектива од засилувањето на дејноста на српските и грчките чети, кои беа веќе страшен факт во нашиот живот. Изострената фракционерна борба во редовите на ВМОРО, особено во Велешко, имаше лоши последици за претстојните тешки борби со вооружените пропаганда. Постоеше опасност да се ангажираат сите наши сили за борба против нив и да ја заборавиме борбата против најголемите фактори во македонските работи, а имено европските империјалистички сили и власта на калифите во Турција.
Ова нешто нè тераше да не се помируваме со создадениот факт од конференцијата во с. Крива Круша и да го направиме и последниот обид за рехабилитација на Алабакот, толку потребен за да се предодвратат лошите последици што ги предвидувавме. Со Органџиев решивме да го убедиме Алабакот да замине одново со чета во Велешко, нафаќајќи му се оти ќе одиме и ние двајцата. Овај се согласи. За вооружувањето и опремувањето на четата не можеше да се најдат од друго место средства, освен од Сарафов, со кого можевме полесно да се разбереме и беше подостапен за нас, зашто Татарчев — Матовци не беа достапни за нас, а и да беа достапни, тие не можеа да нè разберат. Сарафов беше голем опортунист, со не за потценување политичка култура, извонредно деловит човек.
Ние никогаш не бевме ангажирани организационо со ВМОРО и со разните струи во неа. Ние во организационен однос постоевме одделно, а соработувавме со ВМОРО како целина. Со нашите идеи и принципи, легнати во основата на нашата програма, водевме една агитациона и просветна работа сред сите членови на ВМОРО без исклучок. Можеше да се соработува со ВМОРО во извесни моменти кога се крстосуваа нашите интереси. Тогаш, гледај си ја нуждата од горепосочените наши цели во дадениот момент, се принудивме на тој компромис, без да се обврзуваме да ги следиме сарафовци во нивните стремежи за господство во ВМОРО и без да запираме да се бориме против врховистичката опасност во внатрешноста. Ако се изоставеше создадената положба во Велешко, тогаш не можеше и збор да има, оти неоврховизмот ќе надвладееше и ќе станеше доминантен фактор во големиот дел од Македонија. Ние не бевме назобани со многу формули, та низ нив да гледаме на животот, ами како првенствено деловити луѓе, кои се наоѓаат во една многу бурна епоха во нашата историја со извонредно компликувана положба во неа поради испрекрстените влијанија на многубројните надворешни и внатрешни фактори, со дела од ефикасен карактер, мислевме да бидеме полезни и да одиме напред. Нека идниот беспристрастен историчар, ако може да има таков, си го каже зборот за нас.
Ние соработувавме и со ерменските национал-револуционери. По неуспешниот нивни обид за атентат против султан Амида, тие се откажаа од намерата да го убијат султанот. Истата година иде Христофор, еден од водачите на нивната национал-револуционерна организација „Дашнак Цутиум“ во Софија. Тоа беше кога јас бев заминал со Алабакот за Македонија и бев во Велес, каде што бев нелегален околу 8 месеци. Христофор со други другари Ерменци заедно со Тодора Органџиев одат во Боровата гора над Књажево да вршат обид со нова пеколна машина и при избувнувањето нејзино бидува убиен Христофор. Со неговата смрт се осуети и готвената акција наедно со нас за атентатот против султанот во Цариград.
Лично јас се познавав и со водачот на „Дашнак Цутиум“ Андроник. По време на Балканската војна среќавањето мое со нето во Штип беше многу интересно. Тој беше доброволец во Македоно-одринското ополчение со други другари Ерменци. Имаше офицерски чин капетан. Тогаш му реков: „Ние Македонците што сме наредени во Македоно-одринското ополчение и се бориме против Турција, може некако да се оправда, ама вас да ве гледам овде како офицер во армијава, чиј главен командант е бугарскиот Цар и се води оваа војна за остварување на бугарските империјалистички интереси, не го разбирам. Вие, Ерменците, имавте најголем разлог да ја заштитите делоста на Турција и врз базата на создадениот фронт во Париз през 1908 година да се борите за нејзиното полно демократизирање, преку кое да се разреши успешно вашето прашање. Никоја нација во Турција немаше позгодна положба одошто вашата. Во трговијата и во банкарството во неа имавте голем дел вие, а и во административната уптрава и други ресори имаше голем процент Ерменци. Никогаш во Турција немало кабинет, без Ерменец во него. Следствено, вие требаше да бидете најголемите приврзаници за зачувувањето на демократскиот фронт во Турција, којшто го имаше за цел, како што спомнав погоре, нејзиното полно демократизирање. А оваа војна ќе донесе лоши последици за нас, но за вас тие ќе бидат уште полоши.“ И вистина, резултатите што уследија по оваа војна го донесоа, може смело да се каже, полното уништување ца Ерменците во Турција и зачувувањето на нејзината целост.
Беше наредена работата — вооружувањето и подготовката на четата на Алабакот одеше успешно. Ова нешто стануваше кон крајот на 1904 година.
По истово време си дојде од Русија Костадин Андонов „Сеченката“, родум од Стара Загора, заедно со жена си. Волчо Андонов, неговото комитско име, беше војвода уште пред востанието през 1899 година во Одринсхо, Ахачелебиско, и тој во свој реон дејствуваше долго време. Тој беше страшилиште за Турците зашто беше многу смел и жесток спрема нив. Уште оттогаш тој се познаваше со Сарафов и беше близок со него. Волчо Андонов и жена му беа социјалисти и со нивното престојување во Русија, каде пгго имале допир со тамошните револуционерни кругови и работеле со нив, беа добиле голем опит за масовно-конспиративна работа. Ќако тој, така и жена му, беа доста начитани. Не лишени од говорнички дар, можеа да бидат одлични социјалистички агитатори.
Ние се зближивме повеќе со нив во клубот на тесните социјалисти, на улица „Цар Симеон“ бр. 113. Таму беше моето теќе, каде што поминував повеќе од времето кога преседував во Софија. Тие уште од Русија беа замислиле да дојдат во Софија и после да појдат во Македонија во некој голем град кај што да почнат да работат. По долги обмислувања каде ќе е најзгодно и полезно за работа, решивме да одат во Скопје. За дојдувањето ваму, освен што беа нужни парични средства, а такви немаше, требаше да се најдат и некои кругови од ВМОРО во Скопје, на кои да се потпрат за да им дадат содејство. Потпрени само на некои другари ваму, уште во прво време ќе беа подозрени и несакани од луѓето на ВМОРО и како туѓинци, не ќе им дадеа возможност да се задржат подолго време во Скопје. За да можеа да дојдат ваму и да се легализираат, ќе заминеа со редовни пасоши, ќе работеа со плетачки машини за чорапи, фанели и други трикотажни работи. Ова плетење беше новововедено кај нас по тоа време. За се што е потребно за одењето и настанувањето нивно во Скопје Волчо ќе се обратеше до Сарафова, во чија поткрепа беше уверен, а и јас ќе му зборував за таа цел нему.
И стана работата. Тој се согласи и Волчо и жена му беа снабдени со плетачки машини и парични средства за обезбедување на прво време, а така исто беа снабдени и со пасоши. Пред да тргнат за Скопје, имавме една широка конференција со нив во домот на Славча Ковачев, каде што присуствуваше и Сарафов со своите луѓе. Му беа дадени упатства на Волчо за неговата дејност во Скопје. Зедовме збогум и тие си заминаа. Сите таму останаа со впечатокот дека другарката на Волчо е многу поинтелигентна и поспособна за работа од него. Волчо беше од Сарафова снабден со писмо до луѓето негови, а јас му дадов писмо до другарот Илија Плавев, преку кого ќе можеше да се поврзе И со другате наши другари во Скопје. Подолу ќе се запрам на работата нивна таму.
Во јануари 1904 година ние отпочнавме веќе усилено да се готвиме за заминувањето. Ние повеќе се грижевме. да однесеме литература и за оваа цел ни беше дадена белешка од Сарафова за Спира Хололчев, кој држеше во Софија голема книжарница. Одбравме доста научни социјалистички книги и преводни руски револуционерни книги. Со нас беше и Тодор Оровчанов, та по негово настојување бевме принудени да земеме и некои бунтовнички книги од минатото на бугарскиот народ. Михаил Герџиков не прати при Каневчева и Славка Чакарова, учителки во минатото во Скопје, видни дејателки од РО, да ни дадат од изданијата на македонската анархистичка група. Така ние се снабдивме со достаточно литература.
Непосредно пред заминувањето Органџиев тешко се поболи, та бевме принудени да заминеме само јас и Тодор Доротеев. Четата се состоеше од 33 души во кои имаше голем број редовни војници, дезертери од армијата, кои сакаа да одат да се бијат во Македонија за нејзиното ослободување. Четава беше вооружена со долги покриени „Малихери“ и мнозина имаа револвери. Бомби „одринки“ сите носевме, а некои од помладите, кадарни да носат поголем товар, носеа по 4 — 5 бомби. Се отправивме за Кустендил ноќта и пешки отидовме до таму. Беше веќе кон крајот на месец јануари. Бевме подолго време задржани во Ќустендил. Четниците беа настанети во пунктовото началство, а нашето оружје во домот на Никола Зографов, велешанец, саатчија во Ќустендил и долгогодишен пунктов началник на ВМОРО, а тогаш пунктов началник беше Марко Секулички. Во ова време беше Скопскиот револуционерен окружен конгрес во село Живине, Кумановско. Како делегати на конгресот од Велешко беа Ризо Ризов и Стефан Димитров. Овие по конгресот беа дошле во Ќустендил заедно со дел од четата на Стефана Димитров. Јас се сретнав со Стефана и Миша Развигоров неколку пати и им зборував да се постигне согласие меѓу Алабакот и Стефана на базата на нивната спогодба во с. Попадија. По таков начин ќе можеше да се спечали потполно Алабакот за Организацијата и ќе можеше да се избегне влијанието од Сарафова над него. Овој беше неопходно потребен за Велешко сега, кога ни претстоеја тешки борби со србоманите. Сега бевме доста засилени, особено по пленувањето на Дамета Бруев. За да можеше да биде сигурен Алабакот, достаточна гаранција бевме ние социјалистите и гемиџиите. Опасно беше во последниов момент да се избегне предлаганава од нас спогодба, зашто тие беа слаби да ни попречат да заминеме. Сигурни бевме, ако се спогодевме, оти ќе беше избегнат фракционерниот расцеп во Велешко, кој уште конечно не беше определен во принципиелен поглед. Мишо беше попомирлив, но Стефан си остана на своето. Така и од овој обид во Ќустендил не излезе ништо.
Стефан појде во Софија со цел да организира веднаш и да вооружи голема чета. Ние се вртевме повеќе дни во Ќустендил. Јасна беше намерата на пунктовото началотво, бавејќи се да ни даде пат за прејдувањето на границата, да спечали време за да можат да се организираат подобро во пограничните реони и при поминувањето наше со четата да бидеме удрени во споменатаве реони, за да не можеме да заминеме за Велешко. Ние, гледајќи ги овие маневри. решивме да заминеме. Нè придружија до Емирица Сотир Атанасов и Бајчев, војводи. Уште со прејдувањето на границата на пунктот „Рамна Нива“, каде што имаше длабок снет до колена, денувавме во с. Костур, кое е близу до граница, — ни грозеше опасност да бидеме отнриени од турците. Другата вечер стадовме во с. Кркле, таму се сретнавме со кривопаланечката чета, водвода на која ѝ беше Петар Ангелов, родум од Хасково, фелтфебел од бугарската армија, кој можеше да го организира Кривопаланечко. До востанието Организацијата не успеа да го организира наполно овој реон.
Во Кривопаланечко почна нова комедија со нас. Штом ќе пристигнеме во едно село и сакаме да се префрлиме во Кратовско, ќе дојде известие оти се движат се паголеми воени единици, не е возможно да го продолжиме патот до таму и бидуваме принудени да го одлагаме заминувањето. Требаше да ги обиколуваме селата во Кривопаланечкиот реон. По таков начин бевме принудени да ги превртиме речиси сите села во Кривопаланечко од обете страни: северната и јужната од џадето. Отидовме дури до српско-бугарско-турската граница и пак обратно накај Кратовско. Најпосле се префрливме во Кратовско во с. Нежилово, откаде што продолживме пооле за с. Кнежево и с. Којково. Во овие села престојувањето траеше по еден ден. Денски во с. Којково дигнаа узбуна, излеговме од колибите в орман. Но целава оваа узбуна излезе многу смешна. Забележале една мала група вооружени заптии суварии, кои ги придружувале двајца офицери од австриските реформатори, што ги обиколувале кратовските села и по кратко задржување во Којково, си го продолжиле патот за Паланечко.
Вечерта ние го продолживме патот не земајќи ги предвид предупредувањата на раководството од Кратово за движењето на „големи воени единици“. Со нас уште од Кнежа се проидружи Бобе Стојчев, скопски војвода, со својата чета. Четава негова броеше 16 души. Ние станавме голема сила од 51 човек. Кој ли смееше да нè нападне отворено? За поставување заседи беше многу мачно, зашто обајцава војводи беа стари опитни волци и тешко би успеале, без да бидат откриени, да нè нападнат. Тие не се решуваа да нè нападнат и го чекаа пристигањето на Стефана Димитров, за да може да оди пред нас во Велешко. Од с Којково ние денувавме во с. Луково и квечерината се отправивме за Стублите.
Но при излегувањето од село, не бевме се оддалечиле уште три километра, со еден курир еве ги идат од с. Луково тројца даскали од Кратово: Михаил Монев, зет на Тодора Александров, Ананиев и Тошев, членови од околиското раководно тело. Овие сметале да организираат таму нешто против нас, но не можеа да нè затечат в село. Јас одев претпоследен во редицата на четата и ме извикаа да излезам напред. Ги затеков кратовциве да спорат со Алабакот кој беше секогаш напред по предната патрола на четата и Алабакот ми рече: „Ја разбери се со учителиве, зашто тие зборуваат многу купечки зборови што не им ги разбирам“. Заврзавме спор. Но тој беше излишен за ова место и Алабакот не дотраја од нетрпение и им рече: „Слушајте, статутите на ВМОРО се напишани на штик од пушкава моја. Напред пред нас и да не сте смеале да се вратите. Ќе одите со нас докај што ќе одиме ние. После ќе видиме што ќе правиме со вас“.
Ги потеравме и вечерта по полноќ стигнавме во Стублите каде што денувавме. Михаил Монев, гледајќи накај оди работава, сериозно исплашен како и другарите негави, почна да ме моли да се застапам пред Алабакот да ги ослободи, но Алабакот ми рече: „Особено овој Монев е кадарен да ни создаде некоја мизерија и да завршиме катастрофално. За сигурност ќе ги носиме од другата страна на Вардар, и ќе видиме кога ќе ги пуштиме. Тие се добар залог за нашата сигурност“.
Но поручек, околу пет саатот пристигаа Ванчо Шатев, тогаш член на скопското окружно раководство во Стублите. Се научил, идејќи на пазар од Злетово за Кратово, оти сме дошле и дошол да се видаме. Со овега се познававме одамна и бевме добри пријатели. Но на сè ова не му верувавме, ами самата вистина беше дигнатата узбуна за учителиве што ги завлековме со нас и тој иде направо од Кратово да се застапи за нив за да ги ослободи. Тој сметаше на пријателството со нас. Особено ми се молеше мене да го уверам Алабакот да ги ослободи давајќи тржествен збор оти тие ќе се грижат за нашата сигурност. Јас му верував на Шатев оти беше искрен, но Монева го познавав каква лисица беше. Но не сакајќи да ги заоструваме односите свои со раководството на нашиот округ, се зафатив да го уверам Алабакот да ги ослободи. Најпосле Алабакот рече: „Штом толку настојуваш, ќе ги ослободам, но думај ми го зборов дека ќе ни направат некоја белја“.
Ги ослободивме и вечерта си заминавме за с. Орел, каде што денувавме и другиден вечер стигнавме во с. Павлешенци, Кумановско. Четите беа распоредени на неколку стана. Ваму беше при крајот на месец февруари, токму за задушницата пред великден, на поклади. Но уште во зората се даде тревога, аскер навлегува в село и жените што беа по гробиштата, почнаа со пискотници да бегаат. Дадовме наредба четниците да се повлечат кон Градишкиот Врв, но нападот на аскеров беше толку стремителен и бојот се отпочна уште в село. Но да се остане во самото село беше многу ризично и нè чекаше сигурна пропаст сите нас. Ете зошто при голема тешкотија, биејќи се, отстапувавме кон Градашкиот Врв.
Најпосле поголемиог дел од четите бевме веќе горе, кога откај с. Градиште аскерот беше зафатил еден дел од врвот. Се заврза ужасен бој. Но еден дел од нашата чета, сè војници од одделението на ефрејторот Кукларов, многу смел борец, се биеше в село. Не можеа да отстапат бидејќи беа опсадени, но отпорот им беше краток и со бој на нож го свршија својот животен пат, паднувајќи избиени до еден. Тие беа десет души. Опсадата на врвот беше од големи воени сили; кон војската беше придружен многуброен башибозук од околните турски села. На многупати налетуваа да ги преземат позициите со пристап, но бидуваа успешно одбивани. На наша страна беше и селската чета која зеде учество во бојот. Особено се истакна тогаш свештеникот од селото поп-Панзо. Многу и ние должиме на неговата сообразителност и храброст за нашето спасување; Бојот продолжи од темни зори до темно вечерта со нестивната сила. Кога се стемни сосем, бојот престана, а уште порано се забележуваше раздвижување на војската што поставуваше заседи по возможните пунктови на нашето отстапување. Ние се прибравме пред да се обидеме за пробив на опсадата, за да не чекаме друг ден на врвот и констатиравме оти сме изгубиле 13 души, убиени од нашата чета, а од четата на Бобета Стојчев беше ранет четникот Стојан, родум од Скопје, кому му беше извадено едното око. Меѓу убиените беше и нашиот другар Тодор Доротеев. Нашата чета од 33 души остана на 20 души. Осетно намали нашата сила.
По пробивањето на опсадата, коешто излезе многу успешно благодарејќи на поп-Панза, кој ја познаваше месноста многу добро и забележи уште отпорано кај беа поставени заседите, и поради врнежливото време: беше темно како во рог — запазувајќи полна тишина, отстапивме без жртви. Штом стигнавме во с. Живине, Кумановско, направивме почивка за да вечераме, зашто не бевме јале цел ден. Опсудивме на кај да продолжиме за да ги изгубиме трагите на возможното гонење утредента. Но јас настојував да останеме во Живине, макар да беше на саат и пол од Градишкиот Врв, зашто овде беше побезопасно одошто во подалечните села, што ќе ги поминеше аскерот за да нè бара, бидејќи не ќе допуштаа дека сме останале да денуваме толку блиску од местото на бојот. За секој случај им рековме на селаните да се снабдат со казми и лопати и ако има опасност од напад на аскерот, да се повлечеме на врвот над село и да се укопаме таму.
Утредента поминавме среќно, а вечерта го продолживме патот. Стигнавме дури до с. Трстеник, од таму другиот ден се префрливме во Велешко и денувавме во с. Новачани. Последното село во источната страна од Вардар каде што денувавме беше Башино Село. Ваму дојдоа кај нас многу граѓани од град да нè посетат. Меѓу нив имаше пријатели и непријатели. Едни меѓу четниците агитираа да го напуштат Алабакот и да се присоединат кон четата на Стефана Димитров и да се вратат назад за Бугарија. Каналот им бил сигурен, а и со нужните средства ќе биле снабдени, но не им фатија место агитацииве. Сите четници останаа нерасколебани и верни на Алабакот.
Префрлањето на западната страна од Вардар решивме да стане низ град и беа земени нужните Мерки. За поголема сигурност јас и Тодор Оровчанов отидовме ден порано во Велес. Јас му пишав на Лазара Плавев кој беше со четата своја во Клепата за да му го даде на Алабакот нужното содејство и да посредничи меѓу него и Стефана да се избегнат поголеми начекувања, но писмово, испратено во с. Скачинци, курирот му го предава на раководителот за да му биде предадено на Лазара Плавев, но овој му го предава на Стефана, кој веќе беше дошол речиси едновремено со нас само по друг пат и беше го поминал Вардар при с. Уланци со брод. Лаза, подозрен од Стефана. како наш пријател, го заставува да се откаже од војводството на четата и овој си дојде во Велес, каде што се собравме обајцата и околу седум месеци истеравме нелегално в град.
Алабакот, една недела по заминувањето од Велес, беше опсаден и нападнат од Стефана во с. Ораовец. При нападот Стефан беше ја собрал и милицијата од Клепата. Но сепак беше слаб, макар и со многубројни сили, да се мери со Алабакот, кој беше алотија во време на бојот и во најтешките случаи излегуваше несломлив. После Алабакот ми кажуваше: „Јас не сакав да стрелам со моите луѓе на живо месо, во противен случај ќе имаше големи жртви, зашто очигледна беше нивната неопитност за напад и бој. Мене ми беше срамно да се даваат жртви од нашиот народ“. Тој лесно ја пробива опсадата и при повлекувањето ги пленува милиционерите од две заседи, ги обезоружува и ги одведува до с. Бусилци, каде што се повлекува. Но по напуштањето на с. Бусилци другата вечер им го дава оружјето на пленетите милиционери и ги ослободува да си одат. Тој се истршува накај Азот, Поречето, Крушевско и Кичевско, во кои реони се движеше долго време. Србите не го напаѓаа, сметајќи дека поради неговите непријателски односи со Стефана ќе го придобијат. Но Глигор Небрежанецот многу добро го познаваше Алабакот уште од времето на востанието, за да си прави илузии оти лесна ќе биде расправијата со него. Овој јасно гледаше оти Алабакот беше принуден да мирува и не сакаше да си создава излишни фронтови, ами гледаше само да ги зачува своите сили. Тој ја гонеше веќе главната задача: во Велешко да го поништи Стефана.
Во ова време во Азот, Поречето, Прилепско и во дел од Кичевско, иницијативата беше во рацете ва србоманите и овие беа речиси во офанзива насекаде. Ете до каде стигнаа работите. Раздвоеноста на силите во Организацијата, плус јавната поткрепа давана од Хилми-паша на вооружените пропаганди дадоа резултати. Опасноста земаше застрашителни размери.
По три месеци од станатото во с. Ораовец, Стефан, при обидувањето, со големи сили да ги нападне Србите, меѓу селата Орешје и Строфија, попаднува на заседа устроена од Глигора и бидува убиен со пет души од четата негова. По неговава смрт продолжува да ја води четата неговиот помошник Дачо Јотов, но при убивањето на Стефана четата се разбегува, оружјето и архивата не можеа да ги приберат и остануваат во плен на Србите. Во врска со овој случај излезе најаве бескрупулозноста на Србите: по долго време, откако успеваат да ја дешифрираат архивата, ја предаваат на турската власт. Поради тоа дојде до голем пробив во ВМОРО и паднаа в затвор многу граѓани од Велешко, Штип и Кратово. Во затворот поради оваа положба, „се обединија“ централисти. и сарафисти. В затвор беа фрлени и водачите на „централистите“ д-р Петар Кушев и Тодор Лазаров. Мислев оти на овие ќе им подојде умот в затвор, но напротив, излегоа од таму и ја продолжија својата дејност како најпрононсирани неоврховисти.
Но не само Србите се служеа со предавство на турската власт, ами со истиов менталитет беа и водачите на „централистите“. И тие не си поплукуваа во рацете кога беше прашање да им напакостат на непријателите свои како што беше случајот со Алабакот. Кога бевме откриени во с. Павлишенци и во бојот таму и на Градишкиот Врв дадовме толку големи жртви, Алабакот ми рече: „Бизмарк, не ли ти реков да не ги пуштаме учителите и да ги водиме со нас од другата страна на Вардар? Сега виде ли, моите предвидувања станаа факт. Ова предавство е извршено од нив за да бидеме откриени. Еве дадовме големи жртви, одвај не пропаднавме сите“. Јас не му проговорив ништо, зашто јасно беше дека бевме откриени, предавството беше направено од Организацијата, која го знаеше нашево движење, но документарно ова предавство тогаш не можеше да се установи. Алабакот си умре со вербата дека бевме предадени од кратовската организација.
Но понатака, по Хуриетскиот преврат, во Велес беше назначен за полициски началник во полициската станица на „Којник“ Лазар Давитков, родум од Скопје, долгогодишен полицаец уште од времето на „полјачките“ реформи во Македонија. Со него ние се спријателивме и тоа многу интимно. Во еден разговор кога раскажував јас за нашиот бој при с. Павлишенци и Градишкиот Врв, тој ми рече: „Во тоа време јас бев полициски началник во Мудурлакот на с. Градиште и уште ноќта дојде кај мене раководителот на с. Кокушиње, кого го познавав лично, оти навистина е раководител. Ми кажа дека во с. Павлишенци има две чети, едната, на Ивана Наумов — Алабакот, а другата на Бобета Стојчев. Јас, многу загрижен од ова предавство, му реков: „Внимавај добро, зашто ти зборуваш полициски, а не си в крчма со шише ракија в рака и му зборуваш на некој пријател“. Овој ми одговори: „Ти ја кажувам вистината, ич не се двоумам за својата постапка“. Веднаш му соопштив телеграфски на кумановскиот кајмакам и оттаму се даде наредба до сите воени единици, кои беа на стан во селата од Кумановска околија, заедно да го нападнат с. Павлишенци. Бојот, како што знаеш, беше ужасен и ретко таков голем бој по тоа време имало во нашите околности. Вие дадовте големи жртви, но аскерот даде многу поголеми од вас. Беше нужно да се расчисти месноста од паднатите жртви. Пренесувањето на ранетите и нивното лекување во Куманово и Скопје траеше многу долго време“.
Тој беше уверен оти предавството беше извршено по заповед од погорното началство, зашто кукушинскиот раководител беше чесен, здрав и предан работник на РО. Мене тогаш ми стана јасно ова предавство. Дотогаш само се сомневав. Јас, како велешанец, бев силно потресен душевно од ова, зашто во нашиот град Велес низ сето време на нашите револуционерни борби не познавав ниедно предавство, макар- расправиите кај нас да беа ститнале до крајност, не исклучувајќи ги овде и крвавите жртви.
Во разгорот на најраспалените борби Дачо Јотов со група четници бидува откриен од Турците во кварталот „Мегдан“ и целиов квартал беше опседнат и стануваа претреси од куќа на куќа да откријат во која куќа е четата за да ја поништат. Но во овој момент луѓето од целиов град, без разлика на политичка припадност меѓу разните струи: сарафисти, централисти, социјалисти, гемиџии, се обединуваат за да го спасат. Оваа општа граѓанска солидарност успева да направи чудо и да ги спаси опсадените од јавна гибел измолкнувајќи ги од клопката. Та тоа е висок револуционерен морал, кој може ретко да се посочи во многу понапреднати земји на светов! Во борбата помеѓу себе: централистите, сарафистите, социјалистите, анархистите и гемиџиите одеа до крајнбсти, но нема пример во нашиот град една од странките да се послужи преку власта или да работи за власта. Кога идеше опасност од власта за некоја од групите, сите се стекнуваа на помош.
Во истово време бидува откриен во Штип Мишо Развигоров со својата чета и беше поништен заедно со неа, бидејќи беше изгорена куќата кај што беше тој. Не можам да кажам со сигурност дека ова стана поради предавство на една од фракциите во Штип. Тоа на времето го подржуваа пријателите на Мишета, оти бил тој предаден од нивните противници во Организацијата и за тоа нешто беа убиени мнозина на чело со Јордана Успрецов, учител.
Во Велешко беше дојден со чета и Пено Шиваров, родум од Бугарија, кој го замени како околиски војвода Стефана Димитров, но му недостануваа квалитетите на борец, за да го има потребниот авторитет сред населението, да ги исползува неговите сили за ефикасна борба против засилувањето на Србите.
Ете зошто беше испратен со голема чета од Задграничното претставителство од Софија како околиски војвода Панче Костадинов, родум од Велес, израстен во Бугарија каде што го завршува Военото училиште и после постапува како активен офицер во бугарската армија. Тој се прочу во време на Илинденското востание со големиот бој на неговата чета со турскиот аскер на врвот „Китка“ — Кочанско. Ееше многу добар и за моментов погоден војвода во Велешко. Јас се сретнав со него уште со неговото идење и во разговор за создадената ситуација кај нас му ја истакнав нуждата да се разбере со Алабакот и да отпочнат општа борба против засилениот противник. Уште му реков: „Како што ти е познато и тебе, Алабакот ги има квалитетите на борбена сила, неопходно потребна за моментов.“ Овој ми одговори дека за борбена сила го имал Дачо Јотов и имајќи го како помошник и со потребна организаторска дејност во Велешка околија, ќе можела да се создаде нужната сила за поништувањето на нашиот противник. Но јас останав со уверението дека овој ги натценува своите сили и се бои од соработката со Алабакот за да не биде засенчен од него. Бргу покажаа фактите дека тој навистина ги натценуваше своите сили, а ги потценуваше силите на противникот.
Канстантин (Волчо) Антонов, „Сеченката“ со неговата другарка, по своето пристигање во Скопје, се сврзуваат со нашиот другар Илија Плавев, после и со другите другари. Се настануваат со нивно содејство во Скопје и почнуваат да работат со плетачките машини. Тие со другарите Илија Плавев, Наум Томалевски, Методи поп-Гошев и др., образуваат социјалистичка група и за првпат во нашиот живот изработуваат специјален писмен устав за социјалистичката организација во Македонија.
Нивната дејност се засилува и започнува да ги тревожи факторите на ВМОРО во Скопје и по неколку- месечен престој на Антонов и неговата другарка, тие преземаат една хајка на гонење и заплашување против нашите другари, особено против Антонов и неговата другарка. Ги заплашуваат дека ќе прибегнат до крајни средства против нив ако не го напуштат градот и да си заминат за Бугарија. Се разбира, ова беше пројава на „револуционерна“ дејност против возможна социјалистичка пројава во Скопје. Оваа тактика на „централистите“ многу одамна беше факт, кога бев јас исклучен од скопското педагошко училиште како социјалист, а после беа исклучени уште многу наши другари, а во Скопје пак беше центарот на раководството на „централистите“ од целиот округ и таму беа од повидните нивни идеолози настанети како учители во Педагошкото училиште. Таму беше крепоста на Христа Матов, непријател на секоја прогресивна појава во наша Македонија. Оваа наша времена пројава во Скопје беше бргу задушена од реакционите елементи на ВМОРО.
[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]
No comments:
Post a Comment