July 6, 2012

Вистините за Венко Марковски 3

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (3)


Домот на Венко беше центар на македонштината

Виктор Цветаноски

„Венко Марковски не треба да доживува официјална рехабилитација. Таа не е потребна. Неговото творештво самото го претставува и мислам дека тоа е доволно. Затоа што тој до 1966 година навистина целосно се залагаше за афирмација на македонскиот јазик, македонската литература и култура и македонската нација. Дури отиде со партизаните животот да го жртвува во борбата за ослободувањето на Македонија и за создавање на македонската држава. Во планина не отиде сам, туку со себе ги зеде и сопругата и детето кои можеа, исто така, да бидат жртва во таа борба. Неговата искрена преданост по 1938, па се' до 1966 година, кога замина во Бугарија, навистина беше чисто македонска и штета е тоа што некои наши раководители своевремено не се сообразија со некои негови човечки слабости и историски реалности“. Ова накусо е оцената на академик Блаже Ристовски за познатиот поет, за кого последниве месеци се зборува и се бара да се врати во учебниците како основоположник на современата македонска литература.

Според академик Ристовски, Венко чувствувал омраза спрема српските власти на Кралска Југославија, бидејќи поради нив морал да бега во Бугарија во 1937 година. Од нив бил затворен во 1934 година. Тој смета дека македонското раководство на младата македонска држава не се сообразило со реалните причини зошто тој понекогаш настапувал така и преземале чекори што на некој начин го принудиле да бега. „Јас добро го знаев. Со него одевме на литературни читања низ Македонија. Во тоа време пишував поезија. Се сеќавам, со нас членовите на Клубот на младите писатели и со Венко во Гостивар и во Прилеп дојде и Матеја Матевски. Друштвото на писателите не го милуваше Венко, па одеше со нас помладите, со студентите. Тој доаѓаше и кај мене дома. Еднаш дојде на полноќ и ја разбуди мајка ми за да му испржи јајца да каснеме со негови пријатели. Не бевме другари, бидејќи тој беше повозрасен, но бевме блиски“, раскажува академик Ристовски.

Тој вели дека го почитувал како афирмиран поет и во тоа време ги купувал сите негови збирки што биле печатени во Македонија. „Ги имав и тие што излегоа во Бугарија, така што тој тогаш беше пример за нас младите. Она што подоцна се случи со забраната на неговата драма и операта ’Гоце‘ не беше нужно за нашата култура. Премногу политика беше внесено во сето тоа. Имаше премногу лични чувства и нетрпеливости и на Венко и на неговите опоненти, наследени уште во емиграција во Бугарија. Нетрпеливоста, пред се', беше со луѓе со кои бил заедно во Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој освен Венко и Коле Неделковски, никој друг не пишувал на македонски, бидејќи не го знаеле македонскиот јазик. Тие беа школувани во други училишта, некои во Бугарија, некои во Грција, некои во Србија и не го знаеја македонскиот јазик. Така што Венко во кружокот, не само по смртта на Коле туку и пред тоа, беше првата ѕвезда на македонското поетско небо“, објаснува академик Ристовски и додава дека за него многу ласкаво се искажале некои познати литературни критичари во тоа време. И токму тие многу поволни критики за неговата поезија го воздигнале неговото самочувство.

И неговата сопруга Филимена во тоа време била жесток поддржувач на македонската линија. Во нивниот дом во Скопје таа ги продавала и ги распространувала неговите збирки. „Нивниот дом беше центар на македонштината. Таму сите се вртеа. Јас и со Филимена се познавав добро и имав сочувствен однос кон неа кога Венко пребегна. Таа работеше во Архивот на Скопје, па често разговаравме. Меѓутоа, потоа кога отидоа во Софија, се однесуваа недолично. Венко објави фрагменти од нејзините спомени со наслов ’Немиот сведок‘, во кој беше изнесено дека таа бил нем сведок во Литературниот кружок, кој според неа бил бугарски, во кој се пишувало на бугарски јазик и дека македонскиот јазик и македонската нација не постоеле. Беше изнесено се' најгрдо. Тоа го напишаа Венко и Филимена во осумдесеттите години во зборниците што им ги печатеше Бугарија не штедејќи средства“, појаснува Ристовски.

Венко си е и ќе остане македонски поет со се' што создал во македонската литература и на македонски јазик. И никој не може да го избрише тоа, истакнува академик Блаже Ристовски

Според Ристовски, таквиот нивни однос бил нечесен, бидејќи не ја кажувале вистината. „Меѓутоа, вистина е дека Венко си е и ќе остане македонски поет со се' што создал во македонската литература и на македонски јазик. И никој не може да го избрише тоа. А она што го напиша потоа, кога се престори како Бугарин, не му служи на чест. Немам право ни да го осудувам, немам право ни да го заштитувам. Тоа е негова судбина. Со него последен пат се сретнав во Софија во 1967 година. Тројца делегати од Југославија, меѓу кои и јас, присуствуваа на Првиот конгрес на бугарската култура. Едно утро, кога стасав во Универзалната сала, гледам дека ме чекаат поголема група бугарски и македонски дејци, меѓу кои беше и Венко Марковски. Кога ме виде, истрча и ме прегрна. Седнавме да разговараме и долго се задржавме, дури не стасав на затворањето на конгресот. Почнавме да дискутираме за македонските работи. Тој цело време ме убедуваше пред сите нив дека е македонски поет, дека ќе се врати. ’Како, му велам, ќе се вратиш. Сега јас купив една твоја книга и во неа тврдиш дека Македонците се Бугари’. ’Не, ми одговори, сето тоа е печатено во Скопје’. Сепак, тој продолжи да ме убедува дека ќе си дојде, дека син му Миле се' уште е во Скопје. Дури ме замоли да отидам кај него и да го поздравам од него. Го најдов во ’Нова Македонија‘ и му го пренесов поздравот. Но, наскоро и тој отиде и, за жал, таму ја најде смртта“, раскажува македонскиот академик.

Ристовски смета дека неговата слабост за слава одиграла извесна улога тој да се однесува така. Кога отишол во Софија, Бугарите му ги дале сите почести што можат да постојат во бугарската држава и му ја дигнале славата со луксузни изданија на неговите дела какви што не се издадени досега на ниту еден поет во Македонија. „Оние, белите три тома, се прекрасни изданија гледано графички за тоа време. А во нив е исплукано се' што е македонско и во нив тој се претставува како Бугарин. Тоа е вистината“, подвлекува Ристовски.

Според него, ќе биде навреда и за едната и за другата страна ако сега во Македонија му се прави каков и да е процес на рехабилитација. „Не е нужно тоа. Пред да почине Венко, јас инсистирав надлежните органи да го замолат Лазо Колишевски да ми се дозволи да го објавам, без исклучок, целокупното македонско творештво на Венко Марковски за да се знае кој е тој, да не се зборува во Бугарија дека ваков или онаков бил македонскиот јазик, дека македонската нација била вештачка творба и дека тој и неговата сопруга Филимена се чувствувале како Бугари. Тоа беа навистина македонски стихови испеани со македонски жар. Добив одговор дека Лазо дал одобрение да можам да ги објавам, но многу доцна“, истакнува Ристовски.

Тој посебно нагласува дека творештвото на Венко Марковски до заминувањето во Бугарија е само македонско и дека во него нема ништо бугарско. Тој дури пишувал и против познатите бугарски тези со кои се негираат Македонците. „Од тоа време ние немаме побогата поетска реч од Венковата. Гледано версификаторски, немаме подобра поезија од неговата. Тој го создаваше македонскиот стих, урнекот на македонскиот стих. Кочо Рацин беше друга провиниенција. Неговиот стих не можеше да се поддржува. Рацин има специфичен народски израз, а високоуметнички стилизиран стих. За разлика од него, Венко имаше многу големо влијание на младата генерација поети во Македонија. Уште во време на војната, а и по војната. Речиси сите позначајни маршеви и химни во времето на НОБ беа на стихови од Венко Марковски. И мене ми е жал што тие денеска не се интерпретираат. Македонската радио-телевизија треба да ги искористи. Тоа е наше дело, тоа е наш дух и ни припаѓа само нам. Тие се испеани за нашата борба и за нашиот народ. Своевремено јас го поставив прашањето каде се снимките од тоа време, а надлежните од радио-телевизијата ме убедуваа дека технички не можеле да ги емитуваат. Мислам дека тоа е само политика. Тие можат да се најдат и има начин да се обноват, да се емитуваат за јавноста. Не може таа наша историја да ја отфрламе. Таа е само наша. А борбата се водеше против Бугарите. Тие кај нас беа окупатори. Тоа беше антифашистичка борба“.

„Не треба да се прави рехабилитација на поетот, борецот и човекот Венко Марковски, туку да се почитува неговото македонско творештво како наше, македонско“, заклучува академик Блаже Ристовски.

(Продолжува)

No comments: