September 25, 2014

Бугарска хистерија против антиквизацијата на Македонија во 1871 година

Каква потреба имал еден Бугарин како Петар Рачов Славејков, издавач на цариградскиот весник Македонија, уште во 1871 година да ја осудува појавата што денес се нарекува антиквизација на Македонија? Не многу различна од денешната потреба - да се докаже дека Македонците исчезнале низ историјата и дека на нивниот некогашен простор живеат Бугари и Грци.


Веројатно многумина ќе се изненадат, но денешната т.н. расправа за антиквизација на Македонија, има малку постари корени. Една таква расправа се водела и пред точно 138 години, а како бранител на словенските корени на Македонците, кој се вознемирувал на каква било нивна врска со античка Македонија, тогаш се јавил бугарскиот поет и филозоф Петар Рачов Славејков. Неговата поента била една единствена - античката врска и пречи на бугарската теза за непостоење на Македонците, теза што и денес е повеќе од актуелна во Бугарија и Грција, а која за жал, свесно или несвесно ја поддржуваат и многу домашни противници на споменувањето на Александар Македонски.

Славејков е роден во 1827 година во Велико Трново, а умрел 1895 година во Софија. Од 3 декември 1866 година до 26 јули 1872 година во Цариград го издавал весникот Македонија, кој поради две статии бил забранет од страна на везирот Митхат паша, по што Славејков бил затворен на еден месец.

Како Бугарин, Славејков спорел со сите тие што пројавувале македонско национално чувство и со сите тие што сметале дека Македонија не треба да биде дел од Бугарија, туку дека треба да има свој сопствен, автономен развој.

„САМО ГЛУПАВИТЕ ДЕЦА“

Поради нивниот обид да се поврзат со времето на Александар Македонски и тогашната македонска држава, Славејков на 18 јануари 1871 година, во бројот 3 од весникот за таа година, ја објавил статијата „Македонското прашање“, во која напишал:

„Многупати имаме слушното од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци и одамна чекаме да чуеме докази за тоа, а никако да ги дочекаме. Тие инсистираат на нивното македонско потекло, а тоа не можат да го докажат на задоволителен начин. Сме читале во историјата дека во Македонија живеел еден мал народ Македонци, но во неа никаде не сме нашле што биле тие Македонци, ни од какво племе потекнале, а малкуте македонски зборови сочувани преку некои грчки писатели сосема ги одрекуваат таквите претпоставки. Освен тоа, по освојувањето на Македонија од Римјаните веќе ни помен нема од тие Македонци. Среќаваме по нивните места секакви други народи, само нив Македонците ги нема. Што станало со нив, во кој народ се претопиле, не знаеме, зашто историјата тоа не ни го кажува... Велат, штом старите Македонци живееле на истите места, зошто и денешните Македонци да не се со македонска крв? Тие се цели Македонци, заклучуваат македонистите и се успокојуваат со своето големо откритие.


Да беше Македонија исклучена од историските промени, таков заклучок можеше да има некаква веројатност. Но, ние знаеме дека земјата претрпела големи промени во однос на населението. По многу мешање на нејзиното население со нови доселеници, најнакрај дошле Бугарите (Словени, н.з.), ја спростреле својата власт надалеку и направиле царство во Охрид, во родниот крај на некои од најголемите македонисти. Тие живееле во тие места долго време и се слеале со целото население...

Сме слушнале и друг доказ. Некои македонисти се двојат од Бугарите врз друга основа, според која тие се чисти Словени, а Бугарите се Татари и не знам ти што. Ако го земеме предвид тоа што погоре се кажа за историските промени во Македонија, нема да биде мачно да ја покажеме сета неоснованост на последниот доказ. Кога Бугарите ги претопиле во себе, или уште подобро кога Словените ги претопиле во себе Бугарите не само во Македонија, но и во другите области на Балканскиот Полуостров, тогаш не знам зошто македонската смеса да биде од друг род, а тракиската и бугарската од друг. Такви аргументи можат да даваат само глупавите деца...”, пишува Славејков.

ИСПРАВАЊЕ НА НЕПРАВДАТА

Сличноста на неговите ставови со ставовите на денешните наши бранители на исклучивите словенските корени на Македонците, веројатно не треба многу да се посочува. Идејата е јасна: античките Македонци, кои всушност биле Грци, исчезнале. Потоа на територијата на Македонија живееле некои други луѓе, до доаѓањето на Словените што на овој простор се идентификувале како Бугари. Сé до Коминтерната, чија појава Славејков не ја дочекал, а која вештачки создала македонски народ со што им сторила неправда и на Грците и на Бугарите. И еве, денес сме сведоци на борбата во која и едните и другите, со помош на нивните европски, но и скопски сојузници, настојуваат таа неправда да се исправи.

Всушност станува збор за стара теза што има свои модификации во зависност од тоа кој ја застапува: Бугарија, Грција или Србија. Последниве денес тоа го манифестираат само преку непризнавањето на Македонската православна црква, додека Бугарите и Грците и понатаму се држат на ставовите на Славејков од пред 138 години, со тоа што нашите браќа Хелени имаат извршено одредени приспособувања на текстот на бугарскиот поет.

За елементарно опстојување на тезата, нужно е да се одрече било каква повикување или врска на населението од Македонија со античката држава на Филип и Александар. Таа врска, според Бугарите, го урива бугарскиот карактер на македонските Словени, односно, според Грците, го урива никогаш докажаното двојство на Александар, кој бил Грк, само што од некои причини се нарекувал Македонец. Таа врска, во крајна линија, внесува сериозна пукнатина и во монополот врз терминот „македонски“ кој Грците се обидуваат да го задржат, а Бугарите да го избришат, за одново да го наметнат своето видување за бугарскиот карактер на Македонија (но, овој пат само за оној дел што во 1913 година во Букурешт го доби Србија, додека за другиот, тој кој гравитира кон Солун, имаат зашиена уста).

Затоа и денес, ако „скопјаните“ го споменат Александар, тоа е провокација и за Грците и за Бугарите. За европските демократии чии кралски семејства некогаш седеа на бугарскиот и грчкиот престол и да не зборуваме. Проблемот е само што очигледно тоа е провокација и за многу Македонци кои сметаат дека антиквизацијата е глупава политика која ни ги затворила европските порти. Во далечната 1871 година, кога Славејков почувствувал потреба да го напише своето видување на „Македонското прашање“, веројатно било поинаку. Инаку, не би го напишал неговиот текст.

Извор: Нова Македонија

No comments: