Деновиве бев на словенскиот ручек во „Виена“. Кога сум на овие четврткови ручеци, неволно ме поразува некакво чудно и жално совпаѓање, насекаде каде што се судираат словенските интереси, бездруго веднаш се појавува веќе готовиот австриски рецепт, веќе се чувствува мирисот на „виенската кујна“. И би сакал да верувам, би сакал да мислам дека овие ручеци не се фатално предзнаменување на вечната зависност од „виенската кујна“, и штом ќе треба да се приготви словенско јадење ние нема, како криловскиот „Васка“, да слушаме и да јадеме кога браќата Словени ќе ги донесат на нашите ручеци своите словенски таги, своите словенски мисли, и врз нашите решенија нема да повлијае призракот на блиската и заедно со тоа далечна за нас „виенска кујна“, туку тој ќе ни вели: „Спомни си за Атињаните“!
Јас го одбележувам овој последен ручек, на кој потомците на светите Кирил и Методија нѐ нагостија со своите национални македонски јадења приготвени со солзи, наситени со крв, зашто чувствувам долг да му ги претставам на општеството овие со крв и солзи напишани зборови на Македонците, особено затоа што овие зборови, обраќања кон Русија, запазувајќи ја за неа целата висина на голема словенска држава, нѐ повикуваат за ново пролевање руска крв за Словените.
Македонците, откако ни ја претставија сликата на ужасната положба на својата татковина, истовремено ни го оцртаа патот за спасувањето на Македонија од пропаста, а Европа од војната. Подолу јас го наведувам во целост писмото добиено од Битола, а сега ќе се запрам на некои мисли што ми ги искажаа претставниците на Македонската колонија кога ме посетија следниот ден по ручекот.
Да, рекоа тие положбата е критична. Во Македонија мириса на смрт. Единствениот спас на нашето дело, на нашата независност, а заедно со тоа и спасот на Европа од војна, тоа е вмешувањето на Русија, но не во форма на поддршка на словенскиот сојуз против Турција, ами морална поддршка на Македонија, брз и решителен притисок врз Турција заради неодложно спроведување реформи во Македонија. Овој морален притисок ќа го спаси делото, ќе го отстрани надвиснатиот призрак на војната.
Македонците јарко ми ги оцртаа сите лоши последици од обединувањето на Словените за борба со Турција и решителната непожелност сојузот да биде поддржан од Русија.
Без поддршката од Русија овој српско-бугарско-грчки сојуз нема да ризикува да ѝ објави војна на Турција; сите нивни надежи се на Русија. „Австрија знае велат Македонците — дека нема да има победа на сојузот без помошта од Русија, па затоа веќе си ја подготвува улогата на помирувач: ќе се дигне преку Пазарскиот санџак и ќе ја окупира Македонија. Оваа окупација за Словените ќе биде полоша од зависноста од Турците, бидејќи при последнава положба сетики има надежи. Самата победа на словенскиот сојуз, ако се реализира, апсолутно е непожелна од словенско гледиште, зошто тоа ќе биде парастас над потомците на Кирила и Методија: ќе ја разделат Македонија на три дела, ќе биде привремен триумф над нејзиното тело, но никој нема да биде задоволен: ќе се наложи да војуваат со делачите, и нема да има бел ден за Словените. Ако Русија му укаже поддршка на словенскиот сојуз, што малку е веројатно, тогаш резултатите бездруго ќе бидат европска војна и разделба на Македонија ќе се наруши европската рамнотежа. Ако Русија, велат Македонците, морално се замеша во спроведувањето реформи од Турција во Македонија, ако ја помогне нејзината независност, автономијата, по можност со христијански губернатор, тогаш со тоа таа ќе ја покаже пожелноста за поддршка на потомците на светите Кирил и Методија. Во Европа ќе биде зачувана рамнотежата, ќе се прекратат раздорите помеѓу балканските држави заради Македонија.
Македонците сакаат политичка слобода, но и општественото мнение (народот) во Србија и во Бугарија исто така сака слобода за Македонија, бидејќи тогаш Македонците ќе си се вратат во татковината. Се разбира, во Бугарија и во Србија има и стремежи за создавање Голема Бугарија или Голема Србија, но тоа не е гласот на народот.“
Во овој глас на крвта и душата на Македонците мене особено ме опфати мислата за големата улога што може Русија бескрвно да ја одигра во ова дело за спасување на драгите на Русија потомци на Кирила и Методија. „Не се сака активно учество на Русија, ние не бараме ваша крв, се слушаат зборовите на Македонците: ние веруваме во величината на моралната моќ на Русија, ние сакаме свесно да влеземе во заедницата на државите на Европа, ние сакаме мир во Европа и благосостојба на браќата Словени. И таа верба во моќта на рускиот збор во Европа не треба да биде угаслива: Русија треба да изврши морално влијание врз Турција, за неодложно спроведување реформи во Македонија“ и да ја олади пепелта на словенскиот сојуз што може да ја наруши европската рамнотежа. Русија треба да го направи ова како голема словенска држава, во името на запазувањето на својот престиж кај Словените и во интерес на европскиот мир.“
Така зборуваат Македонците.
Статијата е објавена во Петроградскиот весник „Гражданин“ (бр. 37, 16.IX 1912)
Уредил: Благојче Андонов
No comments:
Post a Comment