Showing posts with label Macedonia's Joans of Arc. Show all posts
Showing posts with label Macedonia's Joans of Arc. Show all posts

September 13, 2012

Катерина Арнаудова 3

Во Илустрација Илинден, весникот на македонската емиграција во Бугарија, од страна на Г. И. Белев е забележано едно сведоштво за храброста и стрелечките вештини на македонска четничка Катерина Арнаудова.

Во прилог, преведена на македонски јазик, ви ја претставуваме целата статија „Пиринската четничка“, која првично е публикувана на стр. 30 и 31, во јубилејниот број на весникот од јуни-јули 1933 година (книга 7-8 (47-48), година 5):


„Нашиот одред чуван од наша стража целиот ден го помина во обука и забави во арнаутски чарк, крај Лилјановската река. Доцна вечерта, по одлука на штабот на одредот, 15 лица четници, под командата на подпоручик Асен Партениев, заминаа за селото Лилјаново со нарачка - до утредента по секоја цена да ни донесат леб.

По вечерата, седнати надвор околу мал оган, пушиме, пиеме кафе и разговараме. Дончо војвода ни раскажува за своите подвизи низ Пирин-планина; Јане Сандански ни раскажува за своето некогашно другарување со Дончо и за нивното измачување во мелничко пред појавата на револуционерната организација, а Јурдан Стојанов (Јордан Стојанов) ни раскажува за неговите борби со Турците низ Пирин и за подвигот на една Македонка.

- Беше месец октомври 1902 година, - започна да раскажува Стојанов, - кога еден ден пред да заминам со четата за овој регион во Македонија, кај мене се јави една млада, здрава, стројна девојка. По редовното запознавање, таа ми кажа дека е по потекло од селото Либјахово (неврокопско) и дека дошла кај мене со барање - да ја примам како четник во мојата чета.

- Војводо! ми рече таа, моите родители, па и јас многу сме пателе од Турците-поганци; јас горам од желба да се одмаздам, како и да војувам за слободата на мојата татковина - Македонија. Јас ќе бидам можеби првата жена четничка кај вас, но вие ќе видите како знае да војува Македонката; ќе видите дека јас нема да и бидам товар на вашата чета и во никој случај, не ќе ги посрамам Македонките. Ве молам, примете ме во вашата чета, не откажувајте ми!

Тие за мене први изјави од овој вид на младата Македонка ми направија многу силен впечеток. Држењето и говорот на храбрата девојка ни се допадна. Нејзините јасни, храбри, одлучни изјави нè воодушевија и по краткиот состанок со штабот на четата и со четниците, јас ѝ соопштија дека е примена во четата како обичен четник под услов: ако покаже каква и да било слабост, својствена за жена, веднаш оружјето ќе и биде одземено, ќе биде казнета и испратена дома.

Екатерина Арнаудова, така се викаше, со радост ги прифати моите услови и на другиот ден, припремена во целосна четничка форма, со кратка бердана во рамо, замина со нас за Пирин - планина.

Седмици, месеци одевме низ гори и села. Тежините и патилата ни беа големи, но секаде Арнаудова се држеше достоинствено. Таа со сите нас споделуваше исти неволји и незгоди; таа со сите нас ги поднесуваше истите тешкотии и несреќи; глад, студ, замор и тоа без расправии, без покајание, гореше само од една силна желба - да се сретнеме со аскерот, да се бие и да им се одмазди на Турците. Ние ја нарекувавме „Арнаутчето“, а населението ја викаше „комитка“.

Беше месец декември. Се приближуваше Божиќ. Дебел снег ја покриваше земјата. Беше студено. Ние бевме во селото Кресна со намера - таму да го дочекаме Бадни вечер и Божиќ.

Но човек претпоставува, а Господ располага, - велат старите луѓе.

Претходниот ден на Божиќ, рано утрото, разбравме дека многуброен турски акер се движи кон Кресна.

За миг по оваа вест четата беше подготвена за поход и бој. Наскоро ние го напуштивме селото и зафативме позиции на една висинка, далеку над Кресна, со намера штом си замине аскерот пак да слеземе во селото.

Беше 2 часот по ручек. Ние трепериме од студ во своите позиции, од каде што снегот беше исфрлен надвор и за нас образуваше нешто како тврдина. Далеку под нас, по белата покривка на снегот, се цренееше долга подвижна колона. Таа полека, како змија, се движи кон нас по нашите траги. Знаеме што нè чека и ние преземаме соодветни мерки. Јас ги распоредив четниците во практични позиции и им ги дадов потребните упатства и наредби. Екатерина Арнаудова ја сместивме во една позиција до двајца стари, искусни четници и добри стрелци. Како вистинска тигрица, сега таа беше настрвена; очите ѝ искреа и беа вперени во непријателот кој што се приближуваше.

Турците ги забележаа нашите позиции и уште од далеку, разгрнати во синџир, отворија оган кон нас.

Ние не им возвративме. Само Арнаудова високо горе ги исмева далечните луди и бесцелни турска истрели, се шегува на сметка на Турците и ги колне со ужасни, страшни клетви.

Турците се приближуваат на околу 1000 чекори до нас. Јас дадов команда за стрелба и прв пукнав кон непријателот. Mоќно „ура“ следеше по мојот истрел. Бојот започна, бој нерамен, бој жесток, страшен.

Сега, среде оглушувачкиот пукот на пушки и бомби, јасно се слушаше пискливиот женски глас на Арнаудова, која ги колнеше Турците и ги охрабруваше четниците.

- Чувајте се здраво, јунаци! ... Не плашете се! Сега ќе видите како ќе се одмаздам ​​на тие валкани кучиња. Еј, проклета агарјанска џган! Господ ќе ве порази! Чума ќе ве сотре! Матните ќе ве земат! ...

И таа пука без прекин, без одмор.

Турците се приближуваат бавно, внимателно се качуваат низ стрмнината, при што пред себе формираат висока барикада од дебел напластен снег и не покануваат - да престанеме со пукањето и да се предадеме.

Ние ги исмеваме и ги опсипуваме со дожд од куршуми и бомби. Турците запираат со приближувањето.

Пауза.

Сега јас одам на позицијата на Арнудова и со висок глас ја пофалувам за нејзиното херојско држење. Но таа не ме слуша. Целото нејзино внимание е насочено таму - во непријателските позиции, каде што нешто демне. Таа забележува Турчин (ориг. Читак) и со мое одобрување, нишани во него, пука и го турка, а пак мене ме прашува: "војводо, го убив ли Турчинот?"

Тоа нејзино прашање породи смеа кај тројцата мажи во редот, а таа без да обрнува внимание на нашето смеење, нишани во друг Турчин, кој излегол ползејки да ја прибере пушката на убиениот; пука и го кутнува и него.

Сега сите четници од целата борбена линија ја поздравуваат за одличната стрелба, за херојството и сите викаат: "Ура, да живее Арнаудова, да живее Македонката!"

А таа, со лице кое блеска и светнати очи, радосно извикува:

„Војводо, другари, конечно одмаздив! Да, сега веќе се одмаздив на оние кучиња, чума да ги порази, Господ да ги сотре! ... "

И пукањето пак започна, и продолжи дури до стемнување, без никаква загуба за нас.

Штом мракот ја покри земјата, Турците се спуштија кон Кресна, а ние, во темнината, тргнавме нагоре низ планината, и на другиот ден - Божиќ, рано во утрото, се најдовме во друго село, далеку, многу далеку од Кресна.“

Подготвил и превел Александар Стеванов, објавено и на Македонска Нација

June 4, 2012

Катерина Арнаудова 2

Во статија со наслов "Македонската Јованка Орлеанка" за Катерина Арнаудова пишува и францускиот весник Le Petit Journal illustré (26 јули 1903) поставувајќи слика на Катерина со соборци на насловната страница (слики долу). За разлика од статијата во The Saint Paul Globe каде што се тврди дека таа е од Дупница, во овој весник пишува дека е од Неврокоп.



"Во секоја куќа се славаше особено за убавата млада девојка Катерина Арнаудова, општо позната како македонската Јованка Орлеанка чии приказни за големи дела може да се слушнат од устите на сите.

Родена во Неврокоп, мало село во кое ја чувала стоката, во еден убав ден Катерина поради маките го напуштила својот крај, земајќи ја облеката на својот брат, се вооружала и се вклучила во одредите како доброволец.

Оттогаш секој оној кој ќе ја видел хероината во првите редови на борбеното поле, и покрај опасностите добивал пример за издржливоста од заморот.

Нејзината репутација станала толку голема за толку кратко време што многумина од револуционерите ја молеле да застане на чело на одредот. Таа прифатила.

Катерина стана едно од најстрашните нешта за Турците во Македонија. Главата на македонската Јованка Орлеанка беше уценета."

Оваа статија за македонската Јованка Орлеанка е спомната и во книгата Joan of Arc: Soldier, Saint, Symbol—of What? од James A. Freeman (стр. 603, 604)

Реалистичен цртеж (правен според слика) на Арнаудова има во весникот Brooklyn NY Daily Eagle во статија од 17 септември 1905 година, која што можете да ја видите ексклузивно (слика горе лево).

Во истата статија за македонските жени борци и за Катерина Арнаудова пишува (фототип долу лево):

"Дури и жените често положуваа заклетва и ја облекуваа војничката униформа приклучувајќи се на армијата со желба да ги одмаздат своите мајки, сестри и ќерки.

Најпозната меѓу овие жени патриоти е госпоѓа Арнаудова, вдовица која им се приклучила на револуционерите за време на неодамнешното востание во Македонија. Облечена во револуционерската униформа, со црна коса, со оружје на рамото..."

Интересно во оваа статија е тоа што се открива дека Арнаудова е вдовица.

За стрелечките вештини на Арнаудова пишува престижниот The NY Times во статија со наслов "Македонската херојска борба за слобода" од 6 декември 1903 година:



















"...Раководството и членството на одредите се речиси целосно во рацете на млади мажи. Сепак има и неколку познати жени меѓу нив. Најславна е Екатерина Арнаудова. Речено е дека таа е меѓу најдобрите стелци на Балканот и има многу раскази за нејзината моќ..."

Во Македонија денес Катерина Арнаудова за жал тоне во заборав. Се надеваме дека оваа статијата ќе придонесе за тоа да се промени затоа што сеќавањето на оваа храбра жена е најмалку што ние Македонците можеме да го направиме за неа.

Фото: Екатерина Арнаудова, поштенска картичка, 1903

Продолжува...

Александар Стеванов. Објавено и на Македонска Нација

February 17, 2012

Еленка Спасова - жената воин

Во статијата "Македонските Јованки Орлеанки" од весникот The Saint Paul Globe (8 мај 1904 година) е опишано едно херојско дело на Еленка Спасова, Македонката налик принцеза-воин од германските епови за Валкирите.

"Дозволете ми да ви раскажам за една жена-воин од мојот град Банско, во областа Разлог," рече господин Стефанов. "Таа е мажена жена на триесет и три години, жена со брунхилдска* фигура, светла коса и сини очи. Таа еднаш сама и' се спротивстави на цела група турски стражари, и тоа сред бел ден. Еве како се случи:

Храброста на Еленка Спасова македонски вдовица

"Познатиот револуционерен водач, Радонов (Jorge Radonoff), бил фатен и затворен во локалниот затвор во Банско. Вдовицата Еленка Спасова, живеела во куќа која се граничи со затворот. Таа ја зачна идејата за ослободување на револуционерниот водач, и го почна копањето на тунелот од нејзиниот подрум до затворот. Таа копаше во текот на ноќта и наскоро можеше да ги чуе чекорите на стражарот над неа, додека таа работеше. Конечно, таа стигна под клетката на затвореникот и му даде сигнал. Следниот ден таа отиде до затворот преку тунелот, за да го организира бегството таа ноќ, кога дел од тунелот се сруши, што не само што ја спречи во обидот за бегство, туку и ги вознемири стражарите.

"Дозволете ни да јуришаме откако тие ќе ја отворат вратата!" му извика на затвореникот.

Но, револуционерниот водач одби да превземе такви очајни мерки. Стражарите ги отворија вратите, и Мадам Спасова, извлекувајќи го револверот, јуриша низ изненадените Турци, и пукајќи десно и лево, таа избега. Подоцна таа убеди група на револуционери да отидат да го спасат Радонов, што и успешно го направија. "

*Во германската и исландската митологија Брунхилде (Brunhilde, Brünhild, Brunhilda или Brynhild) е силна жена воин, принцеза и една од Валкирите.

Исто така е и лик од оперскиот циклус Прстенот на Нибелунг (The Ring of the Nibelung) од германскиот композитор Рихард Вагнер.

Слика лево: Брунхилде од Артур Ракхам (Brunhilde from the The Ring, by Arthur Rackham)

Brunhilde by Dr Anthony E. Smart:

A mighty female warrior, one of the Valkyries, and a heroine from the German epics, especially in the Nibelungen saga, in which she is a Icelandic princess. She defied Odin and in punishment he imprisoned her within a ring of fire on earth, decreeing that there she would remain until a brave hero rescued her. Siegfied (Sigurd) braved the fire, broke her charmed sleep, and fell in love with her. He gave her the ring, Andvarinaut, unaware of its curse. Eventually she kills herself when she learns that Sigurd had betrayed her with another woman (Gudrun), not knowing he had been bewitched into doing so by Grimhild.

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark

February 9, 2012

Катерина Арнаудова 1

Во статија со наслов "Македонските Јованки Орлеанки" (стр. 5) објавена во весникот The Saint Paul Globe, од 8 мај 1904 година, пишува за Катерина Арнаудова, најпознатата македонската Јованка Орлеанка која повеќе пати е споменувана во странскиот печат:

"Мадам Арнаудова која што сè уште е на бојното поле

Потоа, тука е Мадам Арнаудова, која сè уште е на бојното поле. Таа учествувала во десетина кампањи, и досега успеала да се извлече без гребнатинка. Таа е од Дупница, едно планинско гратче на границата на Турција со Бугарија. Пред неколку години, сега е во триесетите години, Мадам Арнаудова влезе во редовите на револуционерите, и нејзиното присуство е инспирација за одредите на кои таа била член што резултирало со извршување на некои од најсмелите дела.

Таа е голема, мрачни жена, која зборува само кога има нешто да каже, но кога таа се обраќа на групата мажи за неколку минути тие се подготвени да се справат со целата војска на Султанот. Ништо не ги демотивира Турците толку многу колку тоа што ја гледаат Мадам Арнаудова меѓу било кој одред на бунтовниците со кој тие можат да се судрат.

За Катерина Арнаудова пишува и Wet Mountain Tribune во статија од 26 декември 1903 година (слика долу лево):

"Македонската жена борец

Катрина Арнаутова, младата македонска жена, која има активна улога во поголемиот дел од неодамнешните борби, е на дваесетишестгодишна возраст, со средна висина, добро градена и изгледа силно. Таа беше облечена во црн-кожен калпак, сива блуза со воен шев и метални копчиња, кожен ремен, сиви панталони и доколенки од виолетова волна.

Таа немаше потешкотии да оди рамо до рамо до мажите на нивните долги маршеви. "Напротив", вели таа, ''бидејќи сум полесна, секогаш можам да одам или да трчам брзо колку мажите, па дури и побрзо". Таа застрелала пет Турци со сопствената пушка, но не можеше да каже колку убила во редовните битка.

"Јас сум премногу стара за да мислам на такви глупави работи како љубовта, но кога Македонија е ослободена можеби ќе се задомам и ќе се оженам, но за сега немам мислење на таа тема. Повредена сум само еднаш, од камен скршен од рикошет на куршум. " - London Mail

Малку дополнета статија (Озборувања за луѓето) излегува наредната година (6 јануари 1904), во австралискиот весник Australian Town and Country Journal (фототип долу):


Во неа е опишан физичкиот изглед на Катерина:

"Таа има сини очи, кафеава коса која што ја носи долга, но ја сокрива под капата, има исончан тен и е интелигентна со сочувствителен израз на лицето."

А соопштена е и причината поради која оваа млада жена се придружила на револуцијата:

"Таа се придужила на одредите бидејќи уште од мала возраст била инспирирана да помогне за ослободувањето на нејзината земја, и бидејќи еден од нејзините браќа бил убиен од Турците, а другиот бил прогонет во Мала Азија" (за истите причини соопштува и американскиот весник The new enterprise во статија со наслов "Жена служи во армијата"од 17 март 1904, стр. 3)

За нејзиниот љубовен живот во истата статија таа вели:

"Не, никогаш не сум била вљубена во некој од членовите на одредот ниту пак во било кој друг."

За дел од опремата, како и за бескомпромисноста на Катерина соопштува австралискиот весник Clarence and Richmond Examiner во статија од 7 мај 1904 година, со избрани вести од уредникот (фототип лево):

"Свирче за давање сигнали е закачено на синџирчето на нејзиниот часовник, а во нејзиниот џеб има отров завиткан во хартија во случај да падне во рацете на Турците."

Истата оваа статија насловена "Македонската жена патриот" е објавена и во американскиот весник The Logan Republican (стр. 7) претходната година (23 јануари 1904), како и во американскиот весник The Minneapolis journal, во статија со наслов "Македонската Амазонка" од 1 февруари 1904 (стр. 4).

Александар Стеванов, објавено и на Македонска Искра, Македонска Нација и Нова Зора (грчка јазик)

December 23, 2011

Храбрата учителка Малешевска

Во статијата "Македонските Јованки Орлеанки" од весникот The Saint Paul Globe пишува за уште една македонска Јованка Орлеанка - македонската учителка од Серес која судбината ја натерала да земе оружје в раце и да се бори за ослободување на Македонија:

"Госпоѓица Малешевска, уште една македонска Јованка Орлеанка, беше учителка во Серес, која откако видела некои злосторства кои и го потреселе умот отиде во Бугарија, каде што се вклучи во бунтовнички одред. Таа е едвај дваесетидвегодишна, но може да носи оружје. Како и секој маж, и таа нема да дозволи било кој машки другар да и помогне со носење на нејзината муниција.

Опкружена од Турците таа избегала со двајца другари.

Одредот во кој таа се приклучи беше опкружен од Турците, и таа е една од тројцата што избегале. Таа повторно се вклучи и нејзиниот одред повторно го стигна катастрофа. Сите, освен десетмина биле убиени, и биле земени како затвореници. Таа била една од затворениците. Турците ги егзекутирале нејзините другари, но не и неа. Таа направила очајни обиди за слобода еден темна ноќ и повторно избегала.

Таа се вратила во манастирот Рила, како единствен преживеан од групата со која таа го напушти овој бугарскиот град пред две недели. Без да се двоуми таа повторно се придружи на одред, и кога г-дин Стефанов ја напуштил Софија минатата есен таа самошто се беше вратила од нејзината трета акција, но овој пат зела учество во борбите против Турците."

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark

November 20, 2011

Македонската хероина и светица

Во светот постојат многу жени хероини и многу жени светици, но Македонија ја има жената хероина и светица - заборавената Ана Симитчиева.

Во статија со наслов "Македонските Јованки Орлеанки" (стр. 5) во весникот The Saint Paul Globe од 8 мај 1904 година е прикажана историјата на храбрата македонска учителка и нејзината херојска смрт (фототип, долу лево):

"Зошто Ана Симитчиева беше канонизирана од црквата?

Ако постои една жена која Македонците ја имаат поставено над другите поради нејзините борби, тоа е Ана Симитчиева, која беше убиена од страна на Турците во Куманово минатата година. Таа оттогаш е канонизирана од страна на црквата.

Некои жени и деца и повредени револуционери биле гонети од страна на турските војници, кога виделе засолниште во една црква во Куманово и ги забарикадирале вратите.

Турците почнале напад. Во црквата имало час, Ана Симитчиева, млада учителка, собирајќи околу неа дузина млади ученици, и обезбедувајќи неколку пиштоли ги нападнале Турците, кои тропале на црковните порти.

Разбеснети од сквернавењето што било извршено на нивната црква, и инспирирани од борбата на жената која ги водела, македонските ученици се бореле со бесот на десперадоси. Турците иако побројни од нив - десет спрема еден, толку изненадени биле султановите трупи од храброста на нападот при кој првично биле одбиени, оставајќи куп од дваесет мртви пред црковните порти.

Но, тоа било само привремено, Турците се вратиле засилени, а потоа следувала крвава улична борба, во која што не само Ана Симитчиева и нејзината банда од ученици биле убиени, туку и бегалците во црквата биле расфрлани на парчиња и црквата била запалена. Последниот човек кој што умрел, како што Турците потоа изјавија, бил млад ученик по теологија, кој бил жесток обожавател на училителката. Стоел до нејзиното тело, откако бил застрелан, користејќи ја својата пушка како стап, додека еден Турчин со јатаган не го пресекол одзади. Мајките и сестрите на дел од учениците ја гледале битката од прозорците на околните куќи."

Апел до Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија да го разгледа овој случај и доколку смета дека е потребно и оправдано да започне постапка за враќање на статусот светица на Ана Симитчиева.

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark

November 10, 2011

Македонските Јованки Орлеанки 2

Во статија од 23 мај 1904 година, во американскиот весник New-York tribune (стр. 2) за бројноста на Македонките кои учествувале во револуцијата пишува:


"Се вели дека македонските жени се собираат по стотици под црвеното знаме на револуцијата"

За учеството на македонските жени во борбата против Османлиската Империја за ослободување на Македонија, соопштува и весникот Daily press, во статија посветена на Гоце Делчев (стр. 9) од 17 јуни 1906 година:

"Строгата трезвеност и доброто однесување, на неговите (Гоце Делчев) луѓе, и неговата немилосрдност кон лежерното однесување од било кој вид ја освои довербата на селаните, и македонските жени наскоро станаа најголеми помагачи и подржувачи на четите."

Ниту престижниот американски весник The NY Times не пропушта да го спомне херојството на македонските жени од кои како што пишува се плашеле Турците, во статија со наслов "Македонската херојска борба за слобода"од 6 декември 1903 година (фототип долу):




"Турските војници се плашaт од нив и ги одбегнуваат - жените борци храбри исто како и мажите."

Учеството на македонските жени во борбата за слобода во весникот The NY Times повторно се спомнува во статија од 23 март 1904 година (фототип долу):


"Македонските жени чии што деца биле убиени носат оружје и заедно со мажите се борат по планините."

Во статијата "Македонските Јованки Орлеанки" (стр. 5) од весникот The Saint Paul Globe од 8 мај 1904 година (фототип долу лево), опишана е една акција која можела да се изведе само од жени:

Сите македонски жени земаат учество во револуцијата - ако не со оружје, на друг начин подеднакво активно. Имаше случај во Банско, што го илустрира она што македонската жена ќе го направи, ако е повикана.

Еден член на локалниот комитет беше уапсен и однесен во седиштето на кајмакамот. За да ја зачуваат неодамна пристигнатата и сокриена пратка на оружје и муниција брза акција беше неопходна. Членовите на комитетот знаеа дека само малку мажи можат да не потклекнат на присилувањето да проговорат преку физичка тортура.

Муницијата беше скриена во ров далеку во една од нивите. Мажите не можеа да ги преместат, без да бидат забележани од страна на турските патроли, па отидоа меѓу жените, и резултатот беше следниот. Турците видоа жени како доаѓаат по нивите како што вообичаено правеа, очигледно во потрага по своите крави или кози или по пченката. Тие не знаеа дека секоја жена отиде со обезбедени неколку стотици куршуми, врзани за неа во низа околу струкот под нејзиното здолниште и ги пренесе на друго место за сокривање.

Кога измачувањата конечно го принудиja членот на комитетот да го открие скривалиште на муниција, Турците отидоа таму веднаш, но најдоа само неколку празни кутии.

Продолжува

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark

October 26, 2011

Македонските Јованки Орлеанки 1

Во овој машки свет жените многу поретко го наоѓаат своето место во историските учебници, но тоа никако не е затоа што не го заслужиле, особено кога во прашање се Македонките.

Целта на овој фељтон посветен на македонската жена борец не е за да прикаже фиктивно учество на жените во ослободителната борба поради некакви феминистички идеали за полова еднаквост, тука со цел да ја прикаже реалноста. А таа реалност преку факти говори дека Македонката со оружје в рака и рамо до рамо со мажите учествувала во борбата за ослободување на Македонија.

Учеството на жените во борбите е прикажано во статија со наслов "Македонските Јованки Орлеанки" (стр. 5) во весникот The Saint Paul Globe од 8 мај 1904 година (фототип долу десно):

"Жените борци се појавуваат често во историјата, но во ниту една модерна војна жените не зеле толку активна улога како во сегашната македонска револуција. Во речиси секој бунтовнички одред кој талка по планините на Македонија, спротивставувајќи се на турските војници и на башибозукот со неочекувано брзи напади, има една или две жени. Моментално има најмалку сто жени кои носат оружје. Така вели Константин Стефанов, од македонската хунта во Њујорк, кој избегал од турскиот затвор и им се приклучил на бунтовниците."

Ако Франција има една Јованка Орлеанка, Македонија има неколку десетки како што пишува во понатамошниот дел од стaтијата:

"Ние немаме само една Јованка Орлеанка, рече г-дин Стефанов, туку десетици. Ние ги прифативме како нормална работа. Навикнати сме на жените борци. Ние не го одобруваме изложувањето на жените на опасностите од битката повеќе од другите луѓе, но сите овие жени имаат право да се борат. Ние лесно можеме да ги замениме со мажи, но кога жената доаѓа со света заклетва да умре во борба против Турците, бидејќи таа, или нејзината сестра или мајка, претрпеле неискажливи злосторства од рацете на Турците, мажот мора да се тргне настрана и да и ја предаде пушката и своето место во групата. Овие жени се најчесто десперадоси, барајќи смрт, а некои од најпознатите херојски дела во нашите кампањи се извршени токму од нив."

Во статија со наслов "Жени погубени" од американскиот весник Imperial press (стр. 7) од 18 мај, 1901 година се соопштува за присуството на жените во револуционерските редови (фототип лево):

"Виена - Допис до Абенблат од Константинопол, соопштува за стрелање на револуционери Македонци, вклучително и жени..."

Во американскиот весник The Minneapolis journal, во статија (стр. 1) од 13 август 1903 година (фототип лево) исто така се спомнува за учеството на Македонките во борбата за слобода:

"Жените се борат на бојното поле.

Македонските жени им се придружуваат на своите сопрузи и браќа за да се спротивстават на турските трупи.

...Во дипломатските кругови има смртна загриженост поради вестите од Македонија каде што целата популација се чини дека се приклучува, дури и жените."

Речиси истите информации по два (15 август 1903) дена ги пишува во статијата на американскиот весник The daily pioneer (стр. 3):

"Жените се борат на бојното поле. Македонските жени се придружуваат на мажите во отпорот против турските трупи.

Смртна опасност се покажа во вестите од Македонија каде што целата популација изгледа дека се приклучува, дури и жените учествуваат во борбата против турските трупи."

Наредниот ден (16 август 1903) во друг американски весник The San Francisco call (стр. 21) за учеството на жените во револуцијата пишува:

"...Македонски жени за кои се вели дека помагаат во борбата против Турците."

Продолжува.

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark