July 4, 2012

За толерантноста на Македонците

Одвреме навреме, па дури и по најбанални поводи, се случува некој залутан странец, многу загрижен за меѓуетничкиот и меѓуверскиот мир во Македонија да упати апел за смирување на страстите и задржување на разумот.

Всушност Македонците, за разлика од некои други, отсекогаш биле толерантни и со почит гледале кон различните етноси и вери. Не беа Македонците тие кои ги депортираа Ромите; не беа Македонците тие кои ги пратија Евреите во концентрационите логори на смртта; не беа Македонците тие кои што ги затворија своите граници за бегалците; напротив.

За време на косовската криза во 1999 година, Република Македонија дозволи престој на над 360 000 косовски бегалци* за кои државата потроши огромна сума на пари, а за сметка на тоа по само некоја година т.н. Oслободителна војска на Косово, подпомогната во голема мера од служби на некои западни земји во Република Македонија исценира граѓанска војна.

Во врска со ова тврдење, Професорот Мишел Чосудовски** ќе напише:

„Иако Вашингтон ја поддржува Република Македонија, во исто време, зад грб, парично и воено, ја финансира Ослободителната војска на Косово (ОВК) сега вклучена во граничната борба со македонските безбедносни сили.“

За толерантноста на Македонецот сведочи и Крушевскиот манифест. Во него се повикуваат сите граѓани на поробена Македонија да учествуваат во востанието, па токму затоа и националниот празник Илинден секој еден граѓанин на современа Република Македонија има право и обврска да го слави. Дополнителна потврда за толерантноста на Македонците е следново писмо*** испратено од страна на Македонскиот револуционерен комитет до поголем број на угледни Турци:

„Почитувани господине!
Македонско-адријанополскиот централен револуционерен комитет решил да води борба за едно похумано и поправедно општество, за ослободување од денешното, кое што е тешко колку за христијаните толку исто и за муслиманите. Борбата е започната, а комитетот смета за своја должност да се обрне до Турците во земјата и да ги покани на своите браќа да им јават дека не треба да гледаат со лоши очи на револуцијата. Бидејќи востаниците ниту малку нема да дозволат мирното муслиманско население да дојде во опасност, доколку биде воздржано и не е против нас. Доставувајќи го ова до знаење, ве покануваме да ги советувате вашите браќа Турци, кои и по револуцијата ќе останат да живеат заедно со нас, и ќе се радуваат на придобивките на борбата.“

Па во иднина сите оние душебрижници кога ќе сакаат да ѝ направат добро на Република Македонија, наместо да ни испраќаат пораки на загриженост, едноставно нека ги остават граѓаните на Република Македонија да го продолжат својот вековен соживот. На добрите зборови може да се верува единствено ако се поткрепени со дела.

Александар Стеванов (во соработка со Благојче Андонов), објавено и во Македонска Нација

*Колумна (Нова Македонија) „Шокови и остварувања“ од Д-р Томе Неновски (број 22256; среда 13.4.2011).
**Професор по економија на Универзитетот во Отава и автор на книгата Глобализација на сиромаштијата.
***Писмото е потпишано од Даме Груев и Борис Сарафов. Објавено е во романскиот весник Adeverul (прев. Вистина), XVI број 5041, од 12 август 1903 година, Букурешт. На македонски јазик е објавено во „Два написа на романскиот весник „Adeverul“ од 1903 година за настаните во времето на Илинденското востание“ на авторот Горѓе Миљковиќ.

No comments: