May 9, 2013

Солунските атентати 7. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

7. Солунските атентати ѝ дале широка можност на власта за пресметка со македонското револуционерно национално-ослободително движење, не само во Солун, туку ширум Македонија. Како што е проблематичен бројот на убиените, така е проблематичен и бројот на арестуваните. Претресите и арестите во Солун, започнале истовремено со атентатите. Првите 2-3 дена во Солун биле арестувани околу 300 души, меѓу кои се нашле сите повидни граѓани, трговци и учители. По неколку дена стотина од нив биле ослободени. Во средината на јуни во солунските затвори, во врска со атентатите се наоѓале околу 400 души од разни места во вилаетот. Според официјалните податоци од главниот инспектор Хилми-паша, во солунскиот затвор имало 382 затвореници. во скопскиот 281 и 461 затвореник во битолскиот затвор. Според К. Битоски, во Солунскиот вилает биле уапсени околу 900 души, во Битолскиот околу 850, и во Скопскиот 500 души, или вкупно, околу 2200 души. Според истиот, кон крајот на јуни по затворите во трите вилаети имало околу 600 души. Според X. Силјанов, во текот на овие настани биле арестувани околу 2000 души, а 353 од нив биле изведени пред суд.

Од атентаторите биле уапсени: Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков (Стојанов). За нивното судење бил формиран специјалсн Воен суд. Негов претседател бил Едип-паша, а членови: Расим-паша (артилерискиот полковник), Сахбан беј, кавалерискиот потполковник Омер беј, Ештреф беј, Неџмедин Шевкет, артилерискиот мајор Џемаил беј од генералштабот и иследникот Хусеин-ефенди. На 4 мај Етхем-паша пристигнал од Цариград во Солун.

Судот најмногу признанија извлекол од Георги Богданов, кој бил умопоболен. Тој ги посочил имињата на сите гемиџии, што учествувале во атентатите и нивните задолженија. М. Бошнаков (Стојанов), признал дека Шатев, пред потпалувањето на „Гвадилкивир“ се обезбедил со експлозив и учествувал во копањето на тунелот. Кога бил прашан, како успеале да прошверцуваат толку динамит, Марко одговорил дека не треба да се чудат зашто на турските чиновници им платил 300 лири. М. Арсов признал дека учествувал во копањето на тунелот, дека припаѓа кон гемиџиите и дека фрлил бомба. М. Арсов и Г. Богданов, признале дека Гарванов бил претседател на ЦК на ТМОРО, а Димитар Мирчев секретар. Двајцата потврдиле дека имале контакти со Гарванов, Делчев и Сарафов, кои финансиски ги поддржувале и дека со помош на Сарафов обезбедиле динамит. Единствено П. Шатев негирал сè, дури и својот идентитет. Тој упорно опстојувал на варијантата дека е Георги Манасков од Ќустендил. Кога го довеле татко му од Кратово, за да го потврди неговиот идентитет, Павел, се одрекол од сопствениот татко велејќи дека не го познава. На 24 мај (ст. стил), 1903 година Воениот суд донел смртна пресуда за Павел Шатев, Георги Богданов, Марко Бошнаков и Милан Арсов. При објавувањето на пресудата од здравствени причини не присуствувал Георги Богданов. Останатите пресудата ја ислушале ладнокрвно. Притоа биле поканети странските конзули, но место нив, присуствувале нивните драгомани. Според пресудата, гемиџиите дошле во Солун за да извршат атентати, против жителите на градот, банките и државните институции со цел да ја променат формата на управување во румелиските вилаети. Претседателот на Судот истакнал дека за другите обвинети ќе има одделен судски процес. Како такви биле и издвоени 50 души, меѓу кои 8-мина учители од солунската гимназија на чело со Иван Гарванов.

Со тек на времето, работата на Воениот суд се усложнила. Според Гирс, конфузната состојба произлегувала од недоразбирањата помеѓу претседателот на Воениот суд и валијата. Последниот плашејќи се да не предизвика сложени политички процеси во граѓанските судови, сите дела против обвинетите за револуционерна дејност ги препраќал до Воениот суд. Меѓутоа, Воениот суд одбивал да ги покрене овие дела со образложение дека тој имал наредба да ги суди само обвинетите за атентати.

Специјалниот Воен суд осудил 35-мина, од кои 4 на смрт, а останатите на разни временски казни. Делата против 29-мина биле испратени на редовните судови, 23 биле оправдани, а за делата на 266 души воениот суд се произнел како некомпетентен. Од осудените најголем дел биле Велешани и Кукушани, блиски роднини и пријатели со гемиџиите. Тие биле осудени затоа што имале врски со нив. Меѓу нив бил и татко му на Јордан Поп Јорданов, осуден само затоа што бил негов родител. Без причина на 5 години заточение, биле осудени Иван Велков и Георги Битраков.

Специјалниот Воен суд бил затворен на 19 јули (ст. стил). Притоа, делата против 29-мина ги препратил до солунскиот валија. Меѓу нив биле: И. Гарванов, Д. Мирчев, И. Сапунаров, директорот на солунската гимназија Георги Радев, Д. Кондов, Ј. Кондов, К. Самарџиев и други. Точно по еден месец, за разгледување на нивните дела по заповед од Цариград бил формиран вонреден суд. Негов претседател бил Омер Љутви-ефенди (претседател на солунскиот Апелационен суд), а членови биле: Костантинди-ефенди (муавин на солунскиот валија), Сали-ефенди (член на солунскиот Идаре меџлис), Исан ефенди и Али Риза беј (двајцата членови на солунскиот Апелационен суд). Овој суд како членови на Централниот револуционерен комитет ги обвинил: И. Гарванов, Ј. Кондов, Д. Мирчев, Диме Ничев, Трајко Гочев, Никола Влахов. Христо Влахов и Мицо Пиргов. Делото против нив било разгледано на 4/17.09.1903 година. Со исклучок на Никола Влахов и Мицо Пиргов кои биле оправдани, останатите биле осудсни на вечен затвор. Истиот ден на вечен затвор биле осудени 16 селани од Богородица и Петричко.

Гемиџиите останале во солунскиот затвор, очекувајќи го исполнувањето на смртната пресуда. Подоцна таа им била заменета со доживотно заточение. Во мај 1906 година, тие биле одведени во Фезан, Африка. Таму во почетокот на 1908 од болест починале Марко Бошнаков и Милан Арсов. Набрзо нивните черепи биле донесени во Македонија од П. Шатев и Г. Богданов, кои биле амнестирани со Младотурската револуција.

Гемиџиите биле бескрајни идеалисти. Тие и со смртта сакале да бидат корисни на ослободителното дело и татковината. Така непосредно пред атентатите, Орце се осигурил во друштвото „Њујорк“ на 10.000 франци, на име Симеон Радев. Притоа, го замоли Радев парите да ги предаде на Сарафов, зошто тој им дал 10 000 франци и ги помагал на разни начини. Орце не сакал да остане должен. Во писмото до Радев, Орце меѓу другото пишува: „Пред неколку месеци се осигурав на 10 000 златни франци, сума која по мојата смрт ќе ти биде неплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам-делото за ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија.“

Крај

No comments: