May 3, 2012

Македонскиот јазол 14

Бугарски извештај со неоспорни докази

Еден извештај во декември 1909 година беше повод царскиот дипломатски пратеник во Србија да му испрати на Министерството за надворешни работи текст со инструкција, „кој бугарската влада во 1900 година му го испрати на својот тогашен претставник во Белград во врска со поделбата на сфери на влијание во Македонија, предложена од Србија и“, како што пишува понатаму господин Фон Рајхенау, „од кој една копија ми беше достапна во тоа време“.

Со оваа инструкција пратеникот спасил еден толку фундаментален документ за аналите на Република Македонија, што се чини оправдано поопширно да се цитира соодветниот дел од извештајот - до толку повеќе што ова е еден од ретките случаи во сите испитани документи, во кои македонскиот народ не е претставен само како жртва на агресивните соседи, како што било вообичаено, туку и како предмет на трговија.

Во документот на бугарската влада до нејзиниот претставник во Белград се вели: „Имаме неоспорни докази, а и случувањата во последниве години јасно покажаа дека големото мнозинство христијанско население во Македонија секоја поделба на сфери на влијание ја сфаќа многу непријателски. Нивната желба оди дотаму да им се гарантираат личната безбедност и правото на сопственост и да им биде дадена слобода мирно и мирољубиво да се развиваат и да ги уживаат сите права на рамноправни отомански државјани според меѓународните договори и законите на Отоманското Царство. Секаков обид за каква било поделба кај македонското население би предизвикал огромно незадоволство и во оваа братска земја би причинил еден таков раздор и неединство, што би можело да изврши многу штетно влијание не само врз тамошното население туку и врз мирот и редот како во Бугарија, така и во Србија. Кога пред неколку години, првпат беше отворено прашањето на 'сфери на влијание', од населението во Македонија кон нас беа упатени најжестоки протести по однос на ова прашање. Населението со сите сили се бореше против една ваква поделба и се изјасни дека никогаш не сака да се стави ниту под старателство на Бугарија, ниту пак под она на Србија. Идејата за сепарација и самостоен развиток за кратко време стана толку популарна, што во многуте места во Македонија почна да се оспорува постоењето на какво било племенско сродство или други врски меѓу тамошното население и оние од другите балкански држави“.

Во принцип, доволно е да се остави да дејствува севкупниот впечаток на документот, за да се сфати трагиката на историјата, чија тогашна констелација го дозволила тоа, македонскиот народ да прерасне во објект на алчноста за моќ на неговите христијански соседи, иако исто како и другите балкански народи можеше да биде ослободен од турската превласт.

Требаше да поминат 78 години од распарчувањето на Македонија, за кон крајот на 20 век да дојде поволниот судбоносен час во светската историја, кога Македонија повторно - барем делумно - можеше да исплива од историскиот заборав.

Бидејќи секоја реченица од овој текст има толкава моќ на соопштување и секоја говори за себе нема потреба секоја од нив одделно да се коментира на пример:

- противењето на Македонците на плановите за поделба и тенденција за национална самостојност беше јасно уште многу пред 1900 година, и тоа под името Македонија;

- обидите за делба би предизвикале огромни незадоволства и раздор во Македонија, така што тоа би извршило штетно влијание врз мирот и редот во Бугарија и во Србија;

- но, пред се, македонското население оспорува секакво племенско сродство со народите на другите балкански држави!

Документи за една „самоопределба“, која со ништо не се споредува.

Впрочем, паѓа в очи и тоа што во бугарската инструкција станува збор само за Срби и за Бугари. Фактот што и Грција би можела да се обиде да си ги припои словенските области, во 1900 година, за бугарската власт бил сосема незамислив.

Во меѓувреме некои придружни забелешки се покажаа сосема на место.

1. Иако на сите балкански жители им беше докажано и добропознато дека Македонците се самостоен народ, Бугарите, Србите и Грците не се двоумеа во Првата балканска војна да ги нападнат своите христијански браќа и да ги одведат од едно во друго ропство. Ова го имаме веќе со векови зацртано и испланирано. Уште полошо: дури и да му го припишеме тогашното однесување на „духот на времето“ иако за тоа, всушност, нема никакво оправдување, сепак во 1990-91 година не живееме повеќе во времето на империјализмот, туку во време на човекови и малцински права. Но и тука истите држави не се двоумеа - како да постапуваа и понатаму по правилото научено од Турција, со заведување и измама на европските „спријателени“ влади, како и на светската јавност да им создадат претстава дека Македонците противзаконски ги поседувале својата држава, своето државно име, како и својот државен симбол, па дури и својот јазик! И тоа не е се: дури и во 21 век истиве актери се до ден-денес (Србите до вчера) со истите тие невистини го чуваа целото семејство на народи во лажно верување, дека тие за своите условувања, рестрикции, барања и опструирања насочени кон Македонија имале навистина основани причини. Тие непречено стојат зад ова, без притоа нашиот „систем на држави да ги повика на пристојност и да се исправи оваа неправда“!

Ова создава разочарувачка сила за слабата способност на спроведување на вредностите на сите демократски сили на Западот и во Обединетите нации - особено во рамките на Европската Унија. Меѓународните институции имаат должност да му стават крај на ова самоволие.

2. Токму во вакви моменти, кога се кроела историјата, јасно се гледа трагиката на немоќноста на погодените - како историјата да не била создавана од дејствувачки ликови, туку како сама од себе да произведувала виновни и невини.

Сепак, историјата не тече според правото, законот и нормата, а за рамноправност воопшто не станува збор.

Но, таа не смее да се одвива ниту онака како што сакаат Бугарите, Грците и Албанците, односно таа да биде водена исклучиво од нивните сопствени национално-егоистични интереси.

Во овој случај силите на редот на светскиот систем мораат да го сопрат тркалото на „направената“, пред се, фалсификувана историја и да го насочат во корист на слабите и обесправените.

Ханс - Лотар Штепан

1 comment:

vasul mitev said...

http://bg.wikipedia.org/wiki/%D0%93%D0%BE%D1%86%D0%B5_%D0%94%D0%B5%D0%BB%D1%87%D0%B5%D0%B2