October 30, 2012

С. ПАЛЕОР (КАЈЛАРСКО)

Убиството на грчкиот андартски водач Фуфас (1907)

Селото Палеор се наоѓа во областа Еордеја. Се наоѓа западно од градот Кајлари, на одалеченост од 20 км. и 5 км. северно од с. Емборе, во подножјето на пл. Мурик. Палеор лежи на надморска височина од 625 м. и денес има околу 800 жители.

Кон крајот на 19-от век селото било населено со доминантно етничко македонско население и помал број на турско. На почетокот на 20-от век Палеор има 780 жители, од кои 600 биле Македонци, 180 биле Турци. Селото било активно за време на Илинденското востание, а најпознат активист и четник на ВМРО од селото бил Марко Иванов. Тој учествувал на Смилевскиот конгрес на Организацијата (1903), кога било одлучено кревањето на Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, во кое земал активно учество. Исто така, селото настрадала во текот на грчката „Македонска борба“, кога било цел на напади од грчките андарти.

После Балканските војни и поделбата на Македонија меѓу Грција, Бугарија и Србија, с. Палеор потпаднало во составот на грчкото кралство. Во тој период, поради засилениот терор од страна на новите власти, мал дел од македонското население било принудено да имигрира во странство. После грчко-турската војна (1920-22), во 1924 год., турското население се иселува од Палеор, а на нивно место биле населени грчки бегалски фамилии од Понд (112 жители). По влегувањето во составот на грчката држава, на с. Палеор два пати му било менувано името. Првиот пат тоа било прекрстено во Палеохори, а во 1932 год. во Фуфас. Поради потребата од засилување на пропагандата во селото, со цел да се асимилира македонското население и да им се всади „грчка национална свест“, во 1922 год. бил формиран силогосот „Капетан Фуфас“. Селото зема активно учество во десетгодишниот воен период во грчката држава (1940-49), при што дало голем број на жртви. Така на пример, во текот на Граѓанската војна 22 жители биле осудени на смрт во затворот во Кожани, а голем број биле затворени.

Убиството на капетан Фуфас

Слабите успеси на грчката пропаганда во македонските села од кајларската околија ја принудила истата во 1907 год. да преземе порадикални чекори. Во пролетта грчките андарти решиле физички да ги ликвидират највлијателните личности од селата. Таа задача ја извршувал капетанот Захаријас Пападас - Фуфас. Тој најпрвин го нападнал с. Емборе, каде андартите убиле неколку луѓе и изгореле куќи.

Петнаесет дена подоцна, на 7 мај 1907 год., повеќе грчки чети, под водство на Фуфас, го нападнале с. Палеор. Нападот се случил приквечер. Андартите го опколиле селото и набрзо навлегле во него. Главната цел на нападот била фамилијата и куќата на Киро Банчелов. На пат до куќата Грците убиле двајца селани, а бил запален и целиот околен имот на Банчелови. Куќата која била нападната, била триспратна и со голема камена ограда - вистинска тврдина. На андартите им се спротиставиле со оружје, двата синови на дедо Киро, учителот Никола и помалиот син Лука, како и селскиот падар Георги Ајтата.

Меѓу многубројните андарти и само тројцата бранители започнала жестока престрелка. Грците се обидувале да се приближат до куќата со цел да ја запалат. Тие користеле пушки, пиштоли и рачни бомби. Но сепак бранителите со брза стрелба успевале да ги возвратат од нивните намери. Престрелката траела цели три часа. Напаѓачите биле се’ поупорни во настојувањето да стигната до влезната врата од оградата на куќата. Во погоден момент учителот Никола ја отворил вратата од куќата и оттаму пукал. На овој настан андартите одговориле со убиство на неколку постари жени.

Во моментот кога храбрите бранители биле скоро целосно истоштени од нерамната борба, андартите престанале да пукаат. Што се случило? Зошто сите наеднаш престанаа да пукаат? Дали Грците се повлекоа или е само нивен итар маневар? Сето ова им се вртело во главите на бранителите и на селаните на Палеор. Поминува извесно време – пак тишина. Никола Банчелов, по ризик на својот живот, решил да излезе да види што се случи. Околу куќата видел тела на неколку убиени андарти, меѓу кои и телото на самиот капетан Фуфас. Станало јасно, после убиството на нивниот водач, останатите андарти се повлекле од селото, откако запалиле уште 4 куќи и убиле неколку селани.

Кој е убиецот на капетанот Фуфас? – еден од тројцата бранители на куќата на дедо Киро. Но кој точно од нив е тешко да се утврди, ноќта била темна и се пукало кон секој андартин кој им бил во видното поле на бранителите. Во секој случај, освен тројцата храбри бранители на куќата на Банчелови, никој друг не земал учество во оваа трагична самоодбрана.

Еден од учесниците во овој напад, андартинот Закас за овој настан запишал: „По неуспехот за секакво разбирање со Бокас, одлучивме со Фуфас да дадеме втор удар во рамнината на Кајлари за да таа откако биде тероризирана да се вратат шизматичките села кон старото (Патријаршијата). Тогаш одлучивме на 7 мај, ноќта, да го нападнеме шизматичкото село Палеор... Силата на двете чети беше вкупно 60 борци, 35 на Фуфас, 25 на Закас, нападот не се изврши истовремено, туку посебно, во двете маала на селото. Во 10 ч. навечер бевме во селото,одма влеговме во селото со помошта на водичи и со нивна помош секој беше однесен во одредените куќи. Нападот почна веднаш.

Куќата на браќата Кири (се однесува на куќата на Банчелови) која ја нападна Фуфас беше многу цврста, новоградена и со камен, опколена со многу висок и цврст ѕид, но освен овие предности, пукаа одвнатре скоро 10 пушки постојано, Гра и ловечки, како што изгледаа го имаа во предвит нападот во Емборе и секоја вечер преземаа мерки за сигурност...

Пред масовоното пукање, Фуфас не се обесхрабри, но постојано настојуваше на опожарување на споменатата куќа, додека останатите делови ширеа секаде смрт. Во почеток се убиени двајца пред очите на Фуфас, и го опфати бес и се заколна на тотална катастрофа на споменатата куќа, но за жал при јуришот не земајќи никаква мерка за заштита од непријателски куршум во челото остана мртов на лице место, додека оние што беа покрај него ... беа ранети. ... Околу одземањето на телата на убиените, посебно на Фуфас, извршениот обид не успеа и беше ранет тој што се обиде, значи веќе за ништо не можеше да стане збор“.

М–р Димитар Љоровски Вамваковски, објавено во Македонска Ризница, бр. 2

No comments: