April 23, 2013

Солунските атентати 6. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

6. Според францускиот конзул Стег, успехот на гемиџиите се должи на „слепоста на полицијата“, која ги „затворала очите“ дури при ссриозни сигнали и предупредувања. Полицијата се грижела само да ги „прикрие сопствените грешки“. Стег сепак потенцира дека тешко било да се делува против решителни луѓе кои го жртвуваат сопствениот живот. За нормализиpaње на ситуацијата во Солун била прогласена воена состојба. Во градот бил воведен полициски час, кој почнувал по заоѓањето на сонцето. Солунскиот гарнизон бил засилен со воени сили од М. Азија.

По минирањето на банката, генералните конзули на Франција, Италија и Англија тргнале кон валијата. Него го сретнале на пат кон банката заедно со австроунгарскиот конзул. Валијата ветил дека ќе стори сè што може, за да ги заштити нивните поданици. Тие побарале да се спречи вмешувањето на турското население во нередите.

Во моментот на атентатите солунските касарни биле полупразни. Во градот имало два баталјона низами, неколку кавалеристи и половина баталјон редифи „непоправливи грабачи“ од Приштина. Меѓутоа, во пристаништето експресно пристигнале 2 баталјона редифи од Смирна.

Ноќта на 29 април во Солун започнале масовни апсења и масакри. На удар се нашло македонското егзархиско население. Колежот траел до пладне на 30 април 1903 година. Масакрите ги извршила војската, со помош на муслиманското население, Грците и Евреите, кои служеле како поткажувачи. X. П. Коцев за тоа пишува: „Турци, Грци и Евреи, развикани како да гонаат бесно куче, штом видат Бугарин викаат: 'Тутунус! комитлар!' (Дрште го! комита), па му се пуштат од горе, Турците со штиковите од пушките, а Грците и Евреите ... со дрва и камења. Го пребиваат човекот и умрел не умрел го фрлаат на колата при другите“. Педесетина Арнаути, поделени во 5-6 групи, предводени од фанатизираните муслимани убивале по улиците и куќите. Притоа, не биле поштедени ниту оние што побегнале пред толпата и се засолниле во куќите на странските поданици. Во куќата на еден француски поданик, пред неговите очи, биле заклани тројца граѓани кои се засолниле таму. Полицискиот комесар Атанас-ефенди Ениџевардарлијата со 20 војници, влегол во куќата на Лазо Тиквешки. Двајцата негови синови (едниот на 17, а другиот на 18 годишна возраст), биле заклани пред очите на родителите и нивната братучетка Менка. По наредба на комесарот, Менка била застрелана со куршум во ногата. Поради повредата, ногата и била ампутирана. Куќата на Лазо била опљачкана. Група војници ја нападнале и опљачкале Вардарската црква.

Притоа бил убиен свештеникот Димитар, а настрадал еден руски монах и неколку граѓани. Според рускиот дипломатски претставник Н. Гирс, војската, башибозукот, жандармеријата и полицијата, варварски се пресметале со незаштитеното население. Атентатите им дале можност на солунските Грци и Евреи да се пресметаат со соперниците Македонци. Тие отворено застанале на страна на власта при прогонот и масакрот. Грците составувале списоци и ги доставувале на власта. Еден таков список Хилми-паша му покажал на Гирс. Во него се нашле имиња на лица од Серес и Драма, кои немале ништо заедничко со настаните, ниту пак со Внатрешната организација. Тие биле денунцирани бидејќи развиле силни трговски врски во центрите на грчката пропаганда. Евреите, сметале дека така ќе се ослободат од своите соперници во трговијата. За нив, евентуалната промена на положбата во Македонија поради активноста на Македонците, значела губење на благопријатната положба создадена под закрила на Турците.

Масакрот во Солун запрел околу пладне на 30 април по интервенција на валијата. Претходно кај валијата интервенирал францускиот конзул. Самиот валија поминал низ градот и апелирал да се прекине крвопролевањето. Тој издал наредба да се прекине убивањето на цивилите, а оружјето да се примени против оние што ќе даваат отпор. Во таа смисла неколку офицери во попладневните часови презеле конкретни мерки во градот.

Дипломатските извештаи од Солун се единствени во констатацијата дека не можел да се утврди бројот на убиените. Бројката се движела од 35 до 300 души. Официјалната бројка била од 30 до 40 души, колку што биле погребани на егзархиските гробишта. Според Стег, оваа бројка воопшто не била реална, бидејќи лично видел околу 20 трупови како се пренесуват со коли. Според него пореална била бројката од 112 души за која се зборувало. Стег го поставува прашањето што станало со труповите, кои не биле погребани на гробиштата. Така пред очите на еден Германец и Италијанец, бил убиен еден свештеник, а сепак свештеникот не бил погребан. Според рускиот претставник Гирс, бројот на убиените не можел да се утврди, но станувало збор за стотина. Според него, труповите на убиените, ноќе биле извлекувани со коли, но не било познато каде биле закопани. Само мал дел биле погребани на егзархиските гробишта. Според еден извештај од Бугарското трговско агентство, тогаш биле убиени околу 100 души.

За смирување на положбата, делумно влијаело и демонстративното појавување на странските воени бродови во Солунското пристаништс. Најпрво се појавиле австроунгарски, потоа италијански и германски бродови. Станува збор за десет воени бродови со вкупно 3530 души екипаж со 239 орудија. Овој воен потенцијал внел ведрина и надеж кај Македонците и воздржаност кај Tурците. Христо П. Коцев, член на ЦК, во врска со тоа пишува: „Неколку црни мечки се појавија на хоризонтот и влегуваа во заливот стрелајќи ги вообичаените салви. Од Еди куле им одговараа на поздравот. Потоа разбрав дека тоа било италијанската ескадра ... Еден-два часа потоа, нови грмежи ми го привлекоа вниманието и видов десетина нови мечки ... малку потоа ете ти уште толку ... разбрав дека работата на Турција ѝ е спукана: автономијата на Mакедониja доаѓаше. Се збудалев од радост ... Турците ја сварија кашата! ... тие веднаш престанаа да колат и убиваат... По улиците во чаршијата, локви крв насекаде. За да не видат Европејците ги натераа Циганите да ги измијат локвите, издадоа заповед да се отвори чаршијата и објавија дека секој е слободен да си ја гледа работата“.

Портата брзо реагирала пред претставниците на големите сили со образложение дека нивното воено присуство во Солунското пристаниште дополнително ќе ги поттикне христијаните на бунт. Тие ветиле дека бродовите ќе се повлечат, но власта треба да го спречи колежот на цивилното население, а виновниците да ги казни според законот.

Продолжува

No comments: