November 18, 2012

Диме Стојанов - Берберчето

Тој беше скромен, меѓу најскромните работници во македонското ослободително дело. Никогаш од него не сум слушал самиот да се се фали; никогаш од него не сум слушал зборови за подвизи и заслуги кон делото. Тој беше еден од мноштвото кое што сметаше дека секој подвиг е должност која треба да се фрли во заборав без од неа да се создава капитал.

Та во минатото малку ли работници имавме ние на кои што ако се осврнеме, би се стаписале како пред една бескрајна книга со страници - која од која пострашна и почудесна?!... Скромноста и молкот - тоа беше безценета непорочност на револуционерите во првите години. Диме Стојанов е роден во Велес во 1875 година. Уште како мало момче тој останува сирак. Берберскиот занает го учел кај својот брат во Скопје. Тука го затекнуваат револуционерните движења во кои што зема големо учество, и по убиството на Тонче Султанчев - српски пропагатор, тој заминува во илегала.

По револуцијата, тој дејствувал како кратовски војвода, и учествувал во неколку битки. Таму паднал еден од неговите браќа - Андреја.

Болен, Диме се враќа во Бугарија и од туберкулоза умира во Рилскиот манастир. Од четири браќа, тој е единствениот кој што умира од природна смрт. Другите тројца загинале во борба против потисниците на македонскиот роб.

Минуваат веќе дваесет години откако Диме е легнал во земјата (забелешка: Диме Стојанов умира во 1910 година, а овој текст во весникот „Илустрација Илинден“ е објавен во јануари 1930 година), но неговиот мил лик, стои жив пред мене - ја гледам неговата слатка насмевка која што пленува и вдахнува вера во иднината - уште многу, многу има како него.

Ал.Кипров

ОБЈАВЕНО ВО ВЕСНИКОТ „ИЛУСТРАЦИЈА ИЛИНДЕН“, ГОДИНА 3., КНИГА 2 (22), СТР. 13, ЈАНУАРИ 1930 ГОДИНА.

Превод: Александар Стеванов

Објавно во Македонска Ризница, број 3

No comments: