April 24, 2013

KОИ БИЛЕ ПРВИТЕ ЖЕНИ KОМИТKИ ВО БИТОЛА?

Го убиле спахијата, ја спасиле честа

Сребра и Донка Ушлиновски, според новите истражувања на историчарот Никола Миновски, се првите комитки во Битола и првите рисјанки што дигнале рака на Турчин, кој грабал и потурчувал убави и млади невести од битолските села

Жанета Здравковска (Дневник)

Сребра и Донка Ушлиновски од село Лера биле првите комитки во битолскиот регион, кои во илинденскиот период нарамиле пушки и се приклучиле во борбата за ослободување на Македонија. До овие сознанија дојде историчарот Никола Миновски од Битола, објавувајќи ги првпат во јавноста преку „Публика“. Според него, деновиве се навршија 110 години од храбриот подвиг на двете хероjки, кои успеале да го убијат злогласниот насилник и развратник Џелеб Реџо Сулов од Лера, кој ги грабал убавите и младите девојки од битолските села. Веста за неговото убиство кон крајот на летото 1902 година силно одекнала сред македонското и муслиманското население. По селата и на пазарите во Битола се зборувало дека две млади невести го ликвидирале насилникот, а потоа станале комитки во четата на војводата Ѓорги Сугарев. Дотогаш не се чуло каурка да дигне рака на Турчин. Тој настан, според Миновски, на турските аги и бегови им ја покажал вистинска сила на жената Македонка во одбраната на својата чест.


Животна приказна како од филм

Приказната за животот на двете комитки наликува на таа на Kалеш Анѓа од истоимениот роман на Столе Попов или на судбината на Цвета од драмата „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински. Џелеб Реџо со години бил спахија-закупник на десетокот во битолските села Рамна, Лера, Цапари, Свиништа, Стрежево, Метимир. Се занимавал главно со закупување добиток и бил главен снабдувач на воениот гарнизон во Битола. Секаде одел вооружен на оседлан коњ, чуван од неколку гавази-чувари. Поубавите девојки и млади невести не можеле од него раат да излезат од дома.

- Џелеб Реџо ~ фрлил око на убавата Сребра Домазетова, која имала 18-години. За таква убава и стројна девојка имало многу кандидати од добри семејства во Лера и од околните села, но никој не се решавал да ја земе за жена, бидејќи Реџо јавно се заканувал дека ќе го убие секој што се токми за девојката. Семејството на Сребра било многу загрижено, а таа се криела по куќите на другите роднини - раскажува Миновски.

Девојката ги молела родителите да се иселат од Лера, но тие не биле во состојба зашто ќе требало да се простат од целиот имот и петчленото семејство да го лишат од секакви средства за опстанок. Татко ~ на Сребра, Димо Домазетов, му се пожалил на кметот на селото да го советува Реџо или да нареди преку власта во Битола да не ја обеспокојува ќерка му. Тие постапки уште повеќе ја зголемиле амбицијата на спахијата, па неговите луѓе една ноќ го фатиле татко ~ на Сребра, го премачкале со боја и му се заканиле дека ќе го убијат ако не ја натера ќерката да стане анама. По неколку дена селскиот старешина им рекол на родителите на Сребра дека не е во состојба да им помогне бидејќи Реџо и нему му се заканувал. Со тоа, тие веќе изгубиле секаква надеж за помош од власта.

Го убиле озлогласениот Џелаб Реџо

Од заканите на Реџо не се исплашил само Апостол Ушлиновски од истото село, кому, иако не бил најдобра прилика за убавата Сребра, нејзините родители му ја дале. По свадбата Реџо и неговите луѓе го фатиле Апостол и го претепале, го премачкале со бои и му се заканиле дека ќе го убијат ако не се откаже од Сребра. Претепан, тој одвај се довлечкал до дома, каде неколку дена, завиткан во овча кожа, ги лечел раните.

Во истата куќа живеела и Донка, по потекло од Смилево, снаа за братучед на Апостол. Бидејќи сопругот ~ бил на печалба во Цариград, Донка била вознемирувана и следена од бандата на Реџо. Повеќе време за размислување немало, па тие испланирале како да го убијат спахијата. Другиот ден разгласиле дека Апостол ја избркал Сребра и дека таа си отишла кај мајка си. За тоа слушнал и Реџо, кој многу се израдувал што Апостол достојал на „дадената беса“. Мајката на девојката отишла лично кај Реџо и му соопштила дека ќе му ги даде Сребра и Донка, зашто се неразделни. Но, за тоа ќе мора да дојде самиот и да ги земе без да знае никој за да не се посрамоти семејството во селото.

-На договореното време Реџо отишол облечен и наѕунѕурен со сите нишани како што му прилегало на еден баш-чауш од негов ранг за да ги земе двете невести. Го седнале во гостинската соба, а Сребра со учтиви комплименти му го прибрала оружјето, зборувајќи дека тоа е за во планина. Потоа од зад грб му излегол Апостол и му врзал јаже околу вратот, го удавиле, а трупот го скриле под една надгробна плоча во селото - вели историчарот.

Херојките фрлени во заборав

Но, не успеале добро да го закопаат, па наскоро се разнела смрдеа околу гробиштата и црквата. Така бил откриен трупот на Реџо, а турската војска почнала истрага кој е убиецот. Го претресувале селото и ги измачувале жителите. Апостол, Сребра и Донка успеале да избегаат па власта ги прогласила за „фирар” (нелегални). За да не го измачуваат локалното население Апостол напишал специјално писмо до валијата во Битола со кое му соопштил дека го убил Реџо и му ги изложил подробно причините. Апостол, Сребра и Донка во отсуство биле осудени на доживотен строг затвор. Пресудата останала во сила и по Илинденското востание. Тие влегле во четата на битолскиот војвода Ѓорги Сугарев и се бореле за ослободување на Македонија.

За првите битолски комитки се знае дека учествувале и во борбите за време на Илинден во Битолскиот регион. Но, по задушувањето на востанието, за да се спасат, побегнале во Бугарија, каде што живееле во Варна. Подоцна учествувале и во балканските војни и во Првата светска војна надевајќи се дека тие ќе ~ донесат слобода на Македонија. За Донка се знае дека е погребана во Варна, а за Сребра нема податоци.

- Ваквите херојски подвизи на треба да се вадат од заборав. Оваа малечка епизода од нашата национална историја ми изгледа како многу погодна за инспирација за писателите, драматурзите и сценаристите за театарска претстава или филм - вели Миновски.

3 comments:

Anonymous said...

Good.
Can you write it down in Macedonian so Macedonians can understand it?

Anonymous said...

ο Νοων Νοητω

Macedonian Documents said...

You Joker, it is written in Macedonian.