Скопјанецот Мехмет Али Осман (73) сведочи и за деновите што ги поминал со Методија Андонов Ченто во затворот Идризово: Колишевски му нудеше амнестија, но Ченто не сакаше милостиња
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ
Ченто беше голем човек и голем визионер. Го почитуваа сите во затворот, за секого имаше убав збор и добар совет. За Македонија тој беше втор човек по Тито, но во затворот беше достоинствен, работеше како сите други, јадеше што јадеа другите и стамено одбиваше милостиња, дури и од еден Лазар Колишевски, кој беше претседател на Народна Република Македонија. Вака, накусо, звучи сведоштвото на Мехмет Али Реџеп Осман, роден во 1936 г. во скопско Карадак Маало, кој неколку затворски месеци му бил малтерџиски чирак на Методија Андонов Ченто во затворот во Идризово. По 56 години од нивната последна средба, Мехмет Али реши јавно да му се заблагодари на човекот кој во затворот му бил како татко, кој го заштитувал и го подучувал каков човек да биде во животот. По земјотресот во 1963 г., откако од куќата не останало ништо, заедно со сопругата и децата решиле да почнат нов живот во Истанбул, Турција, но со секое доаѓање кај роднините во Скопје кај него се раѓал истиот немир - спомените за Ченто, за кои стотици пати им раскажувал на синовите и ќерките и на роднините во Скопје. „Тоа ми остана во сеќавање до денес. Поминаа речиси 60 години и тоа ми е уште во мислите. Таа благодарност ми остана во срцето, ете, толку години, и затоа сакам јавно да им се заблагодарам на неговите роднини, за сѐ што направи за мене додека бевме заедно. Човек заслужува да му правиш атер и што те пречекал со чај, со кафе, а не пак за пријателство кога си бил на мака“, ни рече Мехмет Али додека пиевме чај во домот на неговите роднини под скопската Саат кула.
ЧИЧКО ЧЕНТО
Сакајќи да ви го пренесеме неговото сведоштво колку што е можно поавтентично, го пуштивме диктафонот да снима и колку што е можно се воздржувавме од потпрашања. Почнуваме од почетокот. „Јас сум Мехмет Али Реџеп Осман, роден и порастен во Скопје, во улица 172, број 31, Карадак Маало. Во 1953 г. се случи една кавга, настана голем неред, голема тепачка, се истепавме, направивме беља, нѐ осудија. Јас добив две години затвор. Единаесет месеци лежев во Централни завод, тогаш беше затвор, под градот, мислам дека беше истражен затвор. Таму одлежав 11 месеци. Од таму ме однесоа во Идризово. Тука се запознавме со чичко Ченто. Јас имав 17 години, тој имаше повеќе од 50. Лежевме во Првото одделение, тој во 13-тата одаја, јас во 17-тата. Во тоа време, во секоја одаја беа по 17-18 души - како сите, така и тој, без разлика што бил порано, пред да го осудат“, ни раскажа. Првата средба се случила на градилиштето во кругот на затворот, каде што бил распореден да пренесува малтер додека се градела новата зграда, веднаш до Слободното одделение.
„Кога дојдов во Идризово, веднаш нѐ распоредија секого на некаква работа - тогаш немаше седење по затворите. Сите работеа - кој на занает, кој на некоја друга работа - секој нешто мораше да работи. Мене ме дадоа на едно градилиште, една зграда што се градеше кај слободњаците, се викаше Јасковац. Таму работеше чичко Ченто, работеше како градежен работник, а мене ме распоредија да му помагам, заедно да носиме тарга - дрвено корито заносење малтер. Однапред, за рачките, го носеше тој, одзади, за другите рачки, го носев јас. Тогаш немаше машини за мешање бетон - сѐ се работеше рачно. Се мешаше на рака. Едни мешаа, а јас и чичко Ченто го носевме малтерот со коритото таму каде што работеа ѕидарите. Ќе испразниме, пак ќе се вратиме, пак ќе наполниме, пак ќе се натовариме - и сѐ така. Оттогаш, чичко Ченто ме имаше како син. Ме сакаше, ме бранеше и ми помагаше. Заедно поминавме три-четири месеци“, се сеќава. Да бидеш дури и во затвор со човек како Ченто, за Мехмет Али било голема привилегија и чест. И денес со голема живост раскажува за добрите совети и поддршката што ги добил од Ченто. „За мене тој ’чичко Ченто‘, а тој најчесто ме викаше ’синко‘. Ми беше близок како татко, како брат на татко ми и ме сакаше како да сум негов син. Беше добар со секого и за многу работи знаеше да нѐ посоветува, да ни даде памет, нам, помладите. Често знаев да избрзам, да направам нешто непромислено, но тој секогаш беше тука да ме посоветува кога ќе направев некаква грешка, и мене и другите: ’Не требаше да направиш така‘, ’Со сила ништо не бидува‘, ’Бидете паметни, учете‘... Го сакав, а и тој мене ме сакаше. Често знаеше да ми рече: ’Ти си професор! Ти овде заврши голема школа. Ова е за тебе висока школа. Затворот има 550 луѓе - ти научи со секого да се однесуваш како што треба. Ова ти е школа, и дај Боже да ти е последен пат да бидеш тука.‘ Вечно ќе му бидам благодарен“, ни раскажа Мехмет Али.
Мехмет Али Осман |
ОСТАВИ ГО ДЕТЕТО! МЕНЕ УДРИ МЕ!
Големината на Ченто, како што ни рече затворскиот пријател, затворениците можеле да ја видат во разни ситуации од затворското секојдневие. „Се случи еден ден, додека работевме. Малтерџиите ја наполнија таргата, а чичко Ченто беше малку оддалечен од мене. Беше постар, па воспитанието и почитта не ми дозволуваа јас него да го повикам да ја крене. Почнав самиот да го влечам коритото, да го доведам до кај него, па оттаму заедно да продолжиме да го носиме. Додека го правев тоа, ме здогледа еден од стражарите што нѐ чуваа наоколу, застанати со шмајзери - Дане, Русе и Бошко. Едниот од нив свирна со свирчето и свика по мене, да појдам кај него. Беше лут зашто виде дека го влечам коритото, дека не сум го викнал Чентота да крене.Чичко Ченто беше осетлив човек. Кога ме виде дека тргнав, ме грабна за раката, ме повлече зад себе и ми рече да запрам. Знаеше дека чуварот ме повикува за да ме удри. Се спротивстави и му рече: ’Остави го него. Ако треба некого да удриш, прво мене ќе ме удриш. Немаш право да го удриш зашто не ме викнал мене дакренам‘. Тоа ми остана во сеќавање до денес. Поминаа речиси 55 години и тоа ми е уште во мислите. Човекот стана да ме одбрани, без разлика што сум јас Турчин, муслиман, а тој беше православен“, сесеќава.
ОДБИ ПОМИЛУВАЊЕ ОД КОЛИШЕВСКИ
Листајќи ги спомените од тие времиња, Мехмет Али не може да се сети дека некогаш го чул Ченто да зборува за тоа како бил осуден или да ја коментира пресудата со луѓето во затворот. Барем не со нив, помладите. Единственото што го знаел за случајот на Ченто било дека лежел затвор за политика и оти го осудиле на 10-11 години, зашто се залагал Македонија да биде самостојна. „Се сеќавам еден ден дојде Лазар Колишевски, во Идризово, во 1953 г., заедно со Глигор Зафировски, управник на затворот. Дојде кај Ченто и му зборуваше нешто за помилување. Овие зборови ќе ги паметам додека сум жив. На зборовите за помилување, Ченто свика: ’Кога не бев за осудување, ме осудивте на 10 години. Што барате сега? Милост не сакам! Сте ме осудиле 10 години - 10 години ќе одлежам! Не ми треба помилување! Ќе одлежам до ден колку што ме осудивте!‘ Така му рече на еден Лазар Колишевски, претседател на Народна Република Македонија, стамено и гласно, како маж! Тоа секој не може да го каже. Тоа беше голема храброст. Во тоа време немаше правда. За ништо ќе ти го удреа пендрекот. Колишевски молчеше. Ја спушти главата и молчеше. Кога си заминаа, очите ми се наполнаа со солзи, но, од друга страна, ми дојде некаква храброст. Само му реков: ’А бре, чичко Ченто, да се сите како тебе, оваа земја поинаква ќе биде.‘ Видов дека и нему му се насолзеа очите. Ме прегрна, ме погали и ништо не рече. Заедно поминавме три-четири месеци. Последен пат се видовме по случката со коритото“, сведочи Мехмет Али Осман. По случката со коритото, него го одвеле на принудна работа на Водно, во 1953-1954г. „Водно во тоа време беше голо. Врбите, дрвјата што ги гледате сега, што ви прават сенка, ги садевме ние. Кршевме камења, носевме вреќи земја на грб и го пошумувавме Водно“, ни раскажа.
ЧЕНТО БЕШЕ ГОЛЕМ ЧОВЕК
Желбата јавно да му се заблагодари на семејството на Ченто не се намалила иако поминале педесетина години. Ченто, како што вели, бил голем човек, голем лидер и за него секогаш ќе зборува со жар. „Живеам во Турција и секогаш кога доаѓам во Македонија им раскажувам на роднините каков човек беше Ченто. Ми беше голема желба да најдам некој негов роднина, да му кажам еден тешуќур, една благодарност што ме бранеше како свој син и да им кажам едно признание зашто уште пред 50 години знаел што ќе биде, дека Македонија ќе стане самостојна. Види колку паметен човек бил тој! Уште пред колку години ја видел денешницата. Уште пред колку години мислел дека Македонија треба да биде и ќе биде самостојна. Видел што ќе биде уште пред педесет години. Тој беше човек што не сакаше милост. Што јадеа сите во затворот, тоа јадеше и тој. Да беше поинаков, имаше можности. Но, тој беше човек со достоинство. Да е друг, можеби ќе прифати. Ченто не сакаше милостиња. Беше вреден, но и беше и голем мајстор, ја знаеше работата. Уште ми иде пред очи - со теслата на појасот. Во Македонија тој беше прв по Тито, ама не се штедеше кога работеше. Ем ја знаеше работата, ем работеше! За мене, за луѓето околу мене и за луѓето од малцинствата, Ченто беше човек за десетка. Беше осетлив човек. Не сакаше да биде груб со никого. Него го сакаше секој. Секој го почитуваше. Ченто беше голем човек. Тоа им го зборувам и народнините овде, и на луѓето во Турција. Сум лежел затвор со голем човек. Ченто беше голем како Ататурк“, ни рече затворскиот пријател на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.
БЛАГОДАРНОСТ ДО АНДОНОВИ
Со голема тага ја примил веста за смртта на Ченто, која му ја пренесле пријатели што му дошлена гости во Турција. „Се разбира, се нажалив. Многу го сакав и многу сум му многу благодарен за човештината. Како што го сакам Ататурк, така го сакам и него. Секогаш ќе го сакам и ќе му бидам благодарен, без разлика кој е на власт, дали неговите или тие што го осудија. Чув дека Ченто имал ќерка, се обидов да ја најдам, ама не бидна к'смет, па решив на овој начин да се заблагодарам. Сакам да им кажам, нејзе и на неговото семејство: ’Блазе вас што имавте таков татко. Тој за нас беше како светец. Примете го моето сочувство. Благодарам за сѐ!‘ Еве, кешке на овој начин, преку весникот ќе дознаат“, ни рече. Откако ја отслужил својата казна затвор, во 1954 г. Мехмет се оженил, отслужил војска и решил да му се посвети на семејниот живот во Скопје. Но, плановите му ги расипал земјотресот во 1963 г. Се отселил во Турција, работел, печалел - но повторно сака да се врати во Македонија. „Земјотресот ни ја урна куќата, останавме во шатори во Гази Баба, немаше чаре, заминавме во Турција. Денес имам 73 години и сакам повторно да се вратам во родната земја. Јас сум задоволен од Турција, таму имам сѐ - и куќа, и дуќани - сѐ ми дал Господ, ама родното место ми е мило. Го затвориле билбиљот во кафез - го барал трнот. Кога го пуштиле во трнот - пак почнал да пее. Ете, им оставив на децата аманет, ако умрам - во Македонија да ме закопаат. Ова ми е мене родно место. Повеќе роднини имам овде, овде имам пријатели, чувствувам топлина кога сум овде. Мислам дека треба да ми дадат државјанство. Децата ми се тука родени. Ме прашуваат зошто не сум ги донел тука. Зошто сум ги однел во Турција? Зар не сме имале овде од што да живееме. Сакаат да знаат каде се родени. Родното место влече“, ни рече Мехмет Али, испраќајќи нѐ со благослови.
Извор: Носевме малтер со Ченто, Форум, бр.193, 5 јуни 2009
No comments:
Post a Comment