Showing posts with label Codification of the Macedonian language. Show all posts
Showing posts with label Codification of the Macedonian language. Show all posts

March 16, 2013

Фонетско-фонолошката кодификација на македонскиот јазик 3. дел

Влоѓимјеж ПЈАНКА (Виена)

Развојот на македонскиот литературен јазик пред неговата конечна кодификација покажува дека не се работи за создавање на еден сосема нов литературен јазик, како што беше случајот со српско-хрватскиот во 1850 год., туку за реформа на еден веќе постоен јазик, кој ги прошири своите функции како службен јазик на тогашната Демократска Федерална Македонија, а потоа HP Македонија и, меѓу другото, затоа мораше да биде кодифициран. Согласно со дотогашната традиција и практика, како основа за кодификацијата е земен централниот говор (α-говорот), кој му припаѓа на западномакедонското наречје, со тоа што се земени и некои јазични црти од други дијалектни подрачја, особено во областа на лексиката. Во фонетско-фонолошки поглед тоа е прифаќањс на некои лексеми во кои е застапена фонемата /х/ (3) , иако самата фонема има во македонскиот како стандарден така и литературен јазик ограничена употреба.

Во врска со конечното кодифицираше на македонскиот литературен (стандарден) јазик можат ретроспективно да се постават неколку прашања, кои се однесуваат на одделни појави и единици од фонетско-фонолошкиот систем, и тоа како од неговиот супрасегментален така и од сегменталниот дел. Супрасегменталната фонетика и фонологија, како што е сепак прифатено во последно време, ги опфаќа прашањата на тонскиот и динамичниот акцент, како и на квантитетот. Тонскиот акцент на нивото на фразата и реченицата, што го поседуваат сите словенски и европски јазици, иако сè уште недоволно испитан, го опишуваат поновите граматики (4), но тој ни во еден од словенските јазици не е нормиран ниту кодифициран. Co негово отсуство на нивото на слогот се разликуваат југоисточнословенските јазици од југозападнословенските (5), но не и нивните гранични и преодни говори. Co фиксираниот акцент македонскиот јазик типолошки се поврзува со северозападнословенските јазици, а со неговата поврзаност со крајот на зборот само со полскиот јазик (6), со тоа што полскиот акцент е парокситоничен, а македонскиот пропарокситоничен. Иако на македонското јазично подрачје преовладуваат разни типови на слободниот акцент, а се јавуваат - макар што ретко - други видови фиксиран акцент (парокситонски и иницијален) (7), сепак третосложниот акцент е земен во стандардниот јазик како битна карактеристична особина на западното наречје. Термините третосложен или второсложен се конвенционални. Како во македонскиот, така и во полскиот јазик има едносложни акцентирани зборови, како и повеќесложни со акцент на крајот на зборот, а покрај тоа - во македонскиот двосложни и повеќесложни зборови со второсложен акцент, а во полскиот - повеќесложни со третосложен акцент. И во двата јазика постојат акцентски целости со третосложен (Пр'ед него, дајт'е ми го, кисел'а вода), односно второсложен (prz'ed nim, d'aj go) акцент. Во македонскиот јазик третиот слог од крајот на зборот е лимитативен во поглед на местото на акцентот, како во зборовите со самостоен акцент така и во акцентските целости. Ова се однесува и на полскиот јазик (f'izyka, d'aj mi go). Но во полскиот јазик, во определена сегментација на текстот - со јунктура (8), постојат и акцентски целости со четворосложен акцент. Од тоа произлегуваат следниве заклучоци: 1. полскиот акцент е слободен, иако предимно второсложен, 2. македонскиот третосложен акцент е единствен акцент во словенските јазици доследно врзан за крајниот слог како пропарокситонски...

За да дочитате до крај - кликнете овде!

3. За да биде прегледно и еднозначно, фонетските и фонолошките записи од сите јазици се даваат на латиница.
4. Спор. Gramatyka wspоlczesnego jezyka polskiego, red. nauk. Ѕ. Urbanczyk: L. Dukiewicz, I. Sawicka. Fonetyka i Fonologia, Krak6w, 1995.
5 За поделбата на словенските јазици на четири групи в.: W. Pianka... Studia z filologii polskiej i slowianskiej XIII (1974), c. 197-211.
6. Тополињска, Од полско-македонските акцентски паралели; Македонски јазик X (1959), с. 13-18.
7. Спор. на пр. Б. Видоески. Акцентските системи на македонските дијалекти во Грција (Егејска Македонија) и Јужна Албанија; Македонски јазик XXXVI-XXXVII (1985-1986), с. 19-45.
8. P. Ivic, The Place of Prosodic Phenomena in Language Structure, Sciences of Language 4, c. 103-139; I. Sawicka, Fonologia [во:] Gramatyka wspolczesnego jczyka polskiego, op. cit., c. 178.

March 2, 2013

Фонетско-фонолошката кодификација на македонскиот јазик 2. дел

Влоѓимјеж ПЈАНКА (Виена)

Заедно со определувањето на дијалектната база се појавуваат повеќе обиди за најадекватниот начин на обележувањето на македонските гласови, почнувајќи од Партенија Зографски, Темко Попов и Горѓи Пулевски, преку Мисирковиот предлог за азбуката и правописот, па сè до обидите во таа насока на К. Рацин (2) , па до конечната кодификација на македонската азбука и на правописот во 1945 година. Тоа е природен пат кај сите словенски народи, со исклучок на добро подготвените реформи, како онаа на Вук С. Караџиќ. Кај Чесите и Полјаците, кои ја примија латиницата, постепено прилагодувајќи ја на различен начин во повеќе скриптории кон гласовните системи на тие јазици, се јавија повеќе обиди за создавање на правописот (во Полска од 1440 г. до крајот на XVI в. кај шестмина автори) пред неговата унификација извршена од страна на поединец-реформатор (во Чехија Јан Хус во почетокот на XV в.) или повеќе луѓе, натерани на тоа од практични причини (печатарите во Полска во XVI век). Но во овие земји, каде наддијалектниот јазик се развивал постепено додека не го постигнал нивото на литературен јазик, реформата на јазикот се сведува на правописна кодификација. Подруга беше состојбата на писмениот јазик кај Србите и Хрватите во XIX в., каде кодификацијата на азбуката/абецедата и правописот е само дел на сестраната реформа на јазикот, кој не можел да ги врши сите функции на еден модерен литературен јазик, бидејќи беше оддалечен од живиот говорен јазик на поголемиот дел од населението. Кај Србите тој, како смес на архаични и туѓи елементи (црковнословенски, руски) и сопствени српски, немаше воопшто дијалектна база, а кај Хрватите - иако израснат на народна почва (кајкавска), сепак исто така полн со архаични и туѓи (германски) елементи, не ги опфаќаше особеностите на поголемиот дел на дијалектното (штокавско) подрачје. Изборот на штокавското наречје како основа за заедничкиот српско-хрватски јазик беше во половината на XIX век единствено можно и целисходно решение. И покрај тоа што современите литературни јазици на Србите и Хрватите меѓусебно се оддалечуваат, новоштокавската дијалектна база по сè изгледа се покажа трајна основа како за српекиот така и за хрватскиот литературен јазик.

Премногу тесно или периферно дијалектно подрачје го доведува обично процесот на создавањето на литературниот јазик до неуспех. Ова го потврдува обидот на А. Бернолак да го базира словачкиот литературен јазик врз западнословачкото наречје (премногу блиско до чешкиот јазик), отфрлен подоцна во 40-те години на XIX в. со реформата на Љ. Штур, кој се опре на ценгралнословачкото наречје, порепрезентативно за целото јазично подрачје. Слична судбина доживеа западната (галициска) варијанта на украинскиот литературен јазик, конечно отфрлена по соединувањето на украинските земји во СССР по II светска војна, и покрај тоа што некои регионални западноукраински елементи доживуваат ренесанса во најновиот развој на тој јазик.

Продолжува

2. Во творештвото на К. Рацин има опширни фрагменти текст кои во поглед на јазикот и правописот не се разликуваат од современитс македонски литературни текстови, спор. на пр. К. Рацин. Бели мугри. Песни, Загреб 1939. Јубилејно фототипско издание [...]. Скопје 1963.

January 17, 2013

Фонетско-фонолошката кодификација на македонскиот јазик 1. дел

Влоѓимјеж ПЈАНКА (Виена)

ПРАШАЊЕТО НА ФОНЕТСКО-ФОНОЛОШКАТА КОДИФИКАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

„Педесет години на Македонската наука за јазикот“, Прилози од Научниот собир одржан од 30 ноември до 2 декември 1995 во Скопје, Македонска Академија на Науки и Уметности, Скопје 1997 година.

Секој успешен обид за создавање на еден литературен јазик треба да исполнува повеќе услови, од кои најважни се: 1. опфаќање со литeратурниот јазик, по можност, целата етничко-дијалектна територија или најмалку поголемиот дел од неа, 2. создавањс на таков јазичен систем кој - близок до народниот говор - може да биде разбирлив и прифатлив од страна на етничката група или народот (нацијата), 3. избор на релативно широка основна дијалектна база за литературниот јазик, 4. подбор на јазичнигe обележја кои можат во доволна и изразита мера да го издиференцираат од веќе изградените соседни литературни јазици. Но предуслов за тоа е постоење потреба од создавањe на еден нов кодифициран литературен јазик. Во земјите, каде се употребуваше црковнословенскиот јазик како државен и/или јазик на црквата, таква потреба, општо зeмено, се јавила подоцна оtколку кај Словените кои го употребуваат латинскиот јазик во таа функција, поради релативната разбирливост на првиот кај населението.

Првите локални црти кои се јавуваат во црковнословенскиот јазик, иако се сведоштво за локалните варијанти, не можат да се третираат како обиди да се пишува на народен јазик, бидејќи тие биле несвесни и произлегувале од влијанието на јазикот на пишувачот врз јазикот на текстот. Но веќе од XVI век се појавуваат, прво во световните текстови, а подоцна и во религиозната литература, свесни обиди да се пишува на еден јазик што е разбирлив за народот, т.е. на еден јазик со црковнословенска основа и со елементи на народниот јазик. Такви обиди има во сите земји каде се употребува црковнословенскиот јазик. Тоа е на пр. т.н. „проста мова“ (прост говор) кај Украинците од XVI век, а кај Македонците текстовите од XVI—XVIII в. кои содржат сè повеќе елементи од народниот јазик, како Тиквешкиот зборник или Трескавечкиот кодик.

Постепено народните елементи преовладуваат во пишуваниот јазик, а писателите, освен елементите од својот роден говор, внесуваат и други црти, пренесени од други јазични подрачја. На македонската почва такви обиди почнуваат со творештвото на Ј. Крчовски и К. Пејчиновиќ, а се шират низ целиот XIX в. Подоцна нараснува сознанието дека, пишувајќи на народниот јазик, треба да се пишува на таков јазик, чија дијалектна основа ќе биде поширока во своите најосновни црти, а тие се главно од фонетско-фонолошки карактер и се содржани во основниот лексички фонд. Откога се беше формирал соседниот литературен бугарски јазик, за кој конечно - поради потеклото на најголемиот број на писателите и другите творци на националната култура - како основа беше примено источнобугарското наречје, стана сосем природно и разбирливо, дека пишуваниот јазик во Македонија треба да се потпира врз македонските дијалекти. Уделот на градските центри: Битола, Охрид, Прилеп и Велес, покрај другите средишта на македонската културна дејност, го определи дијалектно развојот на македонскиот јазик, што доведе до природното сознание дека тој треба да се развива врз основа на западномакедонското наречје и да е одделен од бугарскиот. Најсвесно и најопределено се изјасни за тоа К. П. Мисирков. Во XX век, освен фолклорните творби и текстовите пишувани свесно на други литературни јазици (1), пишуваниот јазик базира веќе токму на западномакедонското наречје, што го наоѓа својот најголем израз во творештвото на Рацин и во текстовите настанати во времето на НОБ.

Продолжува

1. Како на пр. Н. Вапцаров и многу подоцна В. Марковски.