February 10, 2013

Светскиот печат за Македонија пред Илинденското востание

За Македонија од предилинденскиот период е пишувано во поголем број на светски познати весници меѓу кои е и La Vie Populaire. Во изданието на овој француски весник од 24. февруари 1903 година, на самата насловна страна, преку илустрација и текст е прикажано страдањето на македонскиот народ од тоа време:

„Злосторствата во Македонија

Од сите страни пристигаат најубедливи извештаи за злосторничките напади од страна на турските орди на кои се жртва несреќните, страдални жители на Македонија.

Нашата илустрација покажува еден од нив, принудуван да признае каде е златото преку ужасното измачување со ортома силно стегната околу слепоочниците.

Ниту жените не се заштитени од насилствата и во повеќе села се пријавени случаи на грабнувања.“

Една од најгрозоморните насловни страни во медиумската историја е онаа на весникот La vie Illustree (бр. 228) од 27. февруари 1903 година. На неа се прикажани неколку османлиски војници како позираат со отсечените глави на тројца Македонци.

Остатоците од навидум победените Македонци, успеваат да предизвикаат лавина од реакции помеѓу интелектуалните кругови во Европа. Самото објаснување на фотографијата не ги глорифицира османлиските војници, како што тие несомнено сакале да се претстават, туку го осудува нивниот варварски чин:

„Турските злосторства во Македонија“ (Les atrocites Turques en Macedoine).

Внатре во весникот се прикажани две други слични фотографии, а денес истите, како пример за исклучителен фотожурнализам, се дел од збирката на Музеј Лудвиг (Museum Ludwig) во Келн.

Истата фотографија од насловната на La vie Illustree е објавена и наредниот ден во весникот L'Illustration (бр. 3131) со објаснување дека ѕверствата се извршени од Турци и Албанци (под „Турци и Албанци“ веројатно се мисли на регуларната османлиска војска и башибозукот).

Фотографијата е земена и за насловната страна на книгата од 2005 година Турскиот геноцид (Tyrkiets Folkemord) на авторот Ролф Слот-Хенриксен (Rolf Slot-Henriksen). На насловната на книгата, на самата фотографија, е испишан и текстот „Турците и масакрите во Македонија“.

За положбата на македонскиот народ во предилинденскиот период, историчарот Александар Литовски вели („Хероизмот и трагизмот на Илинден“):

„Времето пред Илинден за Македонецот било трагично време! Безмерно страдање и потоци крв ја имале поплавено македонската земја. Пустошењата и ѕверствата биле - секојдневие! Газењата на човечкото достоинство - вообичаеност! Животот - чемер и јад. Безнадежноста - ментална состојба!“

Токму за ваквите страдања на Македонците соопштено е во весникот The North Western Advocate and the Emu Bay Times во статијата „Несреќна Македонија“ (Unhappy Macedonia) од 10. февруари 1903 година:

„Бегалци од 36 македонски села раскажуваат ужасни приказни за измачување, грабање и насилие како резултат на турското владеење.“

Па кога човек ќе се запраша зошто Илинденското востание е кренато порано одошто било неопходно за да вроди со успех - целосно и трајно ослободување на Македонија, пред да го даде одговорот нека ги има предвид и овие секојдневни тортури врз недолжното македонско население од страна на Османлиската власт во тоа време.

Целта на овој напис и на сличните нему, во никој случај не е за да се всади омраза кон Турците и вината за ваквите случувања да се распредели врз сите Турци, напротив. Ваквите сцени во минатото не биле резултат на Турците како етничка група туку на политиката на Османлиската власт од тоа време. Ваквите ѕверства никако не смеат да се припишат на сите Турци, туку на тогашните претставници на Османлиска власт и на нивните директни дејствија односно бездејствија.

Исто како што и денес има етнички Турци кои се лојални и најпримерни граѓани на Македонија, така и во минатото постоеле такви кои братски живееле рамо до рамо со Македонците. Не случајно најголемиот идеолог на Македонија од тоа време - Гоце Делчев, гледајќи како и турските фамилии во неговиот роден град Кукуш се на истото ниско економско ниво како и оние македонските, ќе рече (Ванѓа Чашуле, Гоце Делчев):

„Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османлиската тиранија како господаречка система“

Александар Стеванов (Македонска ризница, бр. 7)

1 comment:

Anonymous said...

Браво за статијата и откриените слики и податоци.