December 19, 2013

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 2

ТЕРОРОТ КАКО ВИД БОРБА ВО В.М.О.Р.О. — ПЕРЕ ТОШЕВ ЗА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА. — БОРБА ЗА ЦРКВАТА ВО С. БАШИНО СЕЛО МЕЃУ ПРОПАГАНДИТЕ. — УБИСТВОТО НА ДИМЧЕ ШУРКОВ ИСКОРИСТЕНО ЗА БОРБА ПРОТИВ СРПСКАТА ПРОПАГАНДА

Сакав да не се раширувам многу, но не може да се испуштат некои крупни настани во Велес и околијата. Во нив и ние, социјалистите, не бевме неми гледачи, ами земавме најживо учество според своите сили. Како што ќе видиме, борбите против пропагандите во целата наша национал-револуционерна историја земаат голем дел и може смело да се каже дека тие ја голтаа енергијата на нашиот народ во таква мера, што можеше да се рамнат со борбите против власта на турските калифи, како во Велес и околијата, така и во другите краишта на нашава татковина. Таму каде што беше раширена српската пропаганда борбите против неа беа крајно жестоки, а не беше исклучен и теророт. Но беше ли теророт ефикасното средство за поништувањето на пропагандата?

Алексо Мартулков
Јас на многу места во своите спомени пишувам за теророт и не сум негов обожавател. Овде не би сум пишал за него, ако тој не беше употребуван од ВМОРО. Не би било чудно, ако тој беше употребуван во почетокот од создавањето на Револуционерната организација за водење вооружена борба за нашето национално ослободување. Покрај тоа, таа вооружена борба се водеше и против туѓите пропаганди. Во уставот на Организацијата, создаден на првиот основувачки конгрес во Ресен се одредуваше (во првиот член на Уставот) дека членови на Организацијата можат да бидат само „Бугари“ и вратите беа затворени за други што живееја во Македонија и Одринско. Тоа беше чисто националистичко становиште и при развивнатите борби со пропагандите Организацијата не можеше да го избегне применувањето на терор против нив. Со некои од творците и водачите на ВМОРО сум имал на оваа тема долги разговори, особено со еден од најумерените од нив, Пере Тошев, кој не беше голем приврзаник на теророт. Тој тврдеше дека една од главните причини за создавањето на ВМОРО била српската пропаганда која печалеше застрашувачки успеси кај нас. Со обични еволуциони средства, преку училишна просвета и култура, и главно со помошта на борбата базирана врз законите на земјата, таа не можеше да биде запрена. На тие средства беше подржувач егзархот и камарилата околу него, но по создавањето на ВМОРО и отпочнувањето на вооружената борба против српската пропаганда, таа фати да запаѓа и да ги губи позициите на многу места, кај што се беше загнездила. Егзархиските стаорци не можеа да го одречат овој факт и беа принудени да го признаат и да бидат катран на нашата кола во тие борби. Овие разговори со Пере Тошев се водени во Горноџумајско во 1907 година.

Вториот конгрес на ВМОРО, свикан во Солун во 1896    година, го изменува чл. 1 од уставот во смисла дека членови на Организацијата можат да бидат сите жители на Македонија и Одринско, без разлика на народност, вера и убедување. Друг член од уставот на Организацијата ги забрануваше националните расправии во нејзината територија. Одлично! Значи, не се изнасилува националното чувство на Македонците. Српската пропаганда беше постигаала успех во нашата земја и еден завиден процент луѓе се чувствуваа веќе Срби. Само со легалните начини на борбата не можеше да се ограничат размерите на српската пропаганда. Вториот конгрес не можеше да го избегне теророт како средство за борба.

Во нашата околија уште во 90-те години на минатиот век се водеше борба за црквата во село Башино Село. Во ова село пропагандата се беше засилила многу и како нејзин главен водач и фактор беше Пере Ташов, пропаднат трговец. Како орган на пропагандата, земаше голема плата на времето и живееше богато, како што беше навикнал. Се почна во селото ужасна борба кој да ја има црквата — „Бугарите“ или „Србите“. Власта со својата макијавелистачка политика јавно ги поткрепуваше „Србите“ како послаба страна. За да тури божем крај на караниците, што беа зеле многу остар карактер (тепањата не беа реткост), таа реши во црквата да служат обете страни по ред, за по една недела.

Едно вакво разрешување на споров не можеше да биде приемливо од страна на огромното мнозинство на населението во нашиот град и околијата и тоа презеде порешителни средства за борба. Започнаа големи митинзи во дворот на училиштето „Свети Кирил и Методи“ на кои надојдуваше целиот народ, прекинувајќи секаква работа со затворање на дуќаните и тоа не само за време на митингот. Тој штрајк траеше повеќе од недела. На митинзите се држеа остри говори против власта и се донесуваа исто така остри резолуции, испраќани телеграфски до султанот, великиот везир, министерот за правосудство и до солунскиот валија. Во името на спокојството и националните права — се бараше во резолуциите — да биде поништено тоа решение и, по силата на ферманот, даден уште при создавањето на Егзархијата, се бараше црквата да им остане само на егзархистите.

Но до успех не се дојде и штрајкот беше прекинат. Беа затворени сите егзархиски цркви и училишта во нашата околија за неколку месеци и нивните клучови предадени на власта. Продолжуваа периодично протестните собири против власта и се донесуваа соодветни резолуции. На крајот на краиштата се дојде до едно компромисно разрешување на спорот: две недели да ја ползуваат црквата егзархистите, е една — србоманите.
   
Друга голема борба од истиов карактер. изби есента 1899 година, по повод убиството на Димчо Шурков, брат на Јордана Шурков, коешто стана во нивниот дуќан. Дуќанов беше сопственост на двајца браќа Босанци. Помалиот, пропаднат, алкохоличар, немајќи пари да се донапие, оди да сака да му дадат пари од киријата. Димчо беше многу буен и насила го истуркал од дуќанот. Меѓутоа, овој налутен оти го исфрла од дуќанов негов, вади нож и го ранува смртно Димчета, кој по десетина минути умира.

Овој факт нашите меродавни фактори во ВМОРО сакаа да го исползуваат за борба против српската пропаганда, која се беше засилила во нашата околија, особено со настанувањето во нашиот град на еден лекар, Србин од Стара Србија. Тој беше доста способен лекар и изграден агитатор. Како лекар, лекуваше без пари и не беше за потценување како говорник. Почна да се создава база за српска пропаганда и во нашиот град (имаше веќе нејзини агенти од средината на велешките граѓани).

Убиството ѝ го припишаа на српската пропаганда и како организатор го обвинија лекарот. Уште истиот ден беше свикан митинг за да се сака притворањето на моралниот убиец — лекарот. Митингот беше грамаден. Утринта другиот ден беше покането сето население да присуствува на закопот и се издаде наредба да бидат затворени сите дуќани. За целта беа прснати агитатори во целиот град, за да не остане ниеден дуќан отворен и ниеден граѓанин недојден на закоп. Процесијата беше многу импозантна. На многу места по улиците, кон црквата, на плоштадите се дрежа говори против власта. Одвај ли не се поткануваше населението на бунт.

По закопот продолжуваше неколку дена акцијата со затворањето на чаршијата и протестните митинзи. За да биде ова прекратено и да не се дојде до компликации, доаѓа од Солун началникот на жандармеријата во вилаетот, прочуениот Мехмед-паша Дерала. Беа фрлени во затвор некои од говорниците и беше дадена строга наредба за отворање на дуќаните. За непокорните ќе бидат применети строги санкции. Прогласена беше извонредна положба.

Во ова време едно утро беше намачкана со измет вратата од куќата на српскиот лекар, фирмата симната и фрлена на улица. Беше залепена на вратата ултимативна писмена заповед — дека ако не го напушти градов во срок од 24 часа — ќе биде убиен. Докторов, не на шега исплашен од ова, избега и си отиде во Србија. Беа убиени двајца велешани, агенти на пропагандата — Геле Манев и Борис Јосифов. Првиот беше убиен сред бел ден, на најживиот плоштад во градот — „Којник“. Мнозина, подозрени како агенти на пропагандата, беа доведени да изјават пред собраните граѓани на митингот дека за материјална корист станале орудие на пропагандата, но сега се кајат за стореното и за во иднина ќе бидат борци против оние на кои времено им станале орудија.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: