Битката во село Паралово – Мариовско
Предавството на Петар Лигушев – убиството на Ѓорѓи Сугарев
Битолскиот реонски војвода Ѓорѓи Сугарев е од онаа плејада на скромни и беззаветно предани дејци на македонската епопеја, кои што, сред виорот на нерамната борба против потисниците на народот, умреа со насмевка на усните за достоинствено исполнување на светиот долг и врз чии што свети коски сред народните маси, како џин израсна свеста за револуционерната борба на македонските полиња.
Сугарев е роден во 1876 година во градот Битола во семејство на крајно сиромашни родители. Преживеаната мизерија од рани години во голем степен се беше отпечатила по неговото лице. Уште од детските години тој почувствувал омраза и одврат кон поробителите, кои што кон неговите момчешки години станаа со сè поголеми и поголеми размери. Едвај навршил IV клас во битолската гимназија, поради големите семејни лишувања, тој ја напушта гимназијата и се оддава на учителска кариера во која што единствено тој ја пронајде својата мисија: да го буди народот и да го учи како да се умре за својата слобода. Тој учителствува во демир хисарско, кичевско и Поречието, а потоа и во Битола.
Во 1901 година, незадоволен од својата легална учителска дејност, тој ја грабнува пушката и станува комита во четата на Никола Петров Русински, кој што се движел со својата чета во демир хисарско, крушевско, кичевско и охридско. Последниот гледајќи во Сугарев вредни заложби за иден војвода и организатор му дава поттик за подобра подготовка, која што брзо се прифаќа од младото даскалче. Така тој ја започнува својата револуционерна дејност: како комита и организатор. Тој сепак, во истата година е избран за член на раководното тело на организацијата во градот Битола и, за да може да ја исполнува неговата револуционерна должност, станува учител во Битола.
Шумната Битола и надмените ефендии, заедно со влекачите околу нив, ја исполнија со одврат до дно душата на Сугарев. Како член на реонското тело, тој го напушта градот и започнува со нелегалната дејност. Неговиот висок организаторски интелект превоспитува многумина од неговите комити меѓу кои Алексо Стефанов, Блаже Биринчето, Димко Могилчето, Иван Пашата, Трајко Краљо, Ставре Спиров, Михаил Јосков и други и како резултат на тоа многумина од нив станаа реонски војводи. Тој се движеше насекаде каде што ќе се почувствуваше потреба од неговото смело организаторско искуство. Така тој го помина Битолско поле, мариовско, демир хисарско, кичевско, ресенско, крушевско и Поречието. Тој сакаше да разговара со селаните, по цели ноќи водејќи разговори за револуционерните и домаќинските и селски стремежи на дадено село. Тој беше исклучително тивок, спокоен и разумен: сакаше да ислушува и секогаш беше праведен во својата проценка по какво и да е прашање. Какви конфликти и да се појавуваа во организацијата, вмешувањето на Сугарев ги задушуваше уште во нивниот зародиш. Тој имаше тврд карактер и силна воља, беше крајно упорен во своите расудувања и никогаш не отстапуваше од веќе еднаш заземениот став. Тој поседуваше вредни карактеристики за еден добар раководител.
Илинденската епопеја го затече битолскиот војвода, а следствено беше назначен за горски началник во регионот на Ѓавато и зема учество во таму водените жестоки битки. Тивкиот, скромниот и секогаш молчаливиот Сугарев, со своето држење, меѓу населението создаде неверојатни легенди. Тој немаше непријатели, а само браќа кои го сакаат.
Во виорот на нерамната борба многу храбри борци го положија својот живот пред олтарот на слободата... Малкумина останаа живи. Првите дејци и раководители од градските и селските организации се наоѓаа во ужасна положба. Имаше потери по селата за да бараат оружје. Сè трепереше за учеството на својот ближен. Многумина очајуваа и заминаа далеку од татковиот крај. Даме беше единствениот кој што со стоицизам ја поднесе грозната катастрофа. На неговиот повик: „И вие ли ќе ме оставите“ – Сугарев, Узунов и Д.Е. се фрлаат во прегратките на Груев со зборовите: „Од народот сме и со народот ќе споделиме маки и неволји“. Така Сугарев стана еден од првите соработници на Даме Груев, кој што ги гледаше и чувствуваше болките на народот, така што со својата непринудена насмевка започна да го утешува и развеселува. Ако Турците сега успееа да го задушат востанието, при друг случај нема да може да го направат тоа и ќе дојде великиот ден, во кој што ќе изгрее како Деница, заветната слобода на македонскиот народ, точно така, како што говореа и уште неколкумина Дамеви другари и соработници. Таа четворка, скитајќи од предел во предел, од село во село, прогонувана и следена, по едногодишна мачна работа, одново изгради многу посилни и солидни организации во целиот Битолски вилает. Така беззаветно работеше Сугарев меѓу народот и го поддржува неговиот дух до крајот на 1904 година, кога поради болест е принуден да отиде на одмор во Бугарија.
Во август 1905 година, патувајќи за битолско, Сугарев пристигнува со 28 комити во Азот. Тој идеше во тој крај за да почне една поефикасна борба против претензиите на српската пропаганда. Неговото пристигнување внесе голема радост меѓу населението и комитите. На секого од устата му излегуваше радосна вест: „Сугарето пристигна“. Ние децата ги чувствувавме и разбиравме желбите на народот и нескриена радост бликаше во нашите души, гледајќи како народот ги цени своите заслужни и несебични организациски дејци.
Сугарев им соопшти на велешките војводи Панчо Константинов и Иван Алабакот за средбата со Даме Груев во кратовско и со него разменетите мисли односно мерките кои што треба да се преземат против пропагандата, зајавувајќи дека тој со целата своја чета, додека не биде повикан во битолско - ќе остане во велешко. Детска радост ги осветли челата на двајцата велешки војводи, кои што не наоѓаа зборови да ја искажат својата радост. По долги борби во Бабуна, по итна работа, Сугарев замина за битолско за да се сретне со раководните лица во тој револуционерен округ и со нив да договори заедничко дејствие на сите револуционерни чети од битолскиот и скопскиот вилает, во пролетта 1906 година да се справат со српската пропаганда во Поречието.
Во пролетта 1906 година, поради појавата на грчки андарти во мариовско и Буфкол од една страна и од друга страна поради навлегувањето на српска чета од Поречието во село Карбуница (кичевско) со кое што дејствие се заплашуваа неколку окрузи, на Сугарев му беше наложено да се справи првично со андартите. На почетокот од месец март, претседателот на окружното тело Петар Лигушев, му наложува на Сугарев, заедно со ресенскиот војвода Алексо Стефанов, веднаш да заминат со своите чети за Мариовско за да се справат со таму појавените андарти. Сугарев и Ѓакон Евстатиј, имајќи го предвид лошото време и другите околности, писмено соопштуваат дека ќе го направат тоа веднаш штом времето се подобри. Тогаш ренегатот-предавник Лигушев ја прави следнава игра: наложува на Ѓаконот веднаш да замине за Битола, а на Сугарев му наложува без одлагање да тргне за Мариовско, залажувајќи го дека Ѓаконот со својата чета ќе го настигне по пат. Во тоа писмо тој со подол тон му пишува на Сугарев: „Е да, војводи, кои што ги чекаат убавите и млади невести, не им се сака да се изложуваат и умираат“. Тоа писмо силно го засегнува честољубието на Сугарев, кој што, не сфаќајќи ги валканите замисли на Лигушев, огорчен и навреден од потсмевот, го напушта Смилево за да ја исполни волјата на окружното тело. Минувајќи преку село Кукуречани, тој писмено бара средба со Ѓаконот, кој што во тоа време беше во Битола, но писмото стигнува во рацете на Лигушев. Последниот, без да го предаде на оној кому што е наменето, му одговара на Сугарев дека има големо раздвижување на аскерот во градот и Ѓаконот нема можност да ја оствари бараната средба. И на другиот ден, 23 март, Ѓаконот дознава за писмото на Сугарев и го зема. Ѓаконот претчувствувајќи ја опасноста која што го застрашуваше Сугарев и неговата чета, особено во тој момент кога многумина од поактивните дејци на организацијата во Битола немаа никаква доверба во Лигушев, веднаш во ноќта тргнува од Битола за село Агларци на побараната средба, но Сугарев заминува за Паралово, при тоа Ѓаконот без да може да направи што и да е за да го врати обратно. Кога турските војски преку денот почнуваат да се придвижуваат за Паралово, Ѓаконот едвај се снаоѓа да се прикрие во село Карамани.
На 24 март 1906 година, стар стил, пред зори, како резултат на предавството со предумисла на Петар Лигушев, кој што имаше врски директно со валијата и беше ја предал целата маршрута на четата на Сугарев, многубројни турски орди ја заобиколија четата во гората над параловскиот манастир. По жестока битка која што траеше од утрото до пладнето, падна убиен војводата Сугарев со своите 22-ца другари.
Кон Сугарев, Георги поп Христов, Павел Христов, Ѓакон Евстатиј и други организациски дејци, Лигушев имаше голема омраза и тој се реши преку предавство да се ослободи од нивната беспоштедна критика и Сугарев беше една од неговите први жртви. Без сомнеж е дека и предавството на ресенската чета и битката кај село Волкодери беше негово дело.
Така во нерамна борба за надмоќноста на темните сили од типот на Лигушевци, падна на македонското поле еден од скромните македонски работници , кој што беше искрено сакан заради неговите високи човечки добродетели.
Светите сенки на 23-цата параловци бродат на усоите на мариовските планини и матните води на крвавата Црна и кога изгрее зората на слободата, битолчани, шетајќи по Пелистер, при дувањето на Зефирот и заруменувањето на гората, со болка на душа ќе ги согледат мариовските планини и крвавата Црна за да ги видат силуетите на 23-цата витези.
Стефан Аврамов „Илустрација Илинден“, година 2, книга 1 (11), Софија, септември 1928, стр. 11-15
Превод: Александар Стеванов. Објавено во Македонска Ризница, број 18
No comments:
Post a Comment