СВЕДОШТВА НА МАКЕДОНЦИ ЗА ГРЧКИТЕ ЗЛОСТОРСТВА

СВЕДОШТВА НА МАКЕДОНЦИ ЗА ГРЧКИТЕ ЗЛОСТОРСТВА ВО ТЕКОТ НА ГРЧКАТА „МАКЕДОНСКА БОРБА“

Со терминот грчка т.н. „Македонска борба“ се означува историскиот период од 1904 до 1908 година, и овој термин територијално опфаќал голем дел од површината на географска Македонија, пред сѐ во нејзините јужни и централни делови. Во суштина таа претставувала паравоена интервенција на грчката држава против Внатрешната Македонската Револуционерна Организација (ВМРО) и структурите на другите балкански, црковно-национални пропаганди во османлиска Македонија.
Во основа андартското движење претставувало терористичка организација, т.е. паравоена формација на Кралството Грција која дејствувала на делови од османлиска Македонија. Целта била завладување на територии кои веќе биле организирани од страна на ВМРО и користење на терор, насилство и заплашување на месното население во насока на негово враќање или останување во рамките на Патријаршијата. Поимот паравоена организација означува воена структура која е организирана како напоредна воена формација на регуларната армија на одредена држава или на одделни нејзини партии на власт, или на организации блиски до власта, додека нејзината цел е преку субверзивна активност да подготвува терен за завладување на одделни територии. Главни носители на грчката „Македонска борба“ во грчкото кралство, покрај поединци од националистичките кругови во Атина, биле претставниците на официјалната држава, кои имале круцијално влијание во водењето на вооружената борба, како дел од извршната власт или индивидуалци поставени во управата на грчкиот „Македонски комитет“. Од друга страна, андартското движење во османлиска Македонија било координирано и раководено преку Министерство за надворешни работи и грчките конзулати, од офицерите на грчката армија и високото патријаршиско свештенство, во чиј избор влијание имала и грчката влада. Во однос на финансирањето главните трошоци биле покриени од буџетот на Кралството Грција, но и од донации на поимотни грчки државјани, како и од богатата грчка емиграција. Што се однесува конкретно до учесниците во грчкото вооружено движење, т.е. андартите, тие биле класични платеници, кои за својата работа добивале месечна плата. Додека офицерите, кои всушност биле и водачи на андартските групи, за време на нивниот престој во Македонија добивале платено остуство и биле привремено ослободувани од служба во грчката армија. Офицерите за време на престојот на територијата на Империјата без разлика дали биле назначени во грчките конзулати или, пак, биле дел од андартските чети, секогаш во комуникацијата користеле псевдоними, со единствена цел - при евентуално откривање од страна на османлиските власти да не дојде до нивно поврзување со грчката држава. Целокупната дејност на грчкиот „Македонски комитет“ и на грчката влада, посебно нивните меѓусебни врски, во текот на грчката „Македонска борба“ се карактеризирале со конспиративност. Целта била пред османлиската власт и пред меѓународната јавност да се покаже дека андартското движење било дело на „македонскиот елинизам“ и дека официјална Атина немала никаква поврзаност со грчките вооружени акции во Македонија. Од погореизнесеното заклучуваме дека андартското движење единствено можеме да го третираме како паравоена формација на грчката држава во Османлиската империја.
Основниот начин на дејствување на грчката паравоена организација било заплашување и насилство, односно терор врз месното македонско население. Според грчкиот историчар Димитрис Ливаниос, грчката „Македонска борба“ имала повеќе психолошки отколку воен карактер, чиј почеток се карактеризирал со политичка акција, секако мислејќи на периодот пред почетокот на андартското движење, а кулминирал со вооружено насилство. Идеолозите на „борбата“ сметале дека вооруженото насилство и терор биле единствените начини кои дефинитивно ќе овозможеле црковно, т.е. „национално“ определување на македонското население. Практиката на грчките вооружени групи да спроведуваат терористички акции, чија „вистинска цел е пред сè да создадат страв меѓу одредени категории од населението на една територија или меѓу сите нејзини членови“, претставувало обид да се принуди „непријателот“, во овој случај ВМРО и македонското егзархиско население, да егзсистира по нивна волја, т.е. да станат „Грци“. Исто така, според Ливаниос, примарната цел на андартското движење била „психолошката експедиција изведена со воени средства“. Во тој случај, користењето на воени средства од страна на грчката пропаганда значело користење на терор и насилство, кои во основа претставувале принуда со која „терористите влијаат врз сознанието (психата) на објектот, со цел негово мотивирање да преземат, или не, некакво дејствие, т.е кон насочување на определено однесување посакувано од терористите“. Од друга страна, теророт и насилството продуцирале страв кој требало да биде одлучувачки фактор во опстојување или кон враќање на одредено село во рамките на Патријаршијата. Како резултат на  извршувањето на терористички дејствија, според научникот Георги Стојанов се создава т.н. синдром на последици од насилството, кој се карактеризира со пројави на страв, паника и несигурност. Во такви околности многу полесно било спроведувањето на грчката национална доктрина, односно како што забележал Вардас во писмото до Зимвракакис Епаминондас (Памикос) од 26 јануари 1905 година, дека по нападот на костурското село Либешево и убиството на месниот војвода Костандо Живков, „имавме напредок, шизматичките села Либешево, Жиговишта и Бухин дојдоа со нас“, т.е. се вратија кон Патријаршијата.
Андартската организација користела најразлични методи за да го принуди македонското население да се откаже од Егзархијата и да се приклони кон „духовното водство“ на Цариградската патријаршија. Некогаш единствено било доволно андартите да „посетат“ одредено село за да тоа се врати во рамките на Патријаршијата. Процесот бил прилично едноставен. Така, на пример, при посетата на с. Прекопана за време на последната експедиција на П. Мелас во Македонија, во есента 1904 година, најпрвин биле убиени влијателните егзархисти, свештеникот и учителот, кои според логиката на Мелас „имаа важно место во Комитетот“, т.е. ВМРО. Потоа, пишува Мелас, „ги поканив сите селани, посебно старешините кои порано беа православни (патријаршисти, б.н.), и им укажав со топол пријателски говор да се вратат во православието (Патријаршијата, б.н.)“. Во продолжение водачот ги „замолил“ присутните селани да се изјаснат за нивните црковни и „национални“ чувства, потенцирајќи дека ќе го почитувал нивниот избор, „но дека на никого нема да дозволам да врши притисок врз Грците (патријаршисти, б.н.) и да ги тера насилно да се отцепуваат“. Откако Мелас ја завршил агитацијата, им наредил на жителите на Прекопана „да дадат заклетва за посветеност и верност кон православието и, второ, да поднесат исто таква изјава пред кајмакамот и митрополитот“, но и да побараат од вториот, во рок од 10 дена, да им испрати „грчки“ свештеник и учител. На крај отворено им се заканил на селаните, дека по заклетвата која ја дале, „ако некој од нив отстапи од ветеното... и човек кој ја погазил својата заклетва, па според тоа и соодветно ќе го казнам“. Ова претставувало само еден од мноштвото на вакви или слични на овие настани кои се случиле во текот на грчката „Македонска борба“. Воочлива е употребата на закани, уцени, насилство и убиства врз месното македонско население, со единствена цел да се влијае врз нивната психа, т.е. да им се всади страв и да им се наметне дека единствено решение било прифаќањето на црковната и „националната“ определба диктирана од грчката пропаганда.
Следен метод кој бил практикуван од страна на грчките паравоени формации бил испраќањето на предупредувачко - заканувачки писма. Во нив бил поставен ултиматум, кој доколку не бил прифатен од селаните, тогаш се стапувало во акција, односно кон принуда на македонското население преку ноќ на стане „грчко“. Заканувачките писма биле потпишувани од страна на водачот на андартската чета, адресирани најчесто до највлијателните жители на селото, т.е. кметот, учителот или свештеникот. За подискриптивно претставување на овој вид на притисок ќе пренесеме дел од едно такво писмо, испратени до с. Арапли, Солунско. Писмото датира од 20 март 1908 год., на кое стоел округол печат со натпис „Капетан Апостолис“. Од истото дознаваме дека претходно било испратено уште едно писмо, за кое „капетанот“ констатирал дека селаните не го добиле, „поради што сум принуден повторно да ви напишам, за да разберете дека единствениот ваш спас е да станете Грци“. Откако најпрвин ги прогласил селаните за „Бугари-Македонци“, набрзо ретерирал од својот став и посочил дека такви не постојат, за да веднаш потоа им порачал: „во некое село постојат луѓе кои не се убедени дека се со грчко потекло, тоа, по потреба, ќе ги научиме ние, првин со советување, а потоа и со меч“. Во продолжение на прилично долгото писмо, водачот на андартската чета „најдобронамерно“ им укажал на селаните за нивното „историско потекло“, докажувајќи со „историски факти“ дека тие не се „Бугари“ и дека неговата цел е да ги врати на „вистинскиот пат“, ако треба и со помош на оружјето. Сосема на крај авторот на писмото заклучил: „Штом го примите моето писмо треба да станете Грци, инаку овие дена очекувајте да дојдам за да ве научам дека Бугарите не се Македонци... Ќе ве изгорам и вас и вашите деца... Не ќе оставам ниту еден од вас... Повеќе не чекам! Или сега веднаш ќе се вратите (под јурисдикција на Патријаршијата, б.н.) или некој ден сите ќе ве убијам. Ќе ви покажам дека Грците можат да чекат, но дека трпението им има граници. Значи, или едното или другото. И чекам брз одговор“. Вака формулираното писмо, полно со закани и уцени, било доволна причина за жителите на засегнатото село да преминат на страна на Патријаршијата, а со тоа и кон елинизмот, посебно ако тие не биле организирани и заштитени од организационата мрежа на ВМРО или нејзината структура во селото била слаба. Андартите употребувале и друг метод, односно од одредено село земале заложници, со што ги принудувале сите селани да станат „Грци“, бидејќи во спротивно заложниците би биле убиени. 
Во секој случај, најесктремен метод употребуван од страна на грчките формации претставувал класичниот терористички напад на одредено населено место. Тоа се реализирало откако жителите на „избраното“ село се однесувале игнорантски кон заканувачките писма на андартските водачи или, пак, нападот најчесто бил реализиран без никакво претходно предупредување. Во најголем број од примерите изборот паѓал на села кои во дадениот момент, или во минатото, пред сè во Илинденското востание, преставувале значајна база на ВМРО или во кои егзархиската црковна организација имала поголемо влијание. Но, имало и напади на села кои не спаѓале во претходните две категории, додека нивниот избор, а со тоа и напад, требало да претставува предупредување за самите негови жители или на македонското население од околните населени места. Пред реализацијата на конкретниот терористички акт водачите на андартските чети се подготвувале неколку дена. Во тој период тие собирале детални информации за највлијателните жители на селото, а најчесто информациите ги добивале од претставници на грчкото свештенство или поединци од самото село кои биле поткупени од грчката пропаганда. Исто така, доаѓало до групирање на неколку андартски чети, со што бројот на четниците бил значително голем, со цел поефикасно извршување на зададената цел. Терористичкиот чин најчесто бил реазлизиран во доцните вечерни или раните утрински часови и секогаш бил користен факторот на изненадување и неподготвеност за самоодбрана или активирање на селската милиција на ВМРО од конкретното или околните села. Нападот бил молскавичен и траел неколку часа, сè до оној момент кога андартите сметале дека ја завршиле поставената задача или почуствувале опасност дека можат да бидат нападнати од четите и селската милиција на ВМРО или, пак, од активирањето на османлиската војска, со која секако дека не сакале да имаат никаков вооружен контакт.  Вооружениот акт се карактеризирал со насилство и терор врз недолжното население, со убиство на голем број на невооружено население, кои за андартите најчесто биле „вооружени комити“, потоа следеле грабежи, но и убиства на добиток и опожарување на недвижниот имот. Откако ќе завршел нападот, андартските чети се повлекувале на сигурно во своите бази. По неколкудневно криење и чекање да се стабилизира ситуацијата и прогонот од османлиската војска се разделувале и секоја група се враќала во својот реон на дејствување, а некои се повлекувале и на територијата на грчката држава.
Класичен пример за овој метод на работа претставуваат нападите на селата Зеленич, Загоричани и Неволјани. Првиот крупен терористички напад се случил на 13 ноември 1904 година, во с. Зеленич (Леринско), во македонската историографија попознат уште како и „Зеленичка крвава свадба“. На тој ден, 36 андарти под водство на водачите Катехакис, Каудис, Пулакас и Вранас, без никаква причина го нападнале селото, а како повод им послужила свадбата на внуката на егзархискиот свештеник во Зеленич. Убиени биле 11 селани, а 4 биле ранети. Најжестокиот напад во текот на грчката „Македонска борба“ се случил на 25 март 1905 год., кога во с. Загоричани (Костурско) околу 200 андарти извршиле типично злосторство врз недолжното македонско население. Убиени биле голем број на селани, а опожарен бил и добар дел од селото. Последниот пример кој ќе го наведеме, за кој во  историографијата е малку пишувано, се однесува на нападот на с. Неволјани (Леринско). Овој напад бил сличен како оној во с. Зеленич, т.е. повторно се случил на свадба, а го извршила четата на критјанинот Ефтимијос Каудис.
Како и да е, покрај наведените методи и средства кои најчесто биле користени од страна на андартските паравоени формации, биле практикувани и многу други од различен вид. Тие најчесто зависеле од начинот на дејствување и проценките на поедини водачи на грчките чети, од наредбите кои ги добивале од своите претпоставени, пред сè „центрите“ на грчката пропаганда во Македонија, од моменталните околности и местоположбата на одредено населено место, од ангажирањето на османлиската власт, како и од присуството на четите на ВМРО и поставеноста на нејзината организациона структура.
За оваа пригода, на пошироката јавност во Грција ќе претставиме неколку документи кои биле испраќани од македонски села до претставниците на Големите сили, пред се до руски претставници, во Османлиската империја, преку кои Македонците ги изразувале сите злосторства кои им биле направени од страна на грчките андарти.

1.
No 213,
28 март 1905

ДО ГОСПОДАТА РУСКИ И АВСТРИСКИ КОНЗУЛ

На 25 март во темни зори една грка разбојничка банда од околу 200 души го нападна нашето село од сите страни. Најанапред слушнавме како свири војничка труба и потоа започнаа да грмат маузерки пушки. Населението мислејќи дека селото ни е заобиколено од војска не мрдна од своите места и замрзна од силен грмеж и на разни места исфрлените динамитни бомби и од куршумите, коишто како град се сосипаа над покривите  на замрзнатите и од никаде не подржуваните селани. Со голема сила разбојниците не им дадоа време на несреќните селани да се соземат, и така навлегоа во селото поделени на мали банди од 4 до 8 души... о, Боже!!! Перото е безсилно да ги опише ужасите, злоделата на тие ѕверолики луѓе вооружени од глава до пети. Тие извршија нечуени ужаси до сега во светската историја на човештвото. Започнаа да ги кршат вратите и да влегуваат во куќите, и да убиваат и да собираат се што ќе се испречеше пред нивните крвожедни очи. Без причина убиваа мажи, жени и деца и домашни животни. Во тие критични моменти голем беше плачот и лелекот по целото село! Безпомошното население  обземено од паничен страв трчаше по улиците и избезумено бараше прибежиште да се сокрие од куршумите и ножот на тие поклоници на вандализмот! Секој што им падна на нивните немилостиви раце беше трагично убиен!!! Ниту молбите, ниту прекрстувањата, ниту бакнежите на расплаканите жени, ниту солзите и писоците на истите, на малите и невини деца, ниту паричните наградувања коишто разбојниците ги прифаќаа на драго срце - ништо не беше во состојба да го смекне и смилостиви каменото срце на тие варвари. Првото нивно барање беше „пари“, второ, се наредија по ред, а најпосле смрт – насилничка, смрт ужасна, смрт нечовечна, смрт маченичка!!!
Ние сите ќе станевме жртва на грчката злоба, на грчкиот фанатизам чиј водач е костурскиот грчки митрополит (Германос Каравангелис, б.н.), ако не пристигнеше едно одделение војска. При појавата на тоа мало одделение на војска  разбојниците се распрснаа и ние останатите се спасивме од јавната смрт. Намерата на тие платени убијци била да го уништат целото село, но провидението не спаси!!!
По малку време (разбојниците отворија оган во 10 ½ часот „алатурска“. Аскерот се појави во еден часот и по 1 ½ час борба, во 2 ½ часот бандата отстапи), кога разбојниците дивееја во нашето село, кога извршија злосторства чии што размери јасно личат на приклучените тука таблици.
По сето горекажано јасно се гледа каков е нашиот живот – живот страдалнички, живот неподнослив, живот во постојана тревога! Ние, целото население, апелираме кон човекољубивата и хумана Европа, апелираме кон цивилизацијата, којашто веруваме не може да бара по варварски цени – достојни на средните векови, апелираме кон европското општествено мнение, апелираме и кон целата природа и кон сите што се покровители на поробените народи и високо изјавуваме дека сакаме и ние човечки живот и човечки права или смрт!!!...
Бараме накажување на виновниците и осигурување на човечкиот живот и човечките права!

с. Загоричани
28 март 1905                                Од целото население.


Ваше Височество,

Долупотпишаните од с. Мокрени, Костурско, доаѓаат да го искажат кон Вас своето неизмерно почитување и да го изјават следното:
Со оглед на неочекуваните злосторства, коишто го снајде ненадејно несречните во с. Загоричани, тукашните жители од страв се разбегаа горе-долу и ништо не мислат друго освен како да се избават од тие напади коишто станаа очигледен факт. Нашите тука работаат заплашени, па поради тоа работата ќе им остане незавршена, а нивните семејства ќе останат гладни. Поради тоа се обраќаме и кон Вас, апелираме и покорно Ве молиме да ја имате предвид нашата состојба и да посредувате пред нашето чесно Правителство за да ја земе посериозно нашата човечка заштита. Уверени впрочем дека ќе ја земете предвид нашата положба и ќе осврните милостлив поглед кон нашата молба, остануваме со најголемо почитување и уважување кон Вас.

с. Мокрени                                Старешини на Мокрени
29 март 1905                                Никола Добрев
                                    Димо Мирчев
                                    Дино Димитров
                                    Иван Попов
                                    Мино Андонов
                                    Стерјо Димитров
                                    Димитар Ѓорчев

2.
No 3388
27 мај 1907 година

ДО НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО
РУСКИОТ ИМПЕРАТОРСКИ ЦИВИЛЕН АГЕНТ
ГОСПОДИНОТ ДЕМЕРИК

Ваше Височество,
   
Потпишаните, од името на македонското население во с.Градобор, Солунско, доаѓаме да му се пожалиме на Вашето Височество за следното:
На 18 мај вечерта една грчка банда го плени нашиот соселанец, Македонецот Ичо Сеизов, што таа вечер се наоѓаше во својата мандра крај селото Сарамурово. Отогаш досега ништо немаме чуено за него, и не знаеме дали е уште жив, или е убиен. Од сето се гледа, дека грчката банда го има завлечено овој наш соселанец за да ги присили неговите роднини и пријатели да станат Грци и да преминат во патријаршисти.
Од друга страна, секој ден гледаме како се појавуваат непознати личности по полето, па не можеме да си ги прибериме посевите. Затоа најсмирено молиме да и се заповеда на војската што е стационирана во нашето село, да излегува секој ден по полето да ни ги чуват животите.
    Солун, 1907
        28 мај
                                Со почитување, Вашите слуги,
Мухтир (потпис)
Иван Атанасов

П.с. За неопходно потребно сметаме уште да го известиме на Ваше знаење тоа, дека во нашето село се има загнездено еден Грк, по име Христо. Овој човек беше порано во селото Ново Село. Како во Ново Село, така и кај нас, тој се занимава навидум со кафеџиство, но во истото тоа време се занимава и со уредување на грчките комитетски работи, а со извршување на разни престапништва.
Ние сме со сигурност уверени дека тој Христо има прсти во грабнувањето и на нашиот соселанец Ичо Сеизов.
За овој кафеџија Христо имаше многу поплаки од Македонците во Ново Село, затоа и нему му се забрани да живее во тоа село.
Се додека овој Христо не се тргне од нашето село, се дотогаш ќе ни се случуваат престапништва од страна на Грците.
Молиме да го преземите потребното за да се тргне од нашето село овој шев на грчките банди.

3.
No 3435, 24 јуни 1907

ДО НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО
ГОСПОДИНОТ ДЕМЕРИК
РУСКИ ЦИВИЛЕН АГЕНТ ВО ГРАДОТ

Ваше Височество,

Потпишаните мухтири од името на македонското население во нашите села од Солунско доаѓаме да му се пожалиме на Вашето Височество за следното:
Вам ви е познато, дека грчките андарти извршија многу големи насилства врз нас и не присилуваат да преминеме под раководство на грчката патријаршија. Заплашувањата, што ни доаѓаат секој ден од страна на грчките андарти се многу чести. Тие убија многумина од нашите соселани, им ги изгореа куќите на многумина, и сега слободно се движат по полето и ние не можеме слободно да си ги прибериме посевите од нивите.
Макар и да сме Ви ги ставиле на Вашето значење сите извршени злодела од страна на грчките андарти, дозволете ни да наброиме овде само неколку од нив по хронолошки ред, што беа извршени околу нас од 1 јануари до денес.
1.    На 8 јануари Македонецот Хаџи Марко Костандинов од с. Негован, Солунска епархија, Лагадинска каза, беше убиен од грчки убијци.
2.    На 9 јануари Грците му ја потпалија куќата на Македонецот Никола Петров од Ново Село, Солунско.
3.    На 17 март Грци убијци го нападнаа близу до Солун Македонецот од Ново Село, Солунско, Ставре Георгиев, со цел да го убијат.
4.    На 2 март Македонците од селото Илиџиево, Солунско, добија едно заплашувачко писмо од грчките андарти, со кои се поткануваат да станат патријаршисти.
5.    На 12 март преку ноќта една многубројна грчка банда го нападна македонското егзархиско село Горно Куфалово, Солунско, им ги изгореа куќите на 5-мина селани, го убија Констандин Офил Масларов, ја ранија Марија Ив. Масларов и го заробија Георги Гогулев и малолетните дечиња од Ташко Стојанов: Божин, Стојан, Илија и Христо.
6.    На 27 прил вечерта една многубројна банда го нападна егзархиското маало во селото Ново Село, Солунско, му ја изгореа куќата на мухтирот Костандин Димитров и го зедоа плен Македонецот Димитар Димов, кого неколку дена потоа најжестоко го убиле.
7.    На 17 април дента Македонецот Ставре Георгиев од с. Ново Село, Солунско, беше нападнат во Солун од еден Грк убиец и му нанесе смртоносни рани.
8.    На 25 мај Грци-убијци го нападнаа Македонецот егзархист од селото Даут-Бал, Христо Кабак, и го убија, токму кога си работеше во нивата близу селото.

Ваше Височество,
Од погорново се гледа дека нас не убиваат и на улицата и во полето. Не напаѓаат во нашите училишта. При таква грозна положба не можеме да си ги гледаме нашите мирни полски работи, а од тоа уште и нашите деца изумираат од глад и вергијата на царштината не ќе можеме да ја исплатиме.
Ве молиме најсмирено да благоволите да се застапите за нашава судба и да бидат преземени потребните мерки да ни се запази животот, било со тоа што ќе се постави војска по нашите села, било со тоа што ќе бидат поставени жандари, и да ни биде дозволено да држиме по 20 пушки во нашиве села заради самозаштита.

Со почит сме, Вашите слуги од селата:
Грдобор, Дудуларе, Ново Село, Арапли, Бугариево.
Солун,
18 мај 1907
Грдобор: мухтар Штерјо Попов (печат)
Дудулари: мухтар Атанас Панајот (печат)
Ново Село: мухтар Дино Митре (печат)
Арапли: мухтар Никола Стојанов (печат)
Бугариево: мухтар Иван Димитров (печат)

4.
No 3575, 18 август 1907

ДО НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО РУСКИОТ ИМПЕРАТОРСКИ КОНЗУЛ
ГОСПОДИНОТ КОХМАНСКИ

Ваше Височество,

Ние долепотпишаните селани од селото Голо (Голи), Ениџевардарско, ополномоштени од целото наше село, доаѓаме да Ви се поплачиме за зулумите направени врз нас од грчките вооружени банди.
1.    На 15 октомври 1905 една вооружена грчка банда ги фати и ги однесе како плен нашите селани Васил Димев и Петре Димев, додека се враќаа од своите полски работи, а селанецо Дионис Георгиев го земаа од неговата сопствена куќа. По 10-15 дена тие беа пуштени, откако несреќниците им ветија дека ќе ја признаат, како тие, така и целото село, грчката Патријаршија.
2.    Во месец фебруари 1906 една грчка чета ни влезе во селото на разденување и им ги потпали куќите на нашите соселани Дионис Георгиев и Гоце Николов, при што да се знае дека и целата нивна покуќнина изгоре. Додека бегаше, Дионис Георгиев беше ранет со куршум во ногата, откако беше убиена и кобилата од Мице Арфанос.
3.    На 20 април 1906 нашите селани Георги Христов, Доне Мандов, Димитар Божинов и Васил Асарџи беа убиени со штикови од грчка чета по патот Ениџевардар – с. Голо.
4.    На 18 септември 1906 на разденување една вооружена грчка банда навлезе во нашето село, предизвика паника со пукотниците од пушките. Ги убија во куќата Мице Арфанос, Митре Атанасов и Камена Митрева. Го убија волот на Ташо Нацев, ја ранија кравата на Мице Јанев, ја потпалија куќата на Мице Иванов, но се изгасна на време.
5.    На 9 август 1907 една грчка вооружена банда ни навлезе во селото изутрината рано во 9 ½ часот по разденување, кога некои од селаните се спремаа да станат од сон, а другите спиеја. Андартите беа забележани од селаните од селаните уште оддалеку, додека беа надвор од селото, меѓутоа никому не му падна на ум дека тие се злосторници, бидејќи беа со фесови и со аскерски облеки. Штом влегоа во селото, тие се распраснаа по село и заобиколија неколку куќи и куќата на Васил Динев, кого го имаа фатено жив во 1905, на 15 октомври. Разбудените селани од пред куќите се прснаа да бегаат кој каде му гледаат очите. Петар Крстов на 50 годишна возраст додека бегал бил фатен од злосторниците и врзан со јаже; фатен е исто така и Георги Митрев, на 18 години, и врзан, но бидејќи не се согласувал да оди, тој бил застрелан на местото и убиен; ја ранија жената... Донова, го ранија и Трпче Иванов. Ги фатија и ги врзаа Димитар Иванов и Сотир Динев. Тројцата фатеги одведоа со нив, а понапред фатениот Т. Крстев го ослободија, а другите двајца ги отераа во блатото.

Ваше Височество,
Веќе станува петти пат како грчка чета ни го напаѓа селото и осум (8) души наши соселани ни се убиени, шестмина ни се ранети од грчки банди и сето тоа ни се прави нас само и само затоа што сме Македонци и  не ја признаваме туѓата духовна власт на грчката патријаршија. За сите случаеви го имаме известено неговото Величество Хилми паша и до господата Цивилни агенти, меѓутоа никаква помош не ни  е укажана. Кога се случи нападот на нашето село во месец септември 1906 се поплакавме до неговото Височество Хилми паша, и тој ни даде дозвола да можеме да имаме оружје за да се браниме, но ениџевардарскиот кајмакам одби да го изврши ветувањето што ни беше дадено од Хилми паша. Освен што оружјето не ни беше дадено, туку потоа ениџевардарската војска при претресите на куќите ни одзема пет (5) пушки што ни служеа за одбрана. Со солзи во очите го молиме Вашето Височество да застане зад нас несречните селани, бидејќ секој час ни стои заканата да бидеме ѕверски убивани, опожарувани од нашите крвожедни православни христијани, грчките чети; да ни се дозволи да чуваме пушки за одбрана и да се нареди на царскиот аскер да не го бастисува нашето село ноќно време, бидејќи не можеме да знаеме дали е аскер или се грчки андарти, преоблечени во аскерски алишта.
Уверени сме дека на нашата молба ќе и биде обрнато сериозно внимание, остануваме со одлична почит:

Солун, 1907 година
14 август
Мухтар: Христо Динов
Селани: Кољо Мицев, Васил Динев и Камена Димитрова (печат)

5.
No 3751, 21 октомври 1907

ДО НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО РУСКИ ЦИВИЛЕН АГЕНТ
ГОСПОДИНОТ ДЕМЕРИК

Ваше Височество,

Потпишаните мухтири од селата Горно Куфалево, Средно Куфалево и Долно Куфалево, Солунско, доаѓаме да му се поплачиме на Вашето Височество за следното:
1.    На 10 декември преку ден беа убиени од Грци убијци нашите соселани: 1. Христо Трајков, 2. Димитар Мишев, 3. Георги Николов, 4. Атанас Наков, 5. Георги Митрев, родум во Горно Куфалово.
2.    На 15 јули беше убиен од страна на Грци разбојници нашиот соселанец Лазар Петров, родум од с. Горно Куфалово.
3.    На 12 декември преку ноќта беше потпален со оган, ставен однадвор, куќата на нашиот соселанец Бербер Лазар, родум од с. Горно Куфалово.
4.    Порано, на 4 декември преку ноќта беше пленета и ограбена куќата на нашиот соселанец Иван Ванчул во с. Горно Куфалово.

Ваше Височество,
Нас не’ убиваат по патиштата; нам нашиот живот и нашиот имот не ни е сигурен во нашите сопствени живеалишта; најсмирено молиме да се застапите за нашава судбина и да го направите потребното да ни се дозволи да имаме по четворица души свои падари во селото, кои што да имаат право да носат свое оружје и да ги чуваат нашите живеалишта, нашите имоти и нашите животи, барем внатре во нашите села. Тоа го молиме, бидејќи секој ден добиваме заплашувачки писма и известувања од грчките андарти што не заплашуваат со убиство ако не се откажеме од Егзархијата и ако не преминеме под туѓата за нас грчка Патријаршија.
Ние длабоко веруваме, дека, кога ќе имате предвид дека нас не убиваат и не ограбуваат грчки андарти само затоа што сме Македонци ќе благоволите да ни ја задовоолите молбава да имаме право да си одбереме четворица чесни пред Правителството селани, на кои да им се дозволи да носат оружје за да ни го бранат животот и живеалиштата внатре во селото.

Солун, 20 декември
1907 година
Со почитување,
Мухтар на Горно Куфалово, Псорозли Никола, Никола Далјан и
Стојан Орешков (печат)
Мухтар на Долно Куфалово, Иван Златан, Христо Џамбаз (печат)
Мухтар на Средно Куфалово, Георги Трајан, Никола Гонов (печат)

Димитар Љоровски Вамваковски

No comments: