Цитати за и од првиот претседател на президиумот на АСНОМ и борец за ослободувањето и обединувањето на Македонија - Методија Андонов-Ченто
„Господине директоре, не можете тоа од нас да го барате. Не можете ниту Вие, ниту било кој друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца.
Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик. Ниту ние им забрануваме, ниту некој друг може да им забрани на српските деца, кои се дојдени во Прилеп, да зборуваат на нивниот мајчин српски јазик. Не им браниме да бидат Срби, но нашите деца нека останат Македонци. Ако овој политички поредок не ни ги дава нашите политички и национални права за самостојност, ќе дојде ден, во една федеративна држава, кога оваа земја нема да се вика Јужна Србија, туку Македонија и ќе биде самостојна држава.“
Методија Андонов-Ченто,
8 Декември, 1940 година, на родителскиот состанок во прилепската гимназија, како одговор на барањето на директорот на гимназијата, учениците да зборуваат и дома, и на улица и во гимназијата само на српски јазик. Според кажување на неговиот син Илија Андонов. Извор: Не му се судеше на Ченто, му се судеше на АСНОМ
❧
„Поставив прашање како да се поврземе со Македонците во Грција и во Бугарија и предложив Националниот комитет да издаде еден меморандум за Македонија, од кој ќе се види дека и македонскиот народ се бори против заедничкиот фашистички непријател и за остварување на националното право на обединување. Но, овие работи беа премолчени во дискусијата.“
Методија Андонов-Ченто,
24 Јуни, на седницата на раководството на Националниот комитет, на која присуствува и Тито. Извадок од книгата „Методија Андонов - Ченто“ од Илија Андонов
❧
„...На триесетти јуни повторно се сретнав со Тито. Се интересираше дали сме задоволни од разговорите. Јас му кажав дака разговорите се едно, а друго е што навистина ќе се направи и дака за задоволство ќе зборуваме подоцна кога ќе се остварат ветувањата. Тој пак ми повтори дека при првата можност ќе проговори и ќе се заложи за обединувањето на Македонија и на македонскиот народ:
Ќе видите оти нема да Ве изневерам. Ова не се празни ветувања. Еве Ви една моја фотографија за спомен, како залог за она што Ви го ветив. Ако Ве изневерам, ќе можете да покажувате кој Ве изневерил.
Ја зедов фотографијата, на која беше со маршалска униформа и на која имаше напишано: За спомен на соборецот, другарот Методија Ченто. Тито. 30.lV. 1944.“
Методија Андонов-Ченто,
Автобиографски запис
❧
„Таму не е Македонија! Ако треба да се повлечеме, тогаш ќе се повлечеме во Егејска и Пиринска Македонија, кои се делови од Македонија и каде што живеат Македонци, кои треба да се вклучат во ослободувањето и во обединувањето на Македонија.“
Методија Андонов-Ченто,
Како одговор на барањето на Светозар Вукмановиќ - Темпо партизаните да се повлечат на Косово поради притисокот на Германците. Извор: Не му се судеше на Ченто, му се судеше на АСНОМ
❧
„Бев во обезбедувањето на судницата, така што ја следев расправата, иако тоа и не беше некоја расправа, затоа што ретко му даваа збор. Но, се сеќавам кога на една констатација на обвинителот, Ченто бурно реагираше велејќи дека тој не се согласува со терминот дека Македонија е ’во рамките‘ на Југославија, туку треба да стои дека таа е ’под рамките‘ на Југославија“ -
Петар Дамчески,
учесник во борбите на Сремскиот фронт во Втората светска војна, потоа член на милициското обезбедување при судењето на Методија Андонов-Ченто
❧
„...на поминување во Скопје, бев повикан од Македонскиот национален комитет кој имаше карактер на - македонска територијалност, бугарска националност. а негов претседател беше Стефан Стефанов. Комитетот го определи адвокатот од Кавадарци - Атанасов, да ми објасни дека треба да соработувам со бугарската власт, бидејќи Македонија се обединила со Бугарија. Мојот одговор во присуство на Матов и инженерот Цветко беа дека јас нема да соработувам со бугарската власт, затоа што не се чувствувам Бугарин, туку Македонец, и затоа што за мене е важно обединувањето на цела Македонија и на националните права на Македонците.“
Методија Андонов-Ченто,
разговор воден на 26 Април 1941 година, споменат во „Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик на КПЗ Идризово“, до Окружниот суд Скопје До Врховниот суд на НР Македонија, од 4 декември 1947 Скопје
❧
„Обединувањето на Македонија може да стане на мирен начин и тоа ќе биде најдобро. Јас лично не сакам ниедна капка крв повеќе да се пролева за Македонија. Но, за обединувањето е потребно на прво место согласност со големите сили, Русија го признава нашето прашање, а тоа не е доволно, бидејќи треба да е признато и од Англија и Америка. Во тој поглед ние сме должни да се залагаме, особено сега, пред Мировната конференција, за правото на самоопределување.“
Методија Андонов-Ченто,
од „Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик на КПЗ Идризово“, до Окружниот суд Скопје До Врховниот суд на НР Македонија, од 4 декември 1947 Скопје
❧
„...обединувањето на Македоннја ме интересира и дека според моето мислење како најправилно решение сметам дека е - правото на самоопределвање... Ова нешто не го кријам, бидејќи го сметам за свој долг, тоа нешто сум го предлагал да влезе и во уставниот проект, мислејќи на сите три дела на Македонија, а не само на Вардарска...“
Методија Андонов-Ченто,
Од „Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик на КПЗ Идризово“, до Окружниот суд Скопје До Врховниот суд на НР Македонија, од 4 декември 1947 Скопје
❧
„Во стара Југославија, Србите, за време на окупацијата на Бугарија, ме заплашуваа со убиство, но никогаш не се надевав дека и Македонци ќе ми се фалат со убиство.“
Методија Андонов-Ченто,
Од
„Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик на КПЗ Идризово“, до
Окружниот суд Скопје До Врховниот суд на НР Македонија, од 4 декември
1947 Скопје
❧
„Ченто беше голем човек и визионер. Го почитуваа сите во затворот, за секого имаше убав збор и добар совет. За Македонија тој беше втор човек по Тито, но во затворот беше достоинствен, работеше како сите други, јадеше што јадеа другите и стамено одбиваше милостиња, дури и од еден Лазар Колишевски, кој беше претседател на Народна Република Македонија.“
Мехмед Али Осман, пријател на Ченто од затворот Идризово.
Извор: Носевме малтер со Ченто
❧
„Се сеќавам еден ден дојде Лазар Колишевски, во Идризово, во 1953 г., заедно со Глигор Зафировски, управник на затворот. Дојде кај Ченто и му зборуваше нешто за помилување. Овие зброви ќе ги паметам додека сум жив. На зборовите за помилување, Ченто свика: ’Кога не бев за осудување, ме осудивте на 10 години. Што барате сега? Милост не сакам! Сте ме осудиле на 10 години - 10 години ќе одлежам! Не ми треба помилување! Ќе одежам до ден колку што ме осудивте!‘ така му рече на еден Лазар Колишевски, претседател на Народна Република Македонија, стамено и гласно, како маж! Тоа секој не може да го каже. Тоа беше голема храброст. Во тоа време немаше правда. За ништо ќе ти го удреа пендрекот. Колишевски молчеше. Ја спушти главата и молчеше. Кога си замина очите ми се наполнија со солзи, но од друга страна, ми дојде некаква храброст. Само му реков ’А бре, чичко Ченто, да се сите како тебе, оваа земја поинаква ќе биде.‘ Видов дека и нему му се насолзеа очите. Ме пргрна, ме погали и ништо не рече.“
Мехмед Али Осман, пријател на Ченто од затворот Идризово.
Извор: Носевме малтер со Ченто
❧
„Се случи еден ден, додека работевме. Малтерџиите ја наполнија таргата, а чичко Ченто беше малку оддалечен од мене. Беше постар, па воспитанието и почитта не ми дозволуваа јас него да го повикам да ја крене. Почнав самиот да го влечам коритото, да го доведам докај него, па оттаму да продолжиме да го носиме. Додека го правев тоа, ме здогледа еден од стражарите што не чуваа наоколу, застанати со шмајзери - Дане, Русе и Бошко. Едниот од нив свирна со свирчето и свика по мене, да појдам кај него. Беше лут зашто го влечам коритото, дека не сум го викнал Чентота да крене. Чичко Ченто беше осетлив човек. Кога ме виде дека тргнав, ме грабна за раката, ме повлече зад себе и ми рече да запрам. Знаеше дека чуварот ме повика за да ме удри. Се спротистави и му рече: ’Остави го него. Ако треба некого да удриш, прво мене ќе ме удриш. Немаш право да го удриш зашто не ме викнал мене да кренам‘. Тоа ми остана во сеќавање до денес. Поминаа речиси 55 години и тоа ми е уште во мислите. Човекот стана да ме одбрани, без разлика што сум јас Турчин, муслиман, а тој беше православен“
Мехмед Али Осман, пријател на Ченто од затворот Идризово.
Извор: Носевме малтер со Ченто
❧
„Бидејќи бев еден од најдобрите гимнастичари во гимнастичкото соколско друштво честопати ја водев четата за време на вежбите. Еднаш наместо да речам ’напред чето‘, командував ’напред ченто‘. Другарите како едвај да чекаа да најдат нешто да си играат мајтап со мене, почнаа да ме ословуваат со Ченто. Во почетокот многу се лутев кога така ми викаа, а тоа пак на прилепчани, како познати мајтапчии, уште повеќе ме задеваа и тоа го пренесоа низ чаршијата, каде што уште повеќемина се задеваа на тој начин. Престанав да се лутам, мислејќи дека другарите нема да ме задеваат, но веќе беше доцна и тој прекар ми остана.“
Методија Андонов-Ченто,
За тоа како го добил прекарот, извадок од „Лична биографија и сеќавања на М. Андонов - Ченто“
❧
„МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ!... ТИ, кој знаеше за уништувањето на вистинските борци за македонската слобода каков што беше првиот претседател на Македонската Република легендарниот Методија Андонов - Ченто...“
Драган Богдановски,
„Манифест на ДПМНЕ до македонскиот народ“ (20 февруари, 1990 година, Стокхолм), Млад Борец.
❧
„1946 година ме истераа како Бугарка од Македонија. Ченто беше Македонец и јас му бев секретарка. Добро соработувавме. Никогаш нема да заборавам што значеше Ченто за Македонија. Никој после него не се роди со толкава скромност, чесност и љубов кон Македонија.“
Катерина Трајкова Нурџиева,
внука на Гоце Делчев во интервју за А1.
❧
„Денеска се навршуваат 60 години од смртта на мојот татко, еден долг период, но многу краток за мене за да се заборави неправдата што му беше нанесена. Единствената партија што ја имаше татко ми беше Македонија и сите свои напори, сите свои желби, тој ги насочи кон ослободување, осамостојување и обединување на Македонија. Токму поради таа негова идеја, тој бил почесто во затвор за време на српската и за време на бугарската окупација, а најмногу одлежа, 9 години, во слободна Македонија, за која тој толку многу се залагаше.“
Марија
Јакимоска,
ќерка на Методија Андонов – Ченто, 24 јуни 2017, извор: „Ќерката на Ченто: Единствената партија што ја имаше татко ми беше Македонија“
Дополнително:
No comments:
Post a Comment