October 23, 2013

Првата плескавица е произведена во Пелагонија, тврди Дискавери

Експертите од телевизискиот канал велат дека плескавицата била произведена пред 6.000 години

Соња Тантарова-Груевска (Утрински весник)

БИТОЛА - Првата плескавица во светот е направена пред 6.000 години во Македонија или, поточно, во Пелагонија, во времето на неолитот. Ова е одговорот на експертите од телевизискиот канал Дискавери, на кои во рубриката „Сакам да знам“ им било поставено прашањето за староста на плескавицата. Домашните истражувачи овој податок го кажуваат како своевиден куриозитет. „Не гледам зошто во Дискавери би биле пристрасни. Станува збор за нешто што е потврдено при испитувањето на неолитските артефакти пронајдени на нашите простори и тука нема место за сомневање“, вели Зоран Николовски, директор на Заводот и музеј од Битола, во чии рамки од неодамна почна да работи Светскиот центар за истражување на македонскиот неолит. Тој уште додава дека и американската историчарка на уметноста Марија Гимбутас е убедена дека европската цивилизација започнува од Пелагонија. Тврдењето го поткрепува со староста на артефактите пронајдени во овој регион.


„Оттука тргнала цивилизацијата“, вели Вангел Божиновски, координатор на Центарот. „Во Македонија има околу 50.000 неолитски населби. Ако го следите патот на неолитот во Европа, кој тргнува одовде, ќе видите каде и кога стасал. Всушност, ние имаме обврска кон Европа, да и' кажеме дека ние го пополнуваме празното место на основоположник на европската култура“.

[Американската историчарка на уметноста, Марија Гимбутас е убедена дека европската цивилизација започнува од Пелагонија] 

Божиновски вели дека со истражувањата на неолитските населби и артефакти ќе се разбие погрешната слика за неолитскиот човек, за кого велат дека бил неуреден, запуштен и неодговорен. „Напротив. Во неолитот е установена првата архитектура. Луѓето во домовите имале маси, столови, кревети, различни садови за јадење. Од пронајдените антропоморфни фигури од тоа време забележуваме дека жените, кои биле во фокусот на вниманието на уметноста, носеле убава облека, имале прекрасни фризури. Ако некоја млада жена денес би ја копирала неолитската мода и би поминала по Широк сокак, сигурно повторно ќе биде во фокусот на вниманието. Сето тоа зборува за постоење висока култура“.

Божиновски смета дека со истражувањето на неолитот ќе и' се зададе последниот удар на тезата на многумина интелектуалци дека цивилизацијата зависи од војната. „Западот смета дека ако немало војна, ќе немало цивилизација, што е ординарна глупост. Во македонската култура и традиција има една интересна работа - никогаш не сме предизвикувачи на ниту една крвава војна, не сме биле агресори. И Александровото освојување на светот нема таква намера, што е феномен сам за себе. Ние, ако дојде некој, го земаме и го асимилираме. За таква мудрост така треба да ти биде скроена свеста. Кога ќе го реконструираме животот на неолитските луѓе, ќе научиме како се прави мир“.

Сепак, народски кажано, Центарот за истражување на македонскиот неолит е направен, пред сè, за да донесе пари. Имајќи предвид дека на мапата на културниот туризам неолитот не се наоѓа на доволно високо место, во наредниот период ќе треба да се работи на формирање пропагандна машина што ќе го афирмира, ќе стави цена и оваа работа ќе треба да ја продаде. „Нашата ренесанса е суштина на средниот век, но ја имаат и други. Нашата антика е суштина на антиката, но, за жал, големите сили ја дадоа на други, на кои не им припаѓа. Неолитот е останат негибнат. Тој е златното руно што може да донесе големи финансии“, вели Божиновски. „Центарот треба да претставува афирмација за Македонија, но за нашите луѓе треба да биде фабрика за пари“.

No comments: