ЛИЧНИОТ ВОЗАЧ НА МЕТОДИЈА АНДОНОВ ГО ПАМЕТИ ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАРОДНОТО СОБРАНИЕ КАКО ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦ
Ченто живееше во скромен стан, а Колишевски ја зема најубавата куќа на Илинденска
Ченто живееше во скромен стан, а Колишевски ја зема најубавата куќа на Илинденска
Кога отидов првпат да го земам од дома, по налог на тогашниот министер за внатрешни работи Цветко Узуноски-Абас, со прстот вперен во мене, ме укори уште еднаш да не сум го направил тоа, зашто е сиромаштија, треба да треба да се штеди...
Методија Стојковски, возачот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и прв претседател на македонското народно собрание, кој повеќе од 20 години е пензионер, несебичноста можеби ја попримил и од претседателот Ченто. Дури 266 пати доброволно дарувал крв, спасил многу животи, а својата крв несебично ја подарувал до пред две-три години, иако ближи до осумдесеттата. Тој со своите 79 години живот и нарушено здравје, сѐ уште со восхит зборува за Ченто, како за човек кој нема уште еднаш да се роди.
„Како војник во бугарското служев во Софија. Таму го научив занаетот. Одев на курс за возачи. Еднаш не собраа сите возачи и тие што сме Македонци, ни рекоа да излеземе напред. Чинам беше тоа генералот Михајло Апотостолски, што ни рече: издвојте се од тенковската единица. Ни ги дадоа тенковите и од Ќустендил до Скопје ги бркавме Германците. Го ослободивме Скопје и ни кажаа дека кој сака да оди во Софија ќе добие одликување и може да оди, кој не сака нека остане тука. Избрав да останам во Македонија и пешки се вратив Прилеп.
Имав 23-24 години, млад што да правам, се јавив во 15 -от корпус во авто-единицата на 48-мата дивизија каде работев како возач неколку месеци. Президиумот на АСНОМ, прати писмо до Битолскиот корпус со барање да им биде испратен возач.
Ме предложија мене. Командантот на автоединицата Ѓоре Чкатра ми даде едно писмо и ми рече да го барам во Скопје секретарот на Президиумот д-р Борис Спиров. Тоа беше пролетта 1944 година. Прашав, се снајдов и отидов во Президиумот. Беше каде што е сега Собранието. На стражарот што ме пречека со прашањето каде одам, му го дадов писмото и ме пуштија да влезам кај секретарот Спиров. Тој, пак, отиде кај Ченто, кој по читањето на писмото ме повика да влезам.
Народски човек, ме испраша од каде сум, од која фамилија и ми рече: ’Јас сум претседателот на Народното собрание на Македонија Методија Андонов-Ченто, од денеска ти ќе бидеш мој возач. Ќе бидеш сместен во Собранието, а јадењето од ОЗНА.‘
Чувствата на чичко Методија како да се испомешани и не знаеш дали е возбуден, или исплашен од сѐ што ни се случува во државава, или, пак, несигурниот израз на лицето е само поради присетувањето на тоа време.
Сепак, со треперлив глас Методија раскажува како заедно со Спиров оди во гаражата, ги добива клучевите од „шевролетот“ со шест цилиндри, потоа во Црвениот крст се обезбедува со неопходната опрема - облека и оружје. Се присетува дека во Собранието е сместен на првиот кат, во четвртата или петтата соба од десно, зашто во првата бил кабинетот на Ченто, а втората била резервирана за секретарот, по чиј налог, но со знаење на Ченто, Методија е на услуга и на тогашните повереници.
„Претседателот Ченто живееше во близина на тогашниот хотел Македонија, утрото отидов да го земам за на работа. Откако неговата сопруга Василка му кажа, тој слезе и веднаш ме праша што барам. Послушно одговорив дека ме пратил министерот за внатрешни работи Цветко Узуноски-Абас, а Ченто со прстот вперен во мене, ме укори со зборовите уште еднаш да не сум го направил тоа, зашто е сиромаштија, треба да се штеди, а крајно тој живее блиску и ќе оди пеш. Ќе ја почитувам твојата наредба, одоворив, отворајќи ја вратата од ’шевролетот‘. Во Собранието го поздрави униформирано лице, кое откако се упати по него, Ченто му го кажа истото, додавајќи дека него народот го избра и народот го чува.
Таков беше Ченто, скромен, подготвен секогаш да помогне, сопствената плата ја делеше со бедните иако и неговото семејство живеше така. Ги примаше сите што имаа мака, што сакаа да го посетат во кабинетот, не знаеше да врати никого. Едноставно, не познавам друг таков човек и нема да се роди“, со убедување говори возачот Методија, чии сеќавања навираат за патувањата во Белград, за посетите на Дедиње, за другите луѓе што ги возел. Тоа биле, како што ги нарекува, големците Пенко Брашнаров, Бане Андреев-Ронката, Павел Шатев, Венко Маркоски, Крсте Гермов (Шакир војводата), Благоја Фотев, Димитар Влахов, Мане Чучков, Киро Петрушев и други, кои за потсетување ги има набележано на лист хартија. Тие беа членови на инцијатвниот одбор за свикување на АСНОМ.
„Речиси секој втор-трет ден преседателот Ченто го возев до Белград. Завршуваше работното време и од кај 15 часот со ’шевролетот‘ тргнувавме. Во шест утрото бевме таму. Ќе се напиевме чај или кафе на Авала, а Ченто со поверениците или министрите што најчесто патуваа со него ги носев во дипломатскиот ресторан ’Мажестик‘ во Белград. Појадуваа и заминуваа на состанок во Собранието, а јас на спиење во шевролетот.“
Методија се сеќава и на доаѓањето на Иво Лола Рибар, кој имал чест да го земе од скопскиот аеродром и да го носи во хотелот „Македонија“, но со многу мака зашто вриело од народ кој сакал да го поздрави. Уште потешко било кога за 11 октомври 1944 година доаѓал Тито, кој од железничката станица го однел во неговата резиденција на Водно.
Така наликувале и пречеците на Ченто кога тој со неговите соработници одел во работни посети по градовите во Македонија со намера да ги чуе проблемите на граѓаните, да им помогне, но и со уверување дека ќе се донесе закон со кој обработливата земја ќе се дели според состојбата, односно оние со дваесетина хектари да им дадат на оние што немаат или имаат малку. На тие средби со него оделе Васка Дуганова, Мара Нацева, Лилјана Чаловска, Страхил Гигов, Панде Чесноска. „Иако беа богаташки, беа партизанки и другарки“, ќе рече Методија за прилепчанката Ченоска и битолчанката Чаловска.
Според сеќавањето на возачот Методија Стојковски, Ченто како претседател на инцијативниот одбор за свикување на АСНОМ, на еден состанок кога дошол и Видое Смилевски, станал и му рекол да се изјасни дали е Србин или Македонец. Ако си Македонец ќе те избереме во власта, му рекол Ченто, ако си Србин напушти го состанокот. Но, Смилевски, со писмо го информирал Темпо и кога дошле двајцата заедно,Ченто им рекол да си заминат, бидејќи не се членови на иницијативниот одбор. „По извесно време, се сеќава чичко Методија, Смилевски и Темпо му скроија обвинителен акт, божем Ченто ќе бега преку граница да оди во Солун, а од тука во ООН да бара поддршка за независна и обединета Македонија. Вистина е само дека неговата идеја беше да ги обедини сите Македонци од вардарскиот и од пиринскиот дел. Не бегаше, туку од дома по пижами го зедоа и го однесоа во централниот затвор во Скопје каде издржа цели 9 години и 50 дена тешка затворска тортура. Умре од јад што не ја постигна целта и не ја оствари идејата за борба против поделбата на Македонија. Ченто беше храбар, чесен, вистински патриот, не како денешниве“, вели возачот Методија, „тој беше решителен и голем Македонец кој не ги поднесуваше неправдите. Скромноста и чесноста особено го красеа. Дури и јас често пати му велев да не мизерува, да не дозволува неговата жена да ткае килими и јамболии, да сади тутун и да оди аргат по туѓите куќи и ниви. Не сакаше поинаку, тоа го сметаше за нечесно. Живееше во скромен стан со семејството, а кога го избраа за претседател на Президиумот, сета власт ја зеде Лазо Колишевски како претседател на Владата. Ченто ја имаше законодавната власт и беше ќутлив, скромен, а Колишевски со извршната власт в раце, колеше и бесеше. На Илинденска ја зеде најубавата куќа, цело Водно беше негово, заврте и живина - гулаби, зајаци. Што ли не правеше на Водно! Дури и затвореници ангажираше да му работат“, ја отвора душата и со болка во срцето раскажува возачот на Ченто, на чие судење и покрај безбројните инсистирања не успеал да присуствува. „Никого не пуштаа“, се сеќава Методија и потсетува дека Панта Марина бил претседател на Судот во Скопје, Лазар Мојсов и Коле Чашуле членови, а Благоја Попоски - заменик обвинител.
Две и пол години Методија Стојковски бил возач на Ченто, до 14 јули 1946 кога го затвориле, затоа што, како што тврди тој, бил чесен и искрен, ја кажувал вистината, зашто неговата идеја била за самостојна и обединета Македонија.
Од 1947 година и тој наоѓа друга работа и го напушта Собранието, а денеска се присетува на зборовите на тогашниот министер за внатрешни работи Цветко Узуноски-Абас, кој барал да му каже што зборувале за него Венко Маркоски и Ченто. „Не бев предавник и ништо не им кажав и покрај заканите дека ќе завршам на Голи Оток“, сликовито раскажува возачот на Ченто, Методија Стојковски, завршувајќи ја приказната дека Венко Маркоски, бидејќи не се сложувал со режимот ја напуштил Македонија и заминал со семејството во Бугарија, Пенко Брашнаров кој го отвори АСНОМ, заврши на Голи Оток, Ченто го даде животот, и дури сега едвај го рехабилитираа.
На чичко Методија не му се бендисува ни споменикот на Ченто во паркот во Прилеп, за чиј лик вели дека воопшто не личи на Методија Андонов. „Зошто не го направија од мермер како на Цепенков, туку вака ем не личи, ем е црн, од бакар.“
Вера Тодороска
(Извор: „Вест“, 21 ноември.2002)
No comments:
Post a Comment