Моето учество во револуционерните борби на Македонија 1

Алексо Мартулков
ИНИ, Скопје 1954
 
ПРЕДГОВОР

Шестата по ред книга од едицијата „Материјали за македонската национал-револуционерна историја“ содржи податоци од една друга област на револуционерната дејност во Македонија која не е зафатена како посебна тема во ниедна од досега излезените пет книги. Мемоарите на Алексо Мартулков, што за првпат се објавуваат сега, ќе допринесат, во извесна смисла, за изучувањето на социјалистичкото работничко движење во Македонија од крајот на минатиот и почетокот на нашиот век. За разлика од претходните изданија на оваа едиција, кои се материјали од втора рака, како преводи од објавени веќе работи пред војната на бугарски јазик (Спомени на Ѓорче Петров, Востаничкото движење во Југозападна Македонија по спомените на Славејко Арсов, Спомени на Јане Сандански, Борбите во Југозападна Македонија по спомени на Лука Џеров, Лазар Димитров и др.), или се собрани документи, печатени во разни весници, списанија и книги (Писмата на Гоце Делчев), мемоариве на Мартулков се сосем нов, свеж материјал. Тие претставуваат прв чекор кон документирање на некои моменти од историјата на социјалистичкото движење во Македонија. Излезените досега работи (Материјали на I конгрес на КПМ — Политички извештај на другарот Лазар Колишевски, За работничкото движење во Македонија до Балканската војна од Данчо Зографски, Васил Главинов — прв пропагатор на социјализмот во Македонија од Лазо Мојсов, некои статии печатени во весници и списанија по повод годишнини) е единствено досега што имаме по тоа прашање. Иако во прво време со издавањето на гореспоменатите книги беше задоволена една голема потреба од расветлување на социјалистичката мисла и дело во Македонија во нивниот историски развиток, сепак тоа е уште недоволно. Толку повеќе што објавените работи се пишани врз основа на позната литература и познати извори. Поради тоа со публикувањето на оваа книга, Институтот дава еден, макар и мал, придонес кон задоволување на потребата од документарен и на прво место од нов документарен материјал.


Мемоарската литература, воопшто земено, со својот субјективен карактер, не претставува сосема сигурен извор за научна работа, но дополнет, проанализиран и проверен со други документи и свидетелства што постојат или претстои да бидат откриени во иднина, може до голема степен да се елиминира субјективно произволното во оценката и определувањето од страна на авторот, и по таков начин да се дојде до прочистени драгоцени податоци. Во случајов значењето и вредноста на изнесените во книгава настани е поголемо поради фактот што Алексо Мартулков е активен учесник во нив. Тие го имаат своето индиректно воздејство и сила токму како настани гледани, проживеани и оживеани од еден жив свидетел.

Благодарејќи на силната меморија и зачуваната способност за јасно и логично мислење, на неговата возраст, спомените на Мартулков изобилуваат со многу детално изнесени податоци, особено за времето од 1894 година. Предадени се исцело дискусии, разговори, формулации и оценки негови и на личности, сврзани со опишуваните настани од она време. При сè што неговото развиено паметење му помогнало доста да ги пренесе во наши дни многу факти од историска вредност, треба да се напомене дека во книгава се чувствува недостасувањето на писмени документи што би можеле да поткрепат извесни негови тврдења и ставови. Сам авторот на неколку пати изразил жалење затоа што не можел да зачува некои писма, протоколи, белешки и др. документи поради крајно неспокојниот живот, сврзан со концентрациони логори и затвори.

На некои места во текстот авторот паѓа во белетристичен тон или манир и на прв поглед прави впечаток дека се увлекол и загубил во незначителни и ненужни подробности. Но токму на овие места авторот одразил како во калеидоскоп една историска стварност во која се огледуваат и наравите, и обичаите, и карактерите на личностите од различни слоеви на тогашното општество, и битовите особености и многу уште друго.

Во некои погледи и коментари на Мартулков има неправилности, кои во крајна линија се негови субјективни гледања, својствени за луѓето од неговата генерација, и сами по себеси го имаат своето оправдание и место во еден мемоарски изнесен материјал. Такви какви што се, спомените на Мартулков, со своите слабости, непотполности, недоречености, даваат доста интересен и богат материјал во рацете на нашите историчари кои, подложувајќи ги на стриктна научна анализа, ќе можат да го одвојат фактот од произволното тврдење, од пристрасното хиперболизирање или омаловажавање.

Напишани со жив и увлекателен јазик, мемоарите на Алексо Мартулков не се само објект за историкот, но претставуваат интересно четиво и за поширок круг читатели.

Ѓ. АБАЏИЕВ

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

2 comments:

Anonymous said...

Алексо Мартулков:

Википедија
Македонска Нација

Anonymous said...

Daj, napishete neshto i za biblioteka "Strumski", tam sekojdnevno se kachvat knigi na VMORO heroi, ne se sramite da obiavite:
http://strumski.com/