November 18, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 1. дел

Иван Катарџиев


Кон крајот на XIX век македонското национално движење навлегува во нова фаза од својот развиток. До Руско-турската војна во 1878 година периодот на легалните борби за добивање локална самоуправа главно е завршен. Општествено-политичкиот развиток на Македонија по оваа војна поставува нови задачи за решавање пред македонското национално движење. Тоа е кршењето на постојниот турски општествен систем, борбата за независност и сопствена државност. Настапува период кој бара, а, и самиот наложува прегрупирање на националните сили за решавање на економските, социјалните и политичките задачи на националното движење. Накусо речено, развитокот на националното движење ги исфрлува на преден план задачите, што произлегуваат од интересите на буржоазијата и кои можело да се решат само со употреба на револуционерни средства. Суштината на тие интереси пак е промена на земјишните односи, ослободување од стегите на феудалното производство, создавање економски и политички услови за развиток на капитализмот, односно овозможување природните богатства да ги експлоатира сопствената буржоазија , што во крајна линија води и кон изградба на сопствена државна организација.


Во оваа смисла интересите на македонскиот селанец се совпаѓаат со интересите на малубројната македонсќа буржоазија, а особено со интересите на интелигенцијата која во создавањето автономна македонска држава ја гледа сопствената афирмација како самостојна општествена сила.

Меѓутоа, истакнувањето и поставувањето на овие задачи, како услов за логично и успешно државно оформување на Македонија, во случајов не значи и нивно автоматско решавање.

Од конкретната состојба, од структурата и распоредот на општествените сили врз чи ја основа поминува и се развива македонската револуционерна организација и целото национално — револуционерно движење на македонскиот народ, ќе произлезат и формулираните цели на револуционерното движење, одразувајќи ја на таков начин и етапата од развитокот на македонскиот национален процес. Со јакнењето на водечките сили во револуционерното движење во текот на неговиот развој поопределено ќе се конкретизираат и непосредните задачи на националното движење.

Во 90-те години на XIX век, почвата за појавата на организирано револуционерно движење веќе е сосема подготвена. Тешките социјално — политички услови, што ги продуцираше феудалниот систем, спонтано поттикнуваат кон создавањето групи вооружени селани, кои се организираат за самоодбрана против разни злосторници.

Податоците зборуваат, дека во 90-те години на XIX век скоро во сите делови на Македонија постоеле организирани групи селани за самоодбрана.

Истото револуционерно расположение се чувствува и во другите општествени слоеви. Во солунската гимназија, околу 1890 година, се појавув а револуционерен кружок под раководство на Гоце Делчев. Македонските студенти на Универзитетот во Софија, исто така, формираат своја организација: „Македонска студентска дружба“ итн.

Најопшто речено, веќе се на лице сите услови за појава на национално-револуционерно движење кое ќе ги обедини расфрланите и расцепкани сили, кое ќе знае да ги канализира тековите на националната енергија на македонскиот народ во една моќна револуционерна организација која од основа ќе ги разниша темелите на Турската империја.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]  

No comments: