November 30, 2012

Гоце Делчев - 7

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ - Ванѓа Чашуле

Откако ќе го сторат тоа, поткопувањето на организацијата внатре во Македонија ќе биде полесно. Еве што пишува Гоце Делчев на 4 март 1898 година до Никола Малешевски: „Не стигаше громот од Виничката афера што го расклати делото, ами тукашната (бугарската значи) влада се зафати да ја ослободи турската власт од прогонувања, нагрбувајќи се самата да го уништи тоа што не се уништува. Прогонувањата против нас се во најсилен размав, ќе видиме дали ќе се овенчаат со успех. Горко им!“


За револуционерната организација Виничката афера беше горчливо, но истовремено и мошне полезно искуство. Постојаните прогони, што ги презема турската власт, принудуваат мнозина членови на Организацијата да преминуваат во илегалство. Така се зародува идејата да се формираат чети. Револуционерниот инстинкт му потскажува на Гоцета дека е тоа ново поле за работа. Тој се зафаќа со грижата да организира чета за секоја револуционерна околија. Тој беше признат за началник на сите чети во Македонија. Правилникот, што го усвои ВМРО за четите, и неуморната работа на врховниот војвода, кој, како таков ќе ја крстосува цела Македонија од двете страни на Вардар, создадоа од четите моќна организациона, политичка и воена институција, претходник на оружената борба на македонскиот народ. Гоце ја издига паролата за сомовооружување на народот. Се купуваат пушки од Албанија, од Грција, од Србија, од Бугарија со разно-разни калибри и марки, но тоа не е важно. Важно е да се има оружје што го подига самочувстаото на народот и го приближува денот за конечната битка.

Посебно внимание Гоце му обрнува на реонот кон Бугарија, зашто знае дека тој крај ќе биде првиот што ќе се најде под ударот на врховистичките чети и го подготвува да стане бедем што ќе го одбие и нема да им дозволи да навлезат во Македонија. Затоа тој постојано ги обиколува Џумајско, Разлошко, Малешевско, Петричко. Тој е задоволен што и организацијата и четите во овој крај се во рацете на најверните заштитници на независноста на ВМРО — Јане Сандански, Сава Михајлов и други верни на делото револуционери.

Темниот облак на врховизмот сè повеќе се приближуваше кон Македонија. Во октомври 1900 година Гарванов и компанијата од поранешното „благотворително“, а подоцна „револуционерно“ братство, по наредба на Врховниот комитет беа положиле заклетва на „верноста“ кон Организацијата, а на крајот на јануари 1901 година врховистот Милан Махајлов божем „случајно“ уапсен издава сè што знае. Фатени се сите членови на Централниот комитет, со исклучок на Иван Хаџиниколов, кој исплашен дека и тој може да биде уапсен, му ги предава на Иван Гарванов, верен слуга на Врховниот комитет, сите организациони работи: адресите, каналите, печатот, формуларите, мастилото и др. Веднаш потоа Гарванов му испраќа на Сарафов, (сега претседател на Врховниот комитет) пет формулари со печатот на ЦК „за да им послужи како полномошно на офицерите, што требаше да преминат внатре како инспектори и, ако се покажеше нужда за востание, да го дигнат“,како што кажува подоцна самиот Гарванов.

А Гоце е на обиколка во Џумајско, Разлошко, Малешевско и Петричко и откако ќе разбере за станатото во Солун и Софија, им одговара на Сарафовци и Цончевци: „Ако се обидете да влезете внатре, ќе ги сретнете штитовите на Организацијата и на македонскиот народ“. По искажувањето на Гарванов, поради ваквиот став на Гоце, Сарафовиот комитет донесол решение да ги убијат Гоцета и Ѓорчета Петров.

Но силата на Организацијата е во нејзината врска со народот. И затоа Гоце е постојано на обиколки низ Македонија. Врши ревизија на комитетите, четите, одржува собранија со раководствата и со народот. Кон крајот на август 1901 година преку Малешевско тој заминува за Скопско, Струмичко, Гевгелиско и од Радовишко се префрлува во Тиквешкиот крај. Тоа е за првпат тој да ја минува другата страна на Вардар. Во Тиквешијата, каде што останува десет дена, го посетува Неготино, Кавадарци, Ваташа и соседните села Бегништа, Ресава, Дабништа, Чемерско. Во Радобилските воденици се сретнува со Прилепската чета и со неа ги обиколува селата Тројаци, Плетвар, Ореовец, Леништа, Селце. Потоа оди во Прилеп и останува една недела. Оттука како обичен граѓанин заминува за Битола, револуционерниот центар на цела Западна Македонија, каде што останува дваесет дена: го реорганизира Окружниот комитет, ги информира за борбата со Врховниот комитет и на двапати, еднаш како богат трговец пред кого се клањаат Турците и другпат како искинат даскал, го посетува Даме Груев кој по тоа време се наоѓа в затвор. Дури по петнаесетина дена Турците разбираат дека башкомитата Делчев бил тука пред нивните очи и праќаат потери по него, но тој е веќе во Кукушко. Таму го чека четата на војводата Марко Лерински, со кого тој оди во големото село Кономлади. Пред големиот собир на селаните Гоце зборува, покрај другото, и за тоа дека не треба да се оди кај турските кадии тие да им судат за разни спорови и кавги. Тука е организацијата, единствената сила и власт на народот и тие треба за сите работи да се обрнуваат до неа. Co тоа беше создадена нова институција — судовите на Организацијата. Гоце ги посетува потоа костурските села Смрдеш, Дреновени, Вишени, Загоричани, Дмбени. Во Загоричани организира конференција на раководителите од Костурско и Леринско, токму спроти новата 1902 година. Тука ја дознава веста дека е добиен откупот за мис Стон и дека треба да замине за Софија каде што Јане Сандански и другарите го чекаат тој да ги распредели парите. Но Гоце не ја остава никогаш работата наполовина свршена.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: