November 2, 2012

Илинденското востание во Солун

Солунскиот револуционерен округ пред востанието бил поделен по течението на Вардар на два востанички окрузи: источниот е обележен како II и е наречен "Беласица", а западниот како III и е наречен "Кожуф".

На територијата на Солунскиот револуционерен округ во почетокот на XX век живееле 418.270 жители, од нив 195.637 биле Македонци, 103.957 Турци и 30.786 Евреи, Власи и други. Во тоа време Солун бил значаен економски, политички и воен центар. Солун е и вилаетски центар, па во него се сместени административната и воената турска власт. Тука се штабовите на 3. армиски корпус, на 17. пешадиска дивизија, на 3. коњаничка дивизија и на 3. артилериска дивизија, како и штабовите на повеќето полкови. Делови од дивизиите на редовната војска биле сместени во разни градови на Солунскиот револуционерен округ. Покрај тоа, Солун како голем транспортен јазол имал можност во секое време, доколку има потреба, да прими војска од Мала Азија. Состојбата во и околу Солун уште повеќе се заострила по Солунските атентати во април 1903 година. Апсењата што настанале по атентатите значително ја намалиле револуционерната и востаничката моќ на округот. Поради сето тоа во Солунскиот округ не постоеле услови за масовно востание на што се инсистирало на Солунскиот јануарски конгрес, туку само за дејства од партизански карактер.

Согласно со стратегијата на партизанската војна одредени борбени дејства биле организирани во II востанички округ "Кожуф". Главниот штаб на овој реон го сочинувале војводите Сава Михајлов, Аргир Манасиев и Апостол Петков. Со оглед на состојбата тие не дејствувале само во Кожуфскиот реон. Некои нивни чети се вклучувале во четите на други реони. Во источната половина на Солунскиот округ, односно во III востанички округ "Беласица", најподготвен за борбени дејства бил Кукушкиот реон. Тука уште пред Солунските атентати била создадена голема чета на чело со Крсто Асенов. Вооружувањето и подготовките продолжиле и по атентатите, без оглед на строгите мерки спроведувани од турските власти. Најголема база била кај Ахматовското Езеро каде што сред трските е направен склад за собирање воена опрема, колиби за четниците, фурни и други објекти. Во Кукуш по скицата на Мицо Измирлиев, таткото на Христо Смирненски од црвена свила било изработено знаме на Кукушката чета.

Во средината на мај во 1903 година, Кукушката чета се повлекла во Круша Планина каде што го чекала објавувањето на востанието во Битолскиот револуционерен округ, за да преземе одредени акции. При крајот на мај четата била откриена во реонот на с. Меѓурек (југозападно од Бутковското Езеро), а во реонот на селата Горни и Долни Тодорак водела еднодневен бој и до вечерта едвај се извлекла од опкружување. Турската војска го продолжила следењето на четата, па во една од продолжителните борби во гората на селото Неманци, Кукушко, загинал Милан Делчев, брат на Гоце Делчев. Во почетокот на јуни четата пристигнала кај Ахматовското Езеро. Тука веќе биле четите на Трајко Јотов и на Гоце Нисторов. Вкупната бројна состојба на четниците изнесувала околу 200 души. Еден месец турската војска го опкружувала езерото и со артилеријата ги гранатирала околните места, се обидувале да ја запалат трската, но сето тоа било без успех. Во меѓувреме, војводите подготвиле план за востание во Кукушко. Според планот се предвидувало обединување на четите и со концентричен напад да се освои градот Кукуш. Секоја чета добила посебна задача. Потоа е формиран Штаб на кукушките чети. Главен војвода бил Крсто Асенов, а подвојводи Трајко Јотов, Гоце Нисторов и Гоне Бегинин.

Подготвувајќи се за нападот на Кукуш на 28 јули четите се нашле во с. Постолар. Тука биле предадени на кукушкиот кајмакам. Тој побарал засилување од кукушкиот, од гевгелискиот и од дојранскиот гарнизон. До пристигнувањето на овие сили, македонските чети се утврдувале и подготвувале за одлучителна одбрана. Борбата започнала во утринските часови и траела до доцните вечерни часови, кога четниците постапно по групи се извлекле од обрачот со минимални загуби, а на противникот му нанеле големи жртви. Новото зборно место било во Арџанското Блато. На Илинден, на 2 август кога било објавено востанието во Битолскиот револуционерен округ, Кукушката чета на К. Асенов, Ениџевардарската на Апостол Петков и Гевгелиската на Иван Карасулијата го ослободиле с. Корнишор и го осветиле знамето на Кукушката чета. Потоа војводата Крсто Асенов се венчал со учителката Ана Малешевска, ќерка на познатиот револуционер Никола Малешевски, а малку подоцна загинал. По неговата смрт Кукушката чета дејствувала со Гевгелиската и Ениџевардарската.

Борбените дејства во западната половина од Солунскиот револуционерен округ, односно во Вториот востанички округ "Кожуф" биле многу поразвиени. Ениџевардарскиот војвода Апостол Петков "Ениџевардарското сонце", уште пред востанието ја поделил кожуфската околија на четири реони со главни пунктови во селата Грубевци, Крива, Тумба и градот Гуменџе. На Пајак Планина и кај Ениџевардарското Езеро биле подготвени бази и складови. Војводата А. Петков со големи напори го вооружувал населението. Од Централниот комитет добил само 10 пушки "гра" и неколку револвери. Непосредно пред востанието на состанокот на војводите блиски до ВМК бил подготвен план на борбените дејства во околијата со кој се предвидувало населението од селата по Пајак и Кожуф Планина масовно да се дигне на востание. Апостол војводата енергично се спротивставил на таквиот план со аргументација дека била поставена задача да се водат партизански дејства засилени со селска милиција и месни чети. Аналогно со тоа, Апостол Петков издал конкретни задачи. Селаните од Тумба и соседните села требало да содејствуваат на гевгелиските чети на Сава Михајлов и Аргир Манасиев при урнувањето на мостот на Вардар и на железничката пруга северно од Гуменџе. Селската милиција од с. Грубевци требала да ги прекине телеграфските врски меѓу Евиџевардар и с. Куфалово, а раководителот на ТМОРО во Гуменџе да помогне при нападот на касарната.

Поради преголемата раздвиженост на турските сили, дејствата на македонските востанички сили во Ениџевардарско започнале на 6 август 1903 година. Војводата А. Петков го организирал нападот на с. Крива, но турските војници, околу 30 души, го откриле овој напад и правовремено се повлекле во Гуменџе. Во исто време четата на Сава Михајлов со селаните од Бојмица ја разурнале со динамит железничката пруга. Два дена подоцна четата на Петков го нападнала гарнизонот во Гуменџе. Градот не бил освоен, но војската долго време била забарикадирана во касарната. По пристигнувањето на посилна турска војска четите на Апостол Петков, на Иван Карасулијата и други војводи се повлекле кон Пајак Планина и до средината на октомври воделе повеќе самостојни боеви во разни села.

Една од најжестоките борби во Кожуфскиот востанички реон се водела кај месноста Гандач, највисокиот врв на Пајак Планина. Војводите Апостол Петков и Иван Карасулијата револтирани поради бројните злосторства што турската војска и башибозукот ги вршеле врз невооруженото македонско население, на 12 септември 1903 година, испратиле писма до гарнизоните во Гевгелија и Гуменџа во кои, покрај другото, се наведува: "Дојдете горе на Гандач да си ги одмериме силите, а не да напаѓате незаштитени луѓе по селата..." Со оглед на тоа дека војводите Апостол Петков, кого народот го нарекол "Ениџевардарско сонце" и Иван Карасулијата, наречен "Дилбер Иванчо" имале богато борбено искуство и добро ја познавале планината, однапред верувале дека на аскерот ќе му зададат таков удар што долго ќе се памети. На 14 септември 1903 година турската војска од два правца се искачила на Пајак Планина со цел да ги запоседне позициите околу врвот Гандач, сметајќи дека ќе ги опкружи четите на Петков и на Карасулијата. Познавајќи ја тактиката на турските офицери, македонските војводи со вешт маневар ја навлекле турската војска во заседа. Додека имале муниција востаниците ја држеле војската во клешта, а кога снемало куршуми користејќи ја ноќта успешно се извлекле од позициите. На турските офицери им преостанало да ги погребаат своите 183 убиени војници.

Во Гевгелискиот реон Сава Михајлов и Аргир Манасиев согласно одлуката за партизанско востание формирале помали чети од 33 до 50 души и ги започнале подготовките за востание. Центар на востанието во околијата и основната база биле во с. Конско. Двајцата војводи одлучиле да формираат повеќе групи и да ги започнат диверзантските дејства на железничката пруга јужно и северно од Гевгелија. Четата на Сава Михајлов, помогната од селаните на Бојмица на 15 август ја разурнале железничката пруга на повеќе места и урнале еден мост. Минирањето го извршиле неколку групи, додека главнината на четите го обезбедувале правецот од Гевгелија. Во истиот период четата на војводата Аргир Манасиев извршила диверзии кај с. Балинци, а потоа по една поголема диверзија кај с. Смоквица водела жестока борба со еден одред турска војска.

Во Тиквешкиот реон подготовките за востанието ги водел војводата Петар Јуруков и тие започнале уште во февруари 1903 година, непосредно по добивањето на одлуките на Солунскиот конгрес. Со оглед на близината до Солун и на строгите мерки по атентатите било отежнато снабдувањето со оружје. Поради тоа непосредно пред востанието Петар Јуруков располагал со околу 300 пушки "гра" и "мартинки". При крајот на јули четата на војводата П. Јуруков имала 80 души од кои биле формирани три одделенија и изведени повеќе диверзантски акции. Поради тие дејства се зголемила раздвиженоста и репресивноста кај турската војска, па војводата Јуруков ги распуштил мобилизираните селани, а оставил 40 востаници. Од овие формирал две чети: првата ја предводел тој, а втората војводата Лазар Мишев. Во меѓувреме во Тиквешко навлегла повеќеилјадна војска и вршела претресување на куќите барајќи оружје. Четите биле принудени да се префрлат во Прилепско. Во средината на август војводата Јуруков се вратил во Тиквешијата. На 16 август востаниците биле ненадејно нападнати и започнал жесток бој кај с. Шешково. Во таа борба загинале 15 четници и 17 турски војници. Неколку дена подоцна во близина на селото Коприштица се водела борба во која загинале седум војници и два четника.

Без оглед што Солунскиот револуционерен округ, односно II востанички округ "Кожуф" и III востанички округ "Беласица", учествувале во востанието со ограничени сили, раководителите на револуционерните околии успешно ја извршиле задачата: постојано ги ангажирале турските сили, кои дури биле принудени да испратат силна војска под команда на Сулејман-паша за претрес на теренот од Солун кон Гевгелија, Демир Капија и Тиквеш, потоа значителни сили одвоиле за обезбедување на железничката пруга, а со развлекувањето на турските сили се остварила Гоцевата идеја дека востанието ќе има успех доколку се води долготрајна партизанска борба. Малубројните македонски чети со својата диверзантска активност успеале да ангажираат повеќеилјадна турска војска.

Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев Macedonium

No comments: