May 1, 2012

Бугарија ги признала Македонците

Официјална Бугарија денес, исто како и во случајот со македонскиот јазик, не ги признава Македонците како одделен народ, туку како дел од бугарскиот. Многу тамошни историчари пак поимот „Македонец“ го сметаат не како етнички туку како географски. Па така каде и да пишува „Македонец“, без оглед дали тоа е во стари бугарски документи или пак во друга странска литература, тие го објаснуваат единствено како географски термин за означување на населението во Македонија.

Но за среќа постојат документи, и тоа бугарски, чија вистинитост во врска со етничката посебност на Македонците не може да ја побие никој, и во кои јасно и недвосмислено е посочено постоењето не на „Македонци“ за кои тие секогаш можат да речат дека се географски, а не етнички термин, туку на „Македонски народ“.

Во брошурата „Тито и неговата свита“, која е печатена од бугарска државна печатница (Георги Димитров) и е објавена од бугарска државна издавачка куќа (Наука и Уметност) во 1953 година (Софија), може да се прочита дел од извештајот (1948 година) на премиерот на Н.Р. Бугарија, Георги Димитров, со кој официјална Бугарија, за разлика од денес, го признава постоењето на македонскиот народ (!).

Ванчо Михајлов пак кој за разлика од денешната бугарска историја која го слави како голем Македонец (демек Бугарин) е посочен како убиец на Македонци:

„...Убиецот на македонскиот народ Ванчо Михајлов...“
(ориг: Убиецът на македонския народ Ванчо Михайлов)


За оние кои би спореле дека тоа е само став на Димитров, а не и на мнозинството од Бугарите од тоа време, нека ја погледнат сликата долу (од истата брошура*) на која се гледа дека бугарскиот народ имал огромна доверба и почит кон Димитров и го сметале за неоспорен учител и водач на народот како што може да се види од транспарентот (лево):

„Г. Димитров наш учител и водач“
(ориг: Г. Димитров наш учител и вожд)


Ова не е еднинствениот случај во кој бугарскиот премиер ги признава Македонците како одделен народ. Во писмо од 1934 година до МНС од Детроит тој ќе напише:

„Јас се чувствувам нераскинливо врзан со судбината на македонскиот народ... Македонското движење има многу непријатели. Меѓутоа, најопасниот негов внатрешен непријател се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам и пред сè бандата на Ванчо Михајлов ...... Не може да има успешна борба против националното угнетување, за ослободување на македонскиот народ без конечно изолирање на Македонските маси од таа опасна банда...“

Во истата оваа брошура*, не само на бугарскиот водач туку и на уредниците на истата, не им пречи тоа што Македонците се прикажани како сосема одделен народ, односно се согласни и свесни за неговото постоење како таков.

На страна 16, за македонскиот учесник во НОБ и началник на УДБа Цветко Узуновски - Абас, може да се прочита следното:

„...Сега е шеф на УДБа во Македонија и палач на македонскиот народ ...“
(ориг: Сега е шеф на УДБ в Македония и палач на македонския народ)

Време е денешна официјална Бугарија, да престане да го негира постоењето на македонскиот народ и поучена од сопственото минато да го признае неговото постоење, исто како што тоа го направила пред повеќе од половина век.

Но без оглед на тоа дали ќе смогне сили и храброст да ги признае Македонците како одделен народ, односно ќе престане истите да ги негира, никој не може да го промени фактот дека тие постоеле, постојат и ќе постојат. Еден друг бугарски државен раководител** во јуни 1970 година ќе напише:

„...Постоењето не една нација не е прашање на нејзиното признавање или негирање од други страни, а е прашање на слободна изјава на национална свест...“

Имено Македонците денес, исто како и Македонците во минатото, постојат не затоа што некој ги признава или ги негира, туку затоа што имаат силно изразена македонска национална свест и никакво влијание од други страни тоа не може да го промени.


*Изложба „Тито и неговата свита“, Софија [1953 г.] - врска
**Тодор Живков, писмо по повод македонското прашање, испратено до Јосип Броз Тито.

Александар Стеванов, објавено и на Македонска Нација

No comments: