На гробот му пишува дека служел за три војски


ЛИСKОВСKИ СЕ БОРЕЛ ЗА ТУРЦИТЕ, СРБИТЕ И ЗА БУГАРИТЕ

Жанета Здравковска (Дневник)

 
Kоја војска стигнала го регрутирала да биде нејзин војник. Му ги менувале униформите и презимето. Од Лисковски, станал Лисковкиќ, па Лисков. Пострадал по осум години борејќи се за Турците, Србите и за Бугарите по фронтовите во балканските војни и во Првата светска војна. Дури и со брата си се гледал низ нишанот на пушката, обајцата мобилизирани во две војски.

Вака роднините го опишуваат животот на некогашниот војник-страдалник од Македонија, Петко Лисковски, кој од 1910 до 1918 бил принуден да војува во три туѓи војски, кои понекогаш биле и непријателски. Непобитен доказ за овој ужас, велат роднините, е надгробниот споменик на Лисковски до црквата „Свети Спас“ во битолското село Добрушево. Преку него роднините сакале на најкус можен начин да отсликаат еден од најкрвавите периоди од македонската историја. На гробот напишале: „Тука почива Петко Ликовски, турски војник од 1910 до 1912 година, српски војник од 1914 до 1915 година и бугарски војник од 1916 до 1918 година“. Покрај секоја дата поставиле и фотографии од Лисковски од времето кога бил турски, српски и бугарски војник.

- Имаше пет сина. Гробот е направен по нивна идеја. Ги најдоа сликите и ги наредија на споменикот. Идејата беше ова да остане како доказ за историјата на Македонија, за тоа како нашите луѓе биле мобилизирани во туѓи војски. Од селото имаше и други војници кои смениле неколку војнички униформи, но нивните деца не се погрижија да стават слики на гробовите и тоа да остане запаметено - ни рече Методија Талевски, внук од син на починатиот Лисковски.

Ги менувал страните под притисок

Имавме среќа при нашата посета на Добрушево да ги затекнеме потомците на Лисковски, внукот Методија со семејството. Тие живеат во Шведска, но летово дошле на одмор во родното село, да се видат со роднините и да запалат свеќа за покојните. Додека седевме под големата црница, која во дворот ја посадил Петко, внукот Методија н` преплави со семејни фотографии од дедото. На некои војникот беше фотографиран со опашени фишеци на градите, со пушка во рацете и со пиштол во појасот. На други со српска капа, па со бугарска, свадбарски фотографии, па со дечињата.

- Жално е што никој не се заинтересира да ја слушне приказната за него дури беше жив татко ми. Тој знаеше с`, а ние се сеќаваме на по нешто од неговите раскажувања. Дедо ми сменил неколку војски зашто бил принуден, а не оти сакал. Рајата морала да слуша, имало закани од војските, притисоци. Сменил неколку униформи, но не и патриотското чувство. Ја сакаше Македонија - раскажува Методија. Петко најпрвин го регрутирале Турците и се борел на нивна страна во Првата балканска војна во 1912 година. Откако сојузничките сили ја победиле Турција, а таа ги загубила териториите на Балканот, се вратил дома. По две години почнала Првата светска војна, а бидејќи живеел во Вардарска Македонија, која по балканските војни потпаднала под српска власт, го мобилизирале српските чети. Се борел под српскиот бајрак против бугарската војска цела година. Потоа преминал на страната на Бугарите, а не е исклучена можноста да бил заробен од нив, па регрутиран во нивните чети.

Братот го видел низ нишанот на пушката

Слушајќи ја животната приказна за Лисовски, пред очите ни оживеаја настаните од романите на македонскиот писател Петре М. Андреевски, во кои ја опишал братоубиствената војна меѓу Македонците принудно мобилизирани во спротивставени војски. Селаните раскажуваат дека Петко и еден од неговите браќа војувале на ист фронт, но од различни страни.

- Се раскажува дека во Првата светска војна додека тој војувал за српската војска, неговиот брат бил мобилизиран од Бугарите. Се сретнале на боиштето, едниот во еден ров, другиот во друг, се виделе низ нишанот на пушката. Тогаш едниот викнал: „Брате, дома дали сите се живи?“ Овој, иако со месеци не го имал посетено домот, за да го утеши, му одговорил: „Сите се арни!“ Потоа брат му го затвориле во некој логор во Австро-Унгарија, каде што починал - ни раскажуваат жителите од Добрушево.

Петко имал среќа и ги преживеал војните. Но, последиците од борбите ги чувствувал до крајот на животот. Особено се жалел на болки во нозете зашто неколкупати одвај бил спасен од премрзнување. Доживеал 88 години, добил внуци, ги оженил и омажил, дочекал правнуци.

И заробениците ги регрутирале како свои

Гробот на Лисковски и уште неколку други воени гробишта во битолскиот регион ги пронајдовме благодарение на битолскиот Завод и музеј и на директорката Лилјана Христова. Со нас патуваа и еминентните историчари Александар Литовски и Владо Темелковски-Лавчан. Тие велат дека гробот во Добрушево најкратко што може, со неколку збора, ја отсликува македонската трагична историја.

- Уникатно е во светот за неколку години иста личност да лежи во три војски, кои најчесто биле спротивставени меѓу себе и непријателски. Често се случувало еден ист човек да војувал со Бугари и со Срби, кој како го регрутирал. Има примери во документацијата дека некои го заробиле, само му ја смениле капата од бугарска во српска, па се борел за Србите. Некој војник ќе го испуштеле со отслужен воен рок, а други ќе го регрутирале. Бил општ хаос и сите ги сметале Македонците, што е најлошо, за свои луѓе, Србите за Срби, Бугарите за Бугари - вели Литовски. Продолживме со обиколка на други воени гробишта во Скочивир, Живојно, Бач, Добровени. Некои се водат како српски, други како бугарски. Но, историчарите велат дека повеќето од погребаните војници се Македонци. Во Битолско се воделе едни од најголемите битки во Првата светска војна, и тоа прочуената битка кај завојот на Црна Река и на Kајмакчалан. На завојот е поставена и спомен-плоча за Владимир Чопов, внукот на Гоце Делчев, кој таму загинал во битката во 1918 година.

Да се пребројат македонските жртви

- Имало Македонци, особено при пробивот на Македонскиот фронт, горе на Kајмакчалан, каде што се воделе и најкрвавите битки. Не можеле Србите сами, не ги знаеле овие места, морало да има наши во нивната војска. Македонците помогнале да се пробие фронтот. Исто и во Kумановската битка, која се водела во Првата балканска војна, учествувале многу Македонци, но се прикажани со наставката -иќ - вели Темелковски.

Србите сакаат да го обноват споменикот на поштарите

Македонија досега не ги преброила своите жртви на балканските фронтови, а во меѓувреме државите од соседството обновуваат и одржуваат дел од воените гробишта на наша територија. Најново е тоа што Здружението на поштарите од Србија бара да го обнови споменикот на поштарите во село Добровени. Тоа е споменик посветен на сите војници што пренесувале писма во Првата светска војна од страната на српската војска.

На споменикот е исцртан интернационалниот знак на поштарите во форма на труба.

No comments: