Иван Катарџиев
Кон крајот на 1901 година беше преземен комбиниран напад врз врховистичката чета на Дончо Златков по десниот тек на Струма. Особено до интензивни прогонувања на врховистичките чети дојде во 1902 година. Четите на Јане Сандански, Чернопеев, Крсто Асенов, Славчо Ковачев и други ги напаѓаа врховистичките чети. Иако во текот на споменатото врховистичко востание четите на Организацијата останаа пасивни, тие не им допуштија на врховистите да го прошират востанието надвор од Џумајска околија. Нивните обиди веднаш ги ликвидираа.
Во овие судири Организацијата секојпат настојуваше, колку што е можно, да го избегнува крвопролевањето. Најчесто уфрлените врховистички чети ги разоружуваа и ги враќаа во Бугарија. Таа ги предизвикуваше врховистичките војводи и чети на јавни дискусии пред народот и со силата на аргументите ги разобличуваше. Така постапи во март 1902 година Гоце Делчев со четата на бугарскиот офицер Софрони Стојанов, кој ја призна силата на Гоцевите аргументи и сам доброволно се врати во Бугарија. Така постапуваше и Јане Сандански. Тој го викна на јавна дискусија бугарскиот капетан Јурдан Стојанов, кој со врховистичка чета крстосуваше по Пирин, но овој одби. Подоцна Јане го стори тоа со четата на поручникот Љубомир Стојанчев во село Лапово, Мелничко, разобличувајќи го како агент на бугарската буржоазија. За тоа сведочат, истакнуваше Јане Сандански, бугарската војничка униформа, лавчињата, знамето итн.
Разобличувајќи ги врховистичките цели пред народот, а и пред самите врховисти кога имаше можности за тоа, Јане истакнуваше дека врховистичките акцки го компромитираат револуционерното дело, давајќи аргументи, тоа да се третира како вештачко, како бугарско. Истакнувајќи дека врховизмот му служи на Фердинанд како средство да ја завладее Организацијата и да ја исползува за свои цели и дека за реализатори на таа задача се одредени бугарските офицери против кои револуционерното движење се бори најрешетелно, Сандански велеше: „...Ние го знаеме нивното воспитување, нивните интимни замисли. Тие се луѓе што му дале заклетва на верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава. Тие не можат да бидат друго освен нивни слепи и послушни орудија. А ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други такви, па дури ни со бугарската тиранија и со бугарскиот кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна! Македонија на Македонците“!
На врховистичкиот приговор дека и тие се борат за автономија на Македонија, со таа разлика, што кога таа ќе се ослободи на населението да му се даде можност само да си го избере начинот на управувањето итн. Сандански одговори: „Гледате ли сега? Вие ја барате слободата на Македонија и Одринско, како средство, како етапа за идни завојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија е легната како цел. Еве каде е големата разлика меѓу нас внатрешките и вас — врховистите. Ако ги пуштевме вашите другари — офицери, тие ќе ја водеа оружената борба, тие ќе ги имаа во свои раце четите, воените јадра, Организацијата, и како такви при ослободувањето на Македонија, тие ќе му наложеа на македонското население, тие ќе му диктираа тоа да бара присоединување на Македонија и Одринско кон Бугарија, како што беше и со источна Румелија во 1885 година“.
Сепак настојувањата на револуционерното движење да ја оневозможи врховистичката акција не го дадоа саканиот резултат. Вистина, тие го ограничија нејзиното дејство, но не и нејзините психолошки последици. По „Џумајското врховистичко востание“ во Организацијата се создава настроение, вешто поттикнувано од уфрлените врховистички елементи, за забрзување на решението за востание. Оперирајќи со опасноста од нови врховистички провокации и вршејќи најразлични притисоци овие елементи придонесоа да се свика Солунскиот конгрес во јан уари 1903 година. Неговото решение за востание се образлага со исклучителните услови во кои се најде Организацијата по подигнатото од ВК „Џумајско — Петричко востание“ и со „опасноста од нови обиди за востание“. Целата дејност на Организацијата по овој Конгрес е насочена кон подготвување за подигање на востанието. Сите активности, акции, планирања, конгреси и слично се потчинети на ова основно решение. Под негово дејство во борбата за македонска слобода предвреме го положи својот живот и Гоце Делчев.
[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]
No comments:
Post a Comment