April 22, 2013

Мекото срце на суровиот Сандански

Грижа за бебето

По породувањето, Катерина Цилка ја измачувала мислата за тоа што ќе се случи со нејзиното бебе. „Несреќно ми бебенце“, се сеќавала на размислувањата во тие моменти, „бесценето мое, што ќе стане со тебе? Ќе те поштедат ли овие луѓе кога нема да се потчиниш на нивното ‘Пст!‘ и ‘Тивко!‘? Бебињата и нивниот плач се најслатката магија на светот, но и најнесаканото нешто кај разбојниците“, си велела таа прашувајќи се во првиот час по породувањето каде се четниците. Се плашела дека четата всушност се советува за тоа како да и го одземат детенцето.

Нејзиното размислување го прекинало чкрипење на вратата. Влегол најмладиот четник. Ја прашал дали бебето е машко. „Благословено девојче“, брзо одговорила мис Стоун. Четникот проговорил уште неколку збора за тоа дека ако било машко, ќе го направеле ајдутин, а потоа наполнил вино од бочвата што се наоѓала над главата на Цилка. „При тоа, додека точеше, ме испрска со вино по лицето, бидејќи чепот од бочвата се наоѓаше веднаш над мојата глава и тргна кон вратата со зборовите: ‘Треба да и однесам од виното на четата. Треба да пиеме за здравје на малечкото.’ Неубедлив изговор за пиењето“, раскажувала Цилка.

Според нејзиното сеќавање, два или три часа подоцна се појавил самиот водач.

„Тој беше висок, силен и мургав. Неговите очи, другпат свирепи, сега беа наведнати. Ништо не кажа; застана пред огнот и изгледаше дека потонал во своите размислувања. Секогаш кога бебето ќе заплачеше тој се сепнуваше - не беше свикнал на вакви нешта“, запишала Цилка.

Сите во собата молчеле, со исклучок на бебето. За да ја наруши непријатната тишина, мис Стоун го кренала бебето и му го подала на Сандански. Тој се збунил.

„Од почетокот изгледаше збркано, но додека го гледаше малото беспомошно суштество во неговите силни раце, на лицето му се појави насмевка. Бев неспокојна, му го гледав изразот, му ги читав мислите, го чекав резултатот“, го искажувала Цилка чувството на неизвесност.

„И кога неговата насмевка стана поголема и подолга, тој ја наведна својата глава до главата на бебето. За мене тој веќе не беше разбојник, туку брат, татко, заштитник на моето дете. Сега реши да се одмори малку, седна до огнот и почна да ја топли раката на бебето. Срцето ми се исполни со радост, почувствував олеснување... Неговиот глас сега беше најслатка музика за моите уши, зашто зборуваше за бебето, беше загрижен тоа да не настине“, се сеќавала Цилка.

Војводата-готвач

Тогаш Сандански се кренал на нозе, и го вратил бебето на мис Стоун и побарал список на сé што ќе биде неопходно како храна за мајката. Цилка продолжува:

„А сега, рече тој обраќајќи им се на старата жена и на мис Стоун, вие легнете да спиете. Што се однесува до бебето, јас ќе седнам тука и ќе го топлам. Старата баба легна на земјата и брзо почна да дише тешко. Таа сигурно се чувствуваше како дома, бидејќи нејзиниот дом сигурно не беше подобар од нашата колиба. Мис Стоун, откако направи сé да ми биде удобно и да се стоплам, легна на голата земја до моите нозе. Преку ноќта сигурно сум заспала, зашто скокнав уплашена. Каде е бебето, викнав. Се загледав низ собата. Двете жени спиеја“, раскажувала Цилка. И го здогледала Сандански. Седел близу огнот, свртен со грбот кон неа, а главата му паѓала, тој одново ја кревал, но безуспешно - таа повторно паѓала во сон. Глетката ја успокоила штотуку породената мајка:

„Бебето слатко спиеше во неговите силни машки раце. Го погледнав. Го разгледав убаво. Таму, од страна беше револверот, таму беше и страшната кама и, пак таму, малото бебе, нежно гушнато во железните раце. Истовремено се насмевнав и расплакав од радост... Можно ли е? Дали е тоа истиот човек кого само пред неколку месеци го видов како безмилосно убива со камата една несреќна жртва? Дали е тоа истиот човек што до неодамна нé заплашуваше и ни се закануваше со нашите животи? Да, тоа е истиот човек, никој друг. Настапи утрото. Водачот се држеше покровителски кон бебето. Го нарекуваше со нагалени имиња. Тоа беше ‘малата ајдутка’, ‘ќерката на четата’, но најсакано име за неа му беше к’сметче. Тој правеше сé што може за да се чувствуваме поудобно. Го разгоруваше огнот, вареше јачмен, готвеше кокошка и се трудеше колку што може да биде пополезен. Истиот тој човек заборави на сите опасности надвор. Малото детенце го завладеа неговото срце. Тој не мислеше за ништо друго и не зборуваше за ништо друго, освен за малото к’сметче. Се смееше, се шегуваше, изгледаше така среќен како тоа да беше негово сопствено дете“, го опишува Цилка односот на Сандански кон девојчето, кое неколку часа подоцна ќе биде крстено Елена и ќе биде благословено од Манданата.

Опис што ја насликува душата на Сандански, но веројатно и душата на македонското движење од тоа неверојатно ужасно време.

No comments: