February 22, 2012

Идејните насоки на Илинден 1

Националните и идејните насоки и достигнувања на Илинден 1

Данчо Зографски

Разјадувањето и трансформацијата на отоманскиот феудален систем паралелно со ширењето на стоковно – паричните односи и јакнењето на стопанската сила и политичкото влијание на трговскиот капитал во првата половина и средината на XIX век ги забрзуваа економско – социјалните промени и духовните превирања во Македонија. Натамошниот културно – просветен развиток врз почвата на историското позитивно наследство, од една страна, и спонтаните бунтови и востанија, од друга страна, претставуваа значителни движечки сили во процесот на културно – политичката еманципација на македонскиот народ. Далекосежна еволуција ја исполнуваше таа епоха како последица од зголеменото дејствување на свесните фактори на внатрешното стопанско и идејно поврзување на македонскиот народ.


Во почетната фаза на македонската преродба новите идеи на рационализмот, на буржоаско демократските движења и револуции во Европа доаѓаа во Македонија со задоцнување и се рефлектираа врз македонското преродбенско движење во прилично ограничен обем и изменет вид. Главната причина за тоа беше недостигот на соодветна подлога поради заостанатоста и неразвиеноста на самата Македонија. Друг важен елемент, чие постоење и активност влијаеше за забавување на националното будење и освестување на македонскиот народ, беше инородната буржоазија од несловенско потекло во Македонија (грчка. еврејска, турска, ерменска, влашка). Фактот што местото и економските функции на инородната несловенска буржоазија не ги покриваше домашната национална буржоазија во голема мера ја намалуваше економската улога на македонската буржоазија и ги стеснуваше рамките на нејзината општествено-национална дејност. Како последица на таквата состојба македонското преродбенско и национално движење и националната ориентација и дејност на домашната буржоазија беа изложени на квазикосмополитски, анационални или отворени асимилаторски влијанија од одделни делови на инородната буржоазија во Македонија.

Економски најиздигнатите и политички најсвесни претставници на македонското граѓанство со учество во работата на локалните органи на отоманската администрација (мецлисите) успеаја во средината на минатиот век да станат позиции за поефикасно спротивставување на намерите од спротивните сили и за свое натамошно осамостојување и афирмирање. Македонците, практично оспорувајќи ја важноста на вероисповедта, односно на црковната јуриспруденција како критериум за својата национална припадност, истапуваа со поотворено со барање повеќе да не бидат застапувани од функционерите на цариградската патријаршија и самите непосредно да учествуваат во работата на органите на отоманската власт.

Македонската буржоазија направи крупни чекори по патот на својата општествено – политичка и културно – национална афирмација, ангажирајќи се за проширување и правилно насочување на дејноста на т. н. „црковно – училишни општини“. Нејзиниот придонес за осамостојување на црковно – училишните општини имаше пресудно значење за тоа овие тела да не се закожурчат само со грижи за работи од религиозен карактер или во врска со училиштата, туку да се претворат во поприште на интензивна и разновидна дејност. Македонскaтa буржоазија и ингелигенција помогнаа со тоа да се стесни подрачјето на дејствувањето на официјалните органи на отоманската администрација, судство и тн. меѓу сите слоеви од македонскиот народ, т. е. турската власт што повеќе да се оддалечи и изолира од македонскиот народ. До која степен проблемите во врска со власта и државното уредување живо ги интересираа напредните духови на македонското општество може да се суди по расправите на европски образованиот македонски интелектуалец Г. А. Арандар, објавени во Лајпциг: „Положбата на христијанското население во Македонија“ (1867) и „Турската администрација во Македонија“ (1879).

Низ практичната дејност и ориентацијата на т. н. „македонисти“ се кристализираа претставите за македонската национална свест и индивидуалност. Нивните следбеници и продолжувачи, т.н. „сепаратисти“, веќе постепено започнуваа да формулираат концепции и барања за државна егзистенција на македонската нација. Некои од нив без длабоки научни познавања и со романтичарски занес, запаѓаа во идеализации и антиисториски конструкции со свесното „барање“ и „откривање“ славно минато, големи традиции и импозантно потекло на Македонците, како што слични појави се забележуваа во соодветните епохи и кај другите балкански европски народи.

Разловечкото востание од 1876 год., Кресненското востание и подоцнежната „Брсјачка буна“ недвосмислено ги покажаа стремежите на македонскиот народ за извојување полна национална слобода и самостоен живот во сопствена држава. Потребата од извојување и создавање сопствена национална држава извираше од сознанието дека таа навистина најефикасно ќе му осигури подобри услови, слобода, суверенитет и прогрес на измачениот и обесправен македонски народ.

Ослободителните стремежи и потфати на македонскиот народ не само што останаа без поддршка, туку наидуваа на отпор и пречки од експозитурите на балканските држави и буржоазии, кои настојуваа да го задушат процесот на конституирањето на македонската нација и самостојната борба на македонскиот народ. Во овој поглед се истакнуваше со својата активност бугарската буржоазија по основањето на Егзархијата и по образувањето на бугарското кнежевство. Егзархијата како орудие на големобугарската хегемонистичка буржоазија беше насочена кон денационализација и асимилација на македонскиот народ првенствено преку училиштата. Додека во 1885/6 година Егзархијата управуваше преку 300 училишта во Македонија, нејзината контрола пред балканските војни се простираше над околу 1000 основни и 66 класни училишта.

Затоа почна да се шири во Македонија движење за отцепување од Егзархијата и за приклучување кон унијатството и за образување на Охридската архиепископија. Движењето против Егзархијата настанувало, според зборовите на Горче Петров, како природна реакција „против долгогодишниот стремеж на Егзархијата да го сосрeдоточи во свои раце диригирањето на општествениот живот во Македонија“. Асимилаторската и хегемонистичка политика на големобугарската буржоазија спонтано раѓаше масовен отпор, стимулирајќи го процесот на внатрешната кохезија и национална концентрација на македонскиот народ. Бо книгата на Петар Поп Арсов „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ беше многу аргументирано разобличена таа политика и диференцијацијата што настануваше во Македонија под влијание на најновиот општвствено – политички и национален развиток.

Преминот од XIX во XX век беше временската рамка и пресвртница, во која со еруптивна сила излегоа на видело и се натрупаа и преплетоа основните спротивности и тенденции на поновиот општествено – економски и национално-политички развиток на Македонија. Созревањето на стопанско – политичката криза во Европска Турција, со главно жариште — Македонија, беше придружено со сo поголема диференцијација и заострување на општествените спротивности, кои поради различната припадност на угнетените и експлоатираните слоеви од македонскиот народ и на феудалните и привилегираните елементи од турската владеачка нација добиваа истовремено национална и верска обоеност.

На севкупниот општествено – економски живот на Македонија во тоа време му удираше печат судирањето на напирачките сили од помодерниот начин на производство со феудалните облици и остатоци и зголемувањето на спротивностите меѓу новите сили и односите што постоеја и нивните носители. Самата констелација и насоките на општествената еволуција ја наложуваа потребата од решавање на создадените спротивности, кои го правеа крајно несносен одживеаниот отомански систем на феудална и полуфеудална експлоатација и на национално потиснување.

Поради тоа што Македонија како веќе заокружено, национално разграничено подрачје, во економски и културен поглед побргу се модернизираше отколку другите делови на отоманското царство, општествено – економското и државното уредување на апсолутистичка полуфеудална Турција се повеќе стануваше пречка за развитокот на Македонија. Релативно големата концентрација и густина на населението во Македонија по градовите (28,08%) правеше по размерите на урбанизацијата Македонија да се наоѓа пред другите провинции на отоманската империја и пред некои од соседните балкански земји. Од друга страна, во самата Македонија се зголемуваа разликите меѓу градот и селото како последица на заостанувањето на селото зад стопанскиот развиток на градот.

Задржувањето на полуфеудалниот карактер на аграрните односи и другите стеги го пречеа роењето на елементите иа новиот начин на производство во земјоделството. Поради бавноста, половичноста и ограниченоста на капиталистичкиот развиток, односно поради тоа што не дојде до преовладување на модерното производство во сите гранки на стопанството, остро се чувствуваа спротивностите меѓу производствените односи (особено на село) и развитокот на производните сили во градското стопанство на Македонија. Покрај тоа, дојде и до нерамномерен развиток на одделни области, така што јужните побргу напредуваа од другите краишта на Македонија.

Потхранувањето на полуфеудалните остатоци и стеги во отоманското царство оневозможуваше брз и радикален пресврт во начинот на производството и го сопираше процесот на национално – политичката еманципација на македонскиот народ. Затоа пред прогресивните сили на Македонија се поставуваше како најнепосредна револуционерна општествено – историска задача урнувањето на преживеаниот економско – социјален систем и извршувањето демократска националиа револуција, без кои не можеше да се замисли вистинско решавање на македонското прашање.

Македонското прашање, кое во себе го опфаќаше сплетот на стопанската експлоатација, националното угнетување, културно – религиозните пречки и ограничувања, елиминацијата од политичките функции и тн., изби на преден план и доби појасни перспективи за решавање во последната деценија од минатиот век, кога со зајакнувањето и економските позиции на домашната буржоазија се создаде материјална база за организадионо оформување на разраснатото македонско националио движење. Хегемон на движењето стана револуционерниот дел од либералната национална буржоазија, а главните раководни места во организираното движење (ВМРО) беа земени од национално најсвесните припадници на револуционерно настроената македонска ситнобуржоаска интелигенција.

Економско – социјалните преобразувања, што се вршеа во Македонија како резултат од постепеното навлегување на капитализмот, беа материјалната база и доминантниот фактор за будењето и одделувањето на македонската нација. Раслојувањето и пауперизацијата на селанството и малограѓанството и излачувањето на домашната буржоазија и интелигенција и фиданките на работничката класа породија во тоа време неколку фракции на македонската револуционерна демократија и протагонисти, односно струи со изнијансирани сфаќања за тактиката и стратегијата на македонското национално – ослободително движење. При изградувањето на идејно-политичката и националната платформа на ВМРО доаѓаа до израз и се конфронтираа повеќе концепции.

Постоењето на повеќе концепции за целите и методите на македонското националноослободително движење беше во исто време симптом на општествените и духовните превирања во Македонија во последната деценија од минатиот век. Тие превирања најдоа свој одраз во појавата на ентузијазирани приврзаници што усвојуваа разни концепции за ослободителни потфати, за насилна промена на неподносливата положба и на преживеаните општествени односи во Македонија. Илузорно е да се мисли дека сите такви концепции беа во целина оригинални и самостојно израснати на почвата на Македонија, та затоа и не можеа да бидат соодветен, објективен одраз на македонсската стварност и на вистинските потреби и патишта за наоѓање излез од непомирливите спротивности на македонското општество.

Најиздигнатите раководители и идеолози на движењето — Гоце Делчев и неговите истомисленици, како вистински поборници на националните интереси на македонскиот народ и доследни револуционерни демократи — ги воспитуваа масите со сопствена борба да извојуваат национална слобода. Истовремено ги разбиваа илузиите за каква било добронамерна интервенција на големите сили за решавање на македонского прашање или за тоа дека националното ослободување на македонскиот народ може да се постигне со потпирка или директно учество на некоја од балканските држави.

Барањето за политичка автономија на Македонија, што влезе во основата на минималната програма на македонското организирано национално – ослободително движење, произлегуваше од реалната оценка на ситуацијата во која требаше да се решава македонското национално прашање. Барањето за автономија имаше практична намена не само да го осигури процесот на националната консолидација и да ја зачува национално – стопанската и територијална целина на Македонија, туку и да ги спречи анексионистичките стремежи и обиди спрема Македонија, кои најбезочно го загрозуваа нејзиното право на национално самоопределување и конституирање во сопствена државна обвивка.

Стремежот за државно конституирање и егзистенција на сопствената нација, без разлика на замислите за обликот и степенот на изграденоста на бараната државна организација, ја исполнуваше и сочинуваше основната содржина и тенденција на македонското национално – ослободително движење, чии темеди се удрија во 1893 година. Материјалните интереси на македонското општество ги раѓаа стремежите за создавање сопствена национадна држава, а практиката докажуваше дека на Балканот се создаваа поповолни услови за стопански, политички и културен развиток до колку повеќе се образуваа самостојни национални држави.

Продолжува...

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: