Showing posts with label Прличев и неговото дело. Show all posts
Showing posts with label Прличев и неговото дело. Show all posts

April 21, 2013

Тодор Димитровски, Прличев и неговото дело - III

Автобиографија - Григор Прличев [Документи за македонската историја]

Прличев и неговото дело - Тодор Димитровски

III

Враќајќи се во Охрид, Прличев е пак учител во грчко училиште. Иако се сеќаваат први знаци на будење на населението, фанариотите во градот, на чело со „највлијателниот чорбаџија“ Владиков и новоназначениот омразен владика Мелетија (оној што пред тоа ги прати Миладиновци во цариградските зандани, а комушто охриѓаните му извадија прекар Налетија, т.е. проклет), уште ги држат сите позиции во црковно-училишните работи. „Уште од 1861 година го почнавме со Јакима Сапунџиев [<стр.16] народниот подвиг, но го почнавме глуво. Времото уште не беше згодно“, бележи Прличев во Автобиографијата. „Народниот подвиг“ — тоа е борбата на охридското граѓанство за воведување на народниот јазик во училиштата и црквите наместо грчкиот, на поширок план: борба за ослободување од духовниот гнет на Цариградската, грчка, патријаршија. Таа борба, во која се вклучува пред сè поразбуденото, економски закрепнато граѓанство, со текот на времето сè повеќе се разраснува. По пет години, во 1866 година, се јавуваат веќе поопипливи резултати од таа „глува“ борба. Летото таа година ќурчиските трговци занаетчии (забележено е дека во 1863 г. во Охрид имало сто и педесет ќурчиски дуќани со осумстотини работници), по иницијативата на Прличев, основаат каса средствата на која се наменети за „народниот подвиг“. Прличев оттогаш развива голема општествена дејност. Тој држи, на народен јазик, слова на собирите на граѓанството. Едно од тие слова, она за Климента, ќе биде објавено во цариградскиот весник „Македонија“ (од 22 јули 1867). Следната година тој ќе објави во истиот весник (од 24 мај), заедно со споменатиот Ј. Сапунџиев, овој пат на грчки јазик, напис за состојбата на школството во Охрид. Сеќавајќи дека е слаб во писмениот јазик што тогаш, преку цариградските бугарски весници и други публикации, се ширеше во Македонија, а и воопшто во црковнословенскиот јазик, Прличев, со согласност на првенците во „народниот подвиг“, заминува за Цариград за да се поучи „на словенски“. По петмесечен престој (учи кај бугарскиот учител и журналист Иван Најденов), Прличев се враќа кон крајот на годината во Охрид, и тогаш набргу почнува воведувањето на народниот јазик во цркви и училишта. Оваа акција, управена директно против интересите на великогрцизмот, против Цариградската патријаршија, ја пресекуваат фанариотите. Владиката Мелетија го наклеветува Прличева пред турската власт, и таа го затвора. Прличев поминува извесно време низ тортурите во дебарската зандана, потоа кај дебарскиот владика, и во април 1869 како морален победник се враќа во Охрид. Фанариотите претрпуваат пораз, владиката Мелетија е изгонет. Семето посеано од Прличев и другите учесници во „народниот подвиг“ даде плод. „Правдата восторжествува. Победата беше свршена“, ќе напише Прличев во Автобиографијта. Не мала заслуга за таа победа, за тоа освестување на охридското население, има Прличев. Ангажирајќи се сè повеќе во борбата за слобода и непречен духовен развиток на народот, Прличев станува пламенен борец против великогрцизмот.

Во годините 1861 — 1869 тој речиси наполно се одделува од литературното поприште. Причините за ова [<стр.17] треба да ги бараме пред сè во Прличевата општествена дејност што во текот на времето го окупира сиот, а потоа во бавното и многу болежно преориентирање кон друг јазичен медиум за литературно творење. Формиран и како поет и како интелектуална личност врз традициите на грчката култура и грчкиот писмен јазик — од омировските времиња до нему современиот (а тој, познато е, содржел низа елементи од постарите епохи), Прличев не можел да се сврти директно кон народниот јазик, сиот нарасен со турцизми и грцизми, и него да го исползува за поетско обликување. Тој ја пригрнал пишаната словенска реч, особено онаа што му се претставувала во црковните книги, па затоа една од неговите попознати песни, песната „Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето“ (којашто во повеќе варијанти долги децении по смртга на поетот се пеела, а и сега може да се чуе, во Охрид) има, покрај македонска јазична основа, и елементи бугарски и црковнословенски. Кога зборува усно, пред своите сограѓани, Прличев, инаку мајстор на словото, се служи со чист народен говор: „... А ние бедни, — вели тој во „Слово на Русална среда“, — само името го слушаме оти викает светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, а ние не разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик свој си имавме и го погазивме, сите народи си учат свој јазик, а само ние учиме јазик чужџи и најм’чен. Децата пеет на училиште и не разбирает, затова учет без севда и слепи останвет“. Но кога пишува, тој свесно се стреми јазикот да му биде колку што се може пооддалечен од народниот, доближен до писмениот јазик на добиваните бугарски публикации. Тука е коренот на заблудите на Прличев во однос на јазикот што ќе му служи како медиум за литературно творење. Подоцна тие ќе најдат израз во идејата на Прличев да се создаде еден општ словенски писмен јазик, еден вид „словенски есперанто“. Во ракописот „Критик и преведувач“, што ќе остане, како и многу други негови ракописи, необјавен дури е жив поетот, Прличев вака ќе ја обоснове својата концепција за општ словенски писмен јазик: „Една е словенската граматика — вели тој — и ќе настане време кога едно општо наречие (употребено од учените) ќе ги сврзува сите словенски племиња. Тоа може да е сон, но е нужда велика. Тоа е идејата што ме побуди да ја следувам, уверен дека други ќе го завршат тоа дело. Мие, грчки воспитаници, не сме опитни во никое од словенските (пис- мени. — Т. Д.) наречија и, особено, во бугарското, за што сме лишени од добар речник.“ Од каде вакви мисли кај Прличев? Не знаел ли тој дека повеќето словенски народи во негово време имаат веќе развиени литературни јазици и богата литература? Знаел, но во условите во [<стр.18] кои се наоѓал, сеќавајќи ја неразвиеноста на писмениот бугарски јазик, а стремејќи се да дејствува на литературен план, Прличев сакал словенскиот јазичен медиум како таков, достојание на сите Словени, да му го противстави на грчкиот јазик, на јазикот на Омира, што го владеел толку совршено.

Следната деценија во животот на Прличев, 1870— 1880, подобро сè до 1883, кога ја напишува Мечта на еден старец, — исполнета е со обиди на некогашниот поет да се врати кон литературното поприште, кон поезијата. Посебен поттик во тоа му дава редакцијата на штотуку основаното цариградско бугарско списание „Читалиште“: таа го поканува да се зафати со преведувањето на Илијада. Прличев, воодушевен од поканата, пристапува кон препевањето на овој бисер на светската поезија. Праќајќи му на списанието дел од превевот, тој му пишува: „...Да се преведе Хомер е едно од најзнаменитите дела што би докажало дека нашиот народ напредува... Но знаете дека Хомер е долгословец и многупати дреме. Ќе се потрудам, по возможност, да ги одбегнам неговите недостатоци. Ќе бидам строг кон сè што е излишно...Не ќе напишам ниеден стих излишен или студен, така што дејството да врви со исполински чекори... Би било безумно да преведувам точно, буквално. Тогаш мојата цел никако не е постигната. И така, преводот ќе биде слободен“.

Еве го почетокот од Илијада (Песна прва) во објавениот препев:

„Пеј ми, Музо, јарост Ахилева.
Тја ми беди устрои Елином
Тја испрати в адови т'мници
Неброими души јуначески.
Тја насити со меса јуначки
Псине гладни и хиштнине птици.
Се вршеше волја Зевесова.“

Прличев се решил Хомеровите хексаметри да ги преточи во десетеричниот стих од народната поезија, се сеќава во препевот структурата на народниот јазик „со меса јуначки“, „псине гладни и хиштнине птици“, а има и понекој бугарски збор и црковнословенска падежна форма.

Објавувајќи ги првите две песни од препевот, редакцијата на списанието, тргнувајќи секако од своите интереси, уште во почетокот го поздравува препевот на Прличев како „книжевно дело што ќе направи епоха во нашата народна книжнина“. Меѓутоа, во браилското „Периодично списание“ (г. I, 1871, кн. 4) Нешо Бончев, временски прв литературен критичар кај Бугарите, го [<стр.19] подлага преповот на жестока, наместа дури и иронизаторска критика. Прличев, според него, „не го преведувал Омира, туку острижен им го предложил на Бугарите и го дополнил и украсил по свој вкус“. Бончсв удира особено по јазикот на Прличева и по неговиот начин на препевање, по произволните скратувања на Илијада. Во ред свои ставови критиката на Бончсв е правилна, најмногу во она што го почувствувал подоцна и самиот Прличев: „Критикот пишуваше долго против мене. Не требаше толку. Бидејќи сакаше да ме порази и да препорача свој превод, можеше да го каже само ова: „Прличев не знае бугарски“, и тогаш јас навистина би бил поразен".

Силно ќе подејствува оваа критика врз нашиот поет. Тој ќе го прекрати печатењето на препевот во споменатото списание, ќе го изгори ракописот и подоцна, овладеан наполно од идејата за создавање еден „општословенски“ јазик, ќе ја препева пак Илијада, сега уште повеќе оддалечувајќи се од својот роден јазик и од тогашниот бугарски писмен јазик. Еве како сега ќе изгледа почетокот на Илијада (приведен во Автобиографијата):

„Пеј ми, Музо, гнев
неукротимиј Ахиллеја, Пелеева сина,
Гнев кој Грк’м много бед устроил,
В ад низрин’л много душ иројских,
Плот их зделал псов и птиц игранјем.
Зевсова сја волја с’вршила.“

Пак десетеричен стих, но овој пат со силно изразени елементи од црковнословенскиот и рускиот јазик.

Оттогаш, од 1871 — фактички на самиот почеток на словенскиот, македонскиот период во литературната активност на Прличева, повеќето ракописи на поетот ќе останат необјавени до крајот на неговиот живот. Длабоко разочаран од приемот на бугарските литературни кругови (Христо Ботев, во епиграм, Љубен Каравелов, во фељтон, го исмеваат некогашниот „Втори Омер“ пишувајќи дека е неспособен писател), а и не само од нив тој ќе се потпише под една своја творба: „Гр. С. Прличев, убитиј б’лгарами““. Нервен и по природа болно раздразлив, ќе се повлече во себеси и, окружен со книги и речници, ќе продолжи да работи над препевањето на своите драги поеми Сердарот и Скендер-бег. Првата ќе ја препева повеќе пати. Еве го почетокот на еден од нејзините препеви: [<стр.20]

„Плач и пис’к се слуша во Река,
Во Галичник, село многостадно.
Каква беда наедно ви збрала,
М‘же, жени, детца расплакани?
Дали град вам побил плодни ниви,
Ил’ в’лци вам стада поразили?“

И овде се чувствува родниот јазик на Прличева, и овде десетерец но подоцна ќе му даде ваква „општо- словенска“ редакција:

„Плачем т’тнет Галешник народним.
Кое зло вас, братие, постигло?
Ил’ плоди вам град побил немирниј,
Ил’ стада вам звере потребили?“

Во 1874 година, во чест на идењето на бугарскиот егзархиски митрополит Натанаил (Кучевишки) во Охрид, Прличев составува една пригодна песна. Но токму Натанаил наскоро ќе му го загорчи животот. Нашиот поет доаѓа во конфликт со него и е принуден, по многугодишната служба во Охрид (Варошот), да оди во Месокастро (сегa дел од градот) за учител. „Таму служев две години. Но и таму Натанаил не ме остави на спокоjство“. На интервенција од месокастраните, продолжил да служи „уште една година“. Овие години се години на разочарување на Прличева. Тој што со радост го посретна султанскиот ферман со кој се допушта основањето на бугарската (црковна) Егзархија и, по добивањето на ферманот во Охрид, пред многуброен народ одржа трогливо слово — ќе напише со огорчение во Автобиографијата: „...грчкиот владика Мелетија, најнепомирливиот мој непријател, цели осумнаесет години ги трпел моите лекции, проповеди, опомени и укори и никогаш не ме падел, — а првиот бугарски митрополит, очекуваниот месија, бесчесно го нападува Прличева од неговата татковина“ (т. е. од Охрид. — Т. Д.).

Во 1878 Прличев ја напишува на „општословенски“ јазик, со силно изразени руски елементи, одата „Рабов освободитељу“, во чест на рускиот цар Александар. Доволно ќе биде да ги цитираме стиховите:

„Где мој образ и подобје?
Здес плач вечниј животом,
Здес гнетителје и робје,
Скот царем и цар скотом,
Правда глупством,
Злост искуством! [<стр.21]
Кој народ под белим. светом братољубец и иројскиј
Богу верен, в брапи силен? — Сеј народ — народ
росијскиј.

(Кај е мојот образ и лика! Овде плач вечен е животот, овде се угнетувачи и робје, скотот е цар и царот е скот, правдата с глупост, злото се цени! Кој народ во целиот свет е братољубец и херој, на бога верен, во борбата силен. Тој народ е народот руски).

па да видиме до каде стигнал Прличев во реализирањето на својата концепција да твори на „општесловенски“. Овде исчезнала македонската јазична структура: од лексичките елементи, од синтаксичките обрати и морфолошките форми вее еден одамна изумрен јазик. И уште нешто: Прличев навлегол во словенската метрика: напуштен е, тоа го бара карактерот на песната, десетеричниот стих; понегде поетската фраза го оддава поетот на Сердарот.

Во тоа време Прличев е учител во Струга. Кусејќи си од устата, „во една година заштедив четири илјади гроша“. Половината ја оставил дома и заминал за Софија, „каде што, според писмото на г-на Дијамандиева, мнозина родољупци ме канеле да се зафатам за каква и да е литераторска работа и ми ветувале секакви олеснувања и помошти“. Меѓутоа животната реалност била поинаква: „Таму родољупците што ме канеа станаа невидливи“. Во потрага за корка леб за семејството и за себе, Прличев оди за наставник по грчки јазик во габровската гимназија. „Таму, како што и насекаде, поради кусогледството свое не добив пријатели.“ Идната учебна година, поради укинувањето на класичните јазици во наставата, Прличев го губи местото и се враќа во Софија. Таму кратко време работи како обичен регистратор во софиската Народна библиотека. Потоа, по негова молба, го назначуваат за учител во Битола, па во Охрид, а од учебната 1883/84 година е наставник во бугарската гимназија во Солун, каде што останува се до своето пензионирање во 1890 година.

Во 1883 Прличсв ќе ја објави, во одговор на поканата за соработка од страна на софискиот неделен весник „Балкан“, автобиографски интонираната Мечта на еден старец. Во неа среќаваме низа податоци од животот и делото на поетот, што само една година подоцна (во 1884) ќе бидат поцелосно развиени во неговата Автобиографија. Резигнација избива од Прличевата Мечта: „Сакаш ли, — се обрнува 53-годишниот „старец““ Прличев кон духот (всушност, кон оние од кои очекувал дека ќе го помогнат во неговото литературно творештво) да ме натераш на старости да грачам како гавран кога на младости сум пеел убавко?“ (На друго место, во уводот кон одата „Рабов освободитељу“ ќе ја варира оваа мисла: „Ние по грчки пеевме како лебед и не сакаме по словенски да пееме како був“.) Ке пишува [<стр.22] и понатаму Прличев, неговите „драскања“ ќе бидат сè поретки, ако не се смета Автобиографијата, напишана во Солун во 1884/85, а објавена дури по смртта на поетот.

Пишувана во години на полно разочарување, Автобиографијата е „во својата побуда заправо последен вик (на Прличева. — Т. Д.) дека не треба така да се мине преку еден силен живот... а во својот поетски замав таа е последната победа на Прличев, неговата предвечерна песна“ (Бл. Конески). Во тоа во многу односи значајно дело Прличев се задржува главно на оние моменти од својот живот што оставиле најдлабока трага во ниго, тешкиот живот на охридската сиромаштија, мачното дстство, саможртвата на мајка му, триумфот во Атина и, најпосле и најпросторно, преживените ужаси во дебарската зандана. Израснува во Автобиографија симпатичната и длабоко трагична личност на Прличева, роспната помеѓу општествениот долг и страстната желба да се афирмира одново на литературното поприште. Но заедно со тоа ни е претставен и животот на охридското население во еден распон од половина столетје: од четириесетите до осумдесеттите години на минатиот век. Неточностите и субјективностите, што несомнено ги има, бледнеат пред живото претставување на одделни страни од животните манифестации на охридските луѓе.

Оваа згусната проза, наместа многу скржава во ка-жувањето, ги освова читателите со интересноста на настаните што ги изнесува, со судбината човечка и поетска, со непосредноста на многубројните дијалози, во најголем дел| напишани на охридски говор, како и со сентенциите и поуките распрснати низ целиот текст. Автобиографијата — забележено е тоа — уште повеќе ни го приближува Сердарот, поемата што Прличев нема да ја заборави до крајот на својот живот. Ако Прличев сам вели дека својствата што ги има Неда од Сердарот ги нашол кај својата мајка, исто е така точно дека има сродности меѓу Прличев — поет и борец за слободата и напредокот на народот и Кузмана од поемата.

Дваесет и пет години, до Автобиографијата, ќе мачи Прличев, на планот на поезијата, да создаде потрајно дело на својот своеобразен јазик. Но тоа во многу случаи ќе биде „бувово грачење“. Најпосле, уморен, разочаран, резигниран, веројатно кревајќи раце од поезијата и од литературното поприште, ќе се сврти кон прозата Не ќе има потреба во неа да го применува општословенскиот јазик: тој како да му беше потребен најмногу за поезијата. И затоа во Автобиографијата среќаваме јазик во основата доста доближен до бугарскиот (повеќе одошто, да речеме, во ракописот „Должно- [<стр.23] сти на човекот како особа“). Но, наспроти сè, и овде е полноважна констатацијата дека Прличев недоволно го знае бугарскиот јазик. Стремежот да пишува бугарски не ретко го ништи неговата родна јазична стихија, а наместа избиваат и архаичните елементи од јазикот на кој ги обликуваше своите прспеви.

Ни е останат и овој податок: во 1886/87 Прличев оди уште еднаш во Бугарија. Тогаш се обидел да го објави својот препев на Илијада, проследен, според сведоштвото на сина му, Кирил Г. Прличев, и со написот „Критик и преведувач“ (во кој се изложени погледите на Прличев на писмениот јазик, неговата концепција за „општословенскиот“ јазик, неговиот одговор на критиката од Бончева и др.). Но бидејќи неговиот писмен јазик нема ништо општо со бугарскиот литературен јазик од тоа време, со јазикот на П. Славејков. Хр. Ботев и друти литерати од тоа време, препевот не наоѓа издавач.

Навреден. унижуван, дразнет во децениите во кои очекувал дека најмалку тоа ќе го доживее, лично незадоволен („Совршенство или смрт“ — тоа е неговата девиза уште од младост), а на литературен план, на јазикот на својот народ, неоствзрен, Прличев по пензионирањето се усамува, поминувајќи ги последните свои дни во родниот Охрид. Таму смртта наскоро го заварува: на б февруари 1893.

•
•    •

Неверојатен трагизам го следи животниот пат и делото на нашите поети од Преродбата — Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и Григор Прличев. Сите трајцата, несомнено творечки личности, го носат во себе проклетството на условите во кои живееше нашиот народ во нивно време. Константин, заљубеник на народната поезија, ќе го почувствува правилниот пат за својот поетски развиток, ќе се опре врз метриката и изразните средства на народната песна. ќе тргне од неа, ќе направи и успешен обид да се оддели од неа во прекрасната „Т’га за југ“, цврсто држејќи се за народниот јазик, но — набргу ќе утасне, заедно со брата си Димитрија, во цариградските зандани. Рајко, заљубеник во руската поезија, ќе се заплетка, далеку од својата татковина, во обидот да твори на еден вештачки бугарско-македонски јазик. и тој мртвороден јазичен хибрид ќе го погуби поетот и ќе ја скове неговата поезија. Григор, заљубеник на Омира и на класичната грчка поезија, ќе се извиши како поет најмногу од нив: ќе создаде една бесмртна поема, но — на туѓ јазик. По отфрлањето на туѓиот јазик, по- [<стр.24] етот Прличев, обидувајќи се да твори на словенски, ќе знас само за порази и разочарувања.

Беспорно, трагедијата на Прдичев е најполна. Но таа како да е само негова, лична. Нам тој ни го остави— своето литсратурно дело и својот борбен лик. По нив нека го цениме. И го оценивме: со Сердарот тој е едно од највидните имиња во летописот на нашата литературна мисла; со својата саможртва и борба за слобода и напредок тој достојно му се оддолжи на својот народ.

Тодор ДИМИТРОВСКИ [<стр.25]

April 18, 2013

Тодор Димитровски, Прличев и неговото дело - II

Автобиографија - Григор Прличев [Документи за македонската историја]

Прличев и неговото дело - Тодор Димитровски

II

Круна на Прличевото поетски творење на грчки јазик претставува неговата поема Сердарот. Патот до неа, долг најмалку дванаесет години, не ни е доволно познат. Од Автобиографијата узнавме дека Прличев уште во 1849, при преминувањето на грчко- турската граница, среќавајќи се со грчката земја, земјата на своите мечти, одеднаш пропеал: „Веднаш направив неколку стиха, што ги декламирав со пророчко воодушевување“. Понатаму, се спомена веќе податокот дека Прличева во Атина многу повеќе го интересирале грчкиот литературен јазик и поезијата одошто медицината („Бидејќи не бев вљубен во медицината, често пишував стихови и ги излагав на црните табли на универзитетот, и со благодарност слушав пофалби.“). Но засега знаеме дека Прличев објавил пред Сердарот три гатанки но книшката на својот сограѓанин Ј. Пр. Хармосину, излезена во 1852 (тогаш ќе е во Долна Белица) и при крајот на 1858 (според сведоштвото на рускиот архимандрит Антонин, во неговата книга Из Румелии, Санктпетсрбург, 1886) една антируска песна, испеана по повод инцидентот што го имал Прличев влегувајќи со фес во црквата на руското пратеништво во Атина. Првиот податок го изнесе журналистот Христо Андоновски; вториот пак, го посочи проф. X. Поленаковиќ, којшто го стави под сомнение искажувањето Прличево во Автобиографијата дека по втор пат оди во Атина во [<стр.9] август 1859. Кој е прав: Прличев или Антонин? Тоа ќе може да се утврди дури со прегледувањсто на весникот во кој е печатена песната. Не е исклучиво да згрешил и Антонин: наместо 1859 (28 ноември) да напишал 1858. Од песната засега ги знаеме само почетните девет и крајните осум стиха. Русите се, се револтира Прличев, „во плен на фанатизмот“ кога можеле да „нападнат Елини во елински храм, во присуство на многумина, во една таква божествена земја (како Елада. — Т. Д.) што не раѓа плод, зашто со многу крвој и солзи е натопена“.

Толку скудните податоци за Прличевото творештво прсд Сердарот ќе можат некојпат да бидат дополнети ако се прегледаат атинските литературни и други публикации за периодот 1849—1860 (па евентуално и некоја година по тоа). Испитувањата во овој правец би биле интересни од повеќе страни; тогаш можеби појарко ќе биде осветлен патот што го доведе Прличева до Сердарот. Самиот поет не го интересирале тие творби во времето кога ја пишувал Автобиографијата; многу порано се има од нив откажано. Но поемата Сердарот, во која толку моќно се пројави неговиот поетски талент и неговата страсна приврзаност кон народот од кој поникнал, Прличев нема да ја заборави до крајот на својот живот. Тој не еднаш ќе се обидува совршените грчки стихови на поемата да ги преточи во наши, словенски стихови; ќе пишува за неа и за настаните околу неа во Автобиографијата; неа ќе ја има пред очи кога ќе си спомина за своето „лебедово пеење“ на грчки и „бувово грачење“ на јазик наш, словенски.

Сердарот е поема од 912 стиха во слободен размер, во строфи од по четири стиха римувани првиот со третиот (од по петнаесет слога) и вториот со четвртиот (од по осум слога). По темата што ја обработува (борбата на нашиот народ против потисниците), по уметничката силина на изразот, по пораката што ја носи, Сердарот е величествена поема на слободата, песна во која се слави „човечкото достоинство, храброста и јуначката саможртва за татковината“. По овие свои компоненти, Сердарот — како што на повеќе пати е истакнувано кај нас — може да застане во редот на врвните наши, југословенски поетски творби во кои здивот на слободата и борбата за неа се дојдени до највисок израз — Његошевиот Горски венец и Смртта на Смаил-ага Ченгиќ на Иваи Мажураниќ.

Две моќни инспирации среќно се овоплотиле во Сердарот: народната песна за Кузман Капидан и мајката иа поетот.

Кузман Капидан е историска личност. Во триесеттите години на минатиот век тој бил крсердар на охрид- [<стр.10] скиот самостоен господар Џеладин-бег и се борел против албанските разбојнички дружини бранејќи го голиот живот и имотот на народот. Во тоа покажал чуда од храброст. Благодарниот народ му испеал песна, најдолга песна во нашата народна поезија, во која ги воспеал подвизите на овој заштитник на рајата. Прличев, историски близок до времињата на Кузмана, ја почувствувал моќната фигура на овој народен борец, неговата девиза од народната песна: „Дури да слушам пискои, Дури да гледам гревои, / Поарно нека не живам“ и во ликот на Кузмана ги изразил — земајќи го од песната името на јунакот и податокот дека бил крсердар (кај Прличева: арматолос и — во сопствениот препев — сердар, всушност вооружен христијанин што го брани незаштитениот народ од грабежи и убиства) најтипичните стремежи на македонските маси во негово време: против ропството, а за слобода и напредок.

Мајката на поетот, онаа скромна македонска жена што jа поднесува храбро својата судбина на Самохрана вдовица и ќе стори сè за да ги одгледа своите деца, се крие во ликот на Кузмановата мајка Неда. „Да ви кажам и друго — вели Прличев во Автобиографијата — опишаната во „Арматолос” Неда не е друга освен мајка ми, а Недино сновидение — мајчино ми сновидение. Толку е верно дека мајчината љубов помага и во пишувањата“. И не се излагал Прличев кога мајка си ја зел и како олицетворение на храброст и служење на народот. Осум години по појавата на Сердарот тој ќе ја види, во дни на тешки искушенија, и таа црта на мајка си: „Ако ми се уплашиш — му рекла таа кога го воделе за во дебарските зандани — арам да ти е моето млеко!“

Во основата на Прличевиот Сердар и Жинзифовата Крвава кошула лежи, мотивски, еден сижет: син-единак на мајка вдовица загинува од раката на разбојници, оставајќи си ја свршеницата. Телото и го донесуваат на мајката; таа го оплакува синот и го погребува. Но каква моќна поема создал Прличев рагзгрнувајќи ги рамките на овој сижет, какви полнокрвни ликови насликал по синот-единак и мајката-вдовица!

Веќе почетокот на поемата е извонредно оркестриран: постот нè воведува непосредно во предмстот на раскажунањето користејќи се од стилот на класичните Хомерови епови и нашата народна поезија:

„Пискогници се слушаат од Галичник во Река
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?[<стр.11] 
Дал' град полињата житородни ги беше фатил
ил' рој од скакулци се вдал?
Дал' султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал?
Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал.

Општа тага, присутна низ целата поема, го обзела народот на Река: сердарот Кузман, неговиот заштитник, го убиле албанските разбојници. Намачените земјоделци нема веќе кој да ги брани. „Во сите ближни села толку бргу, ене, стигна тој несреќен и кобен глас.“

И поетот разгрнува пред нас ново платно: на него е претставена Неда, мајката на Кузмана; седи таа замислена пред куќниот праг „во пролетна вечер“, со пушката меѓу колена. Сонила страшен сон: сите потпорни греди на куќата се урнале, а само гредата насреде останала и неа „огнооки змејови страшни силно ја тресат од темел, и куќата најпосле паѓа.“ Мајката попусто ги гони од себе тие „мисли црни“ готвејќи се да го пречека сина си, „силниот цар на сенчестите планини“, којшто по борбите „секогаш силен и горд со другарите свои идеше в село“.

Овој пат, меѓутоа, кон куќата Кузманова се движат четворица Албанци, единствени останати живи од стомината разбојници против кои се борел Кузман и неговите десетмина јунаци: тие го носат мртвото тело на сердарот. „Крај трупот јунаков со тага коњот ’ржи“ и „лад со гривата му држи на стопанот“. Пискотници на селаните... Мајката по плачот општ сеќава што станало. Претчувството мајкино не било туку-така ...

И поетот мајсторски ни ја предава првата психолошха реакција на „мајката Храброст“. „Како лавица што ловџите дрско ја  гонат и плодот и го крадат прв“, таа крикнува и гневно се нафрла врз „малодушните земјоделци“, врз селаните и селанките; да не плачат за сина и, туку за своите невести и ќерки, зашто сега, по смртта на заштитникот на рајата „за нив нема спас“. Но по тоа, скршена од жал, таа се фрла врз својот мртов син.

Поетот сега нè изненадува со една силно контрастна слика: кон мајката пристапува најстариот од четворицата Албанци, старец што видел многу битки и свет: „И везден ти да плачеш, Мајко, имаш зошто. Биди силна! Ти изгуби, о мајко, џин!“ И поетот, низ устата па стариот албански разбојник, во кој се пробудила човештината, необично пластично, во стихови додржани во духот на Хомеровите епови, служејќи се со хомеровски изразни средства, [<стр.12] јарки споредби, митолошки изрази, специфични епитети, во наредните четириесет и четири строфи (176 стиха) ни ја опишува битката сликајќи ја Кузмановата јунаштина, неговата и на другари му саможртва за доброто на татковината.

Албанските грабачи влегле во Стан и пустеле, беснееле... И дури на „сеизедливиот оган“ ги печеле грабнатите овни, и јале и пиле, при сеопшта веселба и врева, вода им носеле пленетите „деца страдни“ — одмаздата веќе висела над нив. Сердарот Кузман, заштитникот на народот, праќа кај нив гласник и ги вика на бој. Разбојниците се смрзнале од ужас кога го чуле неговиот глас: „Бидете смели, о деца на Река... На јуриш!“ И прв Кузман, на коњ, „виорно летна, држејќи во рацете сабја дамасклија“, а по него „десетте јунаци смели“. Паѓаат мртви од обете страни... Загинува целата дружина на Кузмана. „И тогаш ја зеде врз грбот тежината сета син ти... Ко сторачен гигант сам против албанската чета“. Сеел Кузман смрт јурејќи на коњ, и паѓале разбојници „како под српови класот“. Во нивните ужаснати очи „тој беше демон што сече тела“.

И пак, во духот на јуначките епови и нашите епски песни, поетот ни претставува слика на двобој: кон Кузмана се спушта војводата на разбојниците, Махмуд, со „оружја огнодишни, а в уста остар јатаган“. Тој успева да го погоди Кузмана во рамото, а овој, упатувајќи му „горчлив насмев“, се исправа на коњот и со сабјата го пресекува „на она место кај што гордо гркланот на вратот над телото се подал сет“. Но и телото на Кузмана папсува... И додека од раните му блика крв, тој коси разбојници. Најпосле „му пресекна изворот животен“ и „тој глава спушти“. Загинуваат сите народни борци, во борбата во која е односот еден на десет, но и со смртта своја тие ја запечатуваат победата над разбојниците...

Кога постивнуваат плачовите, Албанецот започнува да ја слави личната храброст на Кузмана, когошто „господ во рајот го пратил“, зашто „тој падна за своите, бранејќи ја со нив земјата мачна“. И почнува да ги реди разбојничките водачи, нивните „најарни херои“ паднати од раката Кузманова: „во борба непобедлив, широкоградиот Јакуп“, „Рушит, сиот во позлата бојна“, „Селман брадатиот“, „Ахмед од сонцето спален“, „Абдурахман, куршум чиј наместо секогаш паѓал“, Сулејман што „за сабја дамасклија немаше ништо на светов што не би сторил”, Кмии „што рипна в Дрим“ и оттаму го извадил некој рибар, па гостољубивиот Чан-Јок од „планинско место каде што живее племе од смртници смешни: веруваат во Алах и по Христа, мешано празници слават“, „па син му на Абдула, Елеас“, брзоногиот, што оставил „вдовица млада со малечко дете на раце“ и, најпосле. дивиот Мах- [<стр.13] муд, нивниот „војвода, господ кој наумил нешто — веднаш го вршеше лесно“. И ете, останале само тие четворицата и сметале за свој долг да го донесат јунаковото тело „да не биде храна на птиците грабливи, нити плен да им стане на пците“, зашто на таков херој „му прилега погребение свето“. Мајка што родила таков јунак заслужува почит од страна на разбојниците, од страна на сите Геги. И тие затоа се колнат пред мртвиот сердар дека „никогаш мајката твоја нема да ја нажали Гега“.

Но на разгневената мајка не и се требни фалбите на јунаштината на сина и од устата на разбојници што кројат нови „убиства, кражби и пљачки“, ниту почитта нивна кои нејзината куќа. Таа во својата визија ги гледа новите борци на Река и себеси како нивни водач: „Јас да ве уништам морам ил’ мртва ќе паднам“. Би можела веднаш да одмазди, но не го прави тоа, зашто го почита нивниот чин: и го донесле мртвото тело на син и. Друго бара таа од нив: да се заколнат дека никој од нив „не ќе врши грабежи, сè дури постои веков, во намачената Река“. И четворицата Албанци даваат клетва.

Прличев не ги предава албанските разбојници само со црни бои. Во нив тој наоѓа и позитивни црти, заложени кај нив од традицијата: почит кон херојот и неговото ссмејство. И токму преку устата на еден од нив поетот ни го дава најнепосредно ликот на Кузмана во борбона акција. Откако мајката сама го внесува мртвиот син во куќата, каде што старицата-калуѓерка Фотина, многу живо предадена, ги врши над него древните обичаи, — почнува нејзината, на мајката, тажаленка, едно од најпотресните места во поемата. Очекувала мајка наскоро во куќата да „екнат весели, свадбени ора“, зашто малку пред трагичниот крај и биле пратени дарови на јунаковата свршеница. Сакала младоженец синот да го види, а сега „наместо одаја брачна, јамата тесна бездушно тебе те чека“. Изгаснал родот на храбрецот Раде, на кого „Стајко му беше единствено дете; ти пак — Стајкова надеж“ — сите паднале на чело на народните борци. Уште дете, Кузман жедно слушал за татковите подвизи и погледот тогаш му пламнувал и клетва дал дека ќе одмазди за татка. Си спомина мајка како се готвел за борец: „Во сонот ги гледаше битките, а најаве место играчки — имаше мечој“. А кога порасна, го бранеше народот, и сабјата негова „повтор ја прероди Река“. И ваква слика и се претставува на ужалената мајка: „Сред ливада, таму (во рајот) татко и син ќе се сретнат: таткото сина ќе гушне... А можеби набргу и мене во радоста силна- ќе ми подадете раце“. — Крај неа се и „мајките чие што чедо со Кузмана паднало“. И поетот го довршува ликот на храбрата Неда со оваа: сцена: таа излегува меѓу на- [<стр.14] родот и го кори да не тажи, ами подобро да појдат луѓе во Стан и на мајките да им ги донесат телата на чедата, десетмината јунаци од Кузмановата дружина: „Дајте им на кутрите мајки нека ги истажат барем“. И коли влечени од „три чивта биволи црни“ одат накај Стан...

Со тажачката на мајката поетот ги догради централните ликови на својата поема — синот Кузман и мајката Неда, и двајцата — олицетворение на непокорноста на народот. Во последниот дел од поемата Прличев внесува нов лик: тоа е само спомнатата во Недината тажачка свршеница на Кузмана — Марија. Таа разбира од татка си Томе за смртта на свршеникот. И дури татко и, излезен откај неа, веќе мисли за кого друг да ја мажи (не знае, коментира поетот, дека „О кутриот! Тој никогаш... не ќе стегне в преград внук“), Марија писнува, расплетува коси, ги потура со пепел, нагрдува лице и затажува: нејзиниот живот отсега ќе биде само безмерна тага, „низа крвава тој ќе е од солзи“. Таа нема да го види својот свршеник како носи „на коњот трофеј боeн“ ни на оро како му блескат пусатот. Зошто не била таа крај Кузмана: од стрелата албанска таа да паднела, а него да го заштитела? Но сега сè е попусто: залудни се молитвите, бог нема да го врати Кузмана, зашто тој нема заради неа да ги мени природните закони. И решава Марија: „Ќе служам јас во домот божји, во црна руба ќе бидам вечно тажна јас“.

И сега иде лирски најимпресивната слика на поемата. Иако нема непосредна врска со дејството нејзино, таа е нејзин моќен акорд и со неа прави неразделна целина. — Години поминале оттогаш... Природата ги растворила своите убавини на ридот каде што е „станот на мртвиот“ и гробот на сердарот Кузмана. Девојки еднаш во годината го посетуваат гробот и „за херојот медно милозвучно редат фалбени јуначки песни“. А секоја приквочер една калуѓерка што се истава од луѓето, сметана од нив за померена, се упатува кон гробот, го роси со солзи и го кити. Тоа е некогашната свршеница на сердарот Кузмана.

На поетот му останало — забележува Прличев во последната строфа од поемата — само да ја запише верно оваа песна слушана од слеп просјак што ја пеел свирејќи на двоструна гусла. Со ова како да сакал Прличев уште однаш да ја потцрта нераскинливата врска меѓу неговата поема и народната песна за прочуениот крсердар Кузмаи Капидан.

Целата поема е, очевидио, една прекрасна идеализација, во духот на грчките класични епоси. Ликовите на Кузмана и Неда имаат во себе елементи од Хомеровите личности. Но нивните корени се, преку дејството и те- [<стр.15] мата на поемата, цврсто врзани за оваа земја, за луѓето во неа, за нивниот живот што поетот го слика во различни негови манифесгации. И низ сета поема се носи пораката на поетот: народот што има херои од типот на Кузмана и Неда, мора да се стреми кон слобода и ќе биде слободен.

И затоа е поемата Сердарот превосходна прослава на народната слобода, моќен поетски повик да со брани таа од оние што ќе се обидат да посегнат на неа. Ваква поема, класична по дух, а цврсто срасната со нашето поднебје, Прличев можел да напише само на јазикот преку кој ја почувствувал Омировата поезија и се издигнал во моќна интелектуална и поетска личност. И затоа — мораме да се согласиме со Бл. Консски дека „не несреќа, ами среќа за Прличева беше што се приопшти кон грчката култура. Единствен излез да го разгрне својот талент, инаку можеби сосем глуво би минал“. Во оние услови на полно отсуство на вистински литературни традиции кај македонскиот народ, Прличен немал друг избор. Тој го пригрнува грчкиот јазик, но — по сето она што се рече досега за животниот пат на поетот — туѓиот јазичен феномен за него е само средство за поетско обликување на нашата, македонската земја и поднебје, на нашата стварност. И затоа е Сердарот, и по темата и по својата порака, превосходно наша, македонска, југословенска поетска творба! Вистина е дека „јазичниот критериум за одредуваље на националната припадност на литературната творба е критериум кој има општо и неоспорно важење“. Но, како што со право забележува В. Иљоски, во својот луцидно напишан есеј за Прличева („И ловоров и трнов венец“), тој критериум „не е апсолутен ни единствен. Важни се и други компоненти: духот на творбата, поконкретно: нејзината идеја, побудите за нејзиното создавање како и намерите, нејзината порака... Овие компоненти можат да бидат и претежни, а во специфички случаи јазичната компонента дури сосема може да го загуби своето значење на битен и решавачки критериум. — Таков специфичен случај е поемата Сердарот“.

April 14, 2013

Тодор Димитровски, Прличев и неговото дело - I

Автобиографија - Григор Прличев [Документи за македонската историја]

Прличев и неговото дело - Тодор Димитровски

ПРЛИЧЕВ И НЕГОВОТО ДЕЛО

I

Во 1835 година монахот-книжовник Кирил Пејчиновиќ го длаби, во Лешочкиот манастир, епитафот на својата надгробна плоча и со тоа го прави, како што се знае, првиот стихотворен обид во поновата- македонска книжнина. Истата година едно охриѓанче во кое се крие нашиот најголем поетски талент во XIX век — заодува на училиште. Тоа е Григор С. Прличев. Нему треба да му заблагодариме што само четврт век по толку скромниот свој почеток македонската поезија доби творба со висока уметничка вредност — поемата Сердарот (во 1860) г.). Веќе самиот овој факт не побудува да и посветиме особено внимание на личноста на поетот, на ноговиот животен пат, на средината во која растел, на условите при кои се развивал како човек и поет.

Прличев е роден во Охрид на 30 јануари ст. ст. 1830 година во бедно семејство. Татко му Ставре умира уште кога бил идниот поет „шестмесечно младенче“ (негов израз од Автобиографијата, од која и црпиме најмногу податоци за животот на поетот), така што грижата околу издршката на многудетното семејство (со Григора три машки дсца и едно девојче) паднала врз плеќите од мајка му Марија. Работејќи полска работа и имеќарувајќи по богатските охридски куќи (со „јуначко земјоделие и туѓоработништво“), помагана некое време и од дедото на поетот, својот свекор, оваа македонска жена, вредна, храбра, истрајна и упорна (таква ќе остане за секогаш во свеста на поетот и со тие свои својства ќе биде извор на несекива инспирација на неговот поетско творење), ги подига своите деца. Живото впечатливо дете бргу успеало, со помош на деда си, да научи да чита - грчко писмо.

Грчкото писмо, грчкиот јазик, култура и просвета ќе бидат повеќе од четврт век постојано присутни фактори во животот на поетот: тој ќе се развива како интелектуална и поетска личност под превосходното деј- [<стр.5] ство на тие фактори. Зошто е тоа така? — Охрид во триесеттите и четириесеттите години од минатото столетје не е веќе ни сенка од оној град — жариште и расадник на словенската писменост од времето на Климента и Наума и нивните многубројни ученици. Останале во свеста на охридското население само спомeнитe за тие словенски просветители, останала по некоја ракописна црковна книга напишана со словенско писмо. Во времето на Прличевото детство и момчештво во Охрид нема човек што може да прочита текст напишан со словенски букви. Според Прличев, во 1861 г. имало само тројца души што знаеле да читаат словенско писмо. Толку жестока била историјатa кон Охрид. За разлика од други македоnски градови, во кои никогаш наполно не згаснала словенската писменост и во децениите за кои говориме веќе има, на културно-просветен план, и литературни пројави (од 1814 до 1819 Јоаким Крчовски ќе објави пет книги, од кои е последната, Различна поучителна наставленија, обемен труд; Пејчиновиќ ќе го издаде во 1816 Огледало, а во 1840, во печатница основана во 1838 во Солун од Теодосија Синаитски, ќе го напечати својот труд Утешение грешним), Охрид е под доминантно грчко влијание, ширено преку цркви и училишта од страна на Цариградската, грчка, патријаршија — Фанарот. Но тоа нема да трае уште долго. Ке почне и во Охрид кон крајот на четириесеттите години борба против приврзаниците на Фанарот, фанариотите и сето она што го носат тие, а за народни, словенски, македонски училишта и цркви.

Обнадежен од успехот на идниот поет во овладувањето на грчкото писмо, дедо му го запишува во грчко училиште и, дури го крепи снагата, редовно го придружува до училиштето и назад. Пред умирачката, и остава завет на снаа си: „На Григора се надевам; и ти да се надеваш... Дај ми клетва оти ќе го прашчаш на училиште“. — И сè до својата осумнаесетта година Прличев е постојано во Охрид: учи при повеќе учители, го прекинува неколку пати школувањето, и помага на мајка си вадејќи по некоја пара продавајќи муренки од куќната муренка, препишувајќи грчки ракописни книги за побогати граѓани, помагајќи им на богатските деца во учењето. Во последните години од школувањето во Охрид учител му е Димитрија Миладинов Свршувајќи го учењето, Прличев е принуден да стане терзија. За среќа, наскоро оди за учител во Тирана. Но таму не останува долго. Во тоа време веќе перфектно го владее грчкиот писмен јазик, го чита Омира и се учи од него. Заштедувајќи извесна сума, тој се враќа дома, во Охрид, со цел да го продолжи своето образование. По желба и совет од роднините, Прличев оди во Атина да студира [<стр.6] медицина. „Тогаш (т.е. по враќањето од Тирана. — Т. Д.) ми се решаваше судбината — ќе напише Прличев во својата Автобиографија. — Не се најде ниеден да ме посоветува да одам во Русија (неговиот врсник Константин Миладинов ќе појде таму дури при крајот на 1856 г. — Т. Д.). А пак тогаш само името на Атина и Јанино звучеше у нас“. Медицинските студии не го привлекувале („најомразен од сите предмети ми беше анатомијата“); пишувал песни и ги закачувал на таблата од универзитетот, се интересирал повеќе за литературните манифестации во главниот грчки град. Ужасно го нервирале граматичките погрешки во јазикот на професорите: „Штом ќе чуев некоја јазична нивна погрешка, ми се чинеше дека небото паѓа и често си дозволував да ја поправам“. Но исто така сеќавал омраза кон своите шовинистички настроени соученици. Поради неговиот негрчки изговор и бедна облека, тие презриво се однесувале кон него. Не го трпеле јазикот на неговиот народ. Кога поминувале пред зградата на универзитетот костурските мајстори, студентите великогрци, слушајќи ним непознат словенски јазик, ги исмевале: „Еве ги идат воловите“. „Ми се кинеше срцето — вели Прличев. — Навреден во народното честољубие, тлеев од гнев и не можев да го излеам...“ Не можел да остане долго во Атина. Парите од Тирана бргу свршиле, часовите што ги давал од француски малку помогнале, се поболел и требало да се врати дома. Сепак не пропуштил да присуствува на овенчувањето на најдобриот грчки поет за 1850 година со лавров венец. Овој настан ќе му даде нови импулси на Прличева во неговото поетско творење. Десет години тој ќе биде оддалечен од Атина, ќе се наоѓа меѓу свои луѓе, ќе ги раширува своите литературни хоризонти, ќе пишува стихови и ќе го чека времето кога ќе може и тој да испрати на Конкурсот поетска творба достојна да им се противстави на другите и да ги победи.

По враќањето од Атина (со зајмени пари), успева да се намести учител во струшкото село Долна Белица. Таму поминува две години здравствено и материјално закрепнат, душевно смирен и концентриран. „Таму природата ми се виде чудесно убава...“ И тој ќе „стихотворствува без да сака“. По безуспешниот обид да учителствува во Битола, се условува учител во Прилеп. Таму не останува ни пол година: на покана од „охридските првенци“ се враќа во родниот град и работи, како учител, цели шест години. (За целиот овој период од десет години, 1849—1859, Прличев пишува крајно скржаво: му одделил во својата Автобиографија сè на сè четириесетина реда.) Со некоја заштедена пара, начитан, навлезен во светот на поезијата, а при тоа силно амбициозен, Прличев во август 1859 втор пат оди во Атина [<стр.7] за, по неговите зборови, да ги продолжи одамна прекинатите медицински студии. Ако се земе предвид дека имал аверзија кон медицината, нема да погрешиме ако претпоставиме дека вистинската причина за Прличевото второ одење во Атина е желбата да се афирмира на литературното поле. Затоа во текот на шест месеци (август 1859 — февруари 1860) тој работи над поемата Арматолос (Сердарот), секако отпорано замислена и скицирана, и до определениот срок (13 февруари) ја праќа на конкурсот за најдобра поетска творба.

Резултатот од поетскиот натпревар, на кој учествувале познати имиња на тогашната грчка поезија, е објавен веќе на 25 март истата година многу тржествено, во присуство на атинската културна елита. Прличев, дотогаш речиси непознат, доживува вистински триумф: неговата поема Арматолос (Сердарот), „многу помала од другите“, е прогласена за врвно достигање на грчката поезија за таа година, а нејзиниот автор за победник на поетскиот натпревар. Прличева го овенчуваат со лавров венец, му даваат парична натрада, а кнезот Отон му определува постојана месечна помош. Атинскиот печат пишува дека се појавило ново, надежно име во грчката литература, а културната јавност е во восхит: Омир (Хомер), славниот певец на древна Елада, има достоен преемник во Григориос Ставридис — Вториот Омир (Девтерос Омирос). Но великогрчките кругови не се спокојни — Ставридис изјавува дека не се чувствува Грк. За да го задушат словенското, македонското во него, му понудуваат да го пратат во Оксфорд или Берлин да учи „на државна сметка“.

Триесетгодишниот Прличев, меѓутоа, ја одбива оваа примамлива понуда. Тој нема да се користи ни од установената месечна помош. Десетте години учителствување, иако на грчки јазик, сред својот народ, мачните години на детството и момчештвото, мизерниот студентски живот при првиот престој во Атина, сцените како онаа со костурските мајстори и со исмевањето на неговиот негрчки изговор од страна на студентите великогрци, животот на неговиот народ и настапените промени што доведоа до сè поразраснат отпор спрема фанариотското движење — го сторија своето. Григориос Ставридис поодамна веќе отстапуваше пред Григора Прличев... Наскоро во оваа творечка личност ќе дојде до раскин меѓу нив.

Парите од наградата бргу ќе бидат потрусани, и сиромаштијата од првите студентски денови ќе се поврати... Но поетот го грее вдахновената работа над новата, многу пообемна творба, поемата Скендербег (и тоа, најверојатно, конципирана во охридските учителски години), со која сака да учествува и на идниот [<стр.8] поетски натпревар. (Делото го довршува и му го остава на еден свој сограѓанин да го испрати на конкурсот; меѓутоа, во 1861 натпреварот не се одржува.)

Тогаш Прличев разбира, во Атина, за трагичниот крај на Миладиновци, со делото на кои бил запознаен (кон својот учител Димитрија одгледувал голема почит). Оваа вест ќе придонесе за полното преломување на Прличева: тој ќе се откаже на литературен план од грчкиот јазик, а со тоа и од постигнатата литературна афирмација, брутално ќе го пресече својот поетски пат и развој и ќе ја пригрне борбата за ослободувашето на нашиот народ од гнетот на великогрцизмот. Ја напушта Атина и оди за Охрид „да гине и да одмазди за Миладиновци“.

Со тоа завршува еден период од животот на Прличев: периодот во кој ќе блесне, преку туѓ јазичен медиум, поетскиот талент на овој наш човек. Ќе започне нов, долгогодишен период (ќе трае можеби до смртта на поетот): периодот во кој народниот борец и општоственик Прличев попусто ќе се обидува, со мајчиниот јазик, подобро со словенскиот јазичен медиум, да се оствари како поет, да запее онака како што пеел на грчки.