May 31, 2012

За македонско-кинеските односи

Првите дипломатски контакти меѓу Македонија и Кина датираат во далечна 1978 година, од посетата на тогашниот кинески премиер Хуа Гуофенг (Hua Guofeng), на главниот град на Македонија - Скопје (1). При оваа посета Гуофенг не само што ќе го потврди постоењето на Македонците како народ, туку и на нивната вековна историја изјавувајќи дека милениумската култура на македонскиот народ е факт!

Овие негови зборови добиваат дополнителна тежина и значење знаејќи дека во тоа време Македонија сè уште не била независна држава, туку дел од федерацијата Југославија.

На ваквата изјава остро ќе реагира Ванчо Михајлов, кој со протестно писмо ќе го укори кинескиот премиер за признавањето на Македонците како народ:

„Вие во Скопје изјавивте дека илјадагодишната култура на македонскиот народ е факт на Балканот. Меѓутоа ние сакаме да ве запознаеме дека...“ (2)

Михајлов во своите белешки ќе наведе и дека бидејќи „Кина е голема земја“, по овој повод тој лично „до претседателот и до кинескиот народ во Пекинг“ ќе испрати „бугарски книги, со паралелен превод на англиски“ и секаква друга историска литература, за Кинезите да ја разберат „вистината“ за Македонците (демек македонските Бугари).(3)

Овие негови антимакедонски делувања ќе останат безуспешни, па така само некоја година по прогласувањето на независноста, на 12.10.1993 година, Р. Македонија и Н.Р. Кина формално ќе воспостават целосни дипломатски односи (4). Со тоа Н.Р. Кина ќе стане десетата земја во светот која ќе ја признае Р. Македонија (5), а тоа признавање ќе биде не било какво, туку под уставно име на нашата татковина (6).

На ваквиот принципиелен став во врска со името на Р. Македонија, Н.Р. Кина останува и до ден денес, (7) за што премиерот на Р. Македонија Никола Груевски при последната средба со премиерот на Н.Р. Кина Вен Џиабао (15.05.2012) изрази благодарност.

(10 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Н.Р. Кина и Р. Македонија)

(Во име на вечното пријателство меѓу Р. Македонија и Н.Р. Кина)

Потврда за пријателството меѓу двете земји секако е и тоа што во рок од само две седмици двајцата премиери остварија две работни средби (вкупно три во последните две години).(7)

Автор: Александар Стеванов. Објавено и на Македонска Нација

(1) MFA Republic of Macedonia „Special Supplement: 60th Anniversary of European Convention on Human Rights; Macedonian diplomatic bulletin“ p. 2, No. 42-2010
(2) Андоновски, Верољуб „Сто години сегашност“, стр. 223, 2003 Скопје
(3) истото, стр. 224
(4) MFA.gov.mk (Веб сајт на Министерство за надворешни работи на Република Македонија)
(5) истото
(6) MFA, Republic of Macedonia „Special Supplement: 60th Anniversary of European Convention on Human Rights; Macedonian diplomatic bulletin“ p. 2, No. 42-2010
(7) Vlada.mk (Веб сајт на Владата на Република Македонија)

No comments: