July 7, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 1

Славата, митот и крвта на ВМРО (1)

Гордост и инспирација, но и почеток на поделбите

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Македонската револуционерна борба колку што е херојска исполнета со многу саможртви, толку е и братоубиствена и самоистребувачка

Македонската револуционерна борба колку што е славна, исполнета со многу саможртви и херојства, толку е и трагична и братоубиствена. По поразот на Илинденското востание, македонските револуционери се испокарале до тој степен што престанале да комуницираат меѓу себе и за цело време се гледале преку нишанот на пушката и се убивале. Така во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје на исто место ќе се најдат едни крај други и жртвите и нивните убијци.

И покрај страшните несфатливи братоубиства во ВМРО со која се поврзува македонската револуционерна борба, таа е всадена најдлабоко во меморијата на македонскиот народ. Покојниот академик Гане Тодоровски своевремено ќе ни изјави дека поимот ВМРО треба да се подразбира како иманентна суштина на нашата средина и време. „ВМРО е ориентација на Македонците кон етничка самобитност и државна независност, ВМРО и' е минато, сегашност и иднина на Република Македонија, надвор од ВМРО поимот на Македонија се обеспредметува, со ВМРО Македонија поимски се разјаснува. Се' тоа кажува дека ВМРО не може да биде друга крајност, туку прва опција на македонската егзистенција. ВМРО е клучен поим од поновата македонска историја и е синоним на македонската борба за независност и самостојност“, зборуваше академик Тодоровски.



Според академик Иван Катарџиев, периодот од формирањето на ВМРО, па се' до Илинденското востание се најзначајните години од историјата на македонскиот народ, не само во времето на нивното случување, туку се' до денес. „Тоа се години кога македонскиот народ најде сили и храброст да се дигне против власта на Османската Империја за подобар живот, за слобода и демократија, за своја држава. По формирањето на ТМРО на 23 октомври 1893 година во Солун, се' ќе биде поврзано со ова револуционерна организација. Тоа им давало и им дава белег не само на конкретните политички активност, туку уште повеќе и на насоките по кои ќе тргне македонскиот народ во својот развој како културно-национален индивидуалитет... Всушност, тоа е време на процес чија врвна точка, со чинот на востанието, се изразува како акт за национално самоопределување на организираниот и востанатиот македонски народ “, подвлекува македонскиот историчар.

Канадскиот професор Ендрју Росос, чија книга неодамна беше преведена на македонски јазик, истакнува дека ВМРО и Илинден овозможуваат да се објасни натамошната историја на Македонија и Македонците. Во една или во друга своја варијанта, ВМРО станало постојана константа во македонската историја и опстанала до ден-денес, смета тој. „Водачите на првобитното ВМРО, во илинденскиот период, и самото неуспешно востание станале икони во македонскиот пантеон и митологија. Тие служеле како извор на гордост и инспирација за многу генерации Македонци во нивните обиди да се здобијат со национално признавање и слобода“, ќе им ја објасни Росос македонската револуционерна борба на канадските читатели.

Познатиот историчар д-р Зоран Тодоровски истакнува дека ВМРО е единствената македонска револуционерна организација што му го покажа на македонскиот народ патот кон слободата, го вооружи и го насочи кон остварување на вековната цел од знамето на најчовечкиот идеал – слободата на татковината. „Со тоа име и со нејзините идеали се водела македонската национално ослободителна борба до победоносниот крај за создавање на нашата сегашна самостојна и суверена Република Македонија. И во најсудбоносните моменти од нашата историја, македонскиот народ гледал единствен спас во ВМРО, во нејзината моќ, во нејзината сила, во нејзините програмски цели. Со своето четиридецениско постоење, ВМРО како неодминлива и автентична македонска револуционерна организација се вгради во македонската историја и во македонската државност“, подвлекува Тодоровски.

Меѓутоа, славната македонската револуционерна организација по Илинденското востание не била толку славна како пред тоа. По поразот на востанието, револуционерите започнале да се обвинуваат за страшната катастрофа и страдањата на народот и меѓусебно да се истребуваат. Тешко може со сигурност да се каже кој, всушност, прв почнал со братоубиствата кои подоцна ќе ја следат македонската борба, но сигурно е дека длабокиот јаз меѓу нив почнал да се копа уште пред востанието, по донесувањето на солунската одлука за негово кревање. Едните биле за востание, а други против, сметајќи дека тоа е предвремено и однапред осудено на неуспех.

До вистинска делби ќе дојде на Рилскиот конгрес, есента 1905 година, кога цел месец ќе расправаат и ќе се обвинуваат без да ги надминат недоразбирањата. Тогаш навистина ќе биде постигнат привремен компромис, но непријателствата ќе останат.

Капката што ќе ја прелие преполнетата чаша и ќе го означи почетокот на нивното меѓусебно истребување е убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов, тогашни членови на Задграничниот комитет во 1907 година во Софија. Од тој ден македонските револуционери ќе се гледаат само преку нишанот на пушката и ќе дојде до целосен расцеп во револуционерното движење и до многу пролеана крв, а единството на македонското дело ќе биде загубено за сите времиња. На една страна, ќе се најдат таканаречените леви сили чија најистакната фигура е Јане Сандански, а десните сили ќе ги предводи Христо Матов, преостанатиот жив член на Задграничниот комитет кој, исто така, требало да биде ликвидиран.

Убиството на Сарафов и Гарванов подоцна ќе предизвика серија братоубиства при што најмногу ќе настрадаат левите сили. „Крвта го помрачи разумот, братот стана поомразен од надворешниот враг, грубите луѓе закипеа од страст за одмазда – дива и ненаситна... Се случија преврати, војни и национални катастрофи, Македонија се подели, се сменија нејзините поробувачи, но вендетата не умре. Во свеста на најпреданите приврзаници на Сарафов и Гарванов, Сандански и неговите другари останаа засекогаш должници и се бараа насекаде. Во оној дел на Серскиот револуционерен округ кој се приклучи кон Бугарија, омразата продолжуваше да живее. Таа лежи во основата на новите братоубиства, направени под разни пароли и етикети“, истакнува Христо Силјанов во „Ослободителните борби на Македонија“ најсеопфатната хроника на македонската револуционерна борба.

Ниту Јане ниту останатите тројца војводи од Серскиот револуционерен округ кои ги потпишале смртните пресуди нема да умрат од природна смрт, сите ќе бидат ликвидирани. Последен ќе биде застрелан нивниот физички убиец Тодор Паница во 1925 година во виенскиот „Бургтеатар“ од Менча Крничу.

Најстрашните крвопролевања од кои ќе биде вознемирена Европа и целиот демократски свет ќе се случат во периодот од 1928 до 1934 година кога софиските улици секојдневно ќе осамнуваат со македонски трупови во пресметките на приврзаниците на Ванчо Михајлов и Александар Протогеров. Д-р Зоран Тодоровски, кој посебно го истражувал овој периодот, вели дека долгогодишното опстојување на македонската револуционерна организација со таквите братоубиства завршило мошне неславно и трагично, недостојно за нивните основачи.

Криминални инстинкти

Познатиот писател Стојан Христов, кој за време на трагичните братоубиства на Македонците известувал за американските весници, вели дека омразата, зависта, алчноста, амбицијата и повредените чувства биле движечка сила во невиденото меѓусебно истребување на Македонците. Иван Михајлов, откако во 1924 година ги израмнил сметките со комунистите и федералистите во 1928 година, одново ја отворил раната во организацијата и засекол во неа. „Тоа беа стравотни години кога на софиските улици и низ речиси цела Бугарија меѓусебно се истребуваа членовите на автомистичката ВМРО, кои дотогаш заеднички ги истребија повеќето левоориентирани македонски револуционери“, пишува тој во „Херои и убијци“.

Христов ја следел и погребната поворка на Александар Протоѓеров. „Многумина од поворката беа Македонци. Мртовецот беше Македонец. Неговиот убиен телохранител, чијшто ковчег го следеше генераловиот, исто така, беше Македонец. Оние, кои и да се, што го застрелаа генералот и неговиот телохранител, беа Македонци. Иван Михајлов, кој ги потпиша смртните налози, беше Македонец. Кутрата Македонија!“ ја опишува оваа тажна сценa.

Според американски писател со македонско потекло, македонската епска борба за слобода била злоупотребена. „Тие не мислеа на Македонија, туку беа жртви на сопствените криминални инстикти и се однесуваа полошо од банда гангстери, а личните интереси и страсти за одмазда се наоѓаа во основата на караницата“.

(продолжува)

No comments: