April 20, 2013

Драмата на Егејците 12

Драмата на Егејците (12)

Паничен обид за бегство преку Преспанско Езеро

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Во конфузијата при повлекувањето по поразот во Граѓанската војна во Грција, Лефка Иванова, партизанка на Демократската армија, се обидуваше да го одржи чекорот со колоната борци што се повлекуваа, но почна да заостанува поради незаздравената повреда на стапалото. До изутрината таа веќе беше одвоена од нејзината единица, но сама продолжи во насока на запад кон границата, што и' беше речено дека се наоѓа во тој правец. Збунета, сама и уплашена, таа одлучи да се обиде да плива до југословенската граница, што можеше да ја види од брегот на Преспанско Езеро. Таа знаеше дека таму има семејство, двајца вујковци, браќа на нејзината мајка. Тоа беше чуден и очајнички чекор, бидејќи таа не знаеше да плива, а езерото беше многу длабоко. Додека таа влегуваше во водата, дожд куршуми од автоматско оружје од скриен непријател го пресече езерото и еден куршум ја погоди во десната рака, притоа кршејќи и' ја коската и оставајќи и' ја раката да виси бескорисно. Сфаќајќи дека може да се удави ако продолжи, таа почнала да се враќа кон брегот, очекувајќи дека ќе биде убиена. Кога излегла од водата, влечејќи ја повредената рака, еден војник од владините сили и' пришол и љубезно ја прашал дали може да се движи, на што Лефка одговорила позитивно иако не ја чувствувала раката. Љубезноста на војникот ја изненадила, бидејќи таа била учена да очекува многу строг третман од непријателот. Ова е една од подраматичните сцени од животот на младата партизанка, која денес живее во Австралија и која ќе ни ја пренесе нејзиниот син Пандо Ќосев.

Како што пишува тој, таа била упатена кон болница каде што лекар и' ги санирал раните. Во болницата открила уште неколку заробени партизанки, некои од нив ги знаела од планините. Поради сериозноста на повредите, била испратена во поголема болница во Солун. Таму минала четири месеци.

Лефка Иванова е родена во селото Крчишча, Костурско, во 1932 година, и е втората од трите ќерки на Донка и Ламбро. Нејзиното грчко име е Елефтерија Иоану, а селото се викало Полијанемон. Нејзиниот татко во 1937 година заминал на печалба во Австралија, што била вообичаена практика на припадниците од неговата генерација. Мајка и' починала млада, на 37-годишна возраст во 1947 година. По ова, за Лефка, на 15-годишна возраст, и за нејзините две сестри Олга и Алики, се грижела нивната баба. Нејзината мајка била активен член на отпорот, како што тоа бил случај и со нејзините двајца браќа за време на германската окупација и во периодот на првите години од Граѓанската војна во Грција.

Синот Пандо ни пишува дека сторијата на Лефка почнала во октомври 1947 година кога младите од селото кои имале над 18 години, и момчиња и девојки, едно доцна попладне биле собрани сите заедно и регрутирани од страна на партизаните од ДАГ. Многумина од овие млади луѓе веднаш биле доцна во ноќта повторно упатен кон планините. Меѓутоа, овој обид да се регрутираат нови војници не успеа да ја задоволи квотата на селото, и една вечер неколку недели подоцна двајца партизани го посетиле семејството додека тие се криеле со другите соселани во близина на реката за да го избегнат бомбардирањето од страна на кралските сили. Власта редовно отворала артилериски оган од Костур кон селата во областа, ако за нив се сметало дека се „нелојални“ или им нудат засолниште на силите на ДАГ.

Од селото, Лефка била однесена во штабот на ДАГ-командата на теренот, кој бил лоциран на планината Грамос, каде што се сретнала со голем број свои пријатели од селото кои биле регрутирани претходните недели и месеци. Потоа следуваат два месеца обука за герилска тактика, период кога многумина од нејзините пријатели ги молеле властите да ја вратат назад поради тоа што била многу млада и, на крајот, и' била доделена на една единица на ДАГ за активна служба. На крајот од обуката, нејзината единица била испратена на фронтот во јужните делови на Костурско. Не можејќи да ги разбере ризиците од тоа што ќе биде вклучена во пресметка со добро вооружен непријател, Лефка за кратко време се наоѓа обземена од вревата, конфузијата и ужасите на војната. Во една од нејзините први борби, кога нејзината единица организирала заседа против кралските сили, Лефка се здобила со сериозна повреда на главата од рачна граната фрлена од непријателот.

Обилно крвавејќи од раната и повремено губејќи ја свеста, таа била оддалечена од линијата на фронтот од страна на соборците и следните три месеци ги минала во тајна полска болница скриена длабоко во шумите на планината Грамос. Болницата била преполна со млади момчиња и девојки-партизани кои биле сериозно повредени и биле негувани од лекари и волонтери. Многумина биле вратени дома, но поради бројот на жртвите и недостигот од регрути, за кратко тие биле испратени на фронтот. За да спречи да и' се инфицира раната, Лефка ја избричила главата, и поради младоста и војничката униформа, честопати била заменувана за момче. Ова било причина 15-годишната девојка да доживее голем број незгоди и маки.

„Пред целосно да закрепне, таа беше назначена за стражар на еден од многуте непознати гребени на Грамос за да го следи движењето на владините сили и да го информира штабот за движењето на непријателот. Главна грижа на партизаните секогаш била можноста за голем напад врз нивната оперативна база во планината. Додека таа била на должност, една вечер нејзината позиција била набљудувана од страна на непријателот и била нападната со минофрлачки оган. Една граната паднала во непосредна близина на Лефка, каде што таа лежела за да го избегне дождот од метал, меѓутоа едно големо парче шрапнел и' ја дупна чизмата и и' ја проби ногата, уништувајќи и' го зглобот. Во овој случај, таа повторно е повлечена од линијата на фронтот, меѓутоа овој пат е испратена од другата страна на границата во Корча, Абанија, на четири месеци за да добие медицински третман за сериозно оштетеното стапало. Таа подоцна дознава дека шрапнелот сериозно и' ги оштетил нервите и делумно и' ја паразирал ногата, повреда што ја влечеше со себе се' до реконструктивната операција 40 години подоцна, направена во Австралија, која и' овозможи да се движи без болка во повреденото стапало.

Некаде во мај 1950 година, Лефка добива абер од својот татко да му се приклучи во Перт, Австралија. Семејството што го сочинуваа и нејзините две сестри, едната во Југославија, а другата во Полска, добило информации дека Лефка ја преживеала војната. Нејзиниот татко го планирал патувањето на трите ќерки во Австралија. Додека била во туристичка агенција во Костур, таа била набљудувана од едно 22-годишно момче кое штотуку се вратило од Атина за да ги подготви документите за апликација за пасош. По игра на случајот, и неговиот татко, исто така, бил во Перт и се обидувал да му помогне на семејството да му се приклучи. Неговото семејство потекнува од Костурскиот регион, од селото Вишини. Тој го напуштил селото во 1947 година за да му се приклучи на својот татко во Австралија, но му бил одземен пасошот. Парадоксално, тој чекал да биде регрутиран за воена служба од страна на грчките власти. Меѓутоа, кон крајот на Граѓанската војна, тој е во можност да го продолжи своето патување.

По само неколку недели од нивната прва средба, и двајцата заминале за Перт, непознато место за нив, а нивните татковци со години биле пријатели. И двајцата родители биле активни во македонската заедница уште од раниот период на формирањето на македонската населба во Западна Австралија во 20-тите и 30-тите години на минатиот век. Во мај 1953 година, Лефка Иванова се омажи за човекот што го сретна во Костур, Григори Ќосев. Тие имаат две деца и пет внучиња.

(Продолжува)

No comments: