Моето учество во револуционерните борби на Македонија 7

ЧОРБАЏИСКИОТ ЕЛЕМЕНТ. — ВОЈВОДАТА ИВАН АЛАБАКОТ ПРИСТИГА СО ЧЕТА ВО ВЕЛЕШКО. — МОЈОТ ПРЕСТОЈ ВО СКОПЈЕ. — ПЛАН ДА СЕ УБИЕ ГРОФ САЛИДИС. — ПАК ВО КУМАНОВО

Ова што стануваше во Велес, како што спомнав погоре, стануваше насекаде во Македонија. Накреваа глава врховистички елементи. Имајќи погоден терен за својата разрушувачка дејност, печалеа влијание и не можеше да има сомнение, оти настаните ќе се развијат до својот логичен крај: расцепувањето на ВМОРО и фактичкото создавање на две одделни организации. Но не ми се сакаше да бидам нем нагледувач на овој факт и ги употребував возможните усилби за неговото избегнување, зашто си давав сметка за размерите на злото.


Како што претскажа Ѓорче, дека создаденото „општо“ раководство ќе се раскапе уште со неговиот прв чекор при напуштањето на нашиот реон, — раскапувањето стана. Почнаа одново да функционираат обете раководни тела, кои претендараа за законитост и се сметаа за вистински заштитници на интересите на нашата национал-ослободителна кауза. По востанието, уште во втората половина на пролетта, почнаа да идат вооружени чети од Бугарија, испраќани од Татарчев — Матовци и од Бориса Сарафов, а изворот за вооружувањето на тие чети беше еден ист — бугарските воени складови; парите идеа повеќе од државните каси. Но, постоеше една фракционерна борба меѓу нив, не толку на принципна база, ами за тоа кој да го има првенството во раководството ва ВМОРО.

Прва во Велес дојде четата на Стефана Димитров, вооружена и испратена од Татарчев — Матов. Кога пристигна во велешкиот реон, и двете раководни тела се натпреваруваа да ја спечалат подршката на Стефан Димитров. Но чорбаџиите, располагајќи со повеќе средства и бидејќи повисоката интелигенција беше со нив, можеа со голема демагогија да спечалат голема маса од несвесни граѓани и претставуваа голема сила, та Стефан Димитров фати да се зближува со нив. Но уште не беше ги прекинал своите односи и со Андона Димов. Јавно беше неговото претпочитање на д-р Петар Кушев, кој беше раководител на чорбаџиското раководно тело. Кушев, офицер во бугарската армија, со несокривани големобугарски сфаќања, со необично еластичен карактер и јавувајќи се секогаш со својата помош како лекар на оние што имаат вужда, без да инсистира за награда, беше си, спечалил големи симпатии на голем дел од населението во градот и околијата. Тој стана фактор кој го засенчи Андова Димов, макар овој од минатото да беше си го спечалил името на чесен и смел борец, што го призонава и Ѓорче Петров, во своите спомени за него.

Лишени од поткрепата на Стефана Димитров, Андов Димовци почнаа осетно да заслабуваат, но не задоцни и Борис Сарафов да ги испрати своите чети. Еден ден пристигнаа четите на Ивана Алабакот од с. Ореовец, Велешко, на Атанаса Кршаков и на Кузинчев од Костурско. По нивното престојување од два дена во Велес тргнаа за селото, а понатака костурските чети си го продолжија патот за Костурско, а Алабакот за Велешко. Алабакот се ползуваше со голема популарност меѓу населението уште од времето на Илинденското востание. Тој заедно со неговиот близок другар Андреја Димов, роден од Велес, после горноџумајски војвода, зеде учество при преземањето на Крушево, каде што беше прогласена првата македонска република. Иван Алабакот дојде со задача да се настани во Велешко и да работи тука. Но можеше ли да се сложат двајцата војводи? Ништо друто не ги делеше, достаточен беше стремежот нивни кој да биде околиски војвода. Така кај нас се тури основата на сарафизмот, без да имаме сарафовисти. Чорбаџиите отпочнаа да се викаат „централисти“ а противниците ги маркираа со „сарафисти“. Но уште пред идењето на Алабакот, еден ден ме најде Иван Чонтев, велешанец, учител и виден деец во левицата на ВМОРО и ми рече: „Сега си дојдов од Скопје и таму се сретнав со Михаила Шуманов и Ивана Бардарев, дојдени од Бугарија и ми рекоа да кинисаш веднаш за Скопје, еве ти пари за навло“. Ми ги даде парите и јас уште истиот ден тргнав за Скопје.

Михаил Шуманов беше бивш учител и поради неговата компромитираност сред власта стана нелегален, четник. Тој учествуваше во четата на Сандански при пленувањето на Мис Стон и низ сето време на нејзиното криење беше во Пиринска Македонија. Пред востанието беше во велешко. За Ивана Бардарев пишав понапред.

По моето пристигање во Скопје се сретнав со нив, а таму беше и Тодор Богданов. Тие ми соопштија оти е создаден голем кружок за отпочнување на една поефикасна и опсежна борба против интересите на големите сили за конечното ослободување на Македонија и Одринско. Сега по мислењето на многу меродавни фактори бил најповолен момент за една таква дејност. Јас им реков: „Пред сè треба да се создаде возможност за моево престојување во Скопје, зошто штом ќе ме забележи полицијата, ќе ме интернира за Велес, та после ќе му мислиме што ќе се прави“. — „Тоа е лесно“ ми рече Шуманов, „ние сме многу блиски со австрискиот конзул Пара и одиме често кај неговото конзулство. Кога ќе му се помолиме, тој ќе го стори возможното да не ни пречи полицијата. Тој е во состојба да го направи тоа, бидејќи Скопскава област е под контролата на австриските реформатори“. Тие уште истата вечер отидоа при Пара и кога го помолиле за мене тој им рекол: „Да си најде некаква работа. Пред тој факт полицијата не ќе смее да направи ништо против него“.

На работа се наместив во кафето „Вардар“ на Љубена Попов, подолу од црквата „Св. Богородица“, крај реката Вардар. Во ова кафе се збираше елитата на скопската интелигенција. Мојата работа беше штом ќе видам дека иде полицијата, да се растрчам тогаш како келнер и да разнесувам порачки по масите. Низ другото време седев со пријатели во разговор.

Еден ден се собравме во станот на д-р Николов, родум од Крушево, виден македонски деец. На состанокот беа д-р Николов, Михаил Шуманов, Иван Бардарев, Тодор Богданов, Стефан поп-Иванов, родум од Кочани, учител во Педагошкото училиште, Јордан Николов, родум од Прилеп, кој беше го завршил своето образование во Франција, тогаш учител во Педагошкото училиште, (по време на Хуриетот беше народен пратеник во турскиот парламент), Антим Ингилизов и Пано Илиев, ученици од III педагошки курс. По разгледувањето на прашањето дали е поволна ситуацијата за една засилена борба против интересите на империјалистите, Шуманов и Бардарев изјавија дека австрискиот конзул Пара, еден од најактивните австриски дипломати на Балканот, предложил да се убие гроф Салидис, началник на реформаторската мисија во Скопска област, која, како што истакнав погоре, беше под австриска контрола.

Гроф Салидис беше поковник од австриската армија. За да биде убиен тој, Пара понуди 50.000 круни. „Сета Австрија да се реши на еден таков акт, тоа е продиктувано од нејзините животни интереси. Да се изврши тој акт, моментот е најпогоден изјавил Пара, кога Русија е заангажирана за една голема војна на Крајниот Исток со Јапонија, нејзините раце се врзани и ние сме во состојба да се замешаме на Балканот, а таа е најголемиот наш соперник овде. Сега сме решени да жртвуваме еден наш висок чиновник и со неговото убиство сакаме да имаме повод за навлегување на нашата армија во Македонија за да постави ред, бидејќи анархијата која постои во неа им пречи на нашите интереси. Големи делови од нашата армија се концентрирани кон границата на Босна, божем прават маневри и под предлог за поставување ред во Македонија и за заштита на животните интереси на нашите претставители, ќе навлезе и ќе се спушти дури до Солун, за да ја окупира Македонија. За вас македонците таа окупација е од животен интерес, бидејќи ние ќе ви дадеме автономија под наш протекторат“.

Јас чекав да се искажат сите, за да го земам последен зборот. Речиси сите се искажаа да биде примен предлогов на Пара. Особено беше распален во својот говор со нему својствената красноречивост Стефан поп-Иванов. Јас го зедов зборот и му поставив прашање на Шуманова: „Ако од толку голем интерес е за Австрија да се изврши тоа убиство, ЗОШТО се обраќаат до нас, а не си најдуваат некој професионален убиец, за што имаат полна возможност?“. Стефан поп-Иванов избрза да ми одговори, бидејќи беше и тој еден од посетувачите на австриското конзулство. Тој рече: „Пара рече дека тоа убиство извршено од нас ќе биде сметано како дело на ВМОРО и таа околност ќе му ја даде нужната тежина и дека тоа убиство не е прво, ами ќе последуваат и други, зашто ќе се погледне на тоа дека македонскиот народ ја префрлил границата на трпењето и дека нема да се запре со неговата организација пред никакви средства за да се ослободи од турскиот јарем“.

По овој одговор, јас продолжив: „Другари, нека не бидеме обземени од сентименталности, ами да го опсудиме ова прашање со нужната ладнокрвност и нека во случајов игра кај нас улога разумот место чувствата. На Австрија ѝ е потребно тоа убиство. Таа се раководи од своите интереси, а не од интересите и за доброто на македонскиот народ. Јас мислам дека македонскиот народ е тој, кој го има зборот за своето добро, има вистински своја организација во лицето на ВМОРО и ако таа најде преку нејзиниот ЦК, оти е во интерес на македонскиот народ да стане убиството што го нуди Пара, нека дојде наредба за неговото извршуванње. Но за да може да стане тоа нешто, треба да биде сондиран ЦК. Јас се сомневам оти тој ќе се согласи да биде удрена од зад грб Русија која е ангажираиа во таа голема војна. Мнозина од нашата интелигенција се надахнати со крајно русофобски чувства, но широките маси на нашиот народ напротив се надахнати од крајни русофилски чувства и не се расположени спрема Австрија. Ние ја гледаме спонтаната иницијатива на нашите граѓани во Скопје да збираат доброволни прилози за рускиот Црвен крст и насегдека ќе ги сретнеш пожелувањата за победата на Русија во оваа војна. Кога расудуваме овде за предлогот на Пара, треба да се води сметка за овој факт.

Ние социјалистите, продолжив јас, ја споделуваме идејата за борба против интересите на империјалистичките сили, но таа борба да е примена и да се врши од ВМОРО и ние ја разбираме нашата задача засега да се агитира сред масите на ВМОРО да се восприеме тој курс на борба од нив. Ние никогаш не сме биле приврзаници на тоа, таа борба да биде акт на одделни групи, без да се тие органи на ВМОРО. Лично јас сум против предлогот на Пара просто затоа што е полезен за империјалистичка Австрија и штетен за македонскиот народ. Ние ќе се бориме против интересите на сите империјалистички сили. Македонскот народ има ли интерес од предлаганата „автономија — протекторат“ од Австрија? — Не! Илјада пати не! Ние, социјалистите, сметаме дека треба да се бориме за полната автономија на Македонија и Одринско, која ќе биде во интерес на балканските народи, за закрепување и гарантирање на нивниот слободен независен опстанок, да послужи споменатава автономија за изградување федеративно или конфедеративно уредување на балканските држави. За сега Македонија и Одринско се јаболка на раздорот меѓу нив. Но со создавањето на автономија ќе ја направиме таа да стане соединлива алка.

Излегувајќи од овие уверенија, јас сум противник на една таква акција и ќе се борам со сите сили против оние што сакаат да ја спроведат“.

Оваа моја категорична изјава ја олади разгорештената фантазија на сите и ги натера да се отрезнат малку. Тие немаа друга поавторитетна организирана сила, освен нас социјалистате, а и изрично било напоменато од Пара дека акцијата не треба да изгледа како дело индавидуално или групово, ами како дело на политичко-револуционерна организација. Се разотидовме.

Јас го сметав веќе излишно моето стоење во Скопје и решив да си појдам. Шуманов ми предложи да одам во Куманово, откај што беше тој родум. Се согласив и тргнав по два дена од гореспомнатата конференција. Во Куманово на вториот ден се бевме собрале со една група пријатели, кумановци, во Сечковото кафе, кое беше крај река. Бевме се позабавиле малку повеќе и на одењето наше за дома заедно сите, недалеку од кафето, во една тесна уличка извикаа зад нас неколку полицајци да се запреме. Шуманов веднаш ми го даде револверот негов, велејќи ми: „Ова запирање е за мене“.

И навистина, штом нè пристасаа полицајците, му предложија на Шуманова да ги следи до участокот за една справка. Се разбра накај излегува оваа работа. Утредента Шуманова го отераа за Скопје и по неколку дена со Бардарова го беа екстрадирале за Бугарија.

Ние можевме да научиме после оти ова станало по наредба од Пара. Овој, разочаран дека не може да ја спроведе својата желба (Шуманов беше му го кажал нашето решение, оти сме против извршувањето на нуденото убиство како штетно по интересите на македонскиот народ) го наредил неговото екстрадирање. Но да се послужи со други луѓе за истата цел, веќе не беше згодно за Пара, зашто ќе се разбереше оти е дело на австриската дипломатија и ќе сретне на отпор од другите заинтересирани сили на Балканот и отпорот на малите балкански држави за намерите на Австрија.

Јас преседов една недела во Куманово по опишаниот настан и си тргнав за Велес пешки, избегнувајќи да се враќам со воз, зашто требаше да се помине низ Скопје, каде што сретнувањето со полицијата не ми беше пријатно.

Бргу потоа стана напред опишаното идење на Ивана Алабакот.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: