Драмата на Егејците (6)
Две илјади деца испратени на фронтот
Виктор Цветаноски (Утрински Весник)
„Кога ни беше соопштено дека заминуваме за ДАГ, бевме горди и радосни дека се враќаме назад во својот роден крај, ќе се видиме со нашите најмили и ќе се бориме за слободата на нашиот народ. Ни на крај на умот не ми паѓаше, дека се враќам за да присуствувам на стрелањето на мојот татко од страна на своите соборци на ДАГ, затоа што се обидел да дојде да не' бара нас, неговите деца расеани по источните земји“, раскажува Алексо Чачановски од селото Желево, еден од 1.500 македонски деца-бегалци што биле регрутирани од домовите и испратени да се борат во редовите на ДАГ.
Чачановски објаснува дека кон крајот на 1948 година повозрасните деца ги префрлиле од домот во Синаја во Тулгеш и тогаш им станало јасно дека децата-бегалци од домовите во Романија ги подготвуваат за борци на ДАГ. „Во почетокот на 1949 година, со група од околу 375 деца од детскиот дом „Тулгеш“, бевме испратени во градот Арад. Беше формиран воен одред. Секој ден работевме воени вежби. Останавме околу 30 дена. Не' снабдија со униформи и малку воена опрема: ранец, рачна електрична светилка, нож, прибор за прва помош и друго. Преку Букурешт, бевме префрлени во градот Берковица, Бугарија, каде што се собравме многу деца. Некои помали беа вратени назад, а останатите продолживме и стигнавме во воениот полигон во село Рудари и Штрково, Преспа, Егејска Македонија. Оттука избегаа седум деца во Република Македонија. Започнаа воените вежби“, раскажува Чачановски, кој по траумата што ја преживеал додека гледал како го стрелаат неговиот татко, се разболел.
Д-р Ристо Кирјазоски, инаку учесник во Граѓанската војна, кој долги години го истражуваше овој трагичен период на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, истакнува дека раководството на КПГ во залудните напори за решение на проблемот на резервите на ДАГ, презел потег со кој во голема мера го девалвирал прокламираниот хуманитарен карактер и мотив на евакуацијата на децата. „Во април-мај 1949 година, ГШ на ДАГ и ПДВГ решија да извршат регрутација на нови борци од редовите на евакуираните деца во источноевропските земји. За таа цел, беа издадени соодветни наредби и директиви и беа испратени специјални емисари. Регрутацијата на децата се вршеше со широка пропаганда и со примена на притисок, не по возраст, туку по висина, и на тој начин беа регрутирани деца на возраст од 12 до 15 години“, пишува д-р Кирјазовски. Регрутираните деца откако ќе стасале на слободната територија, биле обучувани во селото Штрково, Леринско, каде што ДАГ организирал центар за обука, а потоа ги испраќале во првата борбена линија.
Сократ Пановски и Илија Лафазановски, кои биле во домовите за деца-бегалци во Романија и сведоци на овие настани, во книгата „Прогонство што трае“ подвлекуваат дека биле направени списоци на децата што требало да се испратат на боиштето и секој ден директорите на детските домови, кои инаку биле Грци, спроведувале посебна пропагандно-политичка програма. Во Романија првата мобилизација била спроведена во август 1948 година кога биле регрутирани 125, а на вториот повик за мобилизација, во февруари 1949 година, во детскиот дом „Тулгеш“ се пријавиле 375 деца постари од 14 години, меѓу кои имало и 15 девојчиња. „Интересно е да се истакне дека со овие деца не допатувало ниту едно дете од грчко етничко потекло. Значи, како топовско месо требало да послужат Македончињата“, констатираат авторите на книгата.
Тие го цитираат и писмото на Паскал Митровски до ПБ на КПГ во кое тој раководството на партијата го запознава со реакциите на родителите на децата и посебно го нагласува неодговорниот однос спрема децата на директорот во домот во Тулгеш, кој бил Грк и се викал Тимјос. „Неговиот став не може да се окарактеризира, никако, како добар. Тој врши еден недозволен психолошки и морален притисок врз децата со што создава една тешка атмосфера. Еве што му рекле на другарот Малио, кој беше испратен од ЦС на НОФ да ги посети: Тимјос ги собира децата во домот и на еден насилнички и недозволен начин им викаше „Да одите долу и да се борите. На сите оние од вас кои не ќе сакаат да одат, ќе им стават на челото по еден печат со крст за да се разликуваат дека се гадови и да се жигосуваат“, ќе напише Митровски во реакцијата до неговите претпоставени во КПГ.
Некои „мајки“ што се грижеле за децата, откако дознале за нивната регрутацијата, се побуниле, но кога виделе дека нив никој не ги ферма, решиле и тие да тргнат со децата. Една од нив е и Софија Тамбовска – Ковачевска, која раскажува: „Во март 1949 година, во детскиот дом дојде еден Грк по име Папатанасиу. Тој ни рече дека носи наредба за регрутација во редовите на ДАГ на сите деца од 14 до 16 години. Силно се спротивставивме сите со образложение дека децата се малолетни и дека тоа се прави без знаење на нивните родители. Знаејќи дека нашите деца се добро сместени со добри наши учители, јас и мојата соселанка Кика решивме да се пријавиме доброволно за борци на ДАГ. Нашето пријавување беше мотивирано од фактот што сакавме да ја придружуваме мобилизираната група деца и заедно со нив да се вклучиме во редовите на ДАГ. Чувствувавме дека во тој момент повеќе сме потребни да бидеме со овие деца меѓу борците на ДАГ, а и за да можеме навреме да ги известиме нивните родители за новонастанатата ситуација“, се сеќава Ковачевска.
Според Пановски и Лафазановски, вкупниот број регрутирани деца изнесувал над 1.500, а д-р Петре Наковски тврди дека таа бројка е поголема, околу 2.000. Истовремено, тој подвлекува дека само полската влада не дозволила да се регрутираат децата од домовите. „Носталгијата за својата татковина, желбата да се биде со своите во најтешките моменти и борбениот елан што беше негуван кај децата беа искористени за нивното саможртвување и жртвување за интересите на КПГ и владејачките кругови на Грција, кои за хомогенизација на својата нација не избираа средства за физичко уништување и протерување на Македонците од своите родни огништа“, пишуваат Пановски и Лафазановски. Притоа, тие посочуваат дека од детскиот дом „Тулгеш“ биле регрутирани 6 деца од селото Загоричани и испратени во ДАГ, а во првите денови загинале пет. Од Желево биле мобилизирани 11 деца, од кои поголемиот број загинале, од Бапчор - мобилизирани 9 деца, од кои две загинале.
Тоа дека во нерамноправната борба со десетпати побројната и подобро вооружената грчка армија биле испраќани деца потврдуваат и некои грчки извори. Пановски и Лафазановски пренесуваат еден пример што го посочува Јоану С. Колјопулу во книгата „Македонското прашање во периодот на Граѓанската војна (1946-1949) во Западна Македонија“, издадена во 1995 година: „Петнаесетгодишниот Борис Узунус (Узунов) од село Долно Котори (Като Идруса) од Леринско беше еден од тие прогонети. Во мај 1948 година заедно со други деца од неговото село и околијата се најде во Југославија. Во јули, истата година андартите (борците на ДАГ) ја мобилизираа неговата мајка Марија, со ветување дека ќе и' дозволат да го посети својот син во Синаја, Романија. Меѓутоа, него го сретнав со долга германска пушка на рамото на планината Малимади, каде што беше испратена и таа за да помогне во изградбата на борбените линии на борците. Подоцна, од информациите до кои дошла, дознала дека Борис загинал во тешките борби што се воделе во таа област“, пишува Колјопулу.
Д-р Ристо Кирјазовски истакнува дека акција на КПГ - ДАГ предизвикала големо разочарување и остро негодување кај родителите. Триесет и три мајки на евакуираните деца од село Кономлади, Костурско, на 18 мај 1949 година испратиле остар протест до ГШ на ДАГ, барајќи или да ги вратат децата во домовите или да им се вратат на нивните родители. „Под силен притисок на родителите и на јавноста, грчкото партиско раководство на 22 мај 1949 година нареди да се прекине мобилизацијата на деца до 15-годишна возраст, а пак мобилизираните деца до таа возраст да се вратат во домовите. Меѓутоа, наредбата не беше извршена целосно. Повеќето од мобилизираните деца необучени беа фрлени во борбата и загинаа. Трагичен е случајот на 130 деца, кои на пат кон Тесалија паднаа во заседа во Хаши и сите се убиени од владината армија“, подвлекува д-р Кирјазовски.
(Продолжува)

No comments:
Post a Comment