February 17, 2013

Македонската емиграција во Бугарија 5

Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.

Виолета АЧКОСКА

Меѓу првите пишувани трудови, во 1944 година, излегува брошурата Етногеографската идеја на Македонските Словени од Ангел Динев, еден од афирматорите на македонската национална посебност уште од периодот меѓу двете светски војни и автор на неколку трудови за македонската историја подготвени за печат. Од нив, следната 1945 година излезе првиот том од книгата Илинденска епопеја во издание на Народното издателство во Софија.

Благодарение на поволната клима во односите меѓу двете држави, било формирано ново раководство на Македонскиот научен институт во Софија на чело со Христо Калајџиев. Калајџиев како еден од упорните афирматори на македонската посебност, во есента 1945 година јавно бара откажување од старите шеми, да се прекине со правењето големобугарска политика, туку да се прави македонска политика според вкусот на македонскиот народ, а сето тоа да биде поврзано со зачувување на демократијата во Бугарија како основен предуслов за надминување на старите односи и сфаќања.23

Новото раководство на Македонскиот научен институт во Софија си поставило задача да издава материјали за историјата, етнологијата, стопанството, географијата и за македонската ослободителна борба, ослободени од поранешната големобугарска идеологија на толкување. Неговиот орган Македонска мисла на чело со главниот и одговорен уредник Јордан Анастасов, уште во првиот број јули-август 1945 година започнал да ја реализира оваа програма. Речиси сите прилози во него биле посветени на споменатите аспекти на македонското прашање. Голем број прилози од македонската историја, посебно сеќавања и други прилози од македонски револуционери и учесници во Илинденското востание биле објавени и во други списанија и весници: Македонско знаме чиј уредник бил Ѓорѓи Абаџиев, Пиринско дело кое излегувало во Горна Џумаја-Благоевград, Весникот Доброволец и други.

На Илинден 1945 година, Македонскиот научен институт ја објавил книгата Македонија како природна и стопанска целина која била подготвена за печат уште пред 1944 година, но, била објавена по промената на раководството на Институтот и новата уредувачка политика. Во предговорот се најавувало и скорешно излегување на истата книга на македонски јазик во Скопје. Во текот на 1945/46 година биле отпечатени брошурите: Балканскиот проблем и Македонија од Павел Шатев, Јане Сандански од Павел Делирадев, Македонската народноослободителна борба од Димитар Влахов.24

Така, новите ветришта на повоените преструктуирања носеа извесни промени во одделни сфаќања. Макар и на кратко, беше потиснат бугарскиот шовинизам и високо издигната македонската национална свест и верба на Македонците во крајот на една антимакедонска истори-ја. Создавањето на нивната прва современа држава им влеваше бројни надежи. Во Бугарија беше распослана жива сила на уште една Македонија, вклучена, инкорпорирана, повеќе или помалку во сите сегменти на бугарското општество. Со децении тие луѓе беа без своја држава, без своја матица, препуштени на брановите на асимилацијата, однародување, економската зависност или социјалниот безизлез, немањето каде да се вратат, каде да се зберат. Во тие мигови на 1944-та, 1945-та година, асномска Македонија им отвораше нови перспективи како припадници на македонската нација, но и како луѓе кои се надеваа на воспоставување на поинакви балкански односи, според мерата на луѓето, а не според мерата на некоја освојувачка политика. Македонските сили во Бугарија беа возбудени: Македонците во Пиринска Македонија и бројната македонска емиграција ширум Бугарија. Сега за првпат, можеа јавно, без страв од прогони и последици да го разоткријат своето национално чувство кое многумина од нив свесно го потиснувале. Се покренуваат бројни акции за реорганизација и обновување на повеќето емигрантски организации и друштва.

На 18 септември 1944 година беше формиран Привремениот иницијативен комитет на македонската емиграција.25 Три месеци потоа, во декември 1944 година Времениот комитет изработил „Тези по македонското прашање“, во кои се „прави преглед на борбата на демократските сили на македонскиот народ за создавање македонска држава, за соработката на антифашистичките сили на Балканот против фашизмот и реакцијата“. Тоа е периодот на завршните операции за ослободувањето на Македонија, така што првите чекори на македонската емиграција се насочени кон помагање на НОВМ. Потоа се бара обезбедување услови за враќање на македонската емиграција во татковината (ДФМ), како и постигнување единство во редовите на емиграцијата, без оглед на идејните струи, со исклучок на фашистичките елементи.26

Во рамките на наведените заложби Михаил Сматракалев и Асен Чаракчиев изработиле детална анализа за положбата на македонската емиграција во Бугарија, нејзините економски потенцијали, политичката насоченост, интегрираноста во бугарската нација, можностите за повторно нејзино мигрирање во ДФМ итн. Притоа, тие не можеле да ги затворат очите пред фактот дека поголемиот дел од овие луѓе кои биле без своја национална држава до 1944 година, судбински и егзистенцијално се врзале за Бугарија, вградувајќи го во бугарското општество својот економски, политички и интелектуален потенцијал. Оформиле свои семејства, начин на живот, пуштиле корени итн., така што тие не можеле повторно да го прифатат ризикот на миграцијата која оставила видливи траги во нивната свест.

Анализирајќи ги сите слоеви на оваа емиграција, Сматракалев и Чаракчиев заклучиле дека „прогресивните, политички работници и дејци, вооружени со долгогодишно вредно политичко борбено искуство“ кои „стојат здраво на денешниве идејни и политички позиции на новата македонска држава, посебно ѝ се потребни на Македонија“ каде владее „глад за кадар“. Токму таквите кадри, задоени со македонски патриотски чувства, бројни македонски дејци и револуционери како Павел Шатев, Димитар Влахов, Алексо Мартулков, Шакир-војвода, Васил Ивановски, Ризо Ризов и други, дојдоа во својата родна, тукушто ослободена Македонија, за да ѝ ги подарат своите последни години на животот во завршната доградба на нивниот идеал - македонска држава.27

Во сеопштото раздвижување на македонската миграција, во текот на септември 1944 година, видлива е активноста на Илинденската организација во Софија и Сојузот на македонско-одринските ополченци. На заедничкото собрание одржано на 11.09.1944 година, тие носат одлука за присоединување кон Отечествениот фронт со цел да му се пружи поддршка. Истовремено ја пласираат идејата за формирање на младо македонско ополчение кое треба да се вооружи и што побрзо да се испрати во Македонија, да влезе во составот на Македонската ослободителна војска.28

Во рамките на поддршката што македонската емиграција во Бугарија ја пружа на младата македонска држава беа и активностите на Македонската малцинска младина која организирала работни бригади за обнова на Македонија и за изградба на различни инфраструктурни објекти. Националниот комитет на македонската емиграција во Бугарија, меѓу другото, одлучил да формира „една работна бригада која ќе земе учество во пробивањето на главниот пат од Галичник кон Лазарополе“. Притоа биле повикани „Галичко-реканците особено оние побогатите, да ја потпомогнат работата на бригадата со парични средства“.29 Од друга страна, Штабот на Македонската работна бригада „Гоце Делчев“ од Софија, бара од Националниот комитет на македонските братства помош за нејзино вклучување во потребните работи во Пиринска Македонија.30

Продолжува

23 И. Катарџиев, Македонската емиграција во Бугарија 1944-1950, МАНУ, Скопје 2008, 88.
24 Д. Петреска, В. Ачкоска, Осознавање на историјата,..., 123-124.
25 Пецо Трајков запишал дека видни македонски дејци излегле со апел кон емиграцијата. Бил формиран иницијативен национален комитет на македонските братства на чие чело застанал видниот македонски деец Христо Калајџиев (П. Трайков, Национализмът на скопските ръководители, София, 1949, 17).
26 Во наведениот документ, меѓу другото се бара да се праќаат доброволци во македонската
народноослободителна војска и да се собираат материјални средства за потребите на истата. (И. Катарџиев, цит. труд, 55)
27 За жал повеќето од нив, во периодот на воспоставувањето на југословенскиот централизам и расчистувањето со „автономизмот и сепаратизмот“ во НРМ, брзо „станаа жртви на нарцисоидната бирократска власт“ (Д. Аџи Митрески, Петре Пирузе и голооточката драма, „Петре Пирузе - Мајски, време, живот, дело (1907 -1980)“ ИНИ, Скопје 1997, 305).
28 АСНОМ, документи, исто, док. 32, 120.
29 Исто, док. 33, 121.
30 Притоа, меѓу другото, се нагласува улогата на бригадирското движење во јакнењето на македонското национално сознание. (Исто, док 34, 122)

No comments: