April 18, 2012

Битката за Скопје 3

Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Михаило Апостолски

БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ

Прибирање на силите

42. НО дивизија подолго време се наоѓаше во постојани, секојдневни борби против германските и балистичките сили, првин на Карлијак, а потоа на Сува Планина. Пред 42. НО дивизија беше поставена задача со усилен марш да се префрли преку Караџица и да се концентрира во велешкиот реон, да нападне на Велес, потоа на 8.XI. да се спои со 50. НО дивизија и со брз марш да продолжат двете дивизии за Скопје.


Како што е порано изнесено, со борбите што се водеа на 8. и 9. ноември, 42. НО дивизија го зазеде Велес, a 50. HO дивизија, после долги борби кај Штип, на 8. ноември го зазеде Штип и веднаш продолжи сo претходниците да ги брка разбиените Германци. Германците, по разбивањето кај Штип, со дел од силите отстапија преку Св. Николе за Куманово, со помали сили за Велес, каде што повеќето беа уништени, еден незначителен дел успеа да се спои со силите од велешкиот гарнизон и да отстапи за Скопје. Во текот на 9. ноември предните делови на 50. НО дивизија се споија со 42. HO дивизија кај Велес.

Co заземањето на Велес и Штип и со спојувањето на 42. и 50. НО дивизија кај Велес, беа создадени услови за да отпочне настапувањето кон Скопје.

На 10. ноември 42. НО дивизија направи марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигна вечерта на 10. ноември. 50. НО дивизија и VIII бригада од 42. НО дивизија вршеа прибирање на единиците, потоа направија пократок марш спрема Скопје, a со претходниците ги бркаа Германците спрема Катланово (југоисточно од Скопје).

Во времето кога се водеа борбите за Штип, V бугарска дивизија стоеше наполно пасивна на Злетовска Река, а дури по ослободувањето на Велес тргна во правец кон Скопје и ноќта меѓу 13. и 14., со наредба од Главниот штаб (издадена е на лице место усно), беше вратена назад за Бугарија, пред да стигне целата дивизија во Катланово.

Текот на битката

На 11. ноември 42. НО дивизија во две колони (секоја по една бригада), со две силни побочници се приближи кон Карлијак и веднаш од маршот нападна на германската надворешна одбрана на Скопје. III македонска бригада со главните сили напаѓаше преку селото Сопиште на селото Кисела Вода; десната побочница, во бројност од еден баталјон, напаѓаше на селото Лисиче. XII македонска бригада со главните сили напаѓаше на Крстовар (к. 1067). Левата побочница, еден баталјон, напаѓаше на Бел Камен (к. 953). На линијата на надворешната одбрана на Скопје Германците беа наполно изненадени со појавата на нашите сили. Нашите единици со силни налети, после многу жестоки, но релативно кратки борби, до мракот ја завладеаја линијата: селата Лисиче и Кисела Вода — Крстовар — Бел Камен.

50. НО дивизија и VIII бригада од 42. дивизија тој ден, после упорни борби на реката Пчиња, ги ра бија Германците, го зазедоа Катланово, каде што Германците успеале да го урнат мостот на реката Пчиња, со борба ја минаа Пчиња и ноќта со главните сили се прибраа на просторот Петровец — Катланово, готови да продолжат идниот ден со настапување кон Скопје.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: