June 4, 2012

Катерина Арнаудова 2

Во статија со наслов "Македонската Јованка Орлеанка" за Катерина Арнаудова пишува и францускиот весник Le Petit Journal illustré (26 јули 1903) поставувајќи слика на Катерина со соборци на насловната страница (слики долу). За разлика од статијата во The Saint Paul Globe каде што се тврди дека таа е од Дупница, во овој весник пишува дека е од Неврокоп.



"Во секоја куќа се славаше особено за убавата млада девојка Катерина Арнаудова, општо позната како македонската Јованка Орлеанка чии приказни за големи дела може да се слушнат од устите на сите.

Родена во Неврокоп, мало село во кое ја чувала стоката, во еден убав ден Катерина поради маките го напуштила својот крај, земајќи ја облеката на својот брат, се вооружала и се вклучила во одредите како доброволец.

Оттогаш секој оној кој ќе ја видел хероината во првите редови на борбеното поле, и покрај опасностите добивал пример за издржливоста од заморот.

Нејзината репутација станала толку голема за толку кратко време што многумина од револуционерите ја молеле да застане на чело на одредот. Таа прифатила.

Катерина стана едно од најстрашните нешта за Турците во Македонија. Главата на македонската Јованка Орлеанка беше уценета."

Оваа статија за македонската Јованка Орлеанка е спомната и во книгата Joan of Arc: Soldier, Saint, Symbol—of What? од James A. Freeman (стр. 603, 604)

Реалистичен цртеж (правен според слика) на Арнаудова има во весникот Brooklyn NY Daily Eagle во статија од 17 септември 1905 година, која што можете да ја видите ексклузивно (слика горе лево).

Во истата статија за македонските жени борци и за Катерина Арнаудова пишува (фототип долу лево):

"Дури и жените често положуваа заклетва и ја облекуваа војничката униформа приклучувајќи се на армијата со желба да ги одмаздат своите мајки, сестри и ќерки.

Најпозната меѓу овие жени патриоти е госпоѓа Арнаудова, вдовица која им се приклучила на револуционерите за време на неодамнешното востание во Македонија. Облечена во револуционерската униформа, со црна коса, со оружје на рамото..."

Интересно во оваа статија е тоа што се открива дека Арнаудова е вдовица.

За стрелечките вештини на Арнаудова пишува престижниот The NY Times во статија со наслов "Македонската херојска борба за слобода" од 6 декември 1903 година:



















"...Раководството и членството на одредите се речиси целосно во рацете на млади мажи. Сепак има и неколку познати жени меѓу нив. Најславна е Екатерина Арнаудова. Речено е дека таа е меѓу најдобрите стелци на Балканот и има многу раскази за нејзината моќ..."

Во Македонија денес Катерина Арнаудова за жал тоне во заборав. Се надеваме дека оваа статијата ќе придонесе за тоа да се промени затоа што сеќавањето на оваа храбра жена е најмалку што ние Македонците можеме да го направиме за неа.

Фото: Екатерина Арнаудова, поштенска картичка, 1903

Продолжува...

Александар Стеванов. Објавено и на Македонска Нација