October 31, 2012

Гоце Делчев - 6

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ - Ванѓа Чашуле

Борбата со врховизмот, што ќе одземе толку драгоцени жртви и што ќе биде главната пречка македонскиот народ да не дојде до својата слобода во 1903 година, започна и со повремени приливи и одливи, таа ќе се води до самоуништување.


Кога во летото на 1896 година, на Конгресот во Солун, Гоце Делчев со Ѓорчета Петров ќе бидат натоварени со задачата да го изработат Уставот на организацијата, тие ќе настојуваат да се истакне нејзината самостојност и независност, определувајќи ја јасно и задачата што стои пред неа. „Тајната македонско-одринска револуционерна организација има цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување со револуција полна политичка автономија за тие две области“, гласи првиот член на Уставот на ТМОРО што го изработуваат тие.

Во визијата, што yштe од почеток ја создаде за ослободување на својата земја, инстинктивно чувствувајќи дека тоа може да биде само дело на нејзиниот народ, со упорноста и безграничната енергија, што беше составен дел на неговата природа, Гоце Делчев ја продолжува работата врз градењето на револуционерната организација. Кон крајот на летото 1896 година тој, по негово барање, бидува назначен за учител во Банско. За помалку од три месеци тој успева да ги организира сите села во Разлошко, Горноџумајско и Неврокопско со градски комитети во Разлог и Банско.

Ceгa веќе организацијата е прострена врз цела Македонија. Додека тој за овие две години ја беше организирал цела Источна и Приморска Македонија — Штип, Ново Село и околијата, Кукуш, Дојран, Струмица, Радовиш, Солунско, Гевгелиско, Разлог, Неврокоп, Банско, Горна Џумаја, не оставајќи неопфатено ниедно село, другите револуционери: Ѓорче Петров, Пере Тошев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Христо Матов и др. ја беа организирале Западна и Централна Македонија. Еденствената задача, што стои сега пред оваа организација која има навлезено до последното катче на земјата, со која се зафаќа Гоце — е да се вооружи.

Во ноември 1896 година тој е пак во Софија, со задача да набави оружје. Имајќи го веќе искуството со генерал Иванов, Гоце нема ни најмала намера да се обрати до Врховниот комитет, иако генералот беше поднесол оставка, а на негово место сега се наоѓа Јосиф Ковачев. Тој купува пушка по пушка, куршум по куршум и ги препраќа во Македонија. Ѓорче Петров и Гоце се официјалните претставници на ВМРО во Бугарија, што на денешен јазик би се рекло дека тие го имале својството на првите македонски дипломатски претставници. Меѓутоа, Гоце му ја остава дипломатската игра на Ѓорчета, бидејќи за неа тој, по суштината на својата природа, не беше создаден. Кон крајот на пролетта 1897 година Гоце успева во пазувите на Осоговските планини, кај месноста Саблер, Ќустендилско, во непосредна близина на бугарско-турската граница, да ја организира првата македонска „фабрика“ за оружје во која ќе бидат, за десетте месеци иа нејзиното постоење, излеани над 1500 бомби и друго оружје. Недостигот од финансиски средства, нужда што ќе ја следи ВМРО докрај, го тера Гоцета со една чета од десетина момчиња да ја мине границата и да преземе неколку акции за здобивање со пари, но сите — и обидот кај прочуениот по богатство Турчин во Кочанско и грабењето на синот на струмичкиот Назл'м бег пропаѓаат.

Погоден од неуспехот на преземениге акции, во ноември истата 1897 година Гоцета го погодува уште пострашната вест за Виничкаха афера. Тој доаѓа во Виница и решава да организира чети што ќе ги нападнат затворите во Штип и Скопје, преполни со луѓе на организацијата од Виница, Кочанско, Краховско, Кривопаланечко, Радовишко, Малешевско.

Големиот одглас на Виничката афера во странство и притисокот на јавното мислење поради извршените ѕверства во Македонија (само во Виница 80 луѓе, закачени кој за рака кој за нога виселе деноноќно на стреите), ја принудуваат турската влада да даде амнестија. Само единаесетмина беа осудени на долгогодишен затвор. Меѓутоа, прогонувањата и апсењата продолжуваат.

Но Виничката афера и сознанието дека дотогаш покорната македонска раја се осмелила да земе оружје не ја вознемири само турската власт. Може слободно да се каже, дека разоткривањата што настанаа по Виничката афера и кои покажаа колку широко беше поставена мрежата на Внатрешната македонска револуционерна организација, уште повеќе ги вознемирија бугарската влада и бугарските владеачки кругови. Виничката афера за нив беше сигнал за преземање порешителни акции тоа движење да се парализира. Првин требаше тие одново да го преземат Врховниот комитет во свои раце. Зашто неуморниот Ѓорче со стрплива разјаснувачка и агитаторска работа меѓу македонската емиграција и многубројните македонски друштва беше успеал на чело на Врховниот комигет да бидат избрани луѓе (Хр. Станишев и др.) кои ги прифатија принципите на ВМРО. Влијанието што Ѓорче и Гоце го имаат меѓу македонската емиграција е толку големо што Врховниот комитет го прифаќа изготвениот од нив проект за соработка. Затоа бугарската влада се зафаќа со задачата да го растури тоа единство, да се отстрани влијанието на Ѓорчета и Гоцета во Врховниот комитет, а на негово чело да се доведат луѓе што ќе ги слушаат и спроведуваат нивните наредби.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: